Македонија и Албанија потпишаа договор за соработка во гасификацијата


Тирана, 21 септември, 2018 - 12:01 (META) 

Македонски енергетски ресурси АД Скопје и АЛБГАЗ од Тирана потпишаа Меморандумот за разбирање за воспоставување и развивање на деловна соработка за развој на преносните мрежи на природен гас во двете земји.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваа министерот за економија Крешник Бектеши и албанскиот министер за енергетика Дамјан Ѓикнури.

– Денешниот Меморандум е чекор напред за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот за природен гас, како продолжение на веќе потпишаниот Меморандум за соработка во областа на енергетиката, меѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Албанија – истакна Бектеши.

Тој потсети дека и двете земји, како потписнички и на Договорот за основање на ЕЗ, покрај усогласување на националните законодавства со европското,  се стремат да ги постигнат трите утврдени цели на енергетската политика на Унијата, а тоа се безбедноста, одржливоста и конкурентноста, притоа обезбедувајќи слободно движење на енергијата, без технички или регулаторни бариери.

– Радува фактот што изградбата на проектот ТАП на албанска територија е во завршна фаза. Соработката во областа на природниот гас, верификувана денеска од страна на првите луѓе на МЕР и АЛБГАЗ, Бајрам Реџепи и Арбр Аврами, како стратешко партнерство меѓу двете компании, ќе овозможи обезбедување на сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас. Со ова ќе биде промовирана гасификацијата, испораката на дополнителни количини на природен гас помеѓу двете земји, но и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор, како и исполнување на обврските што произлегуваат од Регионалната иницијатива за централно и југоисточно европско поврзување со гас – рече Бектеши по потпишувањето.

Според Бектеши, Македонија и Албанија како две соседни земји кои сакаат да се интегрираат во европските структури, имајќи го предвид Берлинскиот процес, се повеќе од заинтересирани во најкус можен рок да се конкретизираат започнатите проекти, што ќе придонесе до уште  позајакната енергетска и економска соработка, имајќи предвид дека само со добра регионална интеграција ќе се обезбеди побрза интеграција во европското семејство.


Град Скопје ќе го намали буџетот за 440.000 евра


Скопје, 14 јуни, 2018 - 13:18 (META) 

Со ребалансот на буџетот на Град Скопје за 2018, кој ќе се најде на седницата на градскиот Совет на 20 јуни, се предвидува да се потрошат 27 милиони денари (440.000 евра) помалку од претходно испланираните. Исто така, со ребалансот ќе се наменат пари за проекти што не биле планирани да се изведат годинава, известија од Град Скопје.

Така, наместо четири милијарди и 254 милиони денари (69,17 милиони евра), колку што изнесува буџетот сега, со ребалансот тој ќе се намали на четири милијарди и 227 милиони денари (68,73 милиони евра).

„Овој ребаланс е подготвен во согласност со усвоениот прв квартален извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година. Во првиот квартал остварувањето на приходите се одвива согласно со планираното, а плаќањата на расходите се одвиваат редовно и навремено“, велат од Град Скопје.

Вкупните приходи за овој период од годината се 1,1 милијарди денари (17,88 милиони евра) што е 17 отсто од вкупно испланираните приходи за цела 2018 година. Притоа, има раст од 2 отсто во приходите во однос на истиот период минатата година.

Најголемите промени кои ќе ги донесе ребалансот се зголемување на ставката за комунални работи, каде сега ќе се додадат уште 67,15 милиони денари (близу милион и 10.000 евра), додека во секторот за сообраќај е предвидено намалување за 104,85 милиони денари (малку повеќе од 1,7 милиони евра). Притоа, најголемиот дел од новите пари за комунални дејности за наменети за реконструкција и подигнување на јавно зеленило, како и за расчистување диви депонии.

Новите проекти за кои ќе се наменат пари со ребалансот се изградба на улица Ленинова, реконструкција на бул. Никола Карев, изградба на ул. Боца Иванова, како и за изградб, одржување и реконструкција на улиците Брадфордска, Македонско – Косовска бригада, Андон Димитров (Жарко Зрењанин), Живко Фирфов, како и изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

Ребалансот вклучува и 15,5 милиони денари за основачки влог за новото акционерско друштво кое ќе го формира Град Скопје и ќе обезбеди нови приклучоци на парно греење, но и треба да го спроведува процесот за гасификација на Скопје.


Тевдовски: ЕБОР сака да инвестира во гасоводна мрежа во општините


Аман, 10 мај, 2018 - 9:38 (META) 

Два крупни проекти од областа на гасификацијата, најави министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Јордан.

Првиот се однесува на изградба на секундарна гасоводна мрежа во општините, а вториот за изградба на магистрален гасовод помеѓу Македонија и Грција. ЕБОР е заинтересирана за финансирање на двата проекти.

– ЕБОР во моментот финансира два проекти во областа на енергетската инфраструктура во Македонија. Планираме во блиска иднина, да ги зголемиме капиталните инвестиции, пред се во енергетиката. Тука зборувавме и имаме начелна согласност за учество на ЕБОР во два значајни проекти. Првиот е за изградба на секундарна гасификациона мрежа во повеќе општини во различни региони. Големината на проектот е проценета на околу 50 милиони евра. Покрај кредитна линија за овој проект побаравме и грант средства кои треба да обезбедат и изработка на техничка документација на проектот – рече министерот за финансии.

Тевдовски посочи дека вториот проект од областа на гасификацијата за кој се дискутирало на средбите е интерконекција со гасовод на Македонија и Грција.

– Тоа е важен проект. Веќе имаме добиено писмо за интерес од страна на Европската инвестициска банка за финансирање на проектот, а има интерес и од грчката страна за негова реализација – истака Тевдовски.


Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


Бочварски: Ветените капитални проекти планирам да ги спроведам


Штип, 26 април, 2018 - 10:27 (META) 

Благој Бочварски, градоначалникот на Штип,  во интервјуто на „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), вели дека нема да се откаже од проектот за брана на Отиња, едно од неговите најголемите ветувања.

Оваа брана со децении беше ветувана и од многу негови претходници, но за разлика од нив, Бочварски вели дека нема намера да се откаже од реализацијата на овој проект што е многу битен за штипјани.

– Кога гледате дека не сум се откажал од браната на Отиња, од која се откажале многу градоначалници пред мене, тогаш треба да им биде јасно на сите дека нема да се откажам од ниту еден крупен проект којшто е важен за граѓаните на Штип – вели Бочварски во интервјуто што го направи Весна Коловска.

Во моментот се работи на ревизија на стариот проект и со изработка на студија, а Општината очекува добивање на градежна дозвола и почеток на градежните работи. Сепак, градоначалникот на Штип не прецизира рокови за конкретна реализација.

Втора од капиталните инвестиции што ги вети Бочварски во изборната кампања беше гасификација со инсталација во должина од 20 километри, за што преку јавна набавка веќе е избрана компанија за проектирање. Од 2019 година се очекува почеток на работите на терен.

Бочварски нагласува дека од почетокот на неговиот мандат Општина Штип работи транспарентно и е достапен за новинарите и граѓанските организации. Одлуките на градоначалникот и на Советот на Општината се објавуваат во Службениот гласник, а на општинската веб-страница е објавена структурата на вработените, без новите раководители, и податоци за контакт со службите.

Прашан зошто не се објавуваат неговите трошења, тој вели дека тоа е така затоа што нема таква алатка за општините.

Во однос на реализацијата на тоа што вети дека ќе го прави, тука се почетокот на работите на детската градинка во населбата Сењак,  првата којашто се гради по триесет години во Штип. Обезбедени се 45 отсто од парите од Бирото за рамномерен регионален развој и 55 отсто од Буџетот на Општина Штип.

Засега не се почнати проектот за изградба на жичара до тврдината Исарот и спортско – рекреативниот центар во Суитлакот. За жичарата, според објаснувањето на градоначалникот, се бара соодветна компанија за проектирање, која може да изработи ваков специфичен проект.

Спортско – рекреативниот центар, во кој е вклучен Аква парк во еден дел ќе зависи од плановите на приватен инвеститор, кој има купено парцели за ваква намена. Бочварски вели дека е во разговори со инвеститорите, по што ќе се знае како понатаму со овој проект, но, извесно е дека Суитлакот ќе остане зелена зона и зона за спорт и рекреација.


Со новиот закон ќе се ограничува правото за набавка на оружје


Скопје, 21 март, 2018 - 10:05 (META) 

На 60. седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за реализацијата на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.

„Владата го задолжи Министерството за економија во рок од 30 дена да формира работна група со цел координација и следење на процесот за реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата. Работната група има должност, да доставува информации до Владата за натамошниот прогрес на реализација на тие проекти“, се вели во соопштението на Владата.

Владата го разгледа и утврди новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето, и донесе одлука да го достави до Собранието на натамошна постапка.

„Определени точки на изменување на Законот, меѓу другото, се однесуваат на преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје, повторно воведување на легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија кое се поседува без соодветна важечка исправа издадена согласно одредбите на стариот Закон за набавување, поседување и носење на оружје и Законот за оружјето“, се вели во соопштението.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр. 1 кон Договорот за изградба на патна делница Кичево -Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и „Синохидро“.

На денешната седница, владата заклучи дека е неопходно целосно докомплетирање на документацијата и аргументацијата до наредната владина седница, за да се спроведе постапката за раскинување на договорот со концесионерот на рудникот „Казандол“.


Гасификацијата и законот за оружје денеска на владина седница


Скопје, 20 март, 2018 - 12:10 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 60. редовна седница која ќе почне во 15 часот, по завршување на 59. тематска седница посветена на младинските политики, информираат од таму.

На денешната владина седница ќе биде разгледана и информација за рокот и проблемите при реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, ќе се расправа и за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето.

На оваа седница, меѓу другото, ќе се најде и информацијата за можноста за изменување на Законот за катастар на недвижности во насока на подобрување на квалитетот на податоците запишани во катастарот на недвижности.


Сугарески и Гарет разговарале за економската соработка меѓу Македонија и Британија


Скопје, 2 февруари, 2018 - 12:11 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска имал средба со амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, на која го информирал за капиталените проекти што се реализираат во Македонија во делот на инфраструктурата.

„Амбасадорот беше запознаен со проектите што ќе се реализираат во следниот период во делот на патната инфраструктура, изградба на железницата на Коридорот 8, како и за проектите што ги реализира Министерството за транспорт и врски во комуналната инфраструктура и гасификацијата“, стои во соопштението од Министерството.

На средбата се разговарало и за актуелните состојби во соработката меѓу двете земји, при што акцентот бил ставен на зголемувањето на економската соработка меѓу Македонија и Велика Британија.


ЈП „Енерго“ Штип треба да изработи проекти за гасифицирање на градот догодина


Штип, 12 јануари, 2018 - 13:33 (META) 

Јавното претпријатие „Енерго“ Штип, годинава треба да ги заврши сите проекти, односно да ја изработи документацијата за следната година да биде ставена мрежа за гасифицирање на градот, најави штипскиот градоначалник, Благој Бочварски по средбата со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Благојче Котески.

ЈП „Енерго“ Штип било формирано од претходната власт, но седум години не ја вршело функцијата за кое било основано.

– Ќе продолжиме со ревидирање на физибилити студијата и со изработка на инфраструктурен и основен проект за гасификација на Штип. Годинава очекувам дека ќе ги завршиме сите проектни документации, и догодина, доколку се тече како што треба, граѓаните ќе можат да бидат сведоци на поставување на нова алтернативна инфраструктура во градот – изјави Бочварски.

Котески информираше дека Штип има можност да биде првиот град од регионот кој ќе може да се гасифицира, и е во предност од останатите општини.

– Општина Штип е во предност затоа што на само три километри се наоѓа главната гасоводна мрежа. Главната мерна регулациона станица е во состојба да дава гас за Штип – изјави Котески.

Во буџетот на Општина Штип предвидени се шест милиони денари за проектите кои треба да го реализира ЈП „Енерго“. Првично е предвидено да се гасифицираат индустриските објекти, кои се во непосредна близина на гасоводната мрежа на МЕР, а исто така да бидат и опфатени и општинските институции, градинки, училишта и  домаќинствата.

Котески потенцираше дека до сега само општините Штип и Битола се обратиле до МЕР за проектот гасификација и ова се општините, кои имаат обезбедено свои буџетски средства за оваа намена.


Градоначалниците да подготват проекти за гасифицирање на општините


Скопје, 2 јануари, 2018 - 17:08 (META) 

Градоначалниците да подготват проектна документација за гасификација на општините и да одлучат дали сами ќе инвестираат, дали ќе најдат инвеститори или тоа ќе го сторат преку јавно-приватно партнерство, порача премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Министерство за финансии.

Прашан за гасификацијата на Скопје, Заев додаде дека има гасоводна цевка до градот, но дека нејзината искористеност е од 15 до 20 проценти.

-Ги мотивирам градоначалниците да почнат со изготвување на проектна документација. Има главна гасоводна мрежа, но општините мора да имаат главни проекти. Некои од градоначалниците веќе доставија планска документација – рече Заев.

Тој додаде дека гасификацијата е многу важна од економски и еколошки аспект, а за неа во буџетот се предвидени 35 милиони евра.