Закажување термин за лични документи од денеска и преку мобилен број


Скопје, 5 јуни, 2018 - 10:51 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска пушта во употреба мобилен број на кој ќе може дасе закажува термин за аплицирање за биометриски лични документи.

Заинтересираните закажувањето ќе го прават преку мобилниот број 072929292.

Инаку, другите можности за закажување се преку веб-страницата на МВР и преку фиксниот телефонски број 0800 192 92.

Од МВР велат дека на закажување термини работат 30 оператори.


МВР: Гласањето се одвива без сериозни нарушувања на јавниот ред и мир


Скопје, 29 октомври, 2017 - 14:02 (META) 

Министерството за внатрешни работи извести дека нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, на денешното гласање од вториот круг од локалните избори.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на прес-конференција рече дека се регистрирани три случаи на фотографирање гласачко ливче и апелираше гласачките ливчиња да не се фотографираат бидејќи се крши законот и следуваат санкции.

Тој посочи на едно нарушување на јавниот ред и мир во општина Шуто Оризари, каде што едно лице пријавило дека е нападнато од повеќе лица. Полицијата во овој случај привела едно лице и се работи на расчистување на случајот.

Ангеловски, исто така, апелираше до политичките партии и нивните следбеници да се воздржат од какви било инциденти, а граѓаните да пријават доколку забележат неправилности.


„Мост“: Забележано e групно гласање и фотографирање гласачки ливчиња


Скопје, 29 октомври, 2017 - 13:45 (META) 

Семејно и групно гласање, проблеми предизвикани од неовластени лица, фотографирање гласачки ливчиња биле забележани на неколку избирачки места до 13 часот, од страна на набљудувачите на граѓанската асоцијација „Мост“.

„На гласачко место 1471, село Дебреште, општина Долнени, забележани се девет случаи на семејно гласање, при што се злоупотребени 27 гласа. Дополнително, на ова место се забележани два случаи во кои лицата кои им асистирале на гласачите, кои не можеле да гласаат сами, не биле заведени во дневникот од избирачкото место. Во истата општина, но на гласачко место 1472, забележани се девет случаи на групно гласање, во кои се злоупотребени 20 гласови“, известија од „Мост“.

Во општина Шуто Оризари, неовластено лице агитирало на гласачко место, а имало и фотографирање на гласачко ливче.


Агитација и неовластена евиденција на гласачи, забележале од „Мост“


Скопје, 11 декември, 2016 - 12:06 (META) 

Агитирање на гласачи, обид за фотографирање на гласачки ливчиња, неовласетни лица кои ги евидентираат гласачите, забележале набљудувачите на граѓанската асоцијација „Мост“ на гласачките места.

– На гласачко место 1.778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција за да го приведе, но лицето побегнало. Пред ОУ „Димитар Влахов“ во Штип присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите што влегуваат во објектот. На гласачкото место 281, во Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана – се вели во соопштението на „Мост“.

Оттаму додаваат дека на гласачкото место 1.580/1, за кое тие известија на претходната прес-конференција, избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирањето на ливчињата.

Во однос на случајот на фотографирање на гласачко ливче во гласачко место 2.556, ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.


„Мост“: Навреме се отворени гласачките места, забележано е фотографирање ливчиња


Скопје, 11 декември, 2016 - 9:57 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ информира дека навреме се отворени сите гласачки места на кои имаат распоредено свои набљудувачи, освен две места во Куманово и во Велес.

– Гласачкото место 1.036 во општина Куманово е отворено со 15-минутно задоцнување. Гласачкото место 2.210 во општина Велес е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија – се додава во соопштението на „Мост“.

Оттаму информираат дека досега е забележано фотографирање гласачки ливчиња со мобилен телефон.

– На гласачкото место 1.580/1, во општина Радовиш, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон. Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. На гласачкото место 2.556 во општина Ѓорче Петров, пак, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Повикана е полиција – велат од „Мост“.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Граѓанската асоцијација „Мост“ ги следи изборите со повеќе од 3.000 набљудувачи.

 


Малолетник го удрила струја додека се фотографирал на вагон


Велес, 18 декември, 2015 - 13:44 (META) 

Четинаесетгодишно момче вчера, околу пладне, настрадало од струен удар додека се обидувало да се фотографира качено на платото од вагон-цистерна на железничката станица во Велес, соопшти полицијата.

Детето веднаш било префрлено во медицинскиот центар во Велес, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и изгореници, поради што било пренесено во Ургентниот центар во Скопје.

„Во 12.05 часот, на железничката станица во Велес, четиринаесетгодишник се качил на платото од вагон-цистерна за да се фотографира, при што дошло до струен удар од електромрежата на железничкиот сообраќај. По исклучување на електричното напојување, тој е префрлен во Медицинскиот центар во Велес, каде му се констатирани тешки телесни повреди и изгореници по телото и поради сериозноста на повредите е префрлен во Ургетниот центар во Скопје. Поради доживеан стрес, друг малолетник е задржан на лекување во Општата болница во Велес“, стои во информацијата за настанот од дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи.


Турски државјани со бисквити мамеле малолетници во Битола за да ги фотографираат


Битола, 20 октомври, 2015 - 19:42 (META) 

Тројца турски државјани со бисквити примамувале малолетници во Битола за да ги фотографираат со мобилни телефони. Случај со ваква приказна вчера бил пријавен во СВР Битола откако татко на едно од малолетните деца успеал да ги претекне турските државјани и да побара помош од полицијата. Оваа вест денеска бргу се прошири меѓу битолчани и предизвика голема вознемиреност, особено кај родителите со школски деца. Дали станува збор за туристичка љубопитност, наивност или, пак, за некоја опасна појава како трговија со луѓе, малолетничка порнографија и слично, допрва ќе се утврдува.

Неофицијално, во понеделникот, околу 18 часот, дете се враќало по Широк сокак од училиште кога во близина на Офицерскиот дом било пресретнато од маж кој му зборувал на англиски јазик со акцент на турски јазик. Потоа странецот го повикал детето на една од масите во кафулето од спротива, каде седеле уште двајца мажи и од него побарале на лист да ги напише своите лични податоци. Наводно, детето го напишало само своето име. Додека тоа пишувало, Турците постојано го фотографирале, а во меѓувреме го прашувале и за историјата на градот Битола.
Кога си заминало дома, детето се им раскажало на родителите, а тие успеале да ги најдат странците и случајот да го пријават во полиција. Наводно, во мобилните телефони на странците имало фотографии од дузина деца од Битола, а најголем дел од Роми.

Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, за „Мета“ потврдува дека е пријавен ваков случај, но според полицијата, неовластеното снимање и фотографирање се гони по приватна тужба. Таткото бил посоветуван да ангажира адвокат и да побара помош од други надлежни институции. На суд ќе се утврдува која им била целта на турските државјани. На социјалните мрежи веќе се појави и копија од полицискиот записник, а битолчани вознемирено коментираат дека треба да се расчисти случајот и да се утврди дали се работи за нешто сериозно или е во прашање туристичка љубопитност.