Заев се сретна со Сорос во Давос


Давос, 24 јануари, 2019 - 16:02 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во рамки на Светскиот економски форум во Давос, се сретнал и со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на фондациите Отворено општество (ФОО) и со Патрик Гаспар, претседател на ФОО, соопшти Владата.

„Зачленувањето на Република Македонија во НАТО и интеграцијата кон Европската унија беа оценети како клучни чекори кои обезбедуваат стабилност и сигурност за земјата и за регионот, и ја отвораат вратата за нови странски инвестиции, за развој на македонската економија и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, се вели во соопштението испратено од Влада.

Заев и Сорос, како што велат од Владата, размениле идеи за интензивирање на соработката меѓу Владата и фондациите Отворено општество за обезбедување подобри капацитети за грижа и за предучилишно образование за децата и за поголема вклученост на граѓаните Роми во разни сфери на општествените текови во Македонија.

Во разговорот била истакната важноста на Националната стратегија за едно општество и мултикултурализам, како и потребата од интензивно учество на граѓанскиот сектор во креирање и спроведување на Стратегијата, со цел да се поддржи општествениот тренд на унапредување на довербата и комуникацијата меѓу различните граѓани и заедници во Република Македонија.


Џорџ Сорос е личност на годината според „Фајненшел тајмс“


Лондон, 19 декември, 2018 - 14:05 (META) 

Американскиот филантроп и милијардер Џорџ Сорос денеска од британскиот економски дневен весник „Фајненшел тајмс“ беше прогласен за личност на 2018 година.

„За личност на годината „Фајненшел тајмс“ обично решава врз основа на достигнувањата. Во случајот на Сорос оваа година, одлучено е врз основа на вредноста што тој ја претставува“, се вели во образложението.

Џорџ Сорос (88), унгарски Евреин кој во САД се збогатува и станува „таткото“ на хеџ-фондовите, е најпознат како борец за либерална демократија и отворено општество. За таа цел ја основа Фондацијата Отворено општество, преку која низ целиот свет покрај обемната добротворна активности, исто така ја поттикнува и поддржува образованието, како и борбата против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата. Фондацијата дејствува и во Македонија, како Фондација Отворено општество – Македонија.


Тевдовски: Без владеење на правото, нема успешна економија


Скопје, 14 септември, 2017 - 16:31 (META) 

Состојбата со владеењето на правото, насоката во која тоа се движи и неговата поврзаност со управувањето на јавните финансии на транспарентен начин се темите на Меѓународната конференција „Владеење на правото – Каде се движиме“, што почна денеска во Скопје.

Конференцијата, која денеска и утре се одржува во хотелот на „Александар палас“, е во организација на Центарот за студии на европски политики (ЦСЕП) од Брисел и на Центарот за економски анализи од Скопје, а е поддржан од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

За состојбата со владеењето на правото во Европа, и особено на Западниот Балкан, ќе дебатираат универзитетски професори и претставници на консултантски организации и на граѓанскиот сектор.

Леонард ден Хертог, истражувач, стипендист и координатор на програмата „Енгејџ“ на ЦСЕП, во воведното излагање го цитираше претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, дека „владеењето на правото во Европската Унија не е опција, туку обврска“.

Марјан Николов од Центарот за економски анализи истакна дела целта на конфернцијата е да се понудат идеи за решевање на предизвиците околу прашањата што ги поврзуваат владеењето на првото, економијата и безбедноста.

– Од 1997 до 2015 година, речиси двојно е зголемен бројот на демократски влади во светот. Но, извештатите од 2016 година покажуваат дека бројот на земји во кои опаѓа демократијата е поголем од земјите каде демократските вредности се зголемуваат – рече Николов.

Пред почетокот на панел-дискусиите, обраќање имаше министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој истакна дека владеењето на правото е клучен услов за добра економија и за еконосмки развој.

Тој истакна дека приоритети на новата влада се транспаретноста во носењето на важните закони, важење на законите за сите еднакво и усогласување на македонското со законодавството на ЕУ.

– За инвеститорите е најважна стабилноста, односно дека правилата важат еднакво за сите. Ако сакаме инвеститори од странство, важно е законодавството да биде како европското – рече Тевдовски.

Во рамките на конференцијата, денеска и утре ќе се одржат четири панел-дискусии, посветени на транспарентноста и на отчетноста (со акцент на јавните финансии, човеките права и на владеењето на правото), потоа кривичното право, трансформативната моќ на Европската Унија и на улогата на граѓанското општество.


ВМРО-ДПМНЕ: Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС


Скопје, 8 јули, 2017 - 16:20 (META) 

Таканаречените невладини организации на Сорос кои се под директна контрола на СДС си го покажаа уште еднаш и дефинитивно своето вистинско лице. Тие никогаш не беа никаков невладин сектор, туку само слуги на политичките интереси на спрегата помеѓу СДС и Сорос изјави денеска Димче Арсовски, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ пред просториите на фондацијата „Отворено Општество“.

-Поранешните невладини, а сега владини советници и чиновници докажаа дека нивната цел никогаш не била да се биде граѓански коректив на власта, туку само да се доберат до фотелји и до позиции. Нивните принципи никогаш не биле одбрана на државата и нејзините интереси, туку личниот бенефит и личниот профит. Токму затоа во владата на Заев веќе се вработени десетици т.н. граѓански активисти кои цело време, изминативе години одработуваа за интересите на СДС, лажејќи ги граѓаните на Република Македонија дека застапуваат некаков граѓански интерес. Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС и докажаа дека битката никогаш не била за слобода, демократија и правда, туку за доаѓање на власт со лаги, интриги и манипулации – изјави Арсовски.


Формирано ново граѓанско движење „Стоп операција Сорос“


Скопје, 17 јануари, 2017 - 15:53 (META) 

„Стоп операција Сорос“ е името на новото граѓанско движење преку кое, како што велат основачите, во наредниот период „ќе се иницира и ќе се даде придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија“.

Граѓанското движење ќе се водело од максимата „Не прашувај што државата направила за тебе туку што ти си направил за државата“.

Еден од основачите, Никола Србов, вели дека „последните две години, македонскиот народ бил сведок на грубо уривање на институциите на државата и на одземање на суверенитетот од рацете на граѓаните на Република Македонија“.

– Фондацијата „Отворено општество“, која е под капата на Сорос, стоеше директно зад сите насилни процеси во Република Македонија, со финансии и со кадар. Фондацијата „Отворено општество“ создаде монопол во граѓанскиот сектор, кој е окупиран и во него нема место за организации и за движења кои не се согласуваат со идеологијата на Сорос. Во граѓанскиот сектор беше прегазен плурализмот и завладеа тоталитарно едноумие – вели Србов.

Цветин Чилиманов вели дека активностите на граѓанскиот сектор биле „во координација со СДСМ, но и со претставници на дипломатските претставништва во Македонија“.

Движењето „Стоп операција Сорос“ најпрво ќе почнело со работа преку отворање прашања и давање одговори за начинот на кој дејствува Сорос во Македонија, а сите граѓани што сакаат да се приклучат ќе имале можност за тоа преку активностите што ќе се случуваат во иднина.


Во Струга обука од концептот „Општина по мерка на граѓаните“


Струга, 3 март, 2016 - 11:57 (META) 

Фондација „Отворено општество“ – Македонија во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните“ денеска и утре во Струга организира обука за претставници од граѓански организации на тема „Мониторинг на акциски планови“.

Концептот е имплементиран во партнерство со Општина Струга.

Обуката има цел да им понуди на претставниците на граѓанските организации алатки за надзор на имплементацијата на локалните стратегии и акциски планови за образование, млади, социјална заштита и за соработка со невладиниот сектор во Општина Струга.

По завршувањето на обуката, во текот на март годинава, Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија ќе распише отворен повик за мали грантови за организации, кои би го реализирале надзорот на акциските планови во Општина Струга, во текот на 2016 година.