!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Папата замоли за прошка поради улогата на Црквата во геноцидот во Руанда


Ватикан, 20 март, 2017 - 20:47 (META) 

Папата Франциск замоли за прошка поради „гревовите и грешките на Црквата и на нејзините членови“ за време на геноцидот во Руанда во 1994 година.

Тој на претседателот на Руанда, Пол Кагаме, му рече дека се надева дека неговото извинување ќе ѝ помогне на земјата да ги залечи раните.

Во изјава по нивниот состанок, Ватикан призна дека некои католички свештеници и чесни сестри „подлегнале на омразата и на насилството, издавајќи ја нивната мисија“ со тоа што учествувале во геноцидот.

За време на геноцидот, кој траел 100 дена, екстремистите Хуту убиле повеќе од 800.000 Тутси.

Според зборовите на преживеаните, многу жртви биле убиени од свештени лица и чесни сестри, а владата на Руанда соопшти дека многумина умреле во црквите во кои барале засолниште.

Ватикан соопшти дека папата ја пренел тагата на Светиот престол и на Црквата поради геноцидот и изразил солидарност со жртвите.


Вучиќ: Барањето на БИХ за ревизија на пресудата во Хаг е неодговорен потег


Белград, 24 февруари, 2017 - 14:41 (META) 

Највисоките државни функционери на Србија како „неодговорен потег“ го оценија и го осудија отворањето на постапката за ревизија на пресудата на Меѓународсниот суд на правдата во Хаг по тужба на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид и предупредија дека со ваквиот чекор целиот регион се враќа во минатото.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека барањето на БИХ е неодговорен потег со кој се создава многу лоша атмосфера, а тешко градените односи на Србија и на БИХ се враќаат во минатото. Вучиќ оцени дека со поднесувањето на барањето за ревизија потресена е стабилноста на целиот регион. Тој повтори дека Србија секогаш ќе го почитува интегритетот на БИХ и ќе се залага за зачувување на мирот и на стабилноста, но дека по ниедна цена нема да дозволи да бидат загрозени српските државни и национални интереси.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека потегот на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, е во длабока спротивност со настојувањата за постигнување сеопфатно помирување во регионот. Тој додаде дека Србија ќе ги преземе сите мерки да ги заштити своите и интересите на српскиот народ во БИХ.

Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, изјави дека поднесувањето на барањето за ревизија на тужбата против Србија кое доаѓа по волјата на еден човек, а не на институциите на БИХ, го наметнува прашањето за легитимноста на самото барање. Кубуровиќ додава оти се надева дека во новата постапка Меѓународниот суд на правдата во Хаг ќе знае да ги одвои правото и правдата од политичката пропаганда.


Раководствата на Србија и на Република Српска сложно против Изетбеговиќ


Белград, 22 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Барањето од Бакир Изетбеговиќ е акт на омраза на муслиманите во Сараево кон Србија и има цел да се укине Република Српска, порача денеска претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по средбата во Белград што тој и претседавачот на Претседателството на БИХ, Младен Иваниќ, ја имаа со претседателот и со премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ.

Темата на средбата беше најавeното барање од босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд на правдата по тужбата на БИХ против Србија за геноцид.

Додик и Иваниќ по средбата рекоа дека со најавата дека ќе поднесе барање за ревизија, Изетбеговиќ ги урива БИХ и нејзините институции, оти одлуката ја донел сам. Со одлуката не се согласува ниту хрватскиот член на Претседателството на БИХ.

Николиќ и Вучиќ рекоа дека Србија секогаш ќе биде зад Србите во БИХ, но и дека ќе го почитуваат интегритетот на таа земја и дека главната цел е да се сочуваат мирот и стабилноста.

– Србија вистински и искрено посакува мир, а не кавга и судири со своите соседи – рече Вучиќ, кој додаде дека со најавата за ревизија на пресудата, односите со БИХ се вратени 25 години наназад.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да се смета за одговорна за геноцидот извршен во Сребреница од страна на силите на Република Српска, но и дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не сторила сè што е во нејзина моќ за да спречи геноцид, а потоа ниту ги казнила ниту ги предала сторителите на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години, односно истекува за четири дена.


Законот за казнување за негирање геноцид не важи за Сребреница


Белград, 24 ноември, 2016 - 13:53 (META) 

Собранието на Србија усвои закон за казнување за негирање геноцид, но како што предупреди Фондот за хуманитарно право, тоа нема да важи за негирање на геноцидот во Сребреница и на други злосторства сторени за време на војната во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Со измените на кривичниот закон, кои беа усвоени синоќа, се воведува ново кривично дело според кое со негирање на геноцидот и на воените злосторства може да се добие затворска казна од шест месеци до пет години затвор. Условот е геноцидот или военото злосторство да бидат утврдени со правосилна пресуда на судот во Србија или Меѓународниот кривичен суд.

Тоа не се однесува на пресудата на Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, па во Србија ќе биде казниво негирањето на геноцидот во Конго, но не и негирањето на геноцидот во Хрватска или Босна и Херцеговина.

Измените на законот се усвоени во согласност со обврските на Србија на патот кон нејзината евроинтеграција.

Казна се предвидува ако некој јавно одобрува, го негира постоењето или значајно му ја намалува тежината на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства направени против групи лица или членови на групи врз основа на раса, вера, потекло, државна, национална или етничка припадност.


Руанда обвини 22 француски офицери за геноцид


Кигали, 1 ноември, 2016 - 20:56 (META) 

Руанда објави листа на 22 француски офицери кои ги обвини дека помагале да се испланира и да се изврши геноцид во 1994 година.

Националната комисија на Руанда за борба против геноцидот денеска ја објави листата на обвинети, еден месец откако француските истражители рекоа дека повторно отвораат истрага за врската со соборувањето на авионот на тогашниот претседател Џуванел Хабјариман. По соборувањето на авионот, се случи геноцидот во кој се убиени 800.000 лица, повеќето припадници на народот Тутси.

Во истрагата која ја водеа органите на Руанда е утврдено дека екстремистите Хуту се одговорни за убиството на Хабјариман, а француската истрага немаше конечен заклучок.

Соборувањето на авионот паѓа под јуриздикција на Франција затоа што леталото било француско.


Бан Ки-мун предложи на ИД да им се суди во Меѓународниот суд во Хаг


Њујорк, 4 август, 2016 - 9:52 (META) 

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, вчера изјави дека дејствата на терористичката групација Исламска држава во градот Синџар се злосторство врз човештвото, јавуваат светските агенции.

Генералниот секретар предложил и тие настани да бидат ставени под истрага во Меѓународниот суд во Хаг.

Тој изрази загриженост за судбината на луѓето што се наоѓаат во областите окупирани од ИД, особено за „илјадниците жени и деца – јазиди, чиешто ослободување треба да биде приоритетна цел на воените операции“.

Во писмена декларација по повод две години од заземањето на областа околу Синџар од џихадистичките трупи, водачот на светската организација ги осуди „чудовишните злосторства“ врз разни малцински етнички и религиозни групи во Ирак, кои и понатаму траат.

На годишнината од окупацијата на Синџар, во Белгија се одржа комеморација за жртвите од тој настан.


Турција ја одби посетата на германска делегација поради резолуцијата за геноцид


Анкара, 23 јуни, 2016 - 14:51 (META) 

Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, потврди дека неговата земја го забранила влезот на висока германска делегација на своја територија, како одговор на усвојувањето на резолуцијата за признавање на геноцидот на Ерменците во германскиот парламент.

– Ние сметаме дека посетата е неприфатлива – им изјавил Чавушоглу на новинарите во Анкара.

Германските власти соопштија дека државниот секретар за одбрана, Ралф Браукзипе, и пратениците на германскиот Бундестаг вчера биле принудени да ја откажат посетата на Турција, бидејќи официјална Анкара не дозволила да слетаат во воената база Инџирлик.

Во таа база на југот на Турција стационирана е воздушната флота на меѓународната воена коалиција која се бори против Исламската држава, а меѓу нив има и германски борбени авиони.

По усвојувањето на резолуцијата за признавање на геноцидот на Отоманската Империја над Ерменците во 1915 година, изгласана на 2 јуни во Бундестагот, Турција го повлече својот амбасадор во Берлин, а претседателот Реџеп Таип Ердоган се закани со санкции кон Германија.


По резолуцијата, германски политичари добиваат смртни закани


Берлин, 6 јуни, 2016 - 15:24 (META) 

Некои германски политичари примија смртни закани откако беше изгласана резолуцијата која турското злосторство врз Ерменците ги прогласи за „геноцид“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини германските министри дека имаат „нечиста крв“, по што на некои од нив им е доделено дополнително обезбедување.

Ердоган ги опиша германските пратеници како „продолжена рака на сепаратистите во Турција“.

Лидерот на Партијата на зелените, Кем Оздемир, и неговиот соработник Озкан Мутлу се германските политичари, родени во Турција, кои добија смртни закани.

– Навистина сме загрижени. Не го очекувавме ова – рече Мутлу.

Повеќе од еден милион Ерменци го изгубија својот живот во масакрот од 1915 до 1916 година.

Франција, Италија, Канада и Русија се меѓу 29 земји кои се произнеле за ова како „геноцид“, а Турција не го призна овој „ерменски холокауст“.

Велика Британија и САД, како и многу други земји, уште не ја усвоија оваа резолуција.


Турски демонстранти со јајца ја гаѓаа германската амбасада во Анкара


Анкара, 3 јуни, 2016 - 19:25 (META) 

Турски демонстранти со јајца ја гаѓаа амбасадата на Германија во Анкара, откако парламентот во Германија ја усвои резолуцијата со која убиството на Ерменците за време на Првата светска војна е квалификувано како геноцид.

Околу 200 демонстранти се собрале пред амбасадата, извикувајќи „Не верувајте на лагите за геноцидот“.

Со јајца биле погодени ѕидовите на амбасадата, влезната капија, а никој од персоналот не бил повреден.


Јилдрим: Германија е многу важен сојузник


Анкара, 3 јуни, 2016 - 10:01 (META) 

Турскиот премиер Бинали Јилдрим изјави дека Турција и Германија се два многу важни сојузници, само еден ден по резолуцијата на Бундестагот за геноцидот над Ерменија.

По острите изјави кои стигнаа од Анкара по гласањето во Берлин, Јилдрим ја спушти топката и порача дека одлуката на германскиот парламент да го означи убивањето Ерменци во Првата светска војна како геноцид што го справеле отоманските сили, нема да ги уништи односите на Анкара и на Берлин.

– Германија и Турција се два многу важни сојузници. Никој не треба да очекува дека односите одеднаш целосно ќе се влошат поради оваа или слични одлуки. Тоа, сепак, не значи дека нема да реагираме и дека нема ништо да кажеме – рече Јилдрим.

Јилдрим оцени дека Турција направила „историска грешка“.

Турција, која веднаш по гласањето на резолуцијата го повика на консултации својот амбасадор во Берлин, не го признава тој масакр како геноцид затоа што според нив, бројот на жртвите бил преувеличен.