!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почнува „Галичка свадба 2017“, младенците се запознале во Галичник


Галичник, 15 јули, 2017 - 10:52 (META) 

Скопјаните Тања Чаловска и Бошко Лепчески, обајцата со потекло од Галичник, се младенците на „Галичка свадба 2017“ која ќе се одржува овој викенд. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник, каде што утре ќе бидат и венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.

По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Чаловска на свадбата ќе носи носија која е семејно наследство и е стара еден век, а необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми.

Свадбата ќе почне вечерва во 19.30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка, а утре наутро во 9 часот ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде венчавката во црквата „Св. Петар и Павле“.

Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник.

Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“, на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и од Бугарија.


Во Галичник утре почнува 21. издание на Галичката книжевна колонија


Дебар, 22 октомври, 2015 - 16:28 (META) 

Дваесет и првото издание на Галичката книжевна колонија, кое утре и задутре ќе се одржи во Галичник, е посветано на поетот и критичар Тодор Чалоски, кој почина во јуни годинава. На манифестацијата е најавено учество на петнаесетина поети и книжевни критичари.

Колонијата ќе почне со настанот Часослов, на кој учесниците ќе читаат стихови, наменети за поетот Чаловски.

Наредниот ден е предвиден за креативна писателска работилница, каде ќе се промовира стихозбирката на Чаловски, со наслов „Премостување на мигот“.

На дваесет и првото издание на Галичката книжевна колонија првпат ќе почне да се доделува наградата „Тодор Чаловски“. Наградата е најавена како врвно признание од областа на поезијата, критиката и на креативните прозни форми.

Организатор на Галичката книжевна колонија е здружението „Галикул“.


Претстојниот викенд ќе се одржи 42. издание на Галичка свадба


Тетово, 9 јули, 2015 - 14:48 (META) 

Tрадиционалната манифестација Галичка свадба ќе се одржи викендов, на 11 и на 12 јули. На 42. издание на оваа културна манифестација, ќе се венчаат Билјана Гегоска и Филип Белчев, кои потекнуваат од мијачкиот крај.

Билјана, по потекло е од Галичник, има 29 години и е правник по професија. Филип има 26 години и е професор по македонски јазик.

Галичката свадба ќе почне со музички перформанси од зурли и од тапани в сабота, околу 11 часот. Потоа вечерта, пред домовите на невестата и на младоженецот, следуваат повеќе свдбарски обичаи, а утредента на празникот Петровден, младенците ќе се венчаат во храмот „Свети Петар и Павле“.

Како и изминативе години, и годинава се очекуваат голем број гости, кои ќе имаат можност да ги проследат свадбарските адети на Галичник.

Со Галичката свадба се означува почетокот на Галичко културно лето.