Заев за „Ројтерс“: Македонија има четири опции за промена на името


Лондон, 27 февруари, 2018 - 16:35 (META) 

Македонија има на располагање четири опции за решавање на спорот за името со Грција, изјави премиерот Зоран Заев за американската новинска агенција „Ројтерс“.

Македонија се надева дека спорот ќе се реши навреме за да добие препорака за почеток на преговори со Европската Унија во јуни и потврда на поканата за прием во НАТО во јули годинава, и предлага географска одредница во своето име, наведува „Ројтерс“.

– Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје) – изјавил Заев за „Ројтерс“ за време на Самитот за Западен Балкан што се одржа во Лондон.

Прашан дали Грција ќе биде среќна со една од овие предлози, македонскиот премиер вели „Да, има опции што повеќе ги преферираат, а некои помалку.

Заев вели дека останува отворено прашање дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот, што Грција го бара последниве месеци.

Инаку, од Владата денеска реагираа, укажувајќи на, како што велат оттаму, погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“.

Од Владата нагласуваат дека станува збор предлози на медијаторот Метју Нимиц, односно дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија.


Заев: Има приближување во три, од седумте точки во преговорите за името


Неготино, 14 февруари, 2018 - 15:36 (META) 

Од првичните седум појдовни позиции во преговарачкиот процес за решавање на спорот за името, приближување во ставовите има во три од нив, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Неготино.

Тој рече дека со вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, на која присуствуваше и медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, всушност почнал преговарачкиот процес, а сè досега било презентирање на позиициите на двете страни.

– Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае работите што може и што не може да поминат. Мене ми е драго што се разглобени сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции коишто беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четири, значи три се отстранети – рече Заев.

Тој рече оти „веројатно тие беа најлесните точки“, но, дека тоа е охрабрувачки сигнал за двете страни дека е можно да се дојде до решение.

– Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се споменуваа. Тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение – изјави Заев.

Тој истакна дека останува на ставот оти нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки, а дека доколку се дојде до решение, граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум,

Заев потврди дека име со географска одредница е прифатлива опција за македонската страна и потсети дека се споменуваат неколку имиња.

– Тоа значи за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отклонуваме сите други кои беа временска одредница, или некои други укажувања кои беа како предлози – рече Заев.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев да објасни кое име со географска одредница е подготвен да прифати


Скопје, 6 февруари, 2018 - 22:09 (META) 

Во реакцијата на прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев и изјавата  дека тој е подготвен за име со географска одредница, ВМРО-ДПМНЕ пишува дека Заев треба да ја информира јавноста кое е тоа име, дали ќе има англиска транскрипција и дали тоа е само за меѓународна употреба?

„Дали, освен неговата подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија? Македонските граѓани подолго време очекуваат одговори од Зоран Заев во врска со разговорите кои ги води за решавање на проблемот кој Република Грција го има со нашето име. За жал, Заев реши да излезе со делумна информација дури откако грчкиот министер за надворешни работи јавно му порача да го извести сопствениот народ за договорот прифатен во Давос на средбата со премиерот Алексис Ципрас“, се вели во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ порачува дека јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот или претставува еднострана отстапка од страна на Република Македонија.


Ципрас во ОН: Заеднички прифатливо име со географска одредница за сите употреби


Њујорк, 23 септември, 2016 - 10:07 (META) 

Грција останува на ставот за сложено име со географска одредница за сите употреби (ерга омнес) во преговорите за спорот за името со Македонија. Ова го истакна грчкиот премиер Алексис Ципрас во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации, додавајќи дека Грција работи во насока на подобрување на односите со Македонија преку мерките за градење доверба и соработка.

– Во однос на прашањето за името за поранешната југословенска Република Македонија, ние продолжуваме да поддржуваме наоѓање заеднички прифатливо сложено име со географска одредница за севкупна употреба – ерга омнес. Поттикнавме мерки за градење доверба кои целат кон засилување на довербата и на прекуграничната соработка во овој клучен период – изјави Ципрас во говорот, вчера доцна вечерта во Њујорк.

Овие грчки ставови Ципрас ги посочил и на синоќешната куса средба со генералниот секретар Бан Ки-мун, на која присуствуваа и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕис, и посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. Ципрас истакнал дека Грција работи во насока на наоѓање решение за спорот за името и останува на нејзината црвена линија за име со географска одредница за севкупна употреба. Во насока на овие напори било забележано дека се и иницијативата и разговорите за спроведување на мерките за градење доверба, кои, како што посочила грчката страна, помагаат и за одржување на стабилноста во поширокиот регион.

Според грчката информативна агенција АПЕ, Бан Ки-мун имал позитивни коментари и оценил дека мерките за градење доверба се особено позитивен чекор во односите меѓу двете страни.

За мерките за градење доверба во Њујорк вчера разговараа и Коѕиас и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Двајцата шефови на дипломатиите разговарале и за случувањата во регионот и за престојаниот Регионален самит во Солун, на кој учествуваат Грција, Македонија, Бугарија и Албанија.

Коѕиас, според официјалната програма, денеска треба да има посебна средба со посредникот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц.