!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Емануел Макрон застана на чело на Франција


Париз, 14 мај, 2017 - 18:18 (META) 

Новиот француски претседател, Емануел Макрон, со емотивен говор по преземањето на претседателската должност во Елисејската палата вети дека на „Французите ќе им ја врати верата во животот, бидејќи Франција долго беше ослабена“, и оти сака да ја ревитализира Европската Унија.

– Франција ги избра надежите и духот на победата, а јас нема да потклекнам ниту пред едно политичко ветување. Европа, каква што ни е потребна, ќе биде обновена на нови вредности и ревитализирана, бидејќи ни дава заштита. Французинките и Французите кои се чувствуваат заборавени во овој глобализиран свет ќе бидат подобро заштитени. Сакам да работам на помирувањето и на обединувањето – изјави центристот Емануел Макрон, кој е на 39-годишна возраст и најмладиот претседател на Франција досега.

Макрон и неговиот претходник, Франсоа Оланд, се ракуваа на црвениот тепих во претседателската резиденција пред неколку стотини гости и многубројни фотографи и новинари од светските медиуми, како и телевизиски екипи кои присуствуваа на примопредавањето на претседателската должност.

Првата активност на Макрон ќе биде неговата посета на Германија утре, што е уште една потврда за неговата намера да ја обнови француско-германската оска.


Инаугурацијата на Макрон ќе се одржи в недела


Париз, 8 мај, 2017 - 14:30 (META) 

Францускиот претседател во заминување, Франсоа Оланд, денеска изјави дека инаугурацијата на неговиот наследник, Емануел Макрон, ќе се одржи в недела на 14 мај. Како што се наведува, церемонијата ќе биде одржана во Елисејската палата.

На изборите за претседател на Франција, проевропски ориентираниот Емануел Макрон освои 66,10 отсто од гласовите, а кандидатката на екстремната десница, Марин ле Пен, освои 33,90 отсто од гласовите. Овие конечни резултати денеска ги соопшти француското министерство за внатрешни работи.

Конечниот број на луѓе кои не излегоа на гласање е 25,44 отсто од впишаните во избирачкиот список, што е рекорд за француските избори.


Денеска се одржува вториот круг од претседателските избори во Франција


Париз, 7 мај, 2017 - 12:52 (META) 

Во Франција утринава, во осум часот, беа отворени избирачките места на кои 47 милиони Французи во вториот круг од претседателските избори ќе одлучуваат за новиот шеф на државата.

До 12 часот, излезноста на гласачите е 28,23 отсто. Своето право на глас го остварија и претседателските кандидати, лидерката на ултрадесницата, Марин ле Пен, и проевропски ориентираниот претседателски кандидат, Емануел Макрон.

Францускиот претседател во заминување, Франсоа Оланд, исто така гласаше и ги повика гласачите да го поддржат Макрон.

Аналитичарите оценуваат дека овие избори во Франција може да бидат одлучувачки за иднината на Европа.

Првите официјални резултати се очекуваат по затворањето на избирачките места, во 20 часот.


Оланд: Ќе гласам за Макрон, Ле Пен е опасност за Франција


Париз, 24 април, 2017 - 19:56 (META) 

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, го поддржа проевропски ориентираниот претседателски кандидат на центарот, Емануел Макрон.

Тој предупреди дека евентуалната победа на Марин ле Пен во вториот круг на изборите закажани на 7 мај, би значела „опасност по Франција“.

Оланд истакна дека Франција ризикува да „стане изолирана и да се отцепи од Европската Унија“ во случај антиевропскаи настроената Ле Пен да биде избрана.

– Што се однесува до мене, јас ќе гласам за Емануел Макрон – изјави Оланд.

Тој синоќа му честиташе на независниот кандидат за претседател на Франција откако првите резултати на вчерашниот прв круг на гласање покажаа дека Макрон ќе оди во вториот круг.

Кабинетот на Оланд соопшти дека тој телефонски го повикал Маркон за да му честита што влегува во одлучувачкиот круг.


Неприфатливо е Трамп да одредува што ЕУ мора, а што не, порача Оланд


Валета, 3 февруари, 2017 - 15:19 (META) 

Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, наведува дека притисокот на претседателот на САД, Доналд Трамп, врз ЕУ е „неприфатлив“ и ги повика земјите на Унијата да „мислат на својата иднина“.

– Неприфатливо е претседателот на САД (Доналд Трамп) со своите изјави да врши притисок на ЕУ и да одредува што таа мора, а што не смее да биде – рече Оланд во пресрет на самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ во главниот град на Малта, Валета.

Тој ги предупреди членките на Унијата од централниот дел на Европа „да не паѓаат во искушение“ во билатералните односи со САД и наместо тоа да „мислат на својата иднина во ЕУ“.

– Нема иднина со Трамп ако сите членки на ЕУ заеднички не се определат. Многу земји треба да сфатат дека нивната иднина е во Унијата, а не да замислуваат не знам какви билатерални односи со САД, иако е нормално сите да разговараме со Трамп – рече Оланд.

Тој додаде дека „никој не знае што претседателот на САД, всушност, сака, особено кога станува збор за НАТО“.


Администрацијата на Трамп е предизвик за Европа, оцени Оланд


Париз, 27 јануари, 2017 - 15:21 (META) 

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, изјави дека администрацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп, е „предизвик“ за Европа.

Оланд, исто така, предупреди дека Европа е под сè поголема закана од популизам.

– Да бидеме искрени, постојат предизвици што ги создава новата американска администрација, предизвици кога станува збор за трговијата, начинот на решавање на судирите во светот – рече Оланд.

Тој истакна дека е потребно да се разговара со Трамп, затоа што американските граѓани го избрале за свој претседател.

– Но, ние треба да разговараме со него од европска гледна точка, да ги промовираме нашите интереси и вредности – рече францускиот претседател.

 


Оланд му одговори на Трамп: На ЕУ не ѝ требаат совети од луѓе однадвор


Париз, 17 јануари, 2017 - 14:38 (META) 

Францускиот претседател Франсоа Оланд остро му одговори на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, и му кажа дека на Европска Унија не ѝ требаат совети од луѓе однадвор.

– Европа ќе биде подготвена да ја продолжи трансатлантската соработка, но тоа ќе биде базирано на сопствените вредности и интереси – рече Оланд за време на церемонијата за заминувањето на американската амбасадорка Џејн Хартли.
Тој додаде дека не им се потребни совети за тоа што да прават.

Изјавата на Оланд доаѓа еден ден откако новоизбраниот претседател Трамп рече дека НАТО е застарен сојуз и оти ЕУ ќе се распадне.


Бомбашки напад во Багдад, 32 загинати


Багдад, 2 јануари, 2017 - 11:45 (META) 

Најмалку 32 лица се убиени, а 61 се ранети во бомбашки напад во претежно шиитски кварт на Багдад, соопштија ирачките власти.

Нападот го извел бомбаш самоубиец кој се разнел во автомобил бомба.

Нападот се случи на денот на доаѓањето на претседателот на Франција, Франсоа Оланд, во официјална посета на Багдад. Помеѓу жртвите има голем број новинари кои чекале да влезат на плоштадот Садр во североисточниот дел на градот, кој е честа мета на терористички напади.

Францускиот претседател Оланд изјави дека преземањето акција против тероризмот во Ирак го спречува и тероризмот во Франција.


Ердоган: Ќе се бориме докрај против сите напади на терористичките групи


Истанбул, 1 јануари, 2017 - 15:04 (META) 

По повод терористичкиот напад во ноќен клуб во Истанбул, во кој загинаа 39 лица, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ќе се бори докрај против сите напади на терористичките групи и на нивните поддржувачи и додаде дека ваквите напади не се независни од случувањата во регионот.

– Тие се обидуваат да создадат хаос, да го деморализираат нашиот народ и да ја дестабилизираат земјата со ваквите напади насочени против цивили. Ние ќе ја сочуваме присебноста како нација, уште повеќе ќе се сплотиме, никогаш нема да отстапиме пред ваквите валкани игри – се вели во писмената изјава на претседателот, објавена денеска.

Нападот во Истанбул го осудија голем број светски политичари меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, како и Европската Унија и Белата куќа.


Оланд и Меркел бараат продолжување на санкциите кон Русија


Берлин, 13 декември, 2016 - 15:45 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд соопштија дека неделава, на самитот на Европската Унија, би требало да се одлучи за продолжување на санкциите против Русија поради украинските судири.

– Мораме да продолжиме да ги применуваме условите од договорот од Минск, а кога тие не се исполнети, мора да продолжиме со санкции – порача Оланд на заедничката прес-конференција со Меркел.

Германската канцеларка, пред средбата со францускиот претседател во Берлин, изјави дека би требало да се продолжат санкциите кон Русија поради недостиг од напредок во примена на спогодбата за прекин на огнот од Минск.