!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Влатко Стефановски и Амет Шериф ќе ја добијат државната награда „11 Октомври“


Скопје, 26 септември, 2017 - 13:21 (META) 

Познатиот музичар Влатко Стефановски и историчарот Амет Шериф се добитниците на годинешната награда  „11 Октомври“, соопшти Министерство за култура.

Влатко Стефановски, еден од основачите на „Леб и сол“ и поранешен државен уметник, е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и на другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Вториот добитник на оваа награда, во категоријата за животно дело во областа на науката и на образованието се доделува на историчарот проф. д-р Амет Шериф.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 11 октомври 2017 година, во 12 часот, во Собранието на Република Македонија.


Почина рокенрол-легендата Чак Бери


Сент Чарлс, 19 март, 2017 - 9:49 (META) 

Легендарниот гитарист и родоначелник на рокенролот, Чак Бери, починал вчера на 90-годишна возраст, објавија светските медиуми, повикувајќи се на полицијата на американската сојузна држава Мисури.

Полицијата на округот Сент Чарлс ја потврдила смртта на Чарлс Едвард Андерсон Бери и навела дека неговото семејство побарало приватност за време на периодот на жалост, пренесува „Гардијан“.

Музичката кариера на Чак Бери траеше повеќе од седум децении. Легендарниот гитарист ги спои блузот и свингот во нов музучки феномен, користејќи гитарски соло-партитури и изврши големо влијание на подоцнежната рок-музика.

Меѓу неговите најголеми хитови се издвојуваат „Roll Over Beethoven“, „Rock and Roll Music“ и „Johnny B. Goode“, која е една од најобработуваните песни во историјата на музиката.

Во 1984 г. Чак Бери доби Греми-награда за животно дело, а беше еден од првите музичари што станаа членови на „Рокенрол-холот на славните“ во 1986 година.

Неговата музика имаше големо влијание на бројни музичари, како и на целиот рокенрол.


Од вечерва „Охрид колинг“ во СРЦ „Билјанини извори“


Охрид, 1 август, 2016 - 12:47 (META) 

Охрид од вечерва е домаќин на големиот музички настан „Охрид колинг“ (Ohrid calling), на кој ќе настапат светски познатите диџеи Ники Ромеро и Лост Фриквенсес.

На 13 август е закажан настапот на легендарниот гитарист Ал Ди Меола, а еден ден потоа на СРЦ „Билјанини извори“ е настапот на светската атракција, групата „Продиџи“. На годинешниот „Охрид колинг“ ќе настапат и познати македонски групи и диџеи.

Организатори се Општината Охрид и „Авалон продукција“.

– Намерата е во листата учесници на настанот да се вклучуваат многу познати светски музички имиња, кои ќе бидат причина Охрид да се етаблира во еден регионален центар кој ќе се развива од година во година и ќе претставува не само туристичка атракција туку и музичка дестинација, што значително ќе ја зголеми атрактивноста на градот Охрид – вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Денис Илиоски од „Авалон продукција“ додава дека Охрид ги има сите услови да покаже во светски рамки дека заслужува еден ваков голем фестивал.

Билетите за „Охрид колинг“ веќе се распродадени во Бугарија, Албанија, Косово, Грција, цел Балкан, додека за концертот на „Продиџи“ има најавено тури директно од Велика Британија.


Почина Би Би Кинг


Лас Вегас, 15 мај, 2015 - 10:15 (META) 

На 89. година од животот, во Лас Вегас почина легендарниот блуз-гитарист Би Би Кинг, објави неговиот адвокат.

Гитаристот починал во својот дом, мирно, во сон, а неодамна беше во болница поради компликации предизвикани од дијабет.

Би Би Кинг беше роден во 1925 година во Мисури.

Македонската публика имаше прилика да го слушне легендарниот блуз-гитарист на „Скопски џез-фестивал“.


Неговата уникатност му донела соработка со Принц


Канзас, 2 декември, 2014 - 19:59 (META) 

Енди Меки, професор по гитара, во 2006 година, на „Јутјуб“ прикачил снимка на која со својата гитара ја свири песната „Drifting“ и не претпоставувал дека со тек на време ќе достигне голема популарност. Познатиот музичар Принц бил воодушевен од едноставниот стил на ова момче, па го повикал да присустувува на неколку негови настапи во Австралија.
Енди Меки се разликува од другите гитаристи што споделуваат снимки на „Јутјуб“ по неговиот едноставен стил на свирење. Тие што го слушаат имаат впечаток дека слушаат повеќе различни инструменти истовремено. Ваквиот стил на овој гитарист му донел милионски прегледи и голема популарност на социјалните мрежи, како и соработка со Принц.

Видеозаписот што го направи Енди Меки популарен: