Казахстан предлага „исламски Г-20“


Астана, 10 септември, 2017 - 16:20 (META) 

Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев денеска излезе со иницијатива петнаесетте најразвени држави од Организацијата за исламска соработка да создадат форум за развој на науката и економијата налик на Г-20.

Назарбаев предлогот го даде на самитот за наука и технологија на ОИС во Атана, јави ТАСС.

– Сметам дека треба да создадеме форум, како Г-20, неофицијална група за развој на науката и на економијата во исламскиот свет. Од развиените 15 држави во ОИС може да се создаде организацијата ОИС-15. Развојот на науката и на технологијата е мошне важен за нас – смета Назарбаев.


Трамп: Двапати го притиснав Путин за мешањето во нашите избори, тој негираше


Вашингтон, 9 јули, 2017 - 17:47 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека дошло време да се почне конструктивна соработка со Русија, по неговиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г20 во Хамбург.

Трамп на својот твитер-профил напиша дека во Хамбург двапати извршил „силен притсок“ на Путин во однос на наводното руско мешање во минатогодишните американски претседателски избори, наведувајќи дека рускиот претседател „остро ги отфрлил“ заклучоците на американските разузнавачки служби по тоа прашање.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на новинарите во Хамбург им изјави дека Трамп го прифатил уверувањето дека Русија не се мешала во американските избори.

Претседателот на САД претходно оцени дека Русија најверојатно се мешала во американските претседателски избори, но дека тоа го правеле и други земји.


Путин денеска ќе се сретне со Макрон, Меркел, Ердоган и со Јункер


Хамбург, 8 јули, 2017 - 12:35 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Хамбург ќе има низа билатерални состаноци на маргините на самитот на Групата 20 индустриски развиени земји – Г20.

Путин најпрво ќе разговара со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со германската канцеларка Ангела Меркел, а потоа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Русија и САД вчера постигнаа договор за примирје на југозападот на Сирија како еден од резултатите на првиот состанок на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин.


Меланија Трамп „заробена“ во вила во Хамбург поради демонстрациите против Г20


Хамбург, 7 јули, 2017 - 20:25 (META) 

Првата дама на САД, Меланија Трамп, останала заробена во луксузната вила-хотел во Хамбург, поради насилните демонстрации против самитот на Г20, кој денеска почнува во северниот германски град.

Меланија Трамп требало да учествува на настан за партнерите на лидерите што присуствуваат на самитот, а бил организиран од Јоаким Сауер, сопругот на германската канцеларка Ангела Меркел.

Сепак, поради насилните протести, не било дозволено првата дама на САД да излезе од вилата каде е сместена делегацијата што го придружува американскиот претседател.


Трамп и Путин се поздравија, но подоцна ќе имаат тет-а-тет средба


Хамбург, 7 јули, 2017 - 14:50 (META) 

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, денеска во Хамбург, на самитот Г20, првпат се сретнаа во живо и се ракуваа, соопшти Кремљ.

– Тие се ракуваа и еден на друг си рекоа дека подоцна ќе се состанат одвоено – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во Хамбург и понатаму траат протестите. Демонстрантите се собрале пред хотелот во кој се наоѓа првата дама, Меленија Трамп.

Според новите информации, повредени се 159 полицајци, а уапсени се 45 лица.


Хаос во Хамбург во пресрет на самитот на Г20


Хамбург, 7 јули, 2017 - 10:17 (META) 

Во немирите што избија во Хамбург во пресрет на денешниот состанок на лидерите на 20 најразвиени земји во светот, повредени се 76 лица и голем број демонстранти, соопшти локалната полиција.

Ниту еден полицаец не е потешко повреден, а засега не е познат точниот број на повредени демонстранти.

Во протестите кои беа најавени како мирни, според процените на полицијата, учествувале 12.000 лица, а проблем направила група од околу 1.000 анархисти, кои почнале да фрлат шишиња, камења и петарди кон полицијата.
Безбедносните сили одговориле со водени топови и со солзавец, а немирите бргу се прошириле на повеќе локации во градот.

Неколку возила се запалени, оштетени се излози на продавници и на бакни, а на повеќе места се подигнати барикади.
Демонстрациите кои го организираат антикапиталистички организации ќе бидат одржани и денеска, а ќе ги надгледуваат околу 20.000 полицајци.


Путин и Трамп ќе се сретнат на 7 јули во Хамбург


Москва, 4 јули, 2017 - 14:20 (META) 

Состанокот на рускиот претседател Владимир Путин и со неговиот американски колега, Доналд Трамп, е закажан за 7 јули, на маргините на самитот Г20, во германскиот град Хамбург, соопшти денеска претставник на Кремљ.

– Договорена е средба за 7 јули – рече Јури Ушков, советник на рускиот претседател за надворешна политика.

Претставници на Кремљ претходно рекоа дека нема планови за средба меѓу Путин – Трамп надвор од рамките на самитот Г20.

Светските лидери на 7 и на 8 јули се состануваат во Хамбург, поради што германските власти презедоа засилени мерки на безбедност, особено бидејќи се проценува дека на протестот поради самитот ќе учествуваат околу 8.000 лица, кои би можеле да предизвикаат немири.


Путин и Трамп ќе се сретнат следната недела на самитот на Г20


Москва, 28 јуни, 2017 - 19:36 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп најверојатно ќе се сретнат следната недела, за време на самитот на Г20 во Хамбург.
Ова го потврди рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

– Претпоставуваме дека ќе се сретнат, со оглед на тоа дека двајцата претседатели ќе бидат во ист град во исто време, во иста зграда и во ист хол. Не би било во ред ако нема можност да поразговараат за многу работи – изјави Лавров.

Ситуацијата во Сирија и во Украина нема да биде една од темите за кои двајцата претседатели би можеле да разговараат, додаде Лавров и рече дека фокусот на средбата ќе биде на нормализација на односите помеѓу Русија и САД.


Меркел и Путин се сретнаа во Сочи


Сочи, 2 мај, 2017 - 15:44 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел допатува во Сочи, на својата прва посета на Русија по две години, за да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

Темите за кои ќе разговараат се претстојниот самит Г20, но и ситуацијата во Украина, Сирија и во Либија, како и билатералните односи.

Портапролот на германската влада, Штефeн Зајберт, претходно изјави дека Меркел и Путин ќе имаат две рунди разговори.

Меркел и Путин последен пат се состанаа во ноември 2016 година во Берлин, кога се разговарало за кризата во Источна Украина.


Состанок меѓу Путин и Трамп е можен пред самитот Г20, информира Кремљ


Москва, 30 јануари, 2017 - 19:39 (META) 

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да се сретне со неговиот американски колега, Доналд Трамп, пред самитот Г20 во јули.

Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјави дека телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп во саботата поминал добро, но дека тешко може да се говори за каков било договор во врска со санкциите.

– За почеток мораме да одредиме датум и време за состанокот помеѓу двајцата претседатели – изјави Песков, додавајќи дека на тоа се работи и дека состанокот би можел да се одржи пред самитот Г20, кој е закажан за 7 и 8 јули во Хамбург.

Песков додаде дека заедничката борба против тероризмот, мерките за одржување на стратешка стабилност, решавањето на регионалните конфликти и развојот на билатералните односи може да станат „точки на согласност“ во односите помеѓу Русија и САД.