Забранет сообраќајот на некои превои и патни правци, на некои само за камиони


Скопје, 13 февруари, 2018 - 16:16 (META) 

Поради обилните снежни врнежи, прогласена е забрана за движење на тешки товарни возила на планинските превои Пресека, Буково и кон граничниот премин Ќафасан. На Буково сообраќајот е забранет и за автомобили.

Од 15 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на камиони и автобуси. Забрана за движење на камиони има и на патот Маврово – Дебар, потоа од Стража кон Колари. Поради магла, видливоста е намалена до 100 метри на превојот Стража и на 30 до 40 метри на превојот Ѓавато.

Патниот правец Крива Паланка – Куманово кај Грамаѓе, повторно е во функција, откако претходно беше блокиран. Исто така, поради отстранување одрони во близина на селото Истибања сообраќајот на патниот правец Кочани- Македонска Каменица е во прекин, а се користи алтернативен пат Кочани-Виница-Драгобрашта-Бигла-Македонска Каменица.


Битолчанец загинал во сообраќајка вчеравечер


Битола, 25 декември, 2017 - 12:48 (META) 

Во сообраќајна незгода кај туланата на стариот пат Ѓавато – Тополчани, вчера во 20.35 часот автомобил „ауди“ со битолски регистарски таблички управуван од Р.Г.(40) од Битола излетал од патот, при што возачот го загубил животот.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Битола, по што по наредба на обвинителот, телото на починатиот е дадено на обдукција.


Слаби врнежи од снег на Стража, магла на Ѓавато и на Плетвар


Скопје, 10 февруари, 2017 - 10:33 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози, а повремени врнежи од слаб снег се бележат на планинскиот премин Стража, информира Автомото-сојузот на Македонија.

Поради појава на магла, намалена е видливоста од 10 до 20 метри на Попова Шапка и од 50 до 100 метри на планинските премини Ѓавато и Плетвар.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај. Премините Дојран и Меџитлија се отворени за сообраќај.