Билен Саљији стана заменик-генерален директор на МЕПСО


Скопје, 11 јули, 2018 - 13:44 (META) 

Поранешниот министер за правда, Билен Саљији е избран за заменик генерален директор и за член на Управен одбор на МЕПСО, потврдија од компанијата.

Саљији беше министер за правда од јуни 2017 година до март годинава кога си поднесе оставка поради одлуката во случајот со малиот Алмир иако се појавија информации дека неговото име беше прво на списокот на премиерот Заев при реконструкцијата на владата.

Во периодот од 2011 до 2017 година бил директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Саљији има положено правосуден и нотарски испит. Од 2009 до 2011 бил директор во ЈКП „Врапчиште“, Општина Врапчиште, а од 2005 до 2009 година бил советник за односи со јавноста во Општина Врапчиште


Поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, доби кривична за злоупотреба


Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:45 (META) 

Дејан Бошкоски, поранешниот директор на државното претпријатие АД ЕЛЕМ, како и С.П., внатрешна ревизорка во ЕЛЕМ, добија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР), за злоупотреби на службената положба, поради погрешно евидентирање и исплаќање на прекувремена работа.

Како што е наведено во полицискиот билтен, Д.Б. (44) од Скопје и С.П. (45) од Битола ги сториле злоупотребите во периодот од јануари 2014 година до октомври 2015 година.

Според полицијата, Дејан Бошкоски писмено ја овластил С.П., како внатрешен ревизор за економски работи во службата за внатрешна ревизија при АД ЕЛЕМ – Скопје, да врши работи за време на неработни денови или во празници, но таа не подготвувала ревизорски извештаи и такви документи не биле доставени до дирекцијата на државното претпријатие за производство на струја.

„И покрај тоа, Д.Б. за наведениот период одобрил исплата на надоместоци за плата, за ноќна работа и за работа на државен празник, со што ѝ овозможил на С.П. да стекне противправна имотна корист во износ од 140.226 денари, на штета на АД ЕЛЕМ – Скопје“, стои во полицискиот билтен.


Анѓушев: Владата подготвува мерки за подобрување на статусот на рударите


Македонска Каменица, 9 септември, 2017 - 18:05 (META) 

Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, при денешната посета на рудникот Саса во Македонска Каменица, при што се сретна со неговиот генерален директор, Нели Стивенсон.

– Разговаравме за задоволување на европските стандарди и норми во практикување на рударство во Саса и во другите рудници. Раководството ни ги презентираше развојните проекти и какви чекори ќе преземат за заштита на животната околината. Разговаравме и како да се подобрат работните услови на работниците. Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството. Ги информиравме за активностите, тие се подготвени да соработуваме и заеднички да работиме на подобрување и унапредување на условите на работниците – истакна вицепремиерот Анѓушев, посочувајќи дека рудниците се значаен извор на приход во Република Македонија.


Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“


Скопје, 4 јануари, 2017 - 19:00 (META) 

Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“ и доаѓа на местото на Зоран Крстевски, кој, пак, е назначен за член на одборот на директори, информираат од компанијата.

Алп Ер Тунга Ерсој беше заменик генерален директор на „ТАВ Македонија“, од влегувањето на „ТАВ Аеродроми“ на македонскиот пазар.

„ТАВ Македонија“ ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 проценти зголемување на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.