Генерална проба на Владата и АРМ пред утрешното кревање на знамето на НАТО


Скопје, 11 февруари, 2019 - 14:59 (META) 

Пред објектот на Владата, кој инаку утрово осамна без натписот „Влада на Република Македонија“ од претпладнево се вршат подготовки за утрешната церемонија за подигнување на знамето на НАТО пред владиниот објект, на кој наскоро ќе пишува „Влада на Република Северна Македонија“.

Во текот на попладнево ќе се прави и мала проба за церемонијата, објаснија од Владата. Така, пред наредените столови со креда се цртаа линии за утре да се знае каде да се наредат повторно, работници го метеа платото и се постилаа и се собираа црвени килими.

Од спротивната страна на булеварот Илинден тоа го гледаа 12-те припадници од Гардата на АРМ, чекајќи го својот ред во денешната проба.

Утрешната церемонија ќе почне во 11 часот. Македонија во средата го потпиша пристапниот протокол за НАТО, со што го почна придружувањето на Алијансата, кое ќе стане официјално кога сите 29 земји-членки на НАТО ќе го ратификуваат протоколот. Со кревањето на знамето на Северноатлантската алијанса утре, Владата официјално го одбележува првиот чекор од полноправното членство во НАТО.

 


Путин формира гарда за борба против тероризмот


Москва, 5 април, 2016 - 18:04 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека Русија ќе формира национална гарда за борба против тероризмот и организираниот криминал.

– Одлуката е донесена. Создаваме федерално тело што ќе има извршна власт – изјави Путин на состанокот со клучните безбедносни претставници во Кремљ.

Тој, исто така, рече дека агенцијата за борба против дрога и миграциската служба ќе бидат подредени на министерството за внатрешни работи.


Делегација на Националната гарда на Вермонт во посета на Македонија


Скопје, 21 септември, 2015 - 10:02 (META) 

Во посета на Армијата на Македонија престојува делегација на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, предводена од нејзиниот командант, генерал мајор Стивен Креј.

По разговорите со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, воената делегација на Националната гарда ќе го посети Собранието на Македонија.


Две лица во црна облека им се заканиле на вработени во тетовски „Водовод“, полицијата го истражува случајот


Скопје, 6 ноември, 2014 - 19:07 (META) 

Министерството за внатрешни работи нема евидентирано лица во црни униформи кои легитимираат граѓани, туку е евидентирана само пријава дека две непознати лица им се заканиле на работници на тетовски „Водовод“ да запрат со работата, изјавил во телефонски разговор за телевизија „Телма“, заменик министерот за внатрешни работи, Земри Ќамили.

Тој нагласил дека е лошо пренесена негова изјава од страна на порталот на албански јазик „Журнал“.

– Не сум кажал дека има вооружени патроли ниту, пак, од мои зборови е извлечен насловот на „Журнал“, „Црни униформи без обележја во Тетово“ – изјави Ќамили.

Во изјава за телевизијата „Алсат-М“, заменик министерот потврдува дека зад настанот во близината на Тетово не се кријат униформирани лица.

– МВР излезе на местото на случката. Двајца работници на тетовскиот „Водовод“ биле оневозможени да работат од страна на две непознати лица. Министерството работи на расчистување на случајот, но не станува збор за црни униформи ниту, пак, за какви било униформи – изјави Ќамили, додавајќи дека информациите што ги објавуваат социјалните мрежи и дел од медиумите немаат врска со реалноста.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, вели дека станува збор за погрешно информирање на дел од медиумите.

– МВР евидентира пријава од граѓани во која се вели дека забележале лице во црна облека. Министерството постапи по пријавата, излезено е на лице место и не е констатирано ништо, истрагата не е завршена. Кога полицијата би евидентирала таков случај, бездруго би презела акција за приведување на такви лица. Доколку бидат забележани лица кои си зеле за право да легитимираат или изигруваат некаква власт бездруго ќе бидат приведени – изјави Котевски за „Телма.

Телевизијата „Алсат-М“ денеска објави снимен видеоразговор преку интернет со Хамди Ндрецај од Урошевац, кој се претставува како командант Пантер. Тој тврди дека околу 250 лица на таканаречената гарда на Илирида патролираат на Шара и во Полог, како и на влезот од Арачиново и во дел од скопскиот регион.

– Патролите се лесно вооружени и засега нема инциденти – изјави Ндрецај за „Алсат-М“.


Командант Пантери: Патролираме со 250 вооружени луѓе


Урошевац, 6 ноември, 2014 - 15:11 (META) 

Ндрецај Хамди од Урошевац, наречен командант Пантер, вели дека се точни гласините дека во земјата патролираат членови на гардата на Илирида облечени во црни униформи, објави телевизијата „Алсат-М“.

– Гардата или 250 членови се лесно вооружени и како набљудувачи патролираат во неколку градови во Македонија – изјави Пантери за „Алсат-М“.