Пo Сашо Василевски и пратеникот Љубен Aрнаудов излегува од куќен притвор


Скопје, 16 октомври, 2018 - 17:00 (META) 

Апелацискиот суд Скопје го прифати барањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Aрнаудов, со гаранција да се брани од слобода, однoсно да му се укиине мерката притвор. Тој е еден од пратениците кои обвинителството ги товари за упадот и насилствата во Собранието на 27 април минатата година.

Утрово Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 ја прифати гаранцијата од 400.000 евра и му ја укина мерката домашен притвор на Сашо Василевски, исто така пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.


Пратеникот Сашо Василевски излегува од домашен притвор


Скопје, 16 октомври, 2018 - 13:46 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски кој е обвинет за настаните во Собранието на 27 април минатата година, излегува од куќен притвор откако Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати понудената гаранција во недвижен имот.

– Кривичниот совет на одделението за Организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната С.В., обвинет во предметот  КОК бр. 40/18 поврзан со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Р.М., по претходно дадено позитивно мислење од надлежното обвинителство, донесе решение со кое ја уважи понудената гаранција во недвижен имот и ја укина мерката куќен притвор, а заради обезбедување присуство во текот на постапката му определи мерки за претпазливост и тоа Обврска на обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Охрид и привремено одземање на патната исправа како и забрана за издавање нова – соопшти Кривичниот суд.

Со пуштањето од домашен притвор, Василевски ќе може да присуствува на пленарните седници во Собранието каде во тек е расправата за измени на Уставот.

Во куќен притвор и натаму се пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, кои исто така имаат поднесено барање за укинување на оваа мерка


За да излезе од притвор Митко Чавков дал гаранција во недвижен имот


Скопје, 23 април, 2018 - 15:59 (META) 

Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, по предлог на одбраната на Митко Чавков, донесе решение со кое го прифати предлогот за обезбедување присуство – гаранција во недвижен имот.

По правосилноста на решението и запишување на гаранцијата, притворот треба да се укине, а да му се одземе пасошот и да има обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Обвинителството може да вложи жалба на решението на кривичниот совет, што значи дека дотогаш Чавков останува во притвор.

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков беше вратен во притвор на 28 март, еден ден откако Врховниот суд го пушти од Истражниот затвор во куќен притвор. Причината за неговото враќање, како што образложија од Кривичниот суд, било тоа што тој самоволно ја сменил локацијата за издржување домашен притвор.


Судот нема повторно да одлучува за притвор на Кочан, туку само за гаранцијата од 900.000 евра


Скопје, 9 јуни, 2017 - 16:09 (META) 

Кривичниот суд денеска појасни дека нема повторно да одлучува за притвор на бизнисменот Сеад Кочан, кој е првоосомничен во случајот „Труст“, туку само за гаранцијата од 900.000 евра што Апелацискиот суд Скопје ја укина и предметот го врати на повторно одлучување.

„Појаснуваме дека неточни се наводите дека првостепениот суд повторно ќе одлучува во однос на предлогот за определување мерка притвор, бидејќи, согласно решението на второстепениот суд, Кривичниот совет при Апелациониот суд ја прифатил жалбата на СЈО и го укинал решението на судијата на претходна постапка само за точка два од решението, односно во делот со кој се определува гаранција во вкупен износ од 875.298.56 евра и предметот, само во однос на оваа точка, се враќа на повторно одлучување. Во однос на точка еден од решението на судија на претходна постапка со која се одбива предлогот на СЈО за определување мерка притвор против осомничениот С.К., како и точка три од решението на судија на претходна постапка со која се определуваат мерки на претпазливост против осомничениот, остануваат непроменето“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје во вторникот, оваа недела ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ја укинал гаранцијата на Кочан, бидејќи тој и неговите адвокати не ги доставиле сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.


Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и ја укина гаранцијата од 900.000 евра на Кочан


Скопје, 8 јуни, 2017 - 20:29 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ја укинал одлуката на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, со која беше прифатена гаранцијата од околу 900.000 евра на бизнисменот Сеад Кочан за да може да се брани од слобода во случајот „Труст“, соопштија од судот.

Одлуката за укинување на гаранцијата, Апелацискиот суд ја донел на седница што била одржана завчера. Кривичниот совет на судот оценил дека не биле доставени сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.

Предметот, како што информираат од Апелацискиот суд, сега се враќа на повторно одлучување кај судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1.

Инаку, Кривичниот суд на средината од минатиот месец го одби барањето на СЈО на Кочан да му биде одреден притвор и го прифати предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, на бизнисменот да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да се јавува еднаш неделно во судот.

Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“, во кој, заедно со уште две лица и со фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“, СЈО го товари дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.

Кривичниот суд во мај вторпат одлучуваше по барањето на СЈО за притвор на Кочан, откако Врховниот суд, постапувајќи по барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичиот совет на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше оредена мерка притвор и по него беше распишана потерница бидејќи беше во бегство.


Нема притвор за Кочан, судот прифати гаранција од 900.000 евра и одземање на пасошот


Скопје, 18 мај, 2017 - 13:43 (META) 

Бизнисменот Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“, нема да оди во притвор и ќе се брани од слобода. Судијата на претходна постапка, како што соопштија денеска од Кривичниот суд во Скопје, го прифатил предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, и донел одлука на Кочан да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да му се наметне обврска да се јавува еднаш неделно во судот.

Судот ваквата одлука ја донел поради влошената здравствена состојба на Кочан, а како неоснован го одбил предлогот на СЈО да му биде одреден притвор на бизнисменот поради опасноста да влијае врз сведоци или, пак, да го повтори делото.

Судијата на претходна постапка, како што соопштуваат од судот, зазел став дека постои основано сомневање дека Кочан го сторил кривичното дело за кое се товари, го зел предвид фактот дека Кочан беше во бегство два месеци, но, како што навел во решението, го прифатил предлогот на обраната за определување гаранција и мерки на претпазливост.

„Во решението, судија на претходна постапка наведе дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денеска, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерки на претпазлиовст“, стои во соопштението.

Специјалното јавно обвинителство, пак, токму од овие причини вчера повторно побара на Кочан да му биде одреден притвор.

Странките во постапката, односно СЈО, има право на жалба на одлуката до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во рок од 24 часа, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, а рок од три дена во однос на определената гаранција и мерки.

Како што информираат од судот, пасошот на Кочан веќе му бил одземен.

Кривичниот суд вчера повторно одлучуваше по барањето на СЈО за притвор на Кочан, откако Врховниот суд пред една недела, постапувајќи по барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичиот совет на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше оредена мерка притвор, и го врати предметот на повторно одлучување.


Иванов повторно го повика Заев да даде гаранции за унитарноста на државата


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:08 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со коалициските партнери, да обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата, а во однос на давањето на мандатот за составување нова влада „ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“.

„Писмото од Собранието на Република Македонија е пристигнато во кабинетот на претседателот на Република Македонија, вчера, на 9 мај 2017 година. Претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалициските партнери ќе обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија. Претседателот Иванов останува на ставот дека такаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејство спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање и за дејствување на влада во Република Македонија. Македонскиот претседател, во однос на определувањето мандат, ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“, соопштиле од кабинетот на Иванов за државната новинска агенција МИА.

Инаку, новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, вчера со писмо повторно го извести претседателот Иванов дека е оформено парламентарно мнозинство.


Верушевски и Лазаревски денеска си одат дома


Скопје, 31 декември, 2015 - 13:47 (META) 

Агенцијата за катастар и за недвижности денеска до Основниот суд Скопје 1 доставила известување дека е заведен под хипотека недвижниот имот што Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски, обвинети во случајот „Пуч“, го понудија како гаранција за излегување од притвор.

По извршените проверки, судот ги доставил известувањето од Агенцијата и правосилната одлука со која притворот на Верушевски и на Лазаревски се заменува со гаранција и со мерки на претпазливост,  до Затворот „Скопје“ за да биде спроведено.

Ова значи дека Верушевски и Лазаревски во текот на денешниот ден треба да го напуштат затворот во Шуто Оризари и да заминат дома.

„До Основниот суд Скопје 1, денеска, 31 декември 2015 година, доставено е известување од Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија за заведен недвижен имот под хипотека во корист на Република Македонија на обвинетите З.В. и Ѓ.Л. за кои Кривичниот совет при овој суд донесе одлука за замена на мерката притвор со гаранција и со определување мерки за претпазливост. По извршените проверки, судот, известувањето од Агенцијата за катастар и недвижности на Р.Македонија и правосилната одлуката на Кривичниот совет, денеска ги достави до затвор „Скопје“, за да биде спроведена“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, за укинување на притворот на Верушевски и на Лазаревски, беше донесена во вторникот оваа недела.


Судот им го укина притворот на Верушевски и на Лазаревски


Скопје, 29 декември, 2015 - 13:53 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го укинал притворот на Зоран Верушевски и на Ѓорги Лазаревски, обвинети во случајот „Пуч“, соопшти попладнево Основниот суд Скопје 1.

Судот ја прифатил предложнета гаранција, како и предлогот на Специјалното обвинителство да им се забрани напуштање на живеалиштето, односно градот Скопје, и привремено да им се одземат патните исправи.

„Постапувајќи по предлозите на обвинетите З.В. и Ѓ.Л. поднесени преку нивните бранители за укинување на мерката притвор или замена на мерката притвор со понудена гаранција, а по прибавено мислење и предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за укинување на мерката притвор предвидена во член 165, став 1, точка 2, а потоа и по член 165, став 1, точка 1 и 3 и да се прифати гаранција предложена од обвинетите преку нивните бранители, како и посебниот предлог на обвинителството за определување мерки за претпазливост, односно: забрана за напуштање на живеалиштето, односно градот Скопје, привремено одземање на патна исправа, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 донесе одлука со која мерката притвор за обвинетите З.В. и Ѓ.Л. се укинува, а предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за прифаќање на предложената гаранција и определување мерки за претпазливост на обвинетите, се уважува“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Оттаму додаваат дека одлуката на Кривичниот совет во текот на денешниот ден ќе биде експедирана до странките во постапката и до затворот „Скопје“.


Хрватскиот Врховен суд му ја укина пресудата на Санадер за случајот „Фими медиа“


Загреб, 1 октомври, 2015 - 18:32 (META) 

Врховниот суд на Хрватска ја укинал неправосилната пресуда против поранешниот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Иво Санадер, за случајот „Фими медиа“, јавува хрватската државна телевизија ХРТ.

По одлуката на Врховниот суд, Санадер може да излезе од притвор доколку плати кауција во износ од 12,4 милиони куни, односно 1,6 милиони евра.

„Пресудата е укината, а притворот, кој е продолжен во случајот „Фими медиа“ поради опасност од бегство, е заменет со гаранција од 12,4 милиони куни“, ја цитира ХРТ изјавата на портпаролот на жупанскиот суд во Загреб, Крешимир Девчиќ.

Врховниот суд одлуката ја донел по тридневно разгледување на жалбите на обвинетиот и на УСКОК во корупцискиот случај „Фими медиа“, во кој поранешниот хрватски премиер со неправосилна пресуда е осуден на девет години затвор и обврска да ги врати незаконски стекнатите 15,2 милиони куни или околу 1,9 милиони евра.

Санадер во моментот се наоѓа во затворот Реметинац единствено врз основа на пресудата во овој случај, односно издржува облигаторен притвор кој според тамошниот закон мора да му се одреди секому кому е изречена неправосилна затворска казна подолга од пет години.