!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

На ЕУ ѝ е потребна силна германска влада, порача Јункер


Брисел, 25 септември, 2017 - 16:26 (META) 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска порача дека на Европската Унија ѝ е потребна силна германска влада повеќе од кога и да е претходно, јавуваат агенциите.

„Претседателот Јункер е уверен, во светло на предизвиците со кои се соочени Европа и светот, дека на Европската Унија ѝ е потребна силна германска влада повеќе од кога и да е претходно“, изјавил портпаролот на Јункер, Маргаритис Шинас.

Инаку, Јункер денеска телефонски разговарал со канцеларката Ангела Меркел, чија партија (ЦДУ) победи на вчерашните парламентарни избори во Германија, но и со нејзиниот противкандидат од германската социјална демократска партија (СПД), Мартин Шулц.

Веднаш откако беа познати резлултатите од изборите, Шулц најави дека неговата партија нема повеќе да биде дел од големата коалиција со демохристијаните.

На вчерашните избори и ЦДУ и СПД остварија послаби резултати во однос на претходните избори во 2013 година. ЦДУ на Ангела Меркел ќе мора да преговара со либералите и со партијата на Зелените за составување на новата германска влада.


Германија го зголемува степенот на готовност од сајбер-напади во пресрет на изборите


Берлин, 19 март, 2017 - 13:04 (META) 

Германија го зголемува степенот на готовност од сајбер-напади, бидејќи интернет-страниците на владата секојдневно се мета на вакви напади во пресрет на парламентарните избори закажани наесен.

„Забележуваме напади на владините мрежи на дневно ниво“, изјавил за викенд-изданието на весникот „Велт“, претседателот на германската федерална канцеларија за информатичка безбедност (БСИ), Арне Шенбом, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Според него, БСИ е во близок контакт со претставниците на институциите задолжени за изборите, со политичките партии и со сојузните германски држави, со кои се разговара за мерките за заштита од сајбер-напади.

Шенбон, како што пренесуваат светските агенции, нагласува дека канцеларијата е подготвена да реагира на евентуални напади во пресрет на изборите.