Фондацијата “Метаморфозис” и МИОА со ново видео го одбележуваат Денот на побезбеден интернет


Скопје, 5 февруари, 2019 - 13:15 (META) 

Во над 140 земји од светот денеска се одбележува меѓународниот Ден на побезбеден интернет под мотото „Заедно за подобар интернет“. Одбележувањето на овој ден претставува повик за акција кон сите засегнати страни, со заеднички сили да помогнат во креирањето на подобар интернет за сите, особено за младите.

Фондацијата “Метаморфозис” во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) го одбележуваат денот со ново едукативно видео за подигнување на свесноста кај младите за потребата од побезбедно и поодговорно користење на онлајн технологиите и мобилните телефони.

Сите заинтересирани можат да се вклучат во кампањата и да ја изразат својата поддршка преку тоа што:

1.Ќе речат „не“ на кибер-насилството

Онлајн насилството е широко распространет проблем и сосема е сигурно дека сите оние што се активни на социјалните медиуми имаат посведочено или биле жртва на ваков вид насилство. Но, добрата вест е дека младите од Европа се организираат против онлајн насилството преку кампања наречена #Togetherforrespect (Заедно за респект).

2. Ќе ја заштитат нивната приватност онлајн

Приватноста онлајн можеби изгледа смешно од оваа перспектива, но заштитата на личните податоци е неопходна за да може безбедно и сигурно да се ползуваат благодатите на онлајн светот. Податоците на граѓаните константно се прибираат од страна на платформите за социјални медиуми и разни апликации кои се користат на дневна основа. Ако не се обрнува доволно внимание на поставките за приватност, злонамерни лица можат да добијат пристап до податоците на граѓаните и да ги искористат за наштетување репутацијата или уцени.

3. Ќе научат да размислуваат на критички начин

Измамите на интернет добиваат екстремни пропорции и за оние кои ќе наседнат може да има сериозни последици. Освен измамите, многу поширок е проблемот за дезинформациите и лажните вести. Поради тоа, развојот на вештините за медиумска писменост е апсолутно неопходен.

На оваа веб страница се прикажани сите активности кои што се случуваат насекаде низ светот каде луѓе со слични идеи и предлози се обидуваат да го направат интернетот побезбедно место за сите.

Дополнителни ресурси за начините за заштита на децата и младите на интернет се достапни на веб-страницата на Проектот за Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет – CRISP (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected) или на „Безбедно на интернет“.

Активностите за Денот на побезбеден интернет може да ги следите и на социјалните медиуми преку #SID2019 и #SaferInternetDay.


Истражување: Нема реформа на правосудството без политичка волја


Скопје, 14 јануари, 2019 - 14:57 (META) 

Мора да има политичка волја за реформи во правосудството и цврсто опстојување на имплементацијата на законските реформи, со што ќе се демонстрира дека политичката елита цврсто стои зад принципот на поделба на власта во земјата.

Ова е најважната препорака од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“, во рамките на регионален проект за оцена на исполнувањето на политичките критериуми за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

Ова второ по ред истражување од големиот проект беше посветено на реформите во правосудството и како тие би можеле да се подобрат. Главниот заклучок наведен погоре произлегува од општо констатираниот факт на експертите, дека и најдобриот закон може да биде потиснат од носителите на политичката или од други центри на моќ.

Препораките произлезени од истражувањето се следни:

  • Континуирано изразување на силна политичка волја за промени во законите што ќе гарантираат независност, непристрасност и ефикасност на правосудниот систем, но и доследна имплементација на законските решенија без обиди за злоупотреби;
  • Обезбедување цврсти законски инструменти и нивна имплементација со кои ќе се спречи политичката корупција во Јавното обвинителство;
  • Обезбедување континуитет на автономноста на Специјалното јавно обвинителство;
  • Обезбедување силни законски инструменти и политичка волја за нивна имплементација за да се спречи политичката корупција во основните судови и фактичката корупција, за која, за дел од нашите експерти, нема дилема дека постои кај апелациските судови;
  • Промена на законската рамка за темелна проверка на вистинитоста на анкетните листови на судиите и обвинителите и нејзино доследно спроведување;
  • Задржување на концептот за именување судија или обвинител само преку Академијата за судии и јавни обвинители, како најмалку штетен модел од другите што се во опција, преку интерни именувања, преку Собрание, итн.;
  • Натамошна професионализација на судиите и јавните обвинители преку континуиран систем на обуки и образование;
  • Унапредување на Информациско-комуникациските технологии во правосудството, обединување на информацискиот систем на судството со обвинителството и централните регистри и други дигитални бази на податоци, унапредување на функционалноста на е-судството, што подразбира и поголеми вложувања на државата и во судството и во обвинителството, зголемена транспарентност при објавувањето и достапноста на судските одлуки и на записниците од рочиштата;
  • Промена на законските решенија за помилување и нивна доследна имплементација, со цел, амнестиите или аболициите да не се злоупотребуваат во мерка што ќе го загрози интегритетот на правосудството или на важењето на принципот на еднаквост на законите за сите и на владеење на правото;
  • Промена на мрежата на судството и преиспитување на потребата од постоење на Вишиот управен суд;
  • Отворена јавна расправа за влијанието на меѓуетничките (кадровски) политики врз судството, кои штетно влијаат врз правната држава.

Истражувањето е второ од петте што се планирани во рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора.

Следните истражувања ќе се однесуваат на реформите во борбата против оргaнизираниот криминaл и корупцијата, на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.

Целосното истражување можете да го погледнете на следниот линк.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.


16 граѓански организации побараa итно да се повлечат измените на Кривичниот законик


Скопје, 28 декември, 2018 - 15:46 (META) 

Вкупно 16 граѓански организации денеска од претседателот на Собранието и од пратениците-предлагачи, побараа итно да го повлечат Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. Тие сметаат дека со промената во членовите на Кривичниот законик, ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.

„Ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди“, се вели во барањето на 16-те граѓански организации.

Тие велат дека преку повлекување на овој предлог-закон, пратениците ќе спречат можност некој да не понесе одговорност за сторениот криминал за кој СЈО води судски или истражни и предистражни постапки. Инаквото постапување ќе значи и продолжување на заробувањето на државата, порачаа организациите.

„Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот. Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, се вели во прогласот.

– Итно повлекување на точката за промена на Кривичниот законик со којшто сметаме дека ќе овозможат најголем број од обвинетите во предмети на специјалното јавно обвинителство да имаат намалени казни или нивните обвиненија да застарат. Тој факт нè вознемирува многу. Се боревме за правда за да има мир. Нè вознемируваат овие измени, сметаме дека ова е неприфатливо за да се прават промени на закони за да се оневозможи правдата – рече Фани Каранфилова-Пановска од Фондација „Отворено општество“.

Зад барањето за повлекување на законот застанаа Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, НВО Инфоцентар Центар за европски стратегии, Евротинк Форум – ЦСИД,  Коалиција „Сите за правично судење“, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Македонско здружение на млади правници, Агора – Центар за промовирање на граѓански вредности Скопје, ЦИВИЛ – Центар за слобода, Kоалиција МАРГИНИ, Центар за современи уметности и Институтот за европска политика – Скопје и Институт за човекови права.


Истражување: Изборниот систем e сериозен извор на кризи во Македонија


Скопје, 19 ноември, 2018 - 16:54 (META) 

Изборниот систем, ваков каков што е сега, е сериозен извор на кризи во земјава. Ова е генералниот заклучок од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“ во рамките на регионален проект за оцена на исполнувањето на политичките критериуми за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.

Истражувањето, кое е правено врз база на претходно развиена прецизна методологија и со помош на интервјуа со експерти, посочува дека во изборниот систем во Македонија треба да се сменат повеќе работи – од промена на моделот на шест изборни единици во една, преку промени во начинот на оформување на избирачкиот список, до промени во делот медиуми и избори, вграден во изборното законодавство.

Препораките произлезени од истражувањето се следни:

  •     Промена на изборниот модел – една наместо шест изборни единици и отворени листи, со соодветен изборен праг достижен и за помалите партии или независните кандидати;
  •     Промена на начинот на регистрацијата на избирачите во Избирачкиот список;
  •     Зајакнување и прецизирање на казнената политика за притисоци врз избирачи и за клиентелизам;
  •     Зајакнување и прецизирање на казнената политика за злоупотреба на државни ресурси и административни капацитети за изборни кампањи;
  •     Зајакнување на казнените одредби и глоби за финансирањето на кампањите, т.е. за изготвувањето на финансиските извештаи;
  •     Зајакнување на капацитетите на ДИК (Државната изборна комисија) и трансформација на ова тело или во професионално или во мешовито (професионално политичко);
  •     Зајакнување и прецизирање на законските и подзаконските акти што ја гарантираат транспарентноста на изборниот процес, особено во делот на приговорите и жалбите;
  • Доуредување на законската рамка за обврските на медиумите во текот на избори, кратење на времето што им е обврска за платени политички кампањи и нова проценка преку јавна расправа за користењето јавни пари во медиумите.

Истражувањето е прво од петте што се планирани в рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Следните истражувања ќе се однесуваат на реформите во правосудството, на борбата против организираниот криминл и корупцијата, на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

Целосното истражување можете да го погледнете на следниот линк.


Онлајн апликација за членство во проектот за иновативен туризам (СТЕП)


Скопје, 15 ноември, 2018 - 10:50 (META) 

Заинтересираните туристички капацитети кои сакаат да станат дел од мрежата на Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП), отсега тоа ќе може да го направат и електронски.

Тоа може да се стори со пополнување на овој електронски формулар, по што од СТЕП ќе контактираат со апликантот.

Целта на СТЕП е промовирање на енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на растот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија. Проектот е финансиран од ЕУ, преку програмата ИПА2.

Проект-партнери се Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за регионален развој „Полог“ и Советот на Округот Елбасан.


Конференција „Слободата и интернетот во Македонија“ утре во МСУ


Скопје, 10 мај, 2018 - 10:19 (META) 

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје утре ќе се одржи конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ која е дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија(ФООМ) – #ФООМ25.

На конференцијата ќе се дискутира за лажните вести, развојот на интернетот во земјата, како и за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница, за нивните искуства и потреби.

На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ ќе говорат Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.

На првата панел-дискусија „Клучни моменти на развојот на интернет во .мк“ меѓу другите, ќе учествуваат и Игор Трајковски, основач и сопственик на „Time.mk“ и Предраг Чемерикиќ, основач на „On.net“.

За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“, ќе говорат Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.

На конференцијата на темата „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ ќе зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).


„Слобода на интернет“: Потребна е едукација, поголема свесност и транспарентна судска пракса


Скопје, 4 мај, 2018 - 17:09 (META) 

Повеќе од потребно е да има едукација, поголема свесност и транспарентна судска пракса која ќе биде гарант за владеењето на правото и слободата во интернет сферата, како и специјализирани судски одделенија и судии за авторки права, беа некои од заклучоците од вториот јавен настан „Слобода на интернет“, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“, а спроведен во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерство инжинерство – ФИНКИ и „Форумот за управување со интернетот Македонија“ (IGF).

Настанот беше посветен на претставување на прелиминарните извештаи од проектот „Слобода на интернет“, финансиран од Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ), поврзани со заштита на човековите права на интернет, како и претставување на резултатите од мерењата за отвореноста на институциите од проектот „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во ЈИЕ“, поддржан од ЕУ.

Проектот „Слобода на интернет“ и прелиминарните извештаи за слобода на изразување, приватност и безбедност на интернет во Македонија во генерални црти ги претстави Филип Стојановски, програмски директор на „Метаморфозис“. Потоа адвокатот Валентин Пепељуговски, експерт за авторското право и сродните права го презентираше Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на Законот за авторското право и сродните права.

За Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на законските рамки поврзани со прислушување зборуваше Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата „Зенит“, додека Лилјана Пецова – Илиеска од „Метаморфозис“ ги претстави  резултатите од мониторингот за институционална отвореност и транспарентност за Република Македонија од проектот од проектот „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во ЈИЕ“ (ACTION SEE).

Во дискусиите на новинари, правници, адвокати и активисти, преовладуваше пораката дека треба да се посвети големо внимание на подигањето на јавната свест за меѓународните правни стандарди кои треба да се применат, а правниците кои работат во овие области во Македонија, пак, ги споделија и своите искуства, но и судската практика за случаите поврзани со интернет.


„Метаморфозис“ и „Мајкрософт“ нудат можности за донации на софтвер за граѓанските организации


Скопје, 15 мај, 2017 - 12:44 (META) 

Во Конгресниот центар на Скопски саем утре ќе се одржи „Ден на Мајкрософт“, посветен на граѓанскиот сектор, на тема „Технологијата во облак (cloud) го помага општеството“.

„Денот на Мајкрософт“ посветен на НВО-секторот, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“ со поддршка на „Мајкрософт“, ќе им овозможи на претставниците на граѓанскиот сектор да научат повеќе за можностите да добијат софтверски донации и донација во вредност од 5.000 долари на „Microsoft Azure“ од програмата на „Мајкрософт“ за поддршка на граѓанскиот сектор, кој во Македонија и на Балканот се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, преку платформата „Теchsoup Balkans“.

Настанот ќе го отворат генералниот менаџер на „Мајкрософт Македонија“, Љупчо Георгиев, и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“.


СЕММ: Медиумите што не го пренеле демантот на „Метаморфозис“, ги прекршиле Кодексот и Уставот


Скопје, 7 април, 2017 - 15:46 (META) 

„Курир“, „Лидер“, „Македонија 24“, „Нетпрес“, „Пулс 24“, „Република“ и телевизиите „Канал 5“, „Сител“ и „Нова“, не објавувајќи го испратениот демант од Фондацијата „Метаморфозис“, го прекршиле Кодексот на новинарите на Македонија, односно неговиот член 3, но и членот 16 на Уставот на Република Македонија, заклучи Советот за етика во медиумите на Македонија.

Жалбата е за текстови и за телевизиски прилози од прес-конференција на неформалната иницијатива СОС на 4 февруари годинава, на која се изнесени невистини и сериозни обвинувања. Демантите што „Метаморфозис“ ги испрати до сите овие медиуми, содржеа аргументација за невистинитоста на изнесените обвинувања од историчарот Никола Србов и од новинарите Цветин Чилиманов од МИА и Ненад Мирчевски од „Република“, но тие не се објавени на овие медиуми.

Со недавањето можност на „Метаморфозис“ да ја искаже својата одбрана, односно со необјавувањето на демантот испратен на 6 февруари годинава, деветте медиуми направиле прекршок, проценил Советот за етика во медиумите на Македонија. Прекршен е членот 3 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој се вели дека новинарот треба да настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Истовремено, како што констатира СЕММ, прекршен е и членот 16 од Уставот на Република Македонија, поточно ставовите 4 и 5, во кои јасно се вели дека правото на одговор и правото на исправка во средствата за јавно информирање се загарантирани.

Советот нагласува дека решавајќи по жалбата од „Метаморфозис“, доставена до него на 10 февруари, не решавале за тоа дали има прекршувања во објавените текстови и во телевизиски прилози, односно не е надлежен да ги утврдува фактите, туку само решавал за почитувањето на етичките и на професионалните новинарски стандарди при создавањето на производот.

Медиумите се должни да ја објават одлуката на СЕММ во рок од три дена според правилникот за работа на Комисијата за жалби при Советот, а доколку тоа не се случи, тогаш Комисијата ќе преземе дополнителни мерки.


„Метаморфозис“: Не организираме обуки за протести, Маневски грубо манипулира


Скопје, 22 март, 2017 - 10:58 (META) 

Тврдењата објавени на 21 март 2017 година од страна на медиумите „Дневник“, телевизија „Нова“ и „Вечер“, припишани на Михајло Маневски, за каква било поврзаност на Фондацијата „Метаморфозис“ со насилство, претставуваат груба манипулација и искривување на вистината, се вели во демантот на „Метаморфозис“.

„Фондацијата „Метаморфозис“ преку своите обуки ги гради капацитетите на невладините организации за користење на новите технологии за да бидат поефикасни во остварувањето на нивните мисии и во нивните напори за зајакнување на демократијата, владеењето на правото, човековите права, борбата против корупција и заштитата на животната средина. „Метаморфозис“ не организира обуки за протести, туку работи во согласност со својата мисија, придонесувајќи за развој на демократијата и за подобрување на квалитетот на живеење преку иновативна примена и ширење на знаењето. Фондацијата секогаш работи во согласност со законите на Република Македонија“, се вели во демантот на „Метаморфозис“.

Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, вчера изјави дека фондацијата „Метморфозис“ организирала обуки за протестите на „Шарена револуција“, како и за студентските протести и протестите за спас на ГТЦ.

Маневски е последниот министер за правосудство и управа на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршува од 1986 до 1991 година.

По победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2006 година, Маневски е избран за министер за правда во владата на Никола Груевски. Во 2008 година е реизбран на истата функција, на која останува до 2011 година.