!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Долгот на „Агрокор“ изнесува 5,4 милијарди евра


Загреб, 11 мај, 2017 - 17:42 (META) 

Хрватската компанија „Агрокор“ денеска испратила соопштение во кое се наведува дека актуелниот долг на фирмата, заклучно со 31 март 2017 година, изнесува околу 5,4 милијарди евра, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Наведената сума на долгови, по доспеани камати, други позајмици, одложено плаќање на даночни обврски и друго, како што било посочено, не ги прикажува долговите на целата групација, туку само тие на најголемите 19 друштва во рамките на „Агрокор“.

Во оваа сума не е прикажан ниту заемот од 80 милиони евра што компанијата го подигна на 13 април оваа година.

Од фирмата навеле дека и понатаму ги проверуваат потенцијалните неправилности во финансиските извештаи и според тоа, можна е ревизија и на овие податоци.

Инаку, на почетокот на април хрватското собрание донесе посебен закон за спасување на „Агрокор“.


СДСМ: Блокадата на демократските процеси повлекува кривична одговорност


Скопје, 22 април, 2017 - 10:12 (META) 

Демократските процеси ќе продолжат и државата мора да профункционира во полн капацитет, бидејќи во прашање е доведена егзистенцијата на граѓаните и на фирмите поради неразумните блокади со кои се спречува мирен трансфер на власта, порачуваат од СДСМ во редовното утринско соопштение.

„Министрите во заминување имаат технички овластувања. Престануваат за кратко време сите ингеренции на градоначалниците и на советите во општините, а нови локални избори не може да се закажат без нов претседател на Собранието. Тоа би значело блокада на целиот државен систем. Тоа парламентарното мнозинство нема да го дозволи“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека институциите, политичките партии и сите поединци треба да знаат дека поттикнувањето тензии меѓу граѓаните и активностите против државните интереси се тешко погазување на Уставот и на законите на Република Македонија и казниво дело, кое повлекува сериозна кривична одговорност.

„Неопходно е опозицијата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да постапат во интерес на граѓаните и да престанат со сценаријата на нестабилност и на криза, со кои не можат да ги спречат правдата и промените“, порачуваат од СДСМ.


ФК „Тетекс“ во сериозна криза, му се заканува згаснување


Тетово, 21 април, 2017 - 14:44 (META) 

Фудбалскиот клуб „Тетекс“ се наоѓа во најтешка ситуација од своето формирање. Од раководството на клубот велат дека функционираат поради добрата волја на играчите, на кои не можат да им ги платат ниту патните трошоци.

Од клубот уште еднаш побараа помош од фирмите, за да не се случи, како што велат, најлошото, односно згаснување на клубот.

– Се бориме за да опстанеме, немаме пари да платиме струја за просториите каде се тушираат нашите играчи, немаме пари и за патни трошоци за играчите кои играат за нас, а се од Скопје и од тетовските села. И лани се најдовме во ваква ситуација, но на нашиот апел за помош се одзваа повеќе спонзори и фирми. Сега, пак, тие спонзори и фирми нè напуштаат. Затоа уште еднаш апелирам да се помогне на клубот, во спротивно може да згасне – изјави Ивица Јовановски, шеф на стручниот штаб на ФК „Тетекс“.

Утре „Тетекс“ игра натпревар со фудбалскиот клуб „Скопје“. Освоениот бод од овој натпревар е многу важен за опстанок на ФК „Тетекс“ во Втората македонска фудбалска лига. Моментално клубот е последен на табелата од Втората македонска фудбалска лига.


Министерски состанок за „Агрокор“ утре во Белград


Белград, 18 април, 2017 - 15:14 (META) 

Во Белград за утре е закажан состанок на министрите за трговија и за економија на Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора, на кој ќе се разговара за случајот со хрватскиот концерн „Агрокор“.

На состанокот, на кој не се поканети претставници од Хрватска, се очекува да се стане збор за тоа како да се задржат работните места во фирмите што се во состав на „Агрокор“, да се заштитат интересите на набавувачите и како да се спречи одлив на пари од фирмите на „Агрокор“ во регионот во матичната компанија.

Во состав на „Агрокор“, чие седиште е во Загреб, има повеќе од 60 фирми од земјите од регионот, кои вработуваат околу 60.000 луѓе.

„Агрокор“ во Србија е сопственик на фирмите „Меркатор С“, „Дијамант“, „Фриком“, „МГ Мивела“, „Кикиндски млин“ и „Нова слога“, кои вработуваат околу 11.000 работници.

Хрватскиот гигант „Агрокор“, кон крајот на минатиот месец потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, за да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.


Многу малку фирми вработуваат лица со посебни потреби, и покрај државните мерки


Скопје, 28 март, 2017 - 10:16 (META) 

Иако во изминатите години беа донесени низа позитивни мерки за вработување лица со посебни потреби, сепак многу е мал бројот на фирми што ги користат поволностите што ги нуди државата, а не ретко доаѓа и до ситуации во кои работодавците вработуваат лица со посебни потреби само за да ги искористат бенефициите кои следуваат од државата.

Ова го покажуваат резултатите од проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“, кој е поддржан од ЕУ, а спроведуван од Фондацијата за одржлив економски развој „Преда плус“, во соработка со Здружението на студенти и на младинци со хендикеп.

„Следејќи ги статистичките податоци за бројот на невработени лица со посебни потреби, за жал, може да заклучиме дека од година во година очигледен е порастот на бројот на лица со посебни потреби кои бараат работа, но не наидуваат на вработување од страна на домашните компании“, велат од „Преда плус“.

Споредено со мерките што ги практикуваат земјите членки на Европската Унија, Македонија воопшто не заостанува.

„Доколку се земат предвид сите позитивни поволности и мерки за да се намали бројот на невработени лица со посебни потреби, очигледна е потребата од зголемување на свесноста на домашните менаџери и компании за потребата од обезбедување работни места за лицата со хедикеп“, додаваат оттаму.


ЕК воведува нова алатка за укажувачите полесно да пријавуваат злоупотреби


Брисел, 18 март, 2017 - 10:59 (META) 

Европската комисија воведува нова алатка која треба да ги охрабри укажувачите (whistleblowers) и да им олесни пријавување на случаи на прекршување на антимонополската регулатива и за тајни картели. Новата алатка, во која има електронска-адреса, телефонски број и енкриптиран (шифриран) интернет-формулар ќе им овозможи на луѓето анонимно да ги пријавуваат манипулациите со цените на бизнис-картелите и анти-конкурентните практики.

– Доколку луѓето се загрижени од бизнис-практиките за кои мислат дека не се во ред, можат да помогнат работите да се исправат. Инсајдерските информации може да бидат моќна алатка кои ќе ѝ помогнат на Европската комисија во откривањето на картели и други практики со кои се нарушува конкурентноста. Со нашата нова алатка е возможно да се даде информација и да се задржи анонимноста – вели Маргрет Вестагер, комесар за политика на конкурентност.

Комисијата, како што информираат оттаму, претходно се потпираше на програмата за дојави која им овозможува на фирмите да пријават картели во кои тие се вклучени, а за возврат да добијат намалување на казната.

Досега во 2017 година ЕК казни со по 200 милиони евра фирми инволвирани во два каретли кои работејќи заеднички зголемувале цени на производи, вклучувајќи системи за климатизација на автомобили.

Законот за заштита на укажувачите во Македонија беше донесен во ноември, 2015 година, како еден од пакетот закони што произлегоа од Договорот од Пржино.

„Транспаренси интернешнл“ во извештајот од проектот, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, поддржан од Кралството Холандија, кој беше презентиран на средината на ноември минатата година, наведува дека законот многу малку или речиси воопшто не се спроведува во институциите, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за негова имплементација и по една година од неговото донесување.


Нема притвор за Кочан, за Авировиќ мерки за претпазливост


Скопје, 3 март, 2017 - 12:20 (META) 

Сопственикот на „Трансмет“ и на телевизија „Нова“, Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“, ќе се брани од слобода. Судија на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство на Кочан да му биде одредена мерка притвор.

На осомничениот Василије Авировиќ, пак, наместо притвор, како што побара СЈО, судот му одредил мерки за претпазливост.

– Во однос на лицето С.К., по разгледување и ценење на фактите и на доказите приложени во предлогот за определување мерка притвор, судијата на претходна постапка донесе решение со кое го одби предлогот на СЈО – стои во соопштението од Кривичниот суд во Скопје, во кое се додава дека „на ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа“.

Во врска со Авировиќ, од судот информираат дека обвинителот на СЈО вчера пред судијата на претходна постапка го повлекол предлогот за определување мерка притвор и побарал нему да му бидат одредени мерки за претпазливост.

– Од страна на судијата на претходна постапка беше уважен (предлогот на СЈО) и со решение определени се мерки – забрана за воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело – велат од судот.

Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од три дена.

Кочан и Авировиќ вчера три часа беа на распит во Кривичниот суд, од каде двајцата си заминаа не сакајќи да дадат изјава за медиумите.

СЈО во вторникот оваа недела ја отвори новата истрага под име „Труст“, во која три физички лица и фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“ се товарат дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.


Осомничените во „Труст“ писмено ќе се канат да дојдат на распит за притворот


Скопје, 1 март, 2017 - 11:20 (META) 

Барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување притвор на двајца од тројцата осомничени во новата истрага „Труст“ вчера стигнале во Кривичниот суд во Скопје, но засега нема информации кога тие ќе се појават на распит пред судија на претходна постапка.

Според членот 294 од Законот за кривична постапка (ЗКП) „судијата на претходната постапка е должен без одлагање“ да го разгледа предлогот за определување на мерка притвор и „веднаш да одлучи по него“.

Од судот за „Мета“ велат дека предлозите на СЈО за притвор на осомничените вчера била заведени во судот и преку АКМИС (Автоматизиран компјутерски систем за управување со судските предмети) се распоредени кај судии на претходна постапка.

Бидејќи осомничените не се лишени од слобода, тие на распит ќе бидат повикани со покани, велат од судот.

Од судот не можеа да потврдат дали распитот на осомничените ќе биде денеска.

– Засега нема ништо. Ако има, ќе известиме – ни рекоа од одделот за односи со јавноста на Основниот суд Скопје 1.

Во случај судијата на претходна постапка да ги одбие барањата на СЈО и да не им одреди притвор на осомничените, Специјалното јавно обвинителство има право во рок од 24 часа да поднесе жалба до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје, кој пак има рок од 48 часа да одлучи по жалбата. Доколку и советот ја одбие желбата, нивната одлука во тој случај се смета за второстепена, односно конечна. Во спротивно, доколку ја прифати или, пак, одреди други мерки за обезбедување на присуство на осомничените, тие имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

СЈО вчера отвори нова истражна постапка под името „Труст“, во која три физички лица и три фирми, „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани, се осомничени дека со фалсификувани документи добиле тендер од ЕЛЕМ за ископ на јаловина и на јаглен од рудникот Суводол во Битола, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.


СЈО отвори случај „Труст“ за добивање милионски тендер од ЕЛЕМ


Скопје, 28 февруари, 2017 - 13:18 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори нова истражна постапка „Труст“, од која, како што соопшти на прес-конференција јавната обвинителка Фатиме Фетаи, може да се види „до каде одела борбата со конкуренцијата за добивање тендер“.

Станува збор за тендерот што во 2011 година го распишала државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.

Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.

Во „Труст“ се осомничени три правни и три физички лица. Станува збор за фирмите „Трансмет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани.

Тие на тендерот на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

Како што соопшти обвинителката Ленче Ристоска, денеска до Основниот суд ќе бидат испратени барања за одредување притвор за две лица.

Истрагата е оформена врз основа на три прислушувани разговори, од кои два не се објавени во јавноста.

На почетокот на прес-конференцијата, Катица Јанева извести дека е проширена и истрагата и листата на осомничени за случајот „Титаник“ за 17 лица, од кои пет биле високи функционери на извршната власт.

Во врска со испрашувањето и со повикувањето на распит на голем број лица за партиски донации во Охрид, Ристоска рече дека таму се соочиле со непријатна ситуација и со закани. Таа посочи дека таму СЈО истражува дали постои влијание на сведоци и нарушување на тајноста на постапката.


Кржалоски: СДСМ го сопира рестартирањето на компаниите – жртви на транзицијата


Скопје, 21 февруари, 2017 - 16:30 (META) 

„СДСМ со своето неодговорно однесување ги опструира многуте проекти што се во интерес на граѓаните. Еден од проектите кој требаше да почне во 2017 година е проектот за рестартирање на стопанските кацитети – жртви на транзицијата“, изјави на прес-конференција Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со овој проект требало да се реши статусот на повеќе од 320 компании чии имоти пропаднаа во транзицијата создадена и спроведена од СДСМ.

– За креирање на секое работно место, предвидена е државна помош од 2.000 евра, а за ангажирање на стечајни работници 4.000 евра под услов да се задржат на работа минимум пет години. Дополнително пакетот мерки, предвидува и готовински грант во изност од 10 проценти од инвестираната вредност за адаптација, реконструкција и за набавка на опрема. Исто така, се предвидува ослободување на плаќање данок на добивка во рок од две години, а персонален данок и социјални придонеси во рок од три години доколу вработените лица ги задржи најмалку уште три години – изјави Кржалоски.

Тој додаде дека „со овој проект ќе се овозможи да се исправи една социјална и историска неправда што повеќе од 200.000 работници ја доживееја во време на владеењето на СДСМ“.