!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Меѓународната заедница загрижена поради актуелната ситуација на Косово


Приштина, 13 август, 2017 - 16:41 (META) 

Амбасадорите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД се загрижени поради актуелната ситуација на Косово. Ставот на амбасадорите денеска го соопшти американската амбасада во Приштина.

„Косово се соочува со многу предизвици, како актуелни, така и долгорочни, вклучувајќи ја програмата со ММФ, енергетската ситуација, но исто така и потребата за економски развој, јакнење на владеењето на правото, европската перспектива и односите со Србија. Граѓаните на Косово заслужуваат парламент и влада која може да ги исполни овие предизвици“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека одговорност на косовските лидери е да ги формираат овие институции на власта и да ги спроведат неопходните реформи за да нема блокади во иднина.

„Се надеваме дека косовските лидери, како во политиката, така и во граѓанското општеството, ќе го преземат водството во решавањето на ова прашање, вклучително и давањето на конкретни предлози. Првиот и важен принцип е избраните пратеници во парламентот на Косово да присуствуваат на седниците на парламентот и да овозможат да почне неговата работа“, се наведува во соопштението што го објави амбасадата на САД во Косово.


Уапсен напаѓачот од Париз


Париз, 9 август, 2017 - 16:29 (META) 

Француските власти денеска соопштија дека полицијата го уапсила лицето кое со возило прегази и повреди војници во париското предградие Левалоа-Пере.

Како што јавуваат француските медиуми, напаѓачот, чиј идентитет и националност засега не се откриваат, е ранет за време на престрелката што се случила при неговото апсење.

Апсењето се случило на автопатот A-16, на северот на Франција, но полицијата засега не открива детали за настанот.


Автомобил намерно удрил војници во Париз, шестмина се повредени


Париз, 9 август, 2017 - 11:13 (META) 

Шест француски војници се повредени утринава околу осум часот, откако возило налетало на нив во париското предградие Левалоа-Пере.

Четворица војници се полесно повредени, а двајца потешко.

Париската полиција соопшти дека трага по возилото и дека операцијата е во тек.

Претседателот на општината Левалоа-Пере, Патрик Балкани, соопшти дека автомобил марка „бе-ем-ве“ се залетал во војниците и оти нема сомнеж дека станува збор за смислен напад.

Тој рече дека нападот се случил во близина на градското собрание.

– Тоа е одвратен акт на агресија – рече Балкани.


МНР на Франција: Регионалната соработка е важна во процесот на европско приближување


Париз, 2 август, 2017 - 14:19 (META) 

Франција го поздравува потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка што премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, го потпишаа на 1 август, се вели во пишаната изјава на француското Министерство за Европа и за надворешни работи.

„Фанција се надева дека овој договор ќе овозможи Скопје и Софија да ги продлабочат својот дијалог и соработка, особено на политички, економски и на културен план и дека ќе придонесе за зајакнување на стабилноста во регионот на Балканот. Франција потсетува дека добрососедските односи и регионалната соработка се основните елементи од процесот на европско приближување.Тие придонесуваат за просперитет, стабилност, помирување и за создавање погодна клима за решавање на билатералните спорови и проблеми наследени од минатото“, се вели во соопштението.


„Опел“ и „Воксхол“ станаа дел од ПСА, се роди вториот најголем европски автопроизводител


Риселхајм, 1 август, 2017 - 13:07 (META) 

„Опел аутомобил ГмбХ“, со своите две марки „Опел“ и „Воксхол“ од денеска е во сопственост на францускиот автопроизводител ПСА, кој ги произведува автомобилите „Пежо“, „Ситроен“ и „ДС“. По половина година преговори, денеска е официјализиран договорот со кој „Џенерал моторс“ ги продава контролните пакети на „Опел“ и на „Воксхол“ на Французите. „Опел“ 88 години беше во сопственост на американскиот автопроизводител.

Според претседателот на ПСА, Карлос Таварес, денеска се раѓа вистински европски шампион, кој ќе покрива 17 отсто од европскиот автомобилски пазар.

– Ќе им помогнеме на „Опел“ и на „Воксхол“ да се вратат во профитабилност и заеднички ќе поставуваме нови стандарди во индустријата. „Опел“ ќе остане германски, а „Воксхол“ ќе остане британски – рече Таварес.

Прв човек на германската и на британската марка и понатаму ќе биде Михаел Лохшелер. Тој се надева дека во 2020 година тие ќе почнат да остваруваат профит.

Соработката на „Опел“ и на „Воксхол“ со „Џенерал моторс“ ќе продолжи уште неколку години и ќе се соработува на планот на електричен погон, а фабриките на двете компании ќе продолжат да произведуваат автомобили за марките „Бјуик“ и „Холден“.


Франција им забрани на политичарите да вработуваат членови на своите семејства


Париз, 27 јули, 2017 - 13:57 (META) 

Францускиот парламент усвои мерки за забрана за вработување членови на семејствата, што беше дел од изборните ветувања на претседателот Емануел Макрон.

Мерката се наоѓа во нацрт-законот за морализирање на политичарите, за што францускиот парламент расправа неделава.
Нацрт-законот е последица на корупциските афери што се случија во Франција за време на претседателската кампања.
Претседателскиот кандидат на десницата, Франсоа Фијон, кој на почетокот на кампањата беше фаворит, доживеа драстичен пад на популарноста откако изби скандалот за фиктивните работни места во парламентот за неговата сопруга Пенеполе и за две од нивните пет деца.

Против Фијон во екот на кампањата беше поведено прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавните средства. Подоцна е поднесено обвинение и против неговата сопруга.

Мета на истрага за измами и за малверзации беше и кандидатката на екстремно-десничарската партија Национален фронт, Марин ле Пен.

Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека во последниот состав на парламентот, околу 200 пратеници вработиле членови на своите семејства.


Стотина пожарникари се борат со пожарите на југот на Франција


Париз, 25 јули, 2017 - 16:08 (META) 

Повеќе од стотина пожарникари се борат со пожарите на југот на Франција, а пожарот кој зафати 900 хектари шума на островот Корзика им се заканува на куќите, соопшти службата за вонредна состојба.

Евакуирани се жителите на Бигуље, место на североисточниот брег на островот.

Пожарникарите очекуваат дополнителна помош, имајќи предвид дека пожарот се шири кон урбаните делови на градот.
Во гаснењето на пожарот помагаат и 160 жители на местото.

Како што се наведува, во гаснењето на пожарот се вклучени три „канадери“, кои истовремено ја надгледуваат областа за да се уверат дека куќите не се зафатени од пожарот.

Пожарот што во понеделникот ја зафати областа околу градот Алерија и уништи 110 хектари земјиште е ставен под контрола.


Франција предлага подобра контрола на муницијата на Балканот


Трст, 20 јули, 2017 - 12:00 (META) 

Франција на неодамнешниот самит за Западен Балкан во Трст предложила иницијатива што треба да овозможи подобра контрола на муницијата и на лесното вооружување во балканските земји.

– Предложивме подобра соработка кога станува збор за складирање оружје и подобра контрола на лесното вооружување, што е водечки проблем во регионот. Сметам дека тоа е чекор напред во поглед на безбедноста. Слично на тоа, имавме можност да поведеме иницијатива во борбата против криминалот и борбата против радикализацијата, што е исто така еден од проблемите во регионот. Постои насилен фундаментализам што се развива таму – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Трст на 12 јули, во рамки на Берлинскиот процес, се одржа самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој присуствуваа високи претставници на Европската Унија, на земји членки на Унијата и лидерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и на Косово.


Поведена истрага против лидерот на француската левица


Париз, 19 јули, 2017 - 10:09 (META) 

Обвинителството во Париз поведе уште една истрага против лидерот на левицата Жан-Лик Меланшон, поради наводното вработување асистенти.

Постои сомневање дека тој ги вработувал асистентите на фиктивни работни места во Европскиот парламент. Претставничката на обвинителството, Анјес Тибо, рече дека со истрагата, освен Меланшон, се опфатени уште 19 лица и нивни некогашни асистенти во ЕП.

Истрагата треба да утврди дали парламентарните асистенти, кои работеле за француските политички партии, незаконски биле плаќани со пари на ЕП.

Меланшон, лидер на партијата Непокорна Франција и жесток критичар на актуелниот претседател Емануел Макрон, ги негираше ваквите обвиненија.

Слична истрага се води и против лидерката на десничарската Национален Фронт, Марин ле Пен, која, исто така, ги отфрли ваквите наводи.


Третото ракување на Трамп и на Макрон – „најчеличното“ досега


Париз, 15 јули, 2017 - 18:05 (META) 

На нивната прва средба, на 25 мај годинава на самитот на НАТО во Брисел, претседателите на САД и на Франција, Доналд Трамп и Емануел Макрон, имаа „двобој“ со две невообичаено долги ракувања.

Во првото, Трамп грубо ја повлече раката на Макрон кон него. Второто, пак, беше цврст стисок од кој побелуваат зглобовите. Ни едниот ни другиот не сакаа да ја отпуштат раката прв.

Но кулминацијата се случи во Париз вчера, кога нивното ракување при заминувањето на Трамп од прославата на Националниот ден на Франција потраја речиси половина минута. Двајцата претседатели ги мафтаа рацете, ги вртеа, цело време држејќи ја дланката на другиот.

И откако Макрон првично „победи“ со тоа што ја постави својата дланка горе, Трамп возврати со познатото „влечење“, кога на кратко го исфрли од рамнотежа својот француски колега. Веднаш потоа, не пуштајќи ја неговата рака, ги изненади сите кога ја гушна и ја бакна првата дама на Франција.