МВР за „Вистиномер“: Ќе се гради нов објект на Прифатниот центар, а не нов бегалски камп


Скопје, 4 јули, 2018 - 10:42 (META) 

По шпекулациите во јавноста дека се планира целосно нов центар за азиланти во Визбегово, од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Вистиномер“ ги негираат гласините, велејќи дека е планирано само да се изгради нов објект за постоечкиот Прифатен центар за странци, кој сега се наоѓа во поранешната детска градинка на Гази Баба и е во катастрофална состојба и не ги задоволува ниту елементарните услови.

Објектите на детската градинка се користат како азилантски центар уште од 2005 година, а јавноста со условите во нив се запозна повеќе во 2015 година, кога мигрантската криза го стави во центарот на вниманието.

Како што пренесува „Вистиномер“, новиот објект во кој ќе се пресели Центарот, нема да биде во Визбегово, туку во Бардовци, на парцела од 4.483 квадратни метри што Владата ја доделила на МВР во декември минатата година и повеќе ниски објекти со различна квадратура.

Во текстот се вели и дека помешувањето на Бардовци со Визбегово е поради тоа што Министерството за труд и социјална политика во Визбегово сака да гради центар за бездомни лица, при што ќе им се обезбеди дом на 80 лица кои живеат на улица.

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на „Вистиномер“.


Ќе се гради нов мост кој ќе ги поврзува Аеродром и Гази Баба


Скопје, 23 март, 2018 - 14:24 (META) 

Град Скопје за 24 месеци ќе изгради има нов мост во должина од 120 метри на булеварот „АСНОМ“, кај хотелот „Русија“ кој ќе ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

– За проектот е предвидено пробивање и продолжување на нов булевар во должина од 2.107 метри, од хотелот „Русија“, преку Вардар и населбата Керамидница се до Скопски саем. Ќе има 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз – рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Проектот е вреден од 7,5 до 8 милиони евра. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.

На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на Аеродром и на Гази Баба Златко Марин и Борис Георгиевски.


Малолетници пронашле рачна бомба на улица во Гази Баба


Скопје, 22 октомври, 2017 - 15:03 (META) 

Малолетници вчера попладне пронашле рачна бомба на улицата Ордан Чопела во скопската населба Гази Баба, информира МВР. Случајот бил пријавен околу 14 часот, во Едницата за информации и команда Скопје од страна на граѓанин.

На местото излегла екипа на Одделот за антитероризам на МВР, која ја подигнала рачната бомба.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Трајковски: Четири месеци се на власт, а не реализираа ниту еден проект во Гази Баба


Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:14 (META) 

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба, Тони Трајковски, на денешниот митинг порача дека новата влада во изминатите четири месеци не само што не реализирала ниту еден проект во општина Гази Баба, туку ги намалила буџетските средства наменети за инвестиции во општината.

– Нашите противкандидати не за изминатите четири години, туку за изминатите 17 години не реализирале ниту еден проект во нашата општина. Велат не биле на власт, но каде се во изминативе четири месеци? Имаат власт и пари, а немаат ниту еден проект реализирано во нашата општина. Освен што немаат реализирано ниту еден проект, тие со ребалансот на буџетот ги кратат средствата за новата градинка во Стајковци, за новото училиште во Ченто, за новиот дом за стари лица во Маџари, за санација и за реконструкција на градинките и на училиштата, а последниве неколку месеци ни ги намалија и блок-дотациите за училиштата – рече Трајковски.

Тој се осврна на реализираните проекти, наведувајќи дека е изградено училиштето „Глигор Прличев“, детската градинка „Морковче“, пешачки и велосипедски патеки, спортски игралишта, детски забавни игралишта, спортска сала во населбата Ченто, асфалтирани се повеќе од 90 улици, а поставена е фекална и атмосферска канализација, како и водоводна мрежа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги повика жителите на Гази Баба да им одржат лекција на Зоран Заев и на СДСМ на изборите на 15 октомври поради лошото раководење со државата. Тој истакна дека Владата не само што не ги исполнила ветувањата, туку работи на уништување на сработеното од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Овие луѓе од власта се неспособни. Тие се практиканти без искуство и без капацитет. Тие не знаат економија, не знаат инвестиции, работа во локална самоуправа. Тие се толку вознемирени и немаат конкретна идеја и план што да направат во врска со тоа. Тие оставија сè друго настрана и само фрлаат кал врз мене. Тие велат: „Ние самите не можеме да сториме ништо, барем да го деградираме Груевски и да ја обесхрабриме ВМРО“. Не трошете го вашето време. Ова нема никаква смисла. Ние сме горд глас на оваа нација, ние сме независен глас на Македонија. Ние сме Македонија – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски рече дека не бараат само победа за претстојните избори, туку дека размислуваат и имаат проекти за следните две децении. Во контекст на тоа ги повтори проектите кои ги планираат за општините во кои ќе победат, односно бесплатен здрав оброк за учениците, отпишување на долговите за вода и за комуналии на социјално загрозените семејства и стекнување дом за младите брачни парови.


Заев: Трајковски и Трајановски се виновни за поплавите во Гази Баба


Скопје, 9 октомври, 2017 - 23:08 (META) 

Победуваме во Гази Баба, во Скопје и во цела Македонија затоа што сме единствени и сплотени и затоа што дојде време да падне режимот, изјави вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од митингот во скопската општина Гази Баба.

Заев истакна дека премногу се важни локалните самоуправи за да бодат оставеби да гинат во мртвилото, да минуваат годините и децениите. Тој рече дека Гази Баба е една од најслабо комунално-инфраструктурно организираните општини и дека е недозволиво да нема канализација и питка вода.

– Не е дозволиво една Гази Баба да биде срам за Скопје. Тоа мора да се промени. Не грижете се за Тони, сегашниот градоначалник, има тој што да работи. Тој ќе биде многу, многу зафатен, пред судови со кривични пријави. Дајте да ги направиме промените. Гази Баба има огромни приходи и од земјиште и од комуналии. Не може да се правда на невреме, да се правда дека е од Господ. Луѓе изгубија животи, изгубија се што имаа. Не може никој да не биде виновен за тоа. Виновни се Тони Трајковски и Коце Трајановски и казна на овие избори мора да има – рече Заев.

Тој најави дека централната власт ќе ја поддржи гасификацијата на општината, изградбата на ново училиште и амбуланти, како и капитални инвестиции во водоводната и канализационата мрежа и асфалтирање на патишта.

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Гази Баба, Борче Георѓиевски, рече дека заедничка желба и мисија е Гази Баба да стане модерно и современо место за живеење, општина која ќе биде отворена за сите граѓани.

– Заедно со вас ќе изградиме граѓанско општество и општинска администрација, која ќе работи во интерес на граѓаните. Отворена и услужна, таква ја гледам и таква ќе биде администрацијата на Гази Баба – рече Георѓиевски, додавајќи дека трeба да се стави крај на 20-годишното лошо работење.

Георѓиевски вети гасификација на општината, доизградба на училиштето „Вера Јоциќ“, градинки, пешачка и велосипедска патика долж реката Вардар, мост за поврзување на Гази Баба со општина Аеродром, чиста вода за околните села и поставување на канализации во сите делови на општината. Тој рече дека ја знае секоја педа од својата општина и дека има решение за сите проблеми.

– На 15 октомври сите ние, гордо и достоинствено, да излеземе на гласање, најмасовно, да го урнеме режимот и во Гази Баба, да го закружиме бројот 19 и да ја донесеме првата и историска победа на СДСМ – рече Георѓиевски.


Центар, Гази Баба и Карпош би можеле да добијат градоначалник во првиот круг


Скопје, 9 октомври, 2017 - 20:32 (META) 

Три скопски општини би можеле да добијат градоначалник уште во првиот круг на гласање, покажа анкетата што ја спроведе „М-проспект“ на барање на „Телма“ и на МЦМС, на примерок од 1.560 испитаници.

Општините Центар, Гази Баба и Карпош по гласањето на 15 октомври би можеле да добијат градоначалник. Според анкетата, кандидатот на СДСМ за Центар, Саша Богдановиќ, ќе го победи Дејан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, а актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба, Тони Трајковски, ќе го порази Борче Георѓиевски. Стефан Богоев од СДСМ, според анкетата, ќе го победи Стевчо Јакимовски и ќе стане градоначалник на Карпош.

Сепак, поради премалиот примерок и големата маргина на грешка, која изнесува околу 6 отсто, не беа соопштени процентите, туку беа дадени само прогнози.

Според анкетата, тесна борба ќе се води во Аеродром, Чаир, Ѓорче Петров и во Кисела Вода.


ВМРО-ДПМНЕ: Георгиевски гласа против чистење канали, па приговара што не се чистат


Скопје, 9 септември, 2017 - 18:52 (META) 

„Борче Георгиевски без трошка срам излегува на прес-конференција и говори за чистење канали, иако самиот како советник во Општината Гази Баба гласаше против нивното чистење. Каналите во општина Гази Баба се чистат редовно и тоа го знаат и советниците на СДС кои на седниците на Советот на Општината ги гледаат извештаите за исчистените канали“, одговори ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Борче Георгиевски, претседател на општинската организација на СДСМ за општина Гази Баба.

Опозициската партија вели дека колку е важна Гази Баба на СДСМ „покажува тоа што првата мерка на новата влада беше кратење на средствата за градба на новиот старечки дом во Маџари, средствата на новото ОУ „Крсте Петков Мисирков“ и за новата градинка во Стајковци“.

Партијата вели и дека градбата на фекална канализација е во тек.


СДСМ: Градоначалникот на Гази Баба излажа и за пречистителна станица во Јурумлери


Скопје, 9 септември, 2017 - 13:38 (META) 

„Во Јурумлери требаше да има пречистителна станица за фекална канализација која актуелниот градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски, со години ја ветува на граѓаните. Но, овде нема ниту пречистителна станица, ниту метар изградено фекална канализација. Продолжената рака на Никола Груевски, Тони Трајковски, ги излажа граѓаните“, обвини денеска Борче Георгиевски, претседател на општинската организација на СДСМ од Гази Баба.

– Недозволиво е во 21 век жителите на Јурумлери и на околните села да немаат елементарни услови за живот и да живеаат со септички јами кои ја загрозуваат природата, но и здравјето на граѓаните. Покрај ветената пречистителна станица и фекална канализација, нерелизирано е и ветувањето за изградба на клучката на регионалниот пат од Јурумлери кон Илинден. На жителите од Јурумлери лажно од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Трајковски им беше ветувано чистење и одржување на каналите, но ништо од тоа, после секој пороен дожд овие наши сограѓани се со поплавени подруми и домови – рече Георгиевски, порачувајќи дека за решавање на проблемите во Гази Баба потребни се промени на локалната власт, односно дека СДСМ како нова локална власт ќе работи во интерес на граѓаните.


Георгиевски: Нема да се градат станови за бегалци во Гази Баба


Скопје, 23 август, 2017 - 15:02 (META) 

Граѓаните може да се уверат дека лажните вести за наводни кампови или станови за мигранти, што ги шири ВМРО-ДПМНЕ, немаат врска со реалноста, изјави денеска Борче Георгиевски, претседател на општинската организација на СДСМ Гази Баба.

-Владата на Република Македонија, предводена од СДСМ не планира изградба на станбени единици за бегалци на територија на општината Гази Баба, затоа што Македонија е само транзитна земја за бегалците. Сакајќи да ја дефокусира јавноста за своите неуспеси во реализација на капиталните инвестиции и загубената поддршка од граѓаните, вчера и денеска ВМРО-ДПМНЕ ги организира членовите за собирање потписи против измислено населување мигранти. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ се гледа од овој документ од 2011 година, кој покажува дека тоа е предложено и потпишано токму од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – вели Георгиевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со лажни вести ја прикрива неспособноста на своите градоначалници и додаде дека на Гази Баба и треба комплетна гасификација, изградба на нови детски градинки, реконструкција и изградба на нови основни училишта како и изградба на фекална канализација во сите рурални населени места во општината.


Во пожар изгореле кат и покрив на куќа во скопска Гази Баба


Скопје, 9 април, 2017 - 14:04 (META) 

Во пожар што избувнал вчера напладне во скопската населба Гази Баба, на  улицата  „Јајце“ изгореле горниот кат и покривот на куќа. Интервенирала скопската Бригада за противпожарна заштита и по 1 час од избивањето го изгаснала пожарот.

Во моментот кога избил пожарот, во куќата биле тројца членови на семејството кои навремено ја напуштиле куќата и не се здобиле со повреди, а Ј.А.(61) додека се обидувал да го изгасне пожарот, се здобил со повреди од парче дрво кое му паднало врз главата.