Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


Обвинител врши увид во куќата во Тетово, каде загинаа мајка и нејзините деца


Тетово, 25 јануари, 2018 - 10:55 (META) 

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово врши увид во двокатната куќа на улица Гоце Делчев во Тетово, каде што ноќеска избувнал пожар при што, според првичните информации, настрадале жена и четири деца.

„Надлежниот обвинител во моментов е на местото на настанот и во соработка со увидната екипа од Полициската станица – Тетово и Противпожарната служба врши увид. Обвинителот повика тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН кои треба да помогнат во утврдување на околностите и причините за пожарот. Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот“, информираат од Обвинителство.


Крим-техника на МВР доби сертификат за акредитација


Скопје, 26 јули, 2016 - 14:20 (META) 

Државниот Институт за акредитација денеска на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР му додели сертификат за акредитација. Како што посочил министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, со сертификатот за акредитација се потврдува компетентноста на експертите и стандардизацијата на методите за анализа и за вештачење на доказниот материјал.

„Воедно, се зголемува и довербата во лабораториските резултати кои стануваат меѓународно признаени“, истакнал Чавков за време на церемонијата за доделување на сертификатот.

Според министерот, акредитацијата ќе овозможи континуитет во членството на форензичките лаборатории во најреномираната европска асоцијација од областа на форензиката, односно Европската мрежа на форензички научни институти – ЕНФСИ.

„Вработените во одделот со истиот интензитет продолжуваат да работат на имплементација на меѓународните стандарди и за другите лаборатории, за што ја имаат целосната поддршка од Министерството за внатрешни работи“, рекол Чавков.


МВР го заврши дигиталното вештачење за „тајната фабрика за пасоши“


Скопје, 8 декември, 2014 - 13:05 (META) 

Министерството за внатрешни работи завршило со дигиталното вештачење на фотографиите и на видеозаписот на кои се гледа како рачно се изработуваат пасоши, јавува „Фокус“. Резултатите од вештачењето се испратени во Основното јавно обвинителство, а од МВР не соопштуваат повеќе детали.
Шефицата на јавното обвинителство, Гордана Гешковска, за „Фокус“ потврдила дека тие од утре ќе ја анализираат дигиталната форензика.


На телото на Дениса не можат да се прават токсиколошки анализи


Скопје, 10 ноември, 2014 - 13:04 (META) 

На Иститутот за судска медицина, чиј тим вештаци треба да го утврди идентитетот и, евентулано, причините за смртта на девојката, за која нивни колеги во Грција констатираа дека е Дениса Маркоска, најверојатно нема да се прави токсиколошка анализа бидејќи кадаверот е оштетен од морската вода и од формалинот со кој бил заштитен по обдукцијата во Грција.

Од Институтот за судска медицина велат дека за најмногу 24 часа ќе се знаат прелиминарните ДНК-анализи и ќе биде познато дали телото е на Дениса Маркоска. Но, на телото не можат да се прават токсиколошки анализи, пренесува порталот „Плусинфо“.

Обдукцијата на Институтот за судска медицина почна завчера вечерта, потврди директорот на Институтот, Алексеј Дума. Тој изјави дека сите информации кои ќе ги добијат по завршените анализи ќе бидат доставени до Министерството за здравство како барател на постапката и до семејството на покојната.

– Работиме по сите стандарди и норми пропишани од Советот на Европа, Комисијата за форензика. Треба време да се спроведат испитувањата. Колку ќе добиеме, ќе видиме, бидејќи телото е многу трулежно променето. Тоа ја отежнува работата, што значи дека ќе треба време – рече Дума.

Дениса Маркоска исчезна ноќта меѓу 12 и 13 септември од бродот „Серенисима“, на кој работела. Потрагата по неа траеше неколку недели, а на почетокот на октомври во близина на остовот Карпатос беше пронајдено мртво тело на девојка, за која грчките судски власти, по извршената ДНК-анализа, рекоа дека е на Дениса Маркоска.

Семејството на Дениса, со јавно писмо, од Владата побара на телото да се изврши нова обдукција.