Топењето на Антарктикот за 26 години го покачило морското ниво за 7,6 милиметри


Лондон, 14 јуни, 2018 - 15:28 (META) 

Големо истражување на 84 научници од 44 меѓународни организации покажа дека топењето на мразот на Антарктикот го покачило нивото на морињата и океаните за 7,6 милиметри од 1992 година досега, а речиси половина од тоа покачување се случило во последните пет години.

Ендрју Шепард од Универзитетот на Лидс во Обединетото Кралство и Ерик Ајвинс од Лабораторијата за млазен погон на американската НАСА се координатори на групата научници која истражувала користејќи сателитски снимки за да утврдат како се менува топографијата од покривката од мраз на Јужниот континент.

Истражувањето објавено во научната ревија „Нејчер“ покажала дека до 2012 година, кога била спроведена претходната ваква студија, Антарктикот губел 76 милијарди тони мраз секоја година, покачувајќи го морското ниво за 0,2 милиметри годишно.

Но оттогаш стапката на топење на антарктичкиот мраз е трипати поголема. Меѓу 2012 и 2017 година, Антарктикот губел 219 милијарди тони мраз секоја година, покачувајќи ги во истиот период нивоата на океаните и морињата за 0,6 милиметри секоја година. Инаку, кога би се растопил сиот мраз на Антарктикот, нивото на морињата и океаните би се зголемило за 58 метри.

– Долго време претпоставуваме дека климатските промени на целата Земјина топка ќе влијаат на поларните капи. Благодарение на сателитите што ги лансираа нашите вселенски агенции, сега со голема прецизност може да го следиме топењето на мразот и зголемувањето на нивоата на морињата и океаните во целиот свет. Според нашата анализа, има нагло зголемување на топењето на мразот на Антарктикот во последната деценија, а овој континент сега ги покачува морските нивоа побргу отколку кога било претходно во изминатите 25 години – вели Шепард.


Април 2016 година – нов глобален температурен рекорд


Вашингтон, 16 мај, 2016 - 16:08 (META) 

Температурата во април годинава на глобално ниво била повисока за 0,25 Целзиусови степени од онаа измерена истиот месец во 2010 година, што е нов глобален температурен рекорд, покажуваат податоците на американската агенција за аеронаутика и вселена – НАСА.

Со ова, како што пренесува „Би-би-си“, април е седмиот месец по ред што ги урива досегашните глобални температурни рекорди.

Претходно месеците февруари и март покажаа поголеми отстапувања во температурата од таа што се зема како норма.

„Сите овие уривања на температурни рекорди и придружни последици што ги имавме, како рекордно зголемениот број на пожари, на пример, како и сушите во Индија, се потсетник дека не можеме да си дозволиме ништо друго освен забрзување на агендата на решенија – апсолутно немаме друга опција освен да забрзаме со агендата“, изјавила извршната секретарка на нацрт-конвенцијата за климатски промени на Обединетите нации, Кристијана Фигуерес.

Неколку северни региони, вклучително и американската сојузна држава Аљаска, забележале многу висока температура во април, ситуација која како по шема е забележена и претходните месеци.


САД и Кина потврдија дека ќе го потпишат договорот за климатските промени од Париз


Вашингтон, 31 март, 2016 - 21:09 (META) 

Соединетите Американски Држави (САД) и Кина издадоа заедничка изјава со која двете земји потврдуваат дека следниот месец ќе го потпишат договорот за климатските примени постигнат на конференцијата во Париз во декември, минатата година.

Како што пренесува „Би-би-си“, двете земји се обврзале да преземат мерки, неопходни за приклучување кон договорот што е можно поскоро.

Истовремено САД и Кина ги охрабриле и другите земји да го потпишат документот во седиштетот на Обединетите нации, следниот месец.

За договорот да стапи на сила потребна е поддршката, односно документот треба да го потпишат најмалку 55 земји, кои учествуваат со 55 отсто во вкупната емисија на јаглеродни гасови.

Присуството и поддршката на претседалот на САД, Барак Обама и на претседателот на Кина Кси Џинпинг на париската конференција за климатските промени, минатата година беше од круцијално значење за обезбедување на сеопфатен и долгорочен договор со кој се предвидува до крајот на векот порастот на просечните глобални температури да биде под 2 Целзиусови степени.