За универзален снабдувач со струја конкурираа ЕВН и ЕЛЕМ


Скопје, 12 декември, 2018 - 17:15 (META) 

Австриската ЕВН, преку две свои компании – ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување – како и ЕЛЕМ, преку компанијата ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, се двата правни субјекта кои конкурираат за Универзален снабдувач со електрична енергија, стана јасно на денешното отворање на понудите во Владата. Комисијата со која претседава академик, проф д-р Глигор Каневче, констатираше дека двете понуди се доставени во согласност со тендерската документација, како и дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција.

Понудената бруто маржа побарана од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,5 отсто, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9 отсто.

Сега следува период на проценка на нивната економска-финансиска способност, како и на техничката способност во согласност со критериумите наведени во тендерската документација.

По завршување на евалуацијата, процес кој максимално може да трае до 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди.
Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.


Мерките против загадувањето на воздухот треба да почнат од домаќинствата


Скопје, 3 ноември, 2018 - 8:54 (META) 

Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата, оцени академик Глигор Каневче на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

– Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата, пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото – предложи Каневче.

Проблемот не е во законите, смета академик Таки Фити, туку во нивната имплементација

– Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око – нагласи Фити.

Тоа, според него, им овозможува на компаниите да ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина.

– Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже стоп – вели академик Фити.

Домаќинствата, односно греењето на дрва, и индустријата, особено производството на електрична и топлинска енергија, се најголеми загадувачи на воздухот по речиси сите параметри, што е документирано во десетици извештаи.

На пример, во последниот вкупен годишен извештај за состојбата на животната средина, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, стои:

„Согорувањето на дрва за затоплување во домаќинствата е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44 отсто до 63 отсто (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65 отсто“, стои во извештајот.

„Мета“ објави неколку стории и инфографици за стапката на смртност како резултат од загадувањето на воздухот, количеството на загаден воздух и за нецелосното функционирање на мерните станици.

Пишува: Игор К. Илиевски