Сугарески: Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде пуштен в година


Битола, 22 декември, 2017 - 14:59 (META) 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на форумот „Важност на Пан-европскиот коридор 10 за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија” кој се одржа денеска во Битола порача дека очекува следната година да биде пуштена новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со што ќе се добие комплетен автопат на Коридорот 10 низ Македонија. Тој посочи и дека проблемот со неизградената пруга од Битола до Меџитлија е веќе во рацете на обвинителството, а најави и судски процес за неисполнетите обврски.

Министерот Сугарески истовремено најави дека се планира магистралниот пат од Прилеп преку Битола до граничниот премин Меџитлија да се надгради до ниво на експресен пат, што би било готово за две до три години.

– Многу значаен проект на кој во наредниот период ќе посветиме големо внимание е проширување на државниот пат Прилеп – Битола се до граничниот премин Меџитлија. Овој патен правец планираме да го изградиме на ниво на експресен пат, a во меѓувреме делот од Битола до Меџитлија ќе го реконструираме. Генерално следната година очекувам да имаме целосно функционален Коридор 10 на ниво на автопат, а за две до три години да имаме и модерни патни правци на кракот 10 Д – рече министерот во обраќањето пред учесниците на форумот.

За неизградената пруга Битола – Меџитлија, Сугарески најави судски процес, јави СДК.

– Судска постапка ќе се води во делот на одговорноста. Се што имаме поврзано со овој случај доставуваме до органите на прогонот. Тие малверзации ги открива обвинителството – рече Сугарески, не прецизирајќи кој ќе добие тужба.

Пругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното. Пругата требаше да биде готова до јули минатата година, но е незавршена. Потоа беше распишан нов тендер, на кој за изведувач е избрана австриската „Штрабаг“, која треба да ја заврши пругата следната година.


Анѓушев: За повисок економски пораст, извозот треба да биде 70 отсто од БДП


Скопје, 13 декември, 2017 - 13:39 (META) 

За повисок економски пораст на Македонија, потребно е, во креирањето на домашниот бруто-производ (БДП), извозот, од сегашните 53 проценти да изнесува од 60 до 70 проценти, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на форумот „Преку интернационализација на стопанството до повисок економски раст“, кој беше во организација на стопанските комори.

Тој додаде дека, за таа цел македонските компании треба да се насочат кон инвестиции, со кои, ќе произведуваат производи со повисока додадена вредност.

– За секоја нова инвестиција ќе се обезбеди државна поддршка во висина од 10 проценти на инвестицијата, за инвестиции кои се однесуваат на подобрување на конкурентноста на странски пазари дополнителни 10 проценти, а доколку се зголемува интернационализацијата во земјите од Западен Балкан, поддршката е дополнителни 10 проценти. Па така, инвеститорите ќе имаат можност да добијат поврат до 30 проценти од направените инвестиции – рече Анѓушев.

Според вицепремиерот, порастот на БДП за 2018 година од 3,2 проценти е реален, бидејќи извозот покажува тенденција на пораст, а има пораст и во производството на земјоделски производи. Единствено градежната индустрија има пад, поради застојот во изградбата на автопатиштата.

– За повисок економски пораст потребно е стабилна политичка ситуација, владеење на правото и спроведување на економски мерки- додаде Анѓушев.


Џафери се сретна со конгресмените Прајс и Роскам во Вашингтон


Вашингтон, 8 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со долгогодишните пријатели на Македонија, конгресмените Дејвид Прајс и Питер Роскам, за време на посетата во Вашингтон, информираат од собраниските служби.

Џафери ги информирал соговорниците за развојот на последните политички настани во земјата и за предизвиците со кои се соочува законодавниот дом.

„Особен акцент се стави на понатамошната поддршка на истражувачката работа на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија. Во таа насока ќе продложи  соработката и размената на ниво на пратеници и парламентарна служба“, се вели во соопштението.

Џафери учествуваше и на парламентарно-безбедносниот форум кој се одржа во Конгресот, на покана од американскиот конгресмен Роберт Питинџер.

„На овој значаен парламентарен собир, учествуваа неколку претседатели на собранија, пратеници, министри и експерти од областа на спречување на финансирање на тероризам и перење на пари. Во фокусот на дебатата беа повеќе теми од оваа област, меѓу кои законската рамка за превенција и борба против финансирањето на тероризмот и перењето на пари, важноста на споделување на информации меѓу државите и владините агенции за финансиско разузнавање, како и предизвиците што произлегуваат од брзиот технолошки развој“, информираат од собраниските служби.

Потсекретарот за финансии, Сигал Манделкер, истакнал дека земјите од Западен Балкан мора да дејствуваат како една целина за полесно да се справат со предизвиците во борбата против овој високо софистициран начин на финансирање на тероризмот. И токму затоа, повеќе од неопходна е целосната интеграција на земјите во НАТО.


Утре се одржува првиот Форум за управување со интернет во Македонија


Скопје, 27 ноември, 2017 - 8:21 (META) 

Во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи, утре ќе се одржи првиот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД (Internet Governance Forum Macedonia).

Целта на настанот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“.

– Форумот за управување со интернетот Македонија – ИГФ МКД е посветен на решавање на прашањата како што се слободниот пристап, инфраструктурата, квалитетот на услугите, локалните содржини и локалните апликации, кибер-безбедноста, политиките и регулаторната средина, балансираната родова застапеност итн., преку доведување на различните засегнати чинители на една платформа за широка дискусија за предизвиците со кои се соочуваат и преку дискусиите да предлагаат решенија – вели координаторот на Форумот, Александар Ичоќаев.

Според него, Форумот се стреми да се идентификуваат локалните проблеми и да се предложат решенија преку обезбедување можност за зајакнување на капацитетите на младите луѓе и за нив, да се идентификуваат нови проектни идеи во соработка со локални и со меѓународни експерти, да се споделуваат знаења и искуства и да се помогне во создавање широка платформа за расправа за прашањата на управувањето со интернетот во Македонија.

Инаку, Форумот за управување со интернет – ИГФ е всушност дел од вертикалната структура на глобалниот ИГФ, кој е под покровителство на Обединети нации. Тоа е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот, помеѓу сите засегнати во општеството.

– ИГФ е значаен форум каде што претставниците од граѓанското општество, индустријата, техничката заедница и носителите на одлуки на еднакво рамниште дискутираат за клучните предизвици поврзани со управувањето со интернетот. Со мандат на Обединетите нации, неформалната природа на ИГФ промовира инклузивна, сеопфатна и непосредна размена на идеи за важни прашања и политики, кои се важни за интернетот да остане глобален ресурс достапен за сите – вели Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

И оваа година во Женева, „Метаморфозис“ ќе учествува и ќе продолжи да дава значаен придонес за овој влијателен форум за да го застапува јавниот интерес за заштита на приватноста на интернет, слободата на изразувањето, отворениот пристап до знаењето и владеењето на правото.

– Во Македонија, досегашните иницијативи за организирање локален ИГФ биле изолирани и затворени, освен досегашните успешни иницијативи како проектот за интернет-слобода во Источна Европа и во Евроазија, поддржан од Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ) каде што учествува „Метаморфозис“ или конференцијата „Е-општество“, каде што се презентираат и дискутираат теми кои се релевантни за ИГФ, но пред сè за развојот на интернетот во Македонија. Основните принципи на организирање форум од ваков тип подразбираат отвореност, инклузивност и учество на сите што може да придонесуваат за овие важни прашања. Тоа што е суштински важно е дека тие треба целисходно да ги застапуваат интересите на сите засегнати страни, а кои се однесуваат на прашања поврзани со управувањето, одржливоста, безбедноста, стабилноста и развојот на интернетот во Македонија. Но, за среќа, тоа полека се менува, така што неодамна е иницирано организирање на локален ИГФ во Скопје, на кој ќе учествуваме со една многу важна тема, а во насока на целите на нашата организацаија – вели Јашари.

ИГФ МКД ќе функционира како процес што вклучува најмалку еден годишен состанок со поврзани подготвителни активности, како и меѓуактивности, вебинари и анкети. Овој процес ќе се планира и ќе се спроведува на принципот „оддолу-нагоре“, на отворен и на транспарентен начин.

Отворените дискусии за време на состаноците треба да се преточат во клучни пораки, во конципирање на главни правци, можни цели и предлози за идни конкретни активности. Овие пораки, пак, треба да помогнат, да информираат и да влијаат врз процесот на донесување одлуки во рамките на владините тела, собранието, приватните компании, образовните институции и на регионални организации.


Заев утре на економски форум во Виена


Скопје, 5 ноември, 2017 - 18:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев утре ќе учествува на Економскиот форум „Дијалог за иднината 2017“, што се одржува во Виена, Австрија. Заедно со него, на форумот ќе учествува и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, најавија од Владата.

Заев ќе учествува во дебатата „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“, а вицепремиерот Анѓушев ќе говори на првата пленарна сесија „Живееме во дигитално време! Визија и реакција на инвеститорите“.

По форумот, македонскиот премиер би требало да се сретне со  министерот за надворешни работи и иден канцелар на Австрија, Себастијан Курц.


Иванов во дводневна работна посета на Брисел


Скопје, 24 октомври, 2017 - 12:42 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, од утре ќе претстојува во дводневна работна посета на Брисел, соопштија денеска од неговиот кабинет.

Утре, како што информираат од кабинетот, Иванов ќе има средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

В четврток, македонскиот претседател ќе учествува на 19. годишна сесија на Форумот за домашна и глобална безбедност, во рамки на Форумот „Кран Монтана“. Предвидено е Иванов да се обрати на официјалната сесија на отворањето на форумот, како и на пленарната сесија посветена на соседската политика на Европската Унија, со посебен фокус на иницијативата „Три мориња“.

„За време на работната посета на Брисел, претседателот Иванов ќе оствари средба со заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, Дидие Реиндерс“, стои во соопштението.


Николовски на Форум во Словенија, за да се зголеми трговијата со земјоделски производи


Крањ, 24 август, 2017 - 13:54 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од денеска до 26 август, ќе учествува на 12. „Форум за агро-трговија и економска соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и Кина“, што годинава се одржува во Словенија.

На утрешниот состанок, министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од Кина, ќе ја промовираат иницијативата „16+1“ чиј што дел е и Македонија, со цел за понатамошен развој на трговијата со земјоделски производи.

На годинешниот Форум, фокусот е ставен на понатамошниот развој и зголемување на трговијата со земјоделско-прехранбени производи, со цел да се продлабочи соработката во истражувањето и развојот и да се разменат добри земјоделски практики во делот на одржлив развој на земјоделскиот и преработувачкиот сектор.

За Македонија, како дел од иницијативата „16+1“ е обезбеден промотивен простор на саемот, на кој МЗШВ ќе се претстави со органско земјоделско производство, како еден од секторите во земјоделството кој има голем потенцијал за развој во нашата држава.

Свои производи ќе изложат шест фирми кои произведуваат ајвар, сирење, мед, марамлад, овошје и колачи. Нивниот настап и промоција, ќе биде реализиран со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, и со поддршка на Владата на Словенија, која го обезбеди бесплатниот штанд.


Трет Форум на цивилното општество од Балканот – претходница на самитот во Трст


Трст, 11 јули, 2017 - 15:51 (META) 

Третиот Форум на цивилното општество, кој е претходница на самитот на Западен Балкан, почна денеска во Трст со присуство на околу 200 претставници на граѓанскиот сектор од Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и од другите делови од регионот, како и од Европа.

Хедвиг Моравија, извршна директорка на Европскиот фонд за Балкан, истакна дека препораките од Форумот директно ќе им бидат дадени на шефовите на дипломатиите, кои со своите премиери и други министри утре ќе учествуваат на самитот Западен Балкан – ЕУ, исто така во Трст.

– Ние се обидуваме да се занимаваме со вистински теми. Бидејќи никој нема да нè слуша ако дискутираме за јаболката, а сите се занимаваат со портокалите – изјави симболично Моравија.

Валтер Кауфман, шеф на германската фондација „Хајнрих Бел“ за Југоисточна Европа, порача дека вложуваат многу енергија во соработката меѓу цивилното општество и владите, бидејќи порано се случувало препораките од цивилното општество да не бидат сериозно разгледувани на државно ниво. Подоцна на средба со новинарите Кауфман изрази потреба од нов приод на цивилниот сектор.

– Цивилниот сектор понекогаш функционира во некој свој „балон“, во затворен круг, а тоа би морало да се промени. Мораме да го охрабриме повеќе да се работи со обичните луѓе, со луѓето на улица, за да се стори сè нивните гласови подобро да се слушнат. Со тоа политичарите – популисти, би имале помалку шанса да тврдат дека настапуваат во името на обичните граѓани – изјави Кауфман, чија фондација е соорганизатор на Форумот и на панел-дискусијата посветена на „Околината, енергијата и климатските промени“.

На Форумот се расправа за демократијата, за креативните индустрии и за младите, за чистата енергија и за климатските промени, за миграциите, за улогата на медиумите и за друго.

Од Македонија на Форумот во улога на панелисти или модератори се најавени Бардил Јашари од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Дона Костуранова од МОФ, Мартина Смилевска од Здружението на млади правници, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики и други.

Форумот завршува утре, кога претставници од цивилниот сектор на шефовите на дипломатиите на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и на Никола Димитров, ќе им ги предадат препораките.

Вчера во Сараево се одржа и друг традиционален Форум на невладини организации, чии препораки исто така се земаат предвид на самитот во Трст, бидејќи цивилното општество е задолжителен дел од т.н. Берлински процес за Балканот, кој треба да го доближи регионот до ЕУ.


Форум на невладините организации од Западен Балкан


Сараево, 10 јули, 2017 - 16:57 (META) 

Повеќе од 100 претставници на невладини организации од регионот на Западен Балкан и од ЕУ, се собраа денеска во Сараево за да дискутираат за проблемите на граѓанската организираност и за учеството на граѓаните во изградба на јавните политики, како и за поврзаноста на активностите во регионални рамки.

Станува збор за шести Форум на невладиниот сектор, кој е во организација на Европскиот економско-социјален одбор и на Регионалниот совет за соработка (РСС).

– Цивилното општество мора да има право на глас кога станува збор за реформирање и за развој на нашите општества. Постојат многу докази за тоа дека улогата на цивилните општества на Западен Балкан сè уште се потценува, иако сите имаат корист од силно, проактивно и независно цивилно општество – изјави генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.

Олаф Дусен, главен советник за човекови права при ЕУ-делегацијата во БИХ, смета дека колку се посилни цивилните општества внатре и надвор од Европа, толку се посилни и демократските институции и дека истото се однесува и на Западен Балкан.

Најважните теми на дневниот ред на Форумот на цивилното општество на Западен Балкан се улогата на невладините организации во помагање на одржливиот пораст, вработувањето, миграцијата, слободата на изразување и медиумите и правата на жените.

Овој форум е дел од Берлинскиот процес и заклучоците ќе бидат земени предвид во понатамошните регионални политики на владите од Балканот.


Курц: На ЕУ ѝ се потребни помалку правила, но тие треба да се јасни и да се почитуваат


Вахау, 10 јуни, 2017 - 17:01 (META) 

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, изјави дека на Европската Унија ѝ се потребни помалку правила, но дека тие треба да бидат јасни и да се почитуваат.

„Денес мора да признаеме дека сме во критична фаза, но добрата вест е дека иако сме во Европската Унија, нам ни останува да осигураме дека таа се развива во добар правец. Правилата кои сами ги создадовме, мора да ги почитуваме“, изјавил Курц на Европскиот форум во Вахау.

Во однос на безбедноста, тој кажал дека Европа треба да соработува со партнерите, но мора да биде во состојба сама да ги штити надворешните граници.

„За решавање на мигрантската криза, потребна е соработка со соседите, но не и зависност од нив. Не смееме да дозволиме да нè уценуваат“, изјавил тој.