Меркел и Ердоган вчера во Кина разговарале за имплементација на договорот со ЕУ


Хангжу, 4 септември, 2016 - 16:51 (META) 

Првата средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по обидот за воен удар на 15 јули, мина во контруктивна атмосфера, информираа денеска од прес-службата на германската влада.

Меркел и Ердоган се сретнале ноќеска, по европско време, на маргините на Г20-самитот во кинескиот град Хангџоу.

Како што информираше портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, Меркел и Ердоган разговарале за германско-турските односи, за понатамошна имплементација на договорот ЕУ – Турција за бегалците, како и за заемните грижи во врска со граѓанската војна во Сирија.

Според Зајберт, дискусијата била конструктивна, а германската канцеларка по средбата најави добри вести за прашањето во врска со визната либерализација за турските граѓани кои патуваат во ЕУ, како и за посетата на германски парламентарци кои не можат да добијат дозвола за влез во воената база Инџирлик, каде се сместени германски војници.


Лавров: Можен состанок за Украина на маргините на самитот на Г20


Москва, 9 август, 2016 - 13:42 (META) 

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров соопшти дека на маргините на дводневниот самитот Групата 20 најразвиени држави и држави со забрзан развој (Г20) во кинескиот град Хангжу, можно е лидерите на Русија, Украина, Франција и Германија да имаат состанок посветен на мировниот процес во Украина.

Рускиот министер соопшти дека иницијативата за средбата дошла од Киев и додаде дека Москва е подготвена за вакви разговори во Кина.

Самитот на Г20 во Хангжу треба да се одржи на 4 и 5 септември.


Путин прв замина од Австралија за да се наспие


Бризбен, 16 ноември, 2014 - 9:44 (META) 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, утринава замина од Австралија, веднаш по завршувањето на самитот Г20 на кој беше изложен на остри критики од Западот.

Путин навел дека заминал порано од планираното бидејќи му било потребно да се наспие. Рускиот лидер отпатува за Москва пред објавувањето на завршното соопштените од самитот на 20 најголеми светски економии, но присуствуваше на завршниот ручек и ги поздрави „конструктивните разговори“.

Претходно еден руски претставник изјави дека Путин планира да го прескокне работниот дел од самитот и порано да го напушти Бризбен, откако се нашол под притисок поради Украина. Кремљ подоцна ги демантираше ваквите информации.

Путин, на прес-конференцијата, по која замина за Москва, го пофали австралискиот премиер Тони Абот за гостопримството и рече дека „постои добра шанса за решавање на украинската криза“.

Рускиот претседател, во изјава за агенцијата „РИА Новости“, рече дека одлуката прв да го напушти Бризбен нема никаква врска со тензиите на самитот околу Украина, туку со тоа што сакал да се наспие и да се подготви за следниот работен ден во Москва, кој е преполн со настани.

– Од Бризбен до Владивосток ќе летаме девет часа, а потоа уште толку од Владивосток до Москва. Потоа ми следи враќање на работа во понеделник. Морам да се наспијам најмалку четири до пет часа – рече рускиот претседател.

– Некои од нашите ставови не се совпаѓаат, но разговорите беа сеопфатни, конструктивни и многу помогнаа – рече Путин, додавајќи дека главна тема на билатералните средби била кризата во Украина и санкциите што Западот ги воведе кон Русија.


Абот: На светот му се потребни два билиони долари за БДП


Бризбен, 15 ноември, 2014 - 16:54 (META) 

Премиерот на Австралија, Тони Абот, е уверен дека лидерите на Г20 ќе го исполнат ветувањето за издавање дополнителни 2.000 милијарди (2 билиони) долари за глобалниот домашен бруто-производ (БДП).

Според Абот, тоа ќе овозможи слободна трговија и зголемување на инвестициите во инфраструктурата.

Абот, кој е домаќин на дводневниот самит Г20 најразвиени земји во светот, рече дека би требало во следните пет години да се отворат неколку милиони нови работни места во светот и оти глобалниот БДП ќе се зголеми за повеќе од два отсто во тој период.

– Очекуваме неколку милиони нови работни места. Сакаме уште послободна трговија и уште поголема инфраструктура – рече Абот.

Земјите Г20, кои претставуваат 85 проценти од светската економија, се наоѓаат под притисок конечно да преземат конкретни мерки бидејќи, според аналитичарите, собирите на овие земји често завршуваат со „нејасно одредени цели“.


Тензични односи на почетокот на Г20 во Австралија


Бризбен, 15 ноември, 2014 - 11:24 (META) 

Дводневниот самит Г20 на економски најсилните земји во светот, минува во знакот на дипломатска војна меѓу Русија и Западот поради кризата во Украина.

Неколку западни земји синоќа ја критикуваа Русија, а најгласен во тоа беше американскиот претседател Барак Обама, кој изјави дека САД се противат на „Руската агресија во Украина, бидејќи тоа претставува закана за целиот свет“.
Домаќинот на самитот, австралискиот премиер Тони Абот, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да ја обнови „изгубената слава на царска Русија и на Советскиот Сојуз“, додека британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека Русија „сака да ги напаѓа помалите земји“.

Абот, кој утринава ги прими своите колеги од Г20, се обиде да ги ублажи тензиите во Бризбен, градот каде траат протести против собирот, молејќи ги лидерите меѓусебно да си се обраќаат по име, а не по презиме, за да се создаде „потопла атмосфера“.

– Би било убаво да се викаме по име, бидејќи без разлика на нашите несогласување, сметам дека треба меѓу нас да постои човечка топлина – рече Абот.

Покрај односите меѓу Русија и Западот, на официјалниот дневен ред се поттикнувањето на економскиот раст во светот, зголемување на довербата во банкарскиот систем и спречување на мултинационалните компании да го избегнуваат плаќањето данок.

Покрај лидерите-членки на Г20, на собирот учествуваат и министрите за финансии и гувернерите на националните банки на 19 земји – Аргентина, Австралија, Бразил, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Африка, Канада, Кина, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, САД, Турција, Велика Британија, како и гувернерот на Европската централна банка.