Граѓанска кампања „Зачекори напред! Изборот е твој“


Скопје, 10 септември, 2018 - 13:33 (META) 

Граѓанската иницијатива „Зачекори напред“ денеска со првото издание на весникот „ЕУрека“, кој бесплатно ќе се дели на фрекфентни места низ целата држава, ја започна информативната кампања со која во следните недели ќе се обиде на граѓаните да им понуди информации поврзани со придобивките и предизвиците од зачленувањето во Европската Унија и НАТО.

Под слоганот „Зачекори напред! Изборот е твој“, граѓанските организации обединети во  иницијативата ќе се обидат на граѓаните да им ја доближат Европската Унија и нејзините политики, како и да одговорат на бројните прашања поврзани со тоа што треба да направи Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и што ќе добие со евроатланската интеграција.

Кампањата ќе се одвива низ целата држава преку ТВ спотови, анимации, фото факти, на телевизиите, радио станиците, социјалните мрежи, а ќе бидат поставени и билборди. Истовремено ќе се организираат низа медиумски и јавни дебати, директни средби со граѓаните, промоции на книги и други настани.

Исто така, планирани се и две изданија на „ЕУрека“ – денешното и второто, што треба да излезе по 22  септември.  Весникот има македонска и албанска верзија, со вкупен тираж од 55.000 примероци. Електронската верзија на „ЕУрека“, како и сите информации и материјали поврзани со кампањата се достапни на веб-страницата.

Носители на граѓанската иницијатива се: Фондацијата Отворено општество – Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Младински образовен форум (МОФ), Цивил – Центар за слобода, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Рурална коалиција, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и  Центар за современи уметности.


Трет периодичен извештај за медиумските реформи утре во Клубот на новинари


Скопје, 22 мај, 2018 - 15:38 (META) 

Утре во 11 часот во Клубот на новинарите ќе биде презентиран третиот периодичен извештај во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за промовирање на граѓански вредности „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Овој периодичен извештај ги презентира резултатите од набљудувањето на исполнетоста на Итните реформски приоритети (ИРП) кои се однесуваат на слободата на изразувањето, во периодот од 1 јануари до 31 март оваа година.

Опсерваторијата на медиумските реформи резултатите ги презентира во форма на периодични извештаи, вести и истражувачки стории за што поголемо вклучување на граѓаните на Република Македонија во демократските процеси.

Предмет на набљудувањето се четирите столба на ИРП, Јавниот  радиодифузен сервис (МРТ), владиноти рекламирање, пристапот до информации и клеветата и навредата.

Сите резултати од следењето се достапни на македонски и албански јазик на веб-локацијата MediaObservatorium.mk.

Во вториот извештај за периодот до 31 декември минатата година беше констатирано дека реформите во медиумската сфера течат, но со различно темпо и квалитет во различните сектори и беа утврдени следните клучни наоди: реформи во јавниот радиодифузен сервис – започнато, но неисполнето, владините реклами – делумно исполнето, пристапот до информации од јавен карактер – делумно исполнето, и клевета и навреда – целосно неисполнето.


Македонија има шанса за отворено општество, но само ако реформите продолжат


Скопје, 21 мај, 2018 - 16:39 (META) 

Македонија има шанса за отворено општество, но мора да се продолжат реформите во владеењето на правото, слободата на изразување, транспарентноста, отчетноста, економскиот развој и борбата против говорот на омраза и ксенофобијата, се дел од заклучоците на денешната конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?“ организирана од Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ).

На конференцијата, организирана по повод 25-годишнината на Фондацијата во Македонија, учествуваа извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова – Пановска, премиерот Зоран Заев, претседателот на Фондацијата Отворено општество, Патрик Гаспар и претседателката на Управниот одбор на ФООМ, Маја Бојаџиевска.

Извршната директорка на ФООМ истакна дека неслучајно го одбрале овој наслов на оваа завршна конференција затоа што, како што рече, сакале да подвлечат дека по периодот на затвореност, на добиените квалификативи за „заробена држава“, по промените минатата пролет општеството почнува да се отвора, но смета дека целта сè уште не е постигната.

– Отвореното општество како концепт никогаш не е достижно во идеална смисла. Но, има начини многу да се направи дополнително за Македонија да може да ја сметаме за вистинско отворено општество со сите вредности кое тоа ги предвидува. Имаме многу работа на планот на правната држава, на воспоставување на владеење на правото, на планот на справување со криминалот од претходната власт паралелно со справување на потенцијалниот криминал меѓу претставниците на актуелната власт. Има многу што да направиме на планот на говорот со омраза со национализмите и со ксенофобијата, на оттргнување на политичките партии да го доминираат јавниот простор и јавниот дискурс и да се овозможи активните граѓани кои длабоко ветуваат во тоа дека може нешто да променат и дека сè зависи од нас да можат да делуваат слободно – рече Каранфилова – Пановска.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека сегашната власт ќе продолжи да ја гради државата со транспарентност и отчетност.

– Поттикнати од поривот да го ослободат, да го отворат своето општество, граѓаните на Македонија создадоа услови за фер и демократски избори и мнозинството гласаше за победа на отвореното општество. Граѓаните застанаа на страната на победата со пенкало. Ненасилно ја ослободија „заробената држава“. Демократските сили се спротиставија на ретроградните структури, на оние кои сакаа да го затворат и заробат општеството. Граѓаните повторно ги реафирмираа принципите на граѓанските демократските стандарди, на еманципираната политичка култура, човековите права и слободи за сите без исклучок, и неопходноста од транспарентност и отчетност на институциите во Република Македонија – рече Заев, нагласувајќи дека 2018 година е година на сериозни реформи можности и за решение на 25-годишниот спор со Грција.

Претседателот на Фондацијата Отворено општество, Патрик Гаспар, рече дека е оптимист, но и напомена дека работата не е завршена и мора да се продолжи со реформите.

– Мора да се соочиме со притисокот на столбот на моќта. Има оптимизам. Претходната власт во Македонија сакаше да го затвори отвореното општество, но граѓаните застанаа во негова одбрана оти сакаа слободно општество. Им благодарам на сите што дадоа поддршка. Многу е сторено во Македонија, но сè уште треба да се прави многу на полињата на достап до правата, иновацијата и економското зајакнување, заедно со зајакнување на правосудството – истакна Гаспар.

Конференцијата денеска ќе продолжи со дебата на тема: „Граѓаните, политичката култура и идентитетите“ и „Нема правда, нема мир“, а утре на завршниот дел на програмата се теми фокусирани на транспарентноста и отчетноста на институциите во Македонија, предизвиците и можностите за ангажман на граѓанското општество по делувањето во „заробена држава“, како и „Македонија може да стане отворено општество“.


Дескоска: Работиме за да изградиме достоинствена професија наставник


Скопје, 16 мај, 2018 - 10:01 (META) 

Неопходни се дополнителни образовни реформи со кои би се подобриле професионалните компетенции на наставниците, но тие нема да дадат соодветен ефект доколку државата не ги вклучи и наставниците во процесот на планирање и подготвување на тие реформи.

Ова е дел од заклучоците кои беа истакнати на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците“ што вчера  ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамките на програмата за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Фондацијата.

Домашни и странски професори и претставници на граѓански организации кои работат на проекти од областа на образованието, на конференцијата ги отворија прашањата за квалификуваноста на наставниците во основното образование во Македонија, како еден од условите за квалитетен образовен процес, а дискутираа и за глобалните трендови на ова поле.

На оваа конференција беше презентирано истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици“ чии автори се пет универзитетски професори, а го издаде Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска нагласи дека ФООМ е долгогодишен партнер на образовните процеси во Македонија која континуирано дава експертска поддршка и помош.

– Презедовме мерки со кои првична цел ни беше да ги мотивираме наставниците кои работат. Но, истовремено да ги стимулираме средношколците кои завршуваат со најдобар успех да се запишуваат на факултетите кои продуцираат наставници. Но, за да се привлечат најдобрите ученици да станат наставници прво треба да изградите професија наставник како достоинствена професија и ние работиме на тоа. Мерките кои што се предлагаат во спроведеното истражување кое се презентира денеска и проблемите кои се нотирани се драгоцен придонес во процесот на реформирањето. Ве уверувам дека ќе бидат земени предвид во натамошните мерки на Министерството за образование – рече Дескоска на конференцијата.


„Слободата и интернетот во Македонија“: Приватноста, лажните вести и говорот на омраза се новите предизвици


Скопје, 11 мај, 2018 - 15:50 (META) 

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје се одржa конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ како дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија(ФООМ) – #ФООМ25.

На конференцијата се дискутираше за развојот на интернетот во земјава, за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница и за нивните искуства и потреби.

MSU2

На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ говорea Бардил Јашари, извршниот директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.

– На почетокот проблемот и „борбата“ беше околу пристапот кон интернет и малиот број на корисниците, сега е борбата е друга, со заштитата на приватноста, со лажните вести и со говорот на омраза – рече Јашари.

Според Аргирова, сè уште е голем јазот меѓу генерациите околу користењето на интернетот чија главна предност е што е отворен, двонасочен.

– Со интернетот секој граѓанин има свој медиум. Преку интернетот се остварува правото на слободно информирање и тој е совршено огледало на едно општество – рече Аргирова.

На првата панел-дискусија за клучните моменти на развојот на интернет во Македонија говореа Софче Јовановска, шеф на кабинет на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Јован Колов од „Нетцетера“, Огнен Фирфов, директор за интерна ревизија во Македонски Телеком и Игор Трајковски, основач и сопственик на Time.mk.

MSU1

За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“,говореа Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.

За „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).


Почна одбележувањето на јубилејот 25 години на Фондацијата Отворено општество – Македонија


Скопје, 4 мај, 2018 - 13:50 (META) 

Во Музејот на современата уметност во Скопје вчеравечер беше свечено отворена прославата на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Пред бројни гости, одбележувањето на големиот јубилеј почна со промоција на документарен филм и изложба „25 години посветени на градењето отворено општество во Македонија“, преку кои присутните се запознаа со работата на Фондацијата во изминатите години, како и проектите и програмите кои се реализирале со нејзина помош.

За почетоците на ФООМ во Македонија, но и за нејзиното значење низ годините синоќа зборуваа заменик-претседателот на фондациите Отворено општество, Леонард Бенардо и регионалниот директор на фондациите Отворено општество за Европа и кодиректор на Европската иницијатива за отворено општество Жорди Вакер.

На работењето на Фондацијата и многубројните предизвици со кои таа успешно се справува во изминатите 25 години синоќа се осврнаа и Владимир Милчин, поранешен извршен директор на ФООМ, Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ и Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ.

– Фондацијата била и ќе биде меѓу првите за да ги брани правата и слободите на граѓаните, особено на маргинализирани заедници и на нашите сограѓани од помалите етнички заедници. Граѓанското општество и неговиот развој сме го поддржувале, го правиме тоа и денес и ќе прододолжиме понатаму на истиот начин, за да биде рамноправен партнер на институциите во реформите и креирањето на политиките, но и за да може независно да ја надгледува работата на властите, критички да ја анализира и да се застапува за промени – истакна Каранфилова-Пановска.

Серијата настани посветени на значајниот јубилеј продолжуваат денеска со регионалната конференција „Зошто Европа, зошто сега?“ која ја отворија Фани Каранфилова-Пановска, Жорди Вакер и Лукаш Холуб, раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи при Делегацијата на Европската Унија.

На конференцијата, аналитичари, новинари, членови на граѓански организации од Македонија и регионот ја разгледуваат перспективата на земјите од регионот за интегрирање во Европската Унија.


Владата прави реформски промашувања наместо да спроведува итни реформи


Скопје, 11 ноември, 2016 - 14:02 (META) 

Владата нема реформски капацитет, а Македонија се движи во погрешна насока затоа што има предоминантна извршна власт, која влијае на судството и на собранието, е заклучокот од дебатата „Итните реформски промашувања“, организирана од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) и од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Бојан Маричиќ од МЦЕО вели дека по изборите реформската агенда не треба да ѝ биде оставена исклучиво на владата.

– Во извештајот има остар јазик и директно вперување прст кон најодговорните лица, особено кон тие што ја водат државата. Јасно е посочено дека нема политичка волја за спроведување на реформите. Оваа влада нема реформски капацитет и затоа од неа не можеме да очекуваме спроведување на реформските приоритети. Македонија е тргната во погрешна насока затоа што има сериозно нарушена демократска средина, која влијае на иднината на земјата – вели Маричиќ.

Во овој извештај се спомнува заробена држава и заробени институции, а тоа е затоа што има предоминантна власт, која директно влијае на Собранието и на судската власт, смета Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.

Според Фани Каранфилова-Пановска од ФООМ, во Македонија има погрешно водење на јавните финансии, процентот на буџетскиот дефицит постојано се зголемува, како и надворешниот долг.

– Следната власт ќе треба да посвети време на тоа како да ги дисциплинира финансиските политики и како да ја мотивира целокупната економска средина – додава Каранфилова-Пановска.

МЦЕО спроведе анкетно истражување „Еврометар 2016“, кое покажува дека 59,3 отсто од анкетираните сметаат дека членството на Македонија во ЕУ би била добра работа, што е намалување од минатата 2015 година, кога тоа го сметале 60 отсто од испитаниците.

На прашањето која е причината за застојот на евроинтеграциите, 37,3 отсто сметаат дека Македонија не може да влезе во ЕУ заради спорот за името, а 36,5 отсто сметаат дека Владата го користи спорот за името со Грција само како изговор за да не ги спроведе реформите.


Музички и уметнички настани за борба против ксенофобијата


Скопје, 22 септември, 2016 - 16:53 (META) 

Со националната кампања против ксенофобија „Деца на планетата Земја“, завршува проектот „Хуманитарна и правна помош за мигранти“, кој Фондацијата „Отворено општество“ го реализираше од 1 септември 2015 година до 30 септември 2016 година во соработка со партнерските организации „Легис“, Македонско здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

Во наредните два дена, во рамките на „Поп ап Акто“ ќе се организираат музички и уметнички настани и интересни дискусии во Паркот на франкофонијата и во Капан-ан.

„Овие настани имаат цел заедно да потсетиме дека сите ние имаме право да живееме мирно, слободно и безбедно и дека сме способни да ги надминеме стравот од туѓинци и омразата кон поинаквите од нас“, велат организаторите.


Ермира Мехмети: Да бев Груевски, по ваков извештај ќе си поднесев оставка


Скопје, 11 ноември, 2015 - 16:41 (META) 

Препораката на Европската комисија е замрзната, а извештајот покажува назадување во клучните реформи и со најнедипломатски јазик ги нотира слабостите на државата, се заклучоците од дебатата „Има ли излез од безизлезот“, организирана од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) и од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Бојан Маричиќ од МЦЕО смета дека овој извештај е најкритичкиот што Македонија го добила во последните седум години, а препораката е замрзната и условена со спроведување на Договорот од Пржино, со имплементирање на реформите од извештајот на Прибе и со одржувањето фер и демократски избори следната година.

Пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети, вели дека доколку таа е премиер на местото на Никола Груевски, по добивање ваков извештај, веднаш би си поднела оставка.

– Извештајот содржи досега најнедемократски јазик во адресирањето на слабостите и на критиките кон носителите на јавни фукнции. Извештајот не нотира прогрес туку назадување, а слабостите што се таму забележани треба да служат како патоказ за надлежностите на новата политчка влада. Политичката елита со извештајот доби шанса да се коригира во периодот што следува, но дали тоа ќе се случи, зависи од политичката волја – вели Мехмети.

Арбен Таравари, генерален секретар на Движењето за реформи на ДПА, смета дека реална е оцената на ЕК дека меѓуетничките односи се кршливви, а случајот со Куманово не е доволно истражен.

– Случајот со Куманово е посебна приказна. Секогаш кога треба да се дефокусира јавноста, се случуваат вакви настани со меѓуетнички тензии. Овој случај треба да се истражи до крај и виновниците да се изведат пред лицето на правдата – додаде Таравари.

На дебатата беше презентирана и компративната анализа на извештаите на Европската комисија од 2012 до 2015 година наречена „Назадување – неветено, остварено“.

Во анализата се издвоени четири заклучоци. Првиот заклучок е дека препораката за преговори е суспендирана и условена. Вториот заклучок е дека содржините на „бомбите“ се во фокусот на извештајот и имаат клучно влијание врз оцената. Според третиот заклучок, фискалната, економската и буџетска политика на Владата се спротивни на стратегијата за проширување на ЕУ, а последниот заклучок, според анализата, е дека граѓанското општество е важен фактор во решавањето на политичката криза.


Дебата „Има ли излез од безизлезот“ во 14 часот во „Холидеј ин“


Скопје, 11 ноември, 2015 - 10:16 (META) 

„Има ли излез од безизлезот“, политичката криза и извештајот за напредокот на Европската комисија за 2015 година се тема на дебатата што ќе се одржи денеска во 14 часот во хотелот „Холидеј ин“ во организација на фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

„Повод за оваа дебата е објавувањето на компаративната анализа на извештаите на Европската комисја 2011 – 2015 која традиционално, седмипат по ред, ја подготвуваат ФООМ и МЦЕО врз основа на извештаите за напредокот на Република Македонија, односно на забелешките и проблемите нотирани од Европската комисија (ЕК) за периодот 2011-2015 година. Целта на оваа анализа е што појасно да се прикаже брзината со која Република Македонија се приближува – или се оддалечува – од Европската Унија за што се користи веќе утврдена методологија според која се разгледуваат и систематизираат исклучиво проблемите, а не достигнувањата“ велат од ФООМ.

На дискусијата ќе говорат Бојан Маричиќ од МЦЕО, професорката Гордана Бужаровска, новинарот Васко Попетревски, пратеничката Ермира Мехмети и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.