!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Спотот на ФФМ за Суперкупот на УЕФА како реклама за „Скопје 2014“


Скопје, 3 јули, 2017 - 14:01 (META) 

Натпреварот од Суперкупот на УЕФА, кој на 8 август во Скопје ќе го играат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, повторно ја подгреа страста кај вљубениците во фудбалот, откако медиумите информираа дека „УЕФА го објавила“ промотивниот видеозапис.

На јутјуб-каналот на УЕФА, пак, како и на нејзината веб-страница нема тако нешто. Последната информација на веб-страницата на Унијата е објавена на 17 јуни, а вели дека во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, но – видеозаписот го нема.

Тој е објавен од Фудбалската федерација на Македонија, која, иако членка на УЕФА, сепак не ја претставува целата европска фудбалска федерација.

Видеозаписот, инаку, е во манирот на класичните промоции за телевизиската публика веќе видени во изминатава деценија, кога се промовираше Македонија како туристичка дестинација или винските ресурси на Македонија, но за разлика од тие спотови, овојпат доминираат градбите од „Скопје 2014“.

Во видеозаписот е претставена и Националната арена „Филип Втори“, каде би требало да се игра натпреварот, ама претежно се гледаат Матка, Скопје од Водно, но и споменикот на Филип Втори, Владата, Милениумскиот крст, црквата „Свети Спас“, кадри од центарот на градот… Во втората половина следува поопсежно претставување на стадионот, испресечено со кадри од Порта Македонија, Археолошкиот музеј, и т.н. сува фонтана на плоштадот Македонија.