Албански „Топ ченел“ објави стара слика како дезинформација дека е „Груевски на граница“


Скопје, 7 декември, 2018 - 16:22 (META) 

Албанската телевизија „Топ ченел“ објави фотографија на која е избеганиот премиер Никола Груевски и за која тврди дека е снимена на граничниот премин Хани Хоти на албанско-црногорската граница на 11 ноември 2018 година во 19 часот и 11 минути. Овој текст и слика го преземаa голем број на албански, унгарски и некои македонски медиуми без притоа да ја проверат автентичноста на фотографијата.

Фотографијата, како што пишува „Критинк“ всушност, најобичен принтскрин (стоп кадар) од видео клип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017 година и нема врска со „Груевски на граница“.

Груевски, во видео клипот, вози „Пунто“, во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ минатата година, кога тој го предводеше протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

collage-gruevski vo punto

Прашањето, кое можеби требало да си го постави медиумот, е зошто, ако сликата е автентична и вистинита, Груевски е тој што го вози автомобилот, иако ѝ припаѓа на амбасадата на Унгарија.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации.

Поддржан е од Европската Унија а го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и Центарот за европски политики „Евротинк“.


Запален автомобилот на таткото на пратеникот Хари Локвенец


Прилеп, 18 јуни, 2018 - 10:43 (META) 

Засега непознат сторител вчеравечер го опожарил автомобилот „мини купер“ со прилепски регистарски таблички, кој бил во сопственост на таткото на пратеникот Хари Локвенец.

Според билтенот на МВР, случајот во полиција вчера во 23.05 часот го пријавил пратеникот, кој вчера беше на потпишувањето на Спогодбата со Грција за решавање на спорот за името на брегот на Преспанското Езеро.


Депонија во центарот на Охрид, помеѓу училиште и детска градинка


Охрид, 21 февруари, 2017 - 11:49 (META) 

Освен што не направи ништо за образованието во Охрид, локалната самоуправа го става на ризик и здравјето на учениците, обвинија од СДСМ.

Од охридскиот разгранок на партијата побараа градоначалникот Никола Бакрачески и раководството на основното училиште „Григор Прличев“ итно да ја исчистат депонијата што се создава среде најголемото основно училиште и веднаш до централната детска градинка, во центарот на Охрид.

– Покрај депонијата, од која се шири смрдеа и претставува опасност од зарази, секојдневно поминуваат деца кои ризикуваат да добијат некаква болест или инфекција – предупредија од општинскиот разгранок на СДСМ во Охрид и приложија фотографии како доказ.


Караџовски: Не е наша работа како протекла фотографија од судењето за „Тврдина 2“


Скопје, 5 декември, 2016 - 13:13 (META) 

Судскиот совет не добил никакво извествување во врска со протекувањето на фотографија од подготвителното рочиште за судењето по обвинението на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Тврдина 2“, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, додавајќи дека тоа не во надлежност на Советот.

„Изнесувањето слики и јас синоќа го видов во медиумите. До нас не е стигната никаква информација и тоа не е во делот на нашето работење. Доколку стигне какво било известување, во согласност со нашите надлежности, би презеле соодветни дејства, меѓутоа тоа е предмет на работа на други органи. Не е наша работа дали и како излегле ти е снимки – рече Караџовски.

Прашан што би направил тој доколку е судија во предметот, Караџовски рече дека ваквото прашење е „премногу хипотетичко“.

– Ние ја следиме ситуацијата и сметаме дека во овој период се стабилизираат состојбите во Основен суд Скопје 1 и дека со изборот на в.д. претседател на судот, кој го избравме денеска (Татјана Михајлова, н.з.) сметаме дека дополнително ќе се стабилизираат состојбите – изјави Караџовски.

На новинарско прашање дали мисли дека довчерашниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, бил проблемот, Караџовски кусо одговори дека не мисли така.

Инаку, на социјалните мрежи деновиве протече фотографија од рочиштето за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Фотографијата се претпоставува дека е направена од аголот во судницата каде се наоѓа судката камера со која се снимаат рочиштата.

Судијката Лидија Петровска, која го води предметот, во понеделникот минатата недела потенцираше дека рочиштето ќе се снима, откако обвинетите побараа да не бидат снимани од телевизиските камери, а судот го прифати нивното барање.

Според Законот за кривична постапка (ЗКП), секое рочиште се снима тонски или аудиовизуелно, но снимките не смеат да се користат надвор од кривичната постапка.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Од Кривичниот суд, кој денеска доби в.д. претседател, засега нема официјална реакција во врска со протекувањето на фотографијата.

ОД СЈО, пак, во петокот соопштија дека сè уште не го добиле записникот од подготвителното рочиште за „Тврдина 2“, за да може да испратат барање за дозвола од УБК за декласификација на доказите во предметот, како што им наложи судијката Петровска.


„Договорот од Пржино и потоа“, тема за годинешните новинарски награди „Жан Моне“


Скопје, 19 октомври, 2016 - 16:09 (META) 

Делегацијата на Европската Унија во Скопје го објави 14. конкурс за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во покривањето теми поврзани со Договорот од Пржино.

Наградата „Жан Моне“, која годинава ќе се доделува за темите под наслов „Договорот од Пржино и потоа“, ќе биде доделена во три натпреварувачки категории – најдобар новинарски напис (за написи објавени во печатени медиуми и/или на интернет), најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) и најдобра аматерска фотографија.

Творбите што ќе учествуваат треба да бидат авторски написи на тема „Договорот од Пржино и потоа“, објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 18 ноември 2015 и 19 ноември 2016 година.

Наградата е статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.

На конкурсот за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет), може да се поднесат до три фотографии на тема „Пржино и потоа“, објавени во периодот меѓу 18 ноември 2015 и 19 ноември 2016 година.

Конкурсот за најдобра аматерска фотографија е отворен за сите фотографи аматери од земјата кои може да достават една фотографија на тема „Животна средина“. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 15 декември 2016 година.


Јанева на „Фејсбук“ објави фотографија со целиот тим на СЈО


Скопје, 15 септември, 2016 - 21:21 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска на својот фејсбук-профил објави фотографија со целиот тим во новите простории во кои СЈО се пресели на почетокот на овој месец.

Јанева денеска го објави вториот шестмесечен извештај за работата на СЈО и ги поднесе до судот првите две обвиненија. Едното е за уништување на документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а другото за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Денеска е годишнина од именувањето на Катица Јанева за специјална јавна обвинителка и од формирањето на СЈО.


„Анималиа“: За малтретирање на лебедот Џорџ, пријави до Агенцијата за ветеринарство и до полицијата


Охрид, 9 март, 2016 - 17:13 (META) 

Лебедот, кој на фотографиите што се појавија во македонските, но и во светските медиуми се гледа како жена го тегне за крилото, е жив иако се појавија написи кои тврдеа дека починал.

Од здружението за заштита на животните во Охрид „Анималиа“ веќе поднеле пријава до Агенцијата за храна и ветеринарство, а најавуваат дека случајот ќе го пријават и во полиција.

Од „Анималиа“ бараат Општината да иницира истрага за да се најде кој го повредил лебедот бидејќи, како што велат, „ваков туризам со вакви туристи не му требаат на Охрид“.

– Стравуваме дека можеби, освен психичка, нанесена му е и физичка повреда на лебедот. Крајно време е и да се оформи едно тело со стручни лица што ќе се грижи за овој заштитен вид птици, кои мамат воздишки кај сите посетители. Повеќепати сме апелирале за тоа, особено по неколкуте случаи со повредени лебеди, а за кои ние, како волонтери, не сме стручни да им помогнеме, иако сме се обидувале. Носевме лебед до Битола за да го спасиме. Срамота е лебедите да бидат оставени на милост и на немилост и да добиваме негативен публицитет во домашната и во странската јавност со тоа што по езерото пловат повредени птици – велат од здружението.

Тие тврдат дека името на лебедот, кој бил многу питом, е Џорџ, дека тој и претходно имал повреда на крилото, но дека тоа не му пречело да функционира.


Доделени наградите за најдобрите фотографии за климатските промени во Македонија


Скопје, 20 ноември, 2015 - 13:51 (META) 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, француската амбасадорка Лоренс Оер и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, денеска ги доделија наградите од првиот фото-конкурс за климатските промени во Македонија, насловен „#Делувај сега“.

Изаири ги поздрави учесниците во конкурсот и ја истакна важноста за зачувување на животната средина.
Дваесетте победнички фотографии во 10 категории, кои се избираа со гласање на социјалната мрежа „Фејсбук“ и со гласови од стручно жири, на фотографите им донесоа фото-камери, како и велосипеди, за првонаградените.

Посебни награди беа доделени на двајца новинари, кои со својата работа придонеле за зголемување на свеста за климатските промени.

vinton oer i izairiАмбасадорката Оер рече дека натпреварот е клучен настан за зголемување на свесноста во Република Македонија за ова многу важно прашање и истакна дека ова е само подготовка и придонес за претстојната Конференција за климатските промени во Париз.

Претставничката на УНДП, Винтон, рече дека е среќна што имало толкав голем интерес за првиот фото-натпревар и истовремено изрази задоволство од „веќе традиционалниот љубовен триаголник на соработка со француската амбасадорка и со министерот за животна средина“.

– Ги поздравуваме напорите на Министерството и на Владата за намалување на емисијата на гасови за 30 до 36 отсто. Досега 160 земји, односно речиси сите земји членки на ОН, се залагаат за овие промени, што ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови за 93 отсто – рече Винтон.

Фото-конкурсот „#Делувајсега“ беше повик до сите граѓани да ги искористат своите фотографски вештини и со својот објектив да го забележат климатските промени во Македонија.


„Охридската” црвена супер Месечина пред научниците од НАСА


Охрид, 28 септември, 2015 - 16:06 (META) 

Синоќешниот редок феномен на црвена супер Месечина над Охридското Езеро и на охридското небо, беше фото-документирана од охридскиот фотограф Стојан Стојановски.

Како член на аматерското астрономско друштво од Охрид, Стојановски е специјализиран за фотографирање астрономски појави.

Стојановски направи неколку исклучителни фотографии, каде ја долови во вистинско светло Месечината во целиот нејзин сјај.

Фотографот Стојановски соработува и снима за потребите на научниците од НАСА, за чија страница доставува фотографии од астрономски случувања.

Младиот фотограф досега има направено бројни фотографии од затемнувања на Сонцето, метеорски дождови, а исто така пред неколку години ја фотографираше кометата Pan-STARRS, па фотографијата беше објавена на порталот на НАСА.

Вчера се случуваше редок феномен на совпаѓање на неколку појави, полна Месечина, месечина „жетва“ или „двојна полна Месечина“, како што стручно се нарекува, супер Месечина, а исто така и затемнување на Месечината. Овој настан е редок и веројатноста да се повтори е дури за 18 години.


Објавена фотографија од пилотот-херој, веднаш до таа на Лубиц


Келн, 7 април, 2015 - 11:36 (META) 

Британскиот весник „Дејли мејл“ ја објави првата фотографија од пилотот Патрик Сондхајмер, кој се обидел да го пречи Андреас Лубиц да го урне авионот на „Џерманвингс“ на француските Алпи и со себе да убие 149 луѓе.

Единствената фотографија на која се гледа Сондхајмер (првиот од лево на фотографијата) е снимена е седиштето на „Џерманвингс“ во Келн.

Контроверзија предизвика фактот што неговата фотографија е веднаш до онаа од копилотот Андреас Лубиц, човекот кој намерно го урна авионот и предизвика трагедија од невидени размери.