БЕСА на Африм Гаши: Ние ќе гласаме за уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 14:05 (META) 

Тројцата пратеници од БЕСА кои припаѓаат на делот што за претседател го признава Африм Гаши, а не Биљал Касами, ќе гласаат за уставните измени.

Како што соопшти Гаши, тие се цврсто решени за евроинтеграциите и ќе ги поддржат измените на Уставот заради исполнување на обврските од Преспанскиот договор. Тоа е од висок интерес за Албанците, нагласи тој.

„БЕСА со своите три пратеници останува силно посветена на усвојување на уставните измени и членството на земјата во НАТО, убедена дека на тој начин се реализира и еден дел од нашата програма, но и еден висок интерес на Албанците во Македонија, кој воедно е и стратешка цел на државата.Сега, кога е актуелна улогата на пратениците за очекуваните уставни измени, а двајца пратеници, дојдени некогаш од една друга партија во Движењето БЕСА му се спротивставуваат на овој процес, бараме од медиумите да имаат разбирање за овие разлики и секогаш кога треба да информираат за ставот ПРОТИВ на тие пратеници, да ги споменуваат преку нивните лични имиња или преку фракцијата која ја претставуваат“, порача Гаши.


Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ: Со договорот Македонија и Македонците клекнати на колена


Скопје, 13 јуни, 2018 - 10:15 (META) 

Со објавениот финален документ од преговорите за името, Република Македонија и Македонците се клекнати на колена, порача Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на вчерашната објава од премиерот Зоран Заев дека е постигнат договор со Грција за спорот за името.

Фракционерите од најголемата опозициска партија вели дека Зоран Заев нема мандат, легалитет ниту легитимитет во име на целата нација да договара промена на нашето вековно име и дека премиерот поради личната каприциозност ја довел Македонија во ситуација „земи или остави”.

„Договорот е историски само во поглед на целосното исполнување на грчките предусловите и срамната отстапка на македонските преговарачи. Република Македонија не доби ништо туку го задржаа она кое го имаше и досега. Република Македонија и Македонците го изгубија Уставот, добивме ново име, ги поделија Македонците од Грција на грчки Македонци и словенски Македонци и со тоа ги прекинаа нивните крвни врски и потекло. Едноставно Република Македонија доби нов кум во ликот и делото на Зоран Заев. Прифаќањето на ерга омнес и уставната ревизија е голем дипломатски успех за Грција и пораз на Македонија“, се вели во реакцијата.


Незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ ја формираа првата фракција


Скопје, 12 март, 2018 - 16:23 (META) 

ФРОДЕМ и членови на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска објавија дека ќе настапуваат како фракција во ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат,  така ќе и помогнат на партијата да стане вистинска и реална опозиција, со свои конкретни ставови, принципи, идеологија и политики, за бргу со ново и демократски избрано раководство од членовите на партијата да се врати како победник. Сметаат дека сега ВМРО-ДПМНЕ и партиското раководство се заробеници на поранешните партиски водачи.

– Причина повеќе за јавно дејствување како фракција е фактот дека ова наметнато раководство сè уште е во закрила и во стегите на поранешните партиски функционери, без разлика на јавното глумење за некаква реформа и демократизација – вели Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.

Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, побара јавно од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го промени статутот, како што најавувал по неговиот избор, со кој ќе се овозможи незадоволните членови во партијата да може да дејствуваат како фракција.


Членови на Левица најавија формирање фракција во партијата


Скопје, 8 декември, 2016 - 14:46 (META) 

Членови и основачи на партијата Левица најавија дека ќе формираат внатрешна фракција во партијата – „Единство“, чија цел, како што рекоа денеска на прес-конференција, ќе биде да се обедини членството и партијата да се врати на вистинскиот пат, пренесува „Канал 77“.

Причините за формирање на фракцијата, како што велат тие, се организациските и стратешки грешки на актуелните раководни органи на партијата.

„Во изминатата година Левица покажа храброст, знаење, желба за промени, но не и политичка зрелост и мудрост. Не беше донесен стратешки план, туку беа исполнувани желбите на одредени лидери. За да се оствари тоа, беше прекршен статутот на партијата и беа употребени лаги и манипулации со членството. Беа искажани закани за бркање од партијата и дисциплински постапки. Ние не ја формиравме Левица за да формираме нови диктатори, туку за да формираме нови лидери“, изјави Маријан Ненов, еден од основачите на Левица.

Според Ненов, опозицијата ѝ понудила на партијата сигурни пратенички места, но, како што рече, некој намерно ги отежнувал преговорите за партијата самостојно да излезе на избори.

Од фракцијата ги отфрлија како лага информациите што Левица денеска ги соопшти, дека Основниот суд Скопје 2 го одбил барањето за донесување привремена мерка за забрана на партијата Левица да учествува на предвремените парламентарни избори и со тоа потврдил дека одлуката за самостоен настап е легитимна.

„Тие од судот пред ден-два добија претставка за да се произнесат по тужбата, што значи дека таа е сè уште активна“, истакна Маријан Ристески, основач на Левица, пренесува „Канал 77“.