Од пештерата во Тајланд спасени и последното момче и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 14:20 (META) 

Специјалците „фоки“ од тајландската Воена морнарица предмалку соопштија дека од пештерскиот систем, каде беа заглавени од 23 јуни годинава, се спасени и последното момче и тренерот.

Излегувањето од отворот на пештерите Там Луанг на нуркачите и на момчето, беше поздравено со бурен аплауз и френетични извици. Четиримина нуркачи остануваат внатре во пештерите „за секој случај“, велат од тајландската армија, иако со сигурност се знае дека сите заглавени се спасени, а се водеше евиденција и за нуркачите.

Тие ќе бидат пренесени в болница, каде ќе бидат под лекарска нега и набљудување во следните денови.

Првите четири момчиња беа спасени во неделата, а четири во понеделникот, а другите денеска.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување во изминативе три дена, двајца нуркачи придружуваа а по едно момче и го носеа неговиот канистер со кислород, а момчињата беа со  нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Познатиот бизнисмен Илон Маск понуди и специјална капсула за спасување, во која момчињата би биле затворени, но беше избрана погоре наведената варијанта.

Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат или да ги повредат нуркачите.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие оделе сè подалеку и не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


Се чека од пештерата во Тајланд да се спасат последните две момчиња и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 12:55 (META) 

Од пештерскиот систем Там Луанг во Тајланд, во кој беа долго заглавени, денеска се извлечени уште две момчиња, и сега внатре се уште две и нивниот тренер, јавија светските агенции.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување, двајца нуркачи придружуваат едно момче и го носат неговиот канистер со кислород, а момчињата имаат нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


 


Пронајден уште еден преживеан фудбалер, 75 загинати во падот на бразилскиот авион


Медељин, 29 ноември, 2016 - 13:28 (META) 

Колумбиската полиција соопшти дека 75 лица загинаа во падот на авионот кој ги превезувал фудбалерите на бразилскиот клуб „Шапикоенсеа“.

Полицијата претходно соопшти дека загинале 76 лица, но, според новите информации, падот го преживеал уште еден патник, фудбалерот Хелио Зампијер Нето.

Авионот со 81 патник и членови на екипажот, кој патувал од Барзил кон Колумбија, се урна во близина на градот Медељин.

– Ова е ужасна ситуација. Мораме да потврдиме дека авионот со фудбалерите се урнал. Ова се многу тажни вести. Наше сочувство до семејствата на жртвите и на пријателите – изјави Федерико Гутиерез, градоначалник на Медељин.

Авионот тип „аероспејс 146“ полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно застанување во Санта Крус де ла Сијера во Источна Боливија, од каде се упатил кон Колумбија.

Фудбалерите од тимот „Шапикоенсеа“ утре требаше да играат во финалето на Купот на Америка. Меѓу патниците имало и новинари, како и стручниот штаб на тимот. Причината за падот на леталото не е позната, но во тоа време, според новинските агенции, во тој регион имало големо невреме.

Финалето на Купот на Америка е откажано.


Во Колумбија се урна авион со бразилски фудбалски тим


Медељин, 29 ноември, 2016 - 10:10 (META) 

Авион со 81 патник и членови на екипажот кој патувал од Бразил кон Колумбија се урна во близина на градот Медељин. Во тек е акција за спасување, а дел од медиумите јавуваат дека има шестмина преживеани.

Во авионот се наоѓале фудбалери на бразилскиот клуб „Шапикоенсеа“. Причината за падот сè уште се утврдува, иако постојат сомневање дека до трагедијата дошло затоа што авионот останал без гориво.

Најмалку десет лица се повредени и префрлени во болница, јавуваат претставници на спасувачките служби, а точниот број на загинати сè уште не е познат. Акцијата за спасување ја отежнуваат лошите временски услови, а пристапот до местото на падот на авионот е можен единствено преку копно.

Во авионот се наоѓале 72 лица и девет членови на екипажот. Колумбиските медиуми пренесуваат дека во авионот се наоѓале 22 фудбалери, осум функционери на клубот, тројца гости и 21 новинар.

Авионот тип „аероспејс 146“ полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно застанување во Санта Крус де ла Сијера во Источна Боливија, од каде се упатил кон Колумбија.

Со истиот авион овој месец патуваа и фудбалерите на националниот аргентински тим.
Бразилските медиуми пренесуваат дека авионот изгубил контакт со контролата на летање нешто по полноќ по локално време и дека се урнал неколку моменти пред да слета.


Фудбалер на ФК „Силекс“ осомничен за местење натпревар


Скопје, 2 јули, 2015 - 12:52 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) до скопското Основно јавно обвинителство поднело кривична пријава против С.В. (26) од Кочани, фудбалер во фудбалскиот клуб „Силекс“ од Кратово, кој се товари за местење натпревар.

Како што информираат од МВР, фудбалерот е осомничен за неовластено давање подароци.

Според полицијата, осомничениот на четворица свои соиграчи им ветил награда од 1.200 евра, за секој од нив, ако нивниот тим „Силекс“ го загуби натпреварот против тимот на ФК „Металург“, одигран на 18 мај оваа година.

За случајот, како што информираат од МВР, тие биле известени на 23 мај и уште наредниот ден извршиле разговори со четворицата соиграчи на осомничениот, во просториите на полициската станица во Кратово.

– Истите дале речиси идентично појаснување околу натпреварот одигран на 18 мај, помеѓу екипите на ФК „Металург“ и ФК „Силекс“, односно дека пред одигрувањето на натпреварот, пријавениот им понудил парични средства во износ од 1.200 евра за секој од нив, за да одиграат под своите реални можности за да го изгубат натпреварот. Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и, според нивно кажување, одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3 – 1 во корист на ФК „Силекс“- стои во соопштението на МВР.

Играчите пред полицијата рекле дека на 21, 22 и на 23 мај, тие биле контактирани од осомниениот, кој им рекол дека треба заедно да одат во Пробиштип и таму да се сретнат со четири лица, од кои двајца зборувале на македонски, а другите двајца на бугарски јазик.

„Од разговорот и од самиот настап на четирите лица, фудбалерите дошле до заклучок дека целиот проблем е во врска со одиграниот фудбалски натпревар со екипата на ФК „Металург“, односно едно од лицата се пожалило дека се обложувало на наведениот натпревар, изгубило околу 40.000 евра. Поради губењето на парите од обложувањето, од четворицата фудбалери побарале да им исплатат 15.000 евра, а остатокот од 25.000 евра да им го исплати пријавениот. Притоа на средбата им биле упатени и сериозни закани доколку не биде извршена исплата на паричните средства“, велат од МВР.

Четворицата фудбалери на 22 мај, откако зеле плата, им ги дале бараните пари на лицата, кои, пак, им кажале дека со нив веќе немаат ништо, а „целиот проблем околу настанатата ситуација ќе го решаваат со пријавениот, кој со нив се договарал и гарантирал за конечниот резултат на натпреварот“.

Од МВР информираат дека продолжуваат со истрагата околу случајот и „утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и евентуалната вмешаност и на други лица“.


Младите фудбалери свечено пречекани во Белград


Белград, 23 јуни, 2015 - 12:18 (META) 

Младинската фудбалска репрезентација на Србија беше свечено пречекана по освојувањето на Мундијалот, а настанот го пренесоа бројни светски медиуми.

Илјадници луѓе пред Собранието во Белград ги поздравија младите шампиони, победници на турнирот во Нов Зеланд.

Србија беше единствена европска селекција што стигна до полуфинале, па во борбата за трофеј со 2:1 го совлада петкратниот светски шампион, фудбалерите на Бразил.

– Околу 50.000 луѓе беа на улиците низ центарот на Белград, фудбалерите беа пречекани како херои по победата над Бразил. Навивачите запалија факли и со знамиња направија неповторлив амбиент за младите фудбалери – пренесува „Дејли мејл“.


Пронајдени напаѓачите на автобусот на „Фенербахче“


Истанбул, 7 април, 2015 - 11:48 (META) 

Турската полиција во Трабзон уапсила двајца осомничени за пукањето во автобусот со фудбалерите на клубот „Фенербахче“. Ова го потврди и локалниот гувернер.

„Двајца осомничени се уапсени и се на испитување“, соопшти гувернерот Адил Џелил Ез.

Едниот од приведените пукал кон автобусот, а вториот бил негов соучесник, кој му го најавил пристигнувањето на автобусот на автопатот. Според турските медиуми, и двајцата осомничени ги отрфрлиле обвиненијата.

Нападот се случи во саботата, кога играчите се враќале во Истанбул по победничкото гостување на „Ризеспор“. Играчите од градот Ризе тргнале на аеродром кон градот Трабзон.

Единствен повреден во нападот беше возачот на автобусот, кој сега е во стабилна состојба.

Од клубот вчера соопштија дека нема да играат сè додека случајот не се реши целосно и додека не се најдат сторителите.

Фудбалската федерација на Турција поради инцидентот, одлучи една недела да го запре домашното првенство.


Барселона нема да може да купува фудбалери


Барселона, 30 декември, 2014 - 11:33 (META) 

Каталонскиот клуб дефинитивно нема да може да купува фудбалери во 2015 година откако судот за спортска арбитража ја одби жалбата на Барселона на казната на ФИФА, а останува и паричната казна од 450.000 швајцарски франци.

„Судот за спортска арбитража ја одби жалбата на ФК Барселона вложена на 19 август 2014 година, која се однесува на Дисциплинската комисија на ФИФА. Поради оваа одлука, шпанскиот клуб е казнет со забрана за трансфери во следните два преодни рокови, парична казна од 450.000 франци и укор поради нарушените прописи на ФИФА“, стои во соопштението на Судот за спортска арбитража.