!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Улиците околу градскиот стадион ќе бидат затворени од 15 часот


Скопје, 11 јуни, 2017 - 10:50 (META) 

Министерството за внатрешни работи информира дека од 15 часот ќе воведе посебен сообраќаен режим на возила и на движење на пешаците во непосредна близина на Градскиот парк во Скопје.

Ограничувањето на движењето ќе биде поради одигрувањето на меѓународниот фудбалски натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и на Шпанија со почеток во 20.45 часот.

„Ќе биде ограничено движењето на возилата по булеварот Илинден и по улиците Ристо Шишков, Аминта Трети, Наум Наумовски-Борче, како и по сервисните улици во Градски парк околу фудбалскиот стадион. Ограничувањето нема да важи само за возила кои имаат акредитација за движење по горенаведените сообраќајници за влез кон фудбалскиот објект, а во однос на пешаците ограничувањето нема да важи само за лица кои поседуваат билети за фудбалскиот натпревар“, велат од МВР.


Зголемени безбедносни мерки на фудбалскиот меч Албанија – Израел


Тирана, 12 ноември, 2016 - 10:59 (META) 

Албанската полиција соопшти дека повеќе од 2.000 припадници на специјалната полициска единица „Ренеа“ и единицата за брза интервенција се ангажирани за безбедноста на квалификацискиот меч за Светското фудбалско првенство меѓу Албанија и Израел, откако претходно беа уапсени 15 лица осомничени за организирање терористички напад, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Натпреварот требаше да се одигра на стадионот во северниот албански град Скадар, но по апсењето на терористите, кои планирале напад врз израелските фудбалери, одлучено е истиот да се одигра на стадионот во Елбасан.

Дополнителни безбедносни мерки ќе бидат преземени и на самиот натпревар, односно полицијата ќе врши засилени контроли на обожавателите кои ќе влегуваат на стадионот, а ќе биде ограничен и сообраќајот меѓу Тирана и Елбасан.


Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва домаќин на Италија


Скопје, 9 октомври, 2016 - 12:55 (META) 

Македонија е домаќин на репрезентацијата на Италија, а фудбалскиот натпревар ќе се одржи вечерва на Национална арена „Филип Втори“ во 20.45 часот.

Натпреварот е во рамките на квалификациите за Светско првенство во 2018 година.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) апелираат навивачите да дојдат навреме и нагласуваат дека вратите на арената ќе бидат отворени од 18.45 минути, а ќе бидат затворени 15 минути пред почетокот на натпреварот.


Пропадна тендерот за продажба на ФК „Брегалница“


Штип, 3 октомври, 2016 - 16:31 (META) 

Една понуда пристигнала на јавниот повик за продажба на фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Штип. На денот кога требаше да бидат отворени понудите, Општината Штип одлучи да го поништи тендерот и уште веднаш распиша нов. Според објаснувањето од Општината, тендерот требало да биде меѓународен, со објава во странски медиум. Имено, идејата била да привлечат странски инвеститори.

Отворањето на понудите имаше голем интерес од јавноста по инцидентот во кој дојде до физичка пресметка меѓу член на управата на клубот и тренерот Јуксел Јесилова, зад кој стои заинтересиран инвеститор од Туција. Во саботата по натпреварот меѓу „Брегалница“ и „Работнички“, Јесилова добил ултиматум со закана дека има 48 часа да го напушти Штип. Јесилова веднаш заминал во странство. Во кратка телефонска порка, тој ни потврди дека е на одмор, надвор од земјата. На прашањето за тоа дали имал закани, кратко одговори: „Да, точно е“.

Во меѓувреме, добивме потврда дека единствената понуда е од турските инвеститори, како и тоа дека Јесилова се враќа утре во Штип, а со него ќе дојдат и заинтересираните турски инвеститори.

Како е направен превид во објавата на тендерот, има различни толкувања. Според некои шпекулации, Општината купува време бидејќи се појавил уште еден заинтересиран инвеститор од Романија. Деновиве се слушнаа и бројни шпекулации дека досегашната управа на „Брегалница“ нема така лесно да се откаже од клубот, иако дел од членовите јавно демантираа.


Нападнат новиот тренер на ФК „Брегалница“


Штип, 29 септември, 2016 - 16:35 (META) 

Како во сцена на акционен филм, на патот Кочани – Штип се одвивала трка меѓу „порше“, со кое се превезувал сегашниот тренер на ФК „Брегалница“ од Штип, и „мерцедес“ во кој биле членовите на поранешната управа на клубот. Во еден момент кај селото Крупиште, „мерцедесот“ му го пресекол патот на возилото во кое се превезувал новиот тренер на „Брегалница“ од Турција, Јуксел Јусилова. Според кажувањето на девојката на Јусилова, Андреа Моза, двајцата мажи дошле со хебла кон нив и почнале да го удираат Јусилова.

Моза сведочи дека навредите од поранешниот претседател и од неговиот заменик почнале уште за време на натпреварот меѓу „Брегалница“ и „Македонија Ѓорче Петров“, што вчера попладне се играше во Кочани. Откако тргнале кон Штип, каде привремено престојуваат, според тренерот Јусилова, двајцата со своето возило цело време им го сечеле патот, сè до моментот на физичкиот напад.

– Кога застанавме, едниот тргна со метална прачка кон мене. Јас самиот се одбранив. Тој не знаеше дека сум еден од светските шампиони во борење и сум бил член на германската репрезенатција во борење – раскажува Јусилова.

Во еден момент од борбата, како што соопштија од полицијата, мажите паднале во блискиот канал и уште толку се повредиле. Поранешниот претседател на „Брегалница“, И.К., завршил со повреди на главата и по укажаната медицинска помош е пуштен на домашно лекување.

Од Клиничката болница во Штип потврдија дека се примени двајца мажи со повреди.

Обвинителството најави дека ќе го истражи случајот.

Тренерот Јусилова вели дека не сака да ја инволвира полицијата во случајот за доброто на тимот и смета дека двајцата, како долгогодишни претседатели во клубот, имаат личен интерес, што е мотив на нападот.

– Сакаа да ме уплашат и јас да го напуштам клубот. Не си одам, останувам и ќе продолжам да работам со клубот. Мислам дека ова не е од љубов кон „Брегалница“, туку имаат задни намери – вели Јусилова.

Фудбалскиот клуб „Брегалница“ се продава преку берза. Иако понудата е јавна, во спортските кулоари веќе има гласини дека турски инвеститор ќе влезе во клубот. Гласините се засилија со присуството на Јуксел Јусилова, како нов тренер.


Португалија е нов европски првак во фудбал


Париз, 11 јули, 2016 - 1:46 (META) 

Фудбалската репрезентација на Португалија е нов европски првак, откако во големото финале Европското фудбалско првенство ја совлада домашната селекција на Франција со 1-0.

Стрелец на победничкиот гол беше Едер во 109. минута од натпреварот.

УЕФА го прогласи дефанзивецот на Португалија, Пепе, за најдобар играч на финалето на Европското првенство помеѓу Португалија и Франција. Фудбалерот на Реал Мадрид одигра одлично финале од 120 минути.


Германија се пласираше во полуфинале на „Еуро 2016“


Париз, 3 јули, 2016 - 11:03 (META) 

Репрезентацијата на Германија се пласираше во полуфиналето на Европското првенство во фудбал откако синоќа, по изведувањето пенали, ја победи Италија.

За време на двете полувремиња и двете репрезентации постигнаа по еден гол, а по продолженијата резултатот остана ист.

Полуфиналето во Европското првенство во фудбал ќе се одржи на 7 јули во Марсеј. Со Германија ќе игра подобриот од вечерашното четвртфинале меѓу Франција и Исланд.


Ибрахимовиќ оди во Манчестер јунајтед


Манчестер, 30 јуни, 2016 - 18:15 (META) 

Шведскиот фудбалски репрезентативец Златан Ибрахимовиќ потврдил дека следната сезона ќе настапува за славниот англиски клуб Манчестер јунајтед, пишува лондонски „Гардијан“. Ибрахимовиќ, според весникот, утре треба да допатува во Велика Британија, да го потпише едногодишниот договор со клубот.

Триесет и четиригодишниот напаѓач остана без ангажман по заминувањето од францускиот клуб Пари Сен Жермен, за кој настапуваше четири сезони и усвои исто толку шампионски титули.

Според „Гардијан“, Ибрахимовиќ се согласил да игра за Манчестер јунајтед за неделна плата од 220.000 фунти.

Ибрахимовиќ е второто засилување во тимот на Манчестер, откако кормилото на клубот го презеде португалскиот стратег Жозе Мурињо. Претходно Мурињо успеа од Вилјареал да го донесе бекот Ерик Бејли.

Мурињо и Ибрахимовиќ претходно соработуваа во италијанскиот клуб Интер, во сезоната 2008-2009.

„Играч кој ми дал толку многу како Ибрахимовиќ засекогаш ќе остане во моето срце. Тој е посебен и е еден од најдобрите напаѓачи во светот“, изјави подоцна Мурињо.


„Би-би-си“: Како може Брексит да влијае на најелитната фудбалска лига во светот?


Лондон, 24 јуни, 2016 - 12:52 (META) 

Одлуката за излегување на Европската Унија, што вчера ја донесоа британските граѓани, освен што ќе влијае на финансиите и на социјалните услови на островот, можно е да ја погоди и најелитната фудбалска лига во светот – англиската Премиер-лига, оценуваат телевизиските куќи „Би-би-си“ и „Скај њуз“.

Лигата, велат анализите, најпрво ќе биде погодена од околноста што фудбалерите што доаѓаат од континенталниот дел на Европа одново ќе мораат да минуваат низ процесот на добивање визи, додека процесот на добивање работни дозволи во Велика Британија дополнително ќе ги комплицира работите.

Еден од првите услови за добивање на работните дозволи кои мораат да ги исполнат играчите доколку не доаѓаат од земја членка на ЕУ е да имаат одреден број настапи за националните тимови.

Ова го доведува во прашање, пишуваат медиумите, доаѓањето на Антони Марсијал и Н’Голо Канте како засилувања на тимот на Манчестер јунајтед, односно на Лестер Сити.

Случувањата во најава, за кои известуваат телевизиите, ги предвиде претсдателот на клубот Вест Хем, кој минатата година испрати писмо до клубовите во Англија, Шкотска и во Велс, во кое предупреди на „разорните последици по фудбалот доколу Велика Британија ја напушти ЕУ“.

Од друга страна, постои можност британската влада да ја ублажи ситуацијата, со промена на правилата за добивање на дозволите, но доколу тоа не се случи, прогнозите се дека цената на англиските интернационалци ќе стане многу висока, ситуација од која профит ќе имаат клубовите од другиот дел на Европа.


Британија ѝ нуди на Франција полицајци за ЕУРО 2016


Лондон, 12 јуни, 2016 - 17:57 (META) 

Британската влада им понуди на организаторите на Европското првенство во фудбал, кое оваа година се одржува во Франција, да им испрати уште полицајци за да им помогнат на силите за безбедност додека трае турнирот.

Британија веќе испрати неколку полицајци во цивил, чија цел е помеѓу навивачите да воочат хулигани.

Во соопштението на владата се наведува дека министерката за внатрешни работи, Тереза Меј, разговарала со својот француски колега Бернар Казнев за да се координираат во одговор на насилството.

„Владата на Обединетото Кралство е длабоко загрижена поради насилството во Марсеј. Го осудуваме секое насилство и ги повикуваме двете страни да се смират. Вакви инциденти се во спротивност со духот на турнирот. Поголемиот дел од навивачите во Франција едноставно сакаат да уживаат во фудбалот“, се наведува во соопштението на владата.