Хан: Несоодветно е претседател да одбие разговор со премиер, треба одговорност


Брисел, 14 јуни, 2018 - 9:32 (META) 

Несоодветно е за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака, вели еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, во интервју за МИА.

„Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Ова не е прашање на прифаќање, но во демократија може да очекуваме да се слушаат луѓето меѓусебно и да дискутираат и не треба да се заборави дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на функцијата“, вели Хан.

Тој и порачува на опозицијата дека треба внимателно да го простудира договорот.

„Треба да дискутира со Владата, зборуваме за тема која е од национален интерес, има непосреден ефект врз иднината на земјата и нејзината евроатлантска перспектива. Тоа не беше мала пречка, тоа беше планина и сега таа е отстранета. Се разбира, не сакам да го проценувам исходот на овој договор, но таква е природата на преговорите и на компромис, секој треба да отстапи, но генерално се чини дека исходот е доста поволен за вашата земја. Но уште еднаш, ова треба да биде проценето од сите, мое скромно барање е дека секој треба да е свесен за историската димензија и долгорочниот импакт врз развојот на оваа земја и условите на живот и можностите за нејзините граѓани“, додава Хан.

Во однос на одлуката на Советот за старт на преговорите во јуни, Хан очекува дека „ако се ова сега е потпишано и договорено, дека ќе има импакт во заклучоците на Советот.

Очекува, по препораката за преговори, да почнат подготовките за старт на преговори.

„Ништо не можам да гарантирам стопроцентно. Секогаш сум многу внимателен кога треба да се вети нешто, но имам многу, многу добро чувство, а обично можам да им верувам на моите чувства“, додаде тој.


Фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од министерот Спасовски за изјавата на Хоџа


Скопје, 9 мај, 2018 - 9:55 (META) 

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ангажирањето на Џезаир Шаќири-Хоџа за советник ја сметаат за контроверзна и бараат да си поднесе оставка.

„Што е контроверзно во изборот на Џезаир Шаќири-Хоџа за советник во премиерскиот кабинет? – праша вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Министре Спасовски, контраверзно е тоа што вие како министер во владата на Зоран Заев и ние како држава се досега немавме контрола на дел од територијата на Македонија, а молчевте и криевте од јавноста. Контраверзно е дека ангажирањето на Хоџа е резултат на политички договор, вие него да го ставите поблиску до премиерот Заев, а тој да го ослободи селото Танушевци. Контраверзно е што направивте гола трампа. Функција во замена за ослободена и досега неконтролирана територија. И не е само што е контраверзно, министре Спасовски, туку е жално и срамно. Затоа е најдобро сега кога имате компетентен советник за безбедност и радикализам во кабинетот на премиерот Вие како некомпетентен и некадарен да си поднесете оставка и да заминте од функцијата. По можност во пакет со премиерот“, се вели во соопштението на партијата.

Од таму потсетуваат дека „постои меѓународна потерница од страна на Србија за поранешниот командант на ОВК, Џезаир Шаќири Хоџа кој е под обвинение дека е еден од организаторите за нападот на преминот Доброшин кај Прешевската долина, но и дека тој се наоѓа на црната листа на САД.“

„Исто така сакаме да го потсетиме министерот и премиерот дека кондовецот Агим Красниќи и неговата дружина кои своевремено се закануваа дека ке го гранатираат Скопје за возврат не добија функци, туку вкупно 53 години затвор за злосторничко здружување и поседување оружје“, се додава во соопштението.


Декларацијата против корупција е поддржана од 61 носител на функција


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:34 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права информира дека до денеска, Декларацијата за борба против корупцијата ја потпишале 61 носител на функција.

Од таму додаваат дека оваа Декларација до сега е потпишана од страна на Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, специјална јавната обвинителка, Катица Јанева, 18 министри и еден заменик-министер во Владата, градоначалникот на Градот Скопје и градоначалниците на 35 општини.

„Преку потпишување на Декларацијата, носителите на највисоките функции во извршната власт на централно и локално ниво, како и највисоките претставници на двете обвинителства во земјата ја изразија нивната безрезервна поддршка во борбата против корупцијата. Оваа нивна активност следуваше по иницијатива на Хелсиншкиот комитет кој Декларацијата ја достави до сите релевантни чинители во државата“, се додава во соопштението на Хелсиншки комитет за човекови права.


Алаѓозовски ги деградира професионалците во областа на културата, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 26 јули, 2017 - 15:52 (META) 

Бесрамната партизација на институциите што СДС ја применува го достигна дното со именувањето на Сашо Тасевски за директор на Драмски театар, изјави на прес-конференција Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, покажал дека не е заинтересиран за професионалците во областа на културата зашто ги отпуштал или ги деградирал.

– Не е заинтерсиран за културните дејци, нив ги навредува со укинување на признанијата, ама затоа е подготвен да наградува ликови како Сашо Тасевски со позиции, ликови чиј најголем дострел е безобразен статус на „Фејсбук“ или лична навреда упатена кон ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно, во културата, како и општо во секоја друга област, СДС се води од максимата кој повеќе плукал, навредувал и омаловажувал, тој да биде награден со повисока функција. Институциите СДС ги гледа како можност да ги вдоми партиските војници, комичарите, твитер-ликовите и другите шарени револуционери, на сметка на професионалноста – изјави Затуроска.


Жарко Луковски заминува од „Македонски телеком“


Скопје, 15 јуни, 2017 - 11:49 (META) 

Извршниот член на одборот на директори во функција на главен оперативен директор на „Македонски телеком“, Жарко Луковски, ќе ја продолжи својата кариера надвор од компанијата поради завршување на неговиот менаџерски договор заклучно со 30 јуни, информираат од компанијата.

На негово место доаѓа Назим Буши, досегашниот заменик-претседател на одборот на директори на „Македонски телеком“. Тој ќе ја извршува функцијата во временски период до три месеци, почнувајќи од 1 јули 2017 година.

Луковски беше на највисоки раководни позиции во компанијата од 2006 година. Во 2010 година назначен е за главен извршен директор на „Ти-мобајл Македонија“, а во 2015 г. за главен оперативен директор на „Македонски телеком“.

 


Братислав Гашиќ е нов шеф на Безбедносно-информативната агенција во Србија


Белград, 22 мај, 2017 - 14:35 (META) 

Поранешниот министер за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ ќе биде новиот шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА), потврдил денеска премиерот во заминување и избраниот претседател, Александар Вучиќ.

„Гашиќ издржа една и пол година без ниту една функција, не беше присутен во јавноста и плати скапа цена поради еден инцидент“, одговори Вучиќ на прашање на новинарите.

Гашиќ од местото на министер за одбрана беше сменет во февруари 2016 година, поради сексистички пораки упатени кон новинарката на телевизијата „Б92“.

Вучиќ изјавил и дека должноста претседател на Србија ќе ја преземе на 30 или 31 мај, а инаугурацијата ќе биде околу 20 јуни. Името на мандатарот за составот на новата влада ќе биде познато околу 13 јуни.


Вељаноски на „Фејсбук“: Немаше никакво примопредавање на функцијата на Џафери


Скопје, 5 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој беше и претседавач со конститутивната седница по изборите, на својата фејсбук-страница напиша дека немало примопредавање на функцијата помеѓу него и новоизбраниот претседател, Талат Џафери.

„Не, немаше никакво примопредавање на нелегитимно и неуставно избран претседател на Собранието“, напиша Вељаноски, како коментар на споделеното соопштение од Собранието за првиот работен ден на Џафери како претседател на законодавниот дом.

Вељаноски беше претседател на Собранието речиси осум години. Тој на функцијата стапи на 21 јуни 2008 година по одржаните парламентарни избори и како претседател на законодавниот дом се води сè до 30 декември 2016 година, кога се одржа првото продолжение на конститутивната седница.

Тој изминатите два месеци ја имаше улогата претседавач со Собранието, сè до изборот на Талат Џафери на 27 април, кога група граѓани насилно упаднаа во Собранието и повредија неколку пратеници и новинари.


Заев се повлекува од градоначалник поради „заминување на друга функција“


Струмица, 22 декември, 2016 - 21:08 (META) 

Градоначалникот на Општина Струмица и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на денешната седница на Советот на Општината најавил дека се повлекува од функцијата градоначалник поради заминување на друга функција.

Заев не кажал на која функција заминува, а на седницата на Советот, на која денеска се расправало за буџетот на Општината, тој соопштил дека за заменик-градоначалник ќе го именува советникот во Советот, Костадин Костадинов.

„Ова е моја последна седница на Советот на Општина Струмица …Во следните денови настапува престанок на функцијата градоначалник поради мое заминување на друга функција и согласно законот сакам да ги информирам советниците, медиумите и граѓаните дека во наредните денови ќе именувам заменик-градоначалник. За заменик го номинирам советникот Костадин Костадинов кој ќе ја извршува работата согласно законот до поставувањето на вршител на должност градоначалник на Општина Струмица до изборите“, изјавил Заев, пренесува „24 Вести“.

Оставка од функцијата советник во Советот на Општина Струмица си поднела Катерина Кузмановска, која беше и заменик- градоначалник, како и советникот Коста Јаневски, поради освоените пратенички мандати во Собранието на Република Македонија на предвремените парламентарни избори, а на нивните места се верификувани мандатите на Фатмаѓул Аџи и Бранко Божинкочев.

Зоран Заев во четвртата изборна единица освои пратенички мандат во Собранието како носител на кандидатската листа на коалицијата предводена од СДСМ, а сè почести се и неговите изјави дека ќе биде мандатар за составување на новата влада.


Јанкуловски: Како нов ректор, немам лесна задача, туку голема обврска


Скопје, 14 септември, 2016 - 14:38 (META) 

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски, од денеска и официјално е новиот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тој оваа функција ќе ја извршува во наредните четири години, со можност за реизбор.

Јанкуловски на 27 јуни беше избран за ректор на УКИМ откако освои 43 гласа, наспроти неговиот противкандидат, професорот Ненад Новковски, кој освои шест гласа.

Тој на денешната свеченост по повод неговата инаугурација, вети дека и во иднина УКИМ ќе биде најдобар универзитет во Македонија.

– Како 23. ректор, немам лесна задача, туку голема обврска. Овој пат што ми претстои ќе биде вистински само ако го одиме заедно. Сите треба да го направиме Универзитетот уште позначаен и посилен, а тоа е повеќенасочна одговорност. Нашиот влог во иднината е премногу голем и значен и наша стратешка обврска е перманентен развој. Ве повикувам на конструктивна соработка за Универзитетот и во иднина да продолжи да се зајакнува и да предничи во државата – рече Јанкуловски.

Тој не сакаше да коментира за обвинувањата на „Студентски пленум“ за нелегитимноста на претставниците на СПУКМ, ниту, пак, за полициската акција „Еразмус“ во која осомничени се шест професори на Економски факултет. Јанкуловски рече дека не е запознаен со таа проблематика која се случила пред неговата инаугурација и дека допрва треба некои работи да се решаваат.

Новиот ректор ја презеде функцијата од Велимир Стојковски, кој им се заблагодари на сите проректори, декани, професори, соработници и на студентите, а на Јанкуловски и на проректорите им посака здравје, енергија, мудрост и трпение.


Ердоган ја прифати оставката на Давутоглу


Анкара, 9 јуни, 2015 - 21:00 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја прифати оставката на премиерот Ахмет Давутоглу, по парламентарните избори кои во неделата се одржаа во Турција, но ќе продолжи да ја извршува функцијата сè до формирањето на новата влада, соопштија од кабинетот.

Давутоглу се сретна со Ердоган во претседателскиот дворец во Анкара, за да ја разгледаат иднината на владата откако владејачката Партија на правдата и напредокот го загуби мнозинството во парламентот.

На 25 јуни новите членови на парламентот треба да положат заклетва. Турција има 45-дневен рок да состави влада, а во спротивно, претседателот треба да објави предвремени избори.