!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

И Чешка го призна Ерусалим за главен град на Израел


Прага, 7 декември, 2017 - 10:45 (META) 

Чешка синоќа соопшти дека го прознава западен Ерусалим за главен град на Израел, но оти нема да ја премести својата амбасада од Тел Авив.

Соопштението следеше откако претседателот на САД, Доналнд Трамп, соопшти дека неговата администрација го признава Ерусалим за израелски главен град и дека Стејт департментот добил инструкции да ја пресели американската амбасада од Тел Авив.

Трамп не направи разлика меѓу западен и источен Ерусалим, кој Израел го освои во Шестдневната војна во 1967 година и подоцна го анектираше, што меѓународната заедница никогаш не го призна.

„Чешка Република во моментов, пред да биде потпишан мир меѓу Израел и Палестина, го признава Ерусалим за вистински главен град на Израел во граници на линијата за демаркација од 1967 година“, стои во соопштението на чешкото Министерство за надворешни работи.

Сепак, министерството додаде дека „Чешка заедно со другите земји членки на ЕУ, врз основа на одлуката на Советот за меѓународни односи на ЕУ, смета дека Ерусалим ќе биде иден главен град на двете држави, а тоа значи на државата Израел и на идната држава Палестина“.

„Министерството може да почне да го разгледува преместувањето на чешката амбасада од Тел Авив во Ерусалим само врз основа од резултатите од преговорите со клучните партнери во регионот и во светот“, стои во соопштението.

Русија во 2012 година го призна западен Ерусалим, дел од градот пред војната од 1967 година, за главен град на Израел.

Трамп се откажа од децениската американска политика во однос на Ерусалим, прогласувајќи го длабоко поделениот Ерусалим за престолнина на Израел. Одговарајќи на предупредувањата од целиот свет дека тоа е опсен потег, американскиот лидер тврдеше дека по повторниот неуспешен обид да се постигне мир, дошло време за нов пристап. Тој, исто така, првпат го поддржа концептот за решавање на деценискиот судир по моделот две држави за Израелците и за Палестинците, доколку двете страни постигнат договор за тоа.