Работилница за финансирање на меѓународните организации на Економскиот институт – Скопје


Скопје, 27 ноември, 2018 - 12:55 (META) 

На Економски институт – Скопје утре со почеток во 10 часот ќе се одржи работилница на тема „Финансирање на меѓународните организации: Искуства, можности и предизвици”.

Најавено е учеството на меѓународни и регионални организации, високообразовни установи и организации од граѓанскиот сектор. Настанот се организира во соработка со МВР.

На темата ќе говорат директорот на институтот, проф. д-р Зоран Јаневски и Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР, како и Тања Левајковиќ, помошник-министер за внатрешни работи и Драганчо Апостоловски од Министерството за надворешни работи. Покрај нив, ќе учествуваат и Мелита Груевска – Грахам, Катерина Кулишевска, Келменд Зајази и уште неколкумина претставници на неколку меѓународни организации. Работилницата ќе биде модерирана од проф. д-р Силвана Мојсовска.

Во програмата е предвидено да бидат презентирани неколку меѓународни организаии, а ќе се дискутира и за состојбите, искустава и перспективите во финансирањето не само на меѓународните, туку и на регионалните организации.

Втората тематска целина е посветена на предизвиците во финансирањето на организациите, како и на можностите за зголемување на изворите на финансирање преку меѓуинституционална соработка.

Адресата на Економски институт – Скопје е ул. Пролет бр. 1, а програмата за утрешната работилница може да се види тука.


ЕБОР и „Шпаркасе банка Македонија“ ќе го зголемат финансирањето на МСП


Скопје, 8 ноември, 2018 - 13:00 (META) 

„Шпаркасе банка Македонија“ е втората македонска банка која ќе и се приклучи на иницијативата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поттикнување на кредитирањето на малите и средни претпријатија (МСП) во земјата.

ЕБПР обезбедува 10 милиони евра на „Шпаркасе банка Македонија“, од Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан, која заедно со Европската унија (ЕУ), обезбедува среднорочно и долгорочно финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) и им помага да ги достигнат ЕУ стандардите.

„Кредитот на ЕБОР е поддржан со 1,5 милиони евра грант од ЕУ, од Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА). Финансирањето на ЕБОР за „Шпаркасе банка Македонија“ ќе биде насочено кон надградба на производните капацитети за подобрување на конкурентноста на локалните компании, а најмалку 60 проценти од фондовите ќе бидат насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и ресурси, и поврзаните трошоци“, информираат од ЕБОР.

МСП, кои ќе користат кредити преку „Шпаркасе банка Македонија“, доколку успешно ги завршат проектите на модернизација до одредени ЕУ-стандарди, ќе добијат ИПА- грант финансиран од ЕУ.

МСП се главен двигател на македонската економија. Според податоците на ЕУ, тие придонесуваат со скоро 65 проценти во вкупната додадена вредност и околу 80 проценти во сите работни места во земјата, што е далеку над просекот во ЕУ каде овие проценти изнесуваат 57 проценти и 66 проценти соодветно. На почетокот на годинава, сличен финансиски пакет, од истата програма, беше доделен и на „Охридска банка“.

Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан се стреми да обезбеди вкупно 30 милиони евра за кредитирање на македонските комерцијални банки, во наредниве години, придружувани од грант од ЕУ во вкупен износ од шест милиони евра.

Програмата е надградба на претходната поддршка на конкурентноста во износ од 20 милиони евра, која беше пласирана од 2010 до 2015 и беше поддржана од Европската унија која обезбеди четири милиони евра грант.

ЕБОР инвестира во Македонската економија од 1993 година и до денес банката има потпишано над 110 проекти во земјата, со нето кумулативен бизнис обем од над 1,75 милијарди евра.


Грчки медиуми пак пишуваат дека со тајните пари на МНР биле финансирани македонски и албански медиуми


Атина, 19 октомври, 2018 - 11:26 (META) 

Околу еден милион евра од тајните фондови на грчкото МНР биле искористени за финансирање на медиуми во Македонија и Албанија и за поддршка на православни цркви, а обвинителството наредило истрага за објавување доверливи информаци, пишува информативниот грчки портал „Ефимерида тон синдактон“.

Според порталот, информациите се од 10 октомври, последниот пат кога бил известен грчкиот Парламент за тајните фондови, односно една седмица пред кавгата на Панос Каменос и Никос Коѕиас на владината седница.

„Според информациите, во запечатениот документ што во Парламентот го донесе специјален службеник од Министерството за надворешни работи имаше три кодови, додека пак вкупниот износ ставен на располагање изнесуваше околу 1.000.000 евра. Првиот код се однесуваше на парите распределени на медиуми во Албанија. Вториот код се однесуваше на финансирање на медиуми во поранешната југословенска Република Македонија. Третиот код се однесуваше на средства што беа распределени за поддршка на православни цркви и главно на православието“, објави грчкиот портал.

На прашањата на потпретседателите на Парламентот зошто биле финансирани медиуми во Македонија и Албанија, било објаснето дека тоа е „за да постојат позитивни написи за Грција и да се лобира врз тамошните новинари или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси“.

„Мета“ веќе пишуваше за овој најнов скандал по оставката на Коѕиас, но и дека не е прв пат да се спонуваат „црни пари“, и тајни фондови во Грција за „финансирање“ странски и домашни медиуми и кампањи.

Во текот на 1989-1993 година, се пишуваше дека од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, предводено од Антонис Самарас, грчки новинари добиле 130 милиони долари за да се промовира “грчкиот карактер на Македонија”!

– Сите средства се во црни пластични ќеси, налик на оние црни вреќи ѓубре. Таму никогаш нема проверка, секогаш исплатата беше во готово. Парите се главно за пропаганда на името на Македонија, но наместо да одат во странство, оваа пропаганда е насочена кон внатре, кон нашата земја – рече Мицотакис и пред комисија повика да се разјаснат на случајот.

Самарас беше сменет во 1992 година како министер за надворешни работи од страна на тогашниот премиер Мицотакис, кој го презеде Министерството за надворешни работи.

Истрагата заврши без заклучоци. Самарас јавно призна дека големи суми на пари биле исплатени на издавачи, новинари, па дури и на локалните власти, додавајќи дека сите пари биле искористени за “национално корисни цели”.

Доцна синоќа, според „Ефимерида тон синдактон“, Обвинителството во Атина наредило итна истрага за објавување доверливи информации, по написот на грчкиот информативен портал.

Претходно, со соопштение реагираше кабинетот на грчкиот премиер, во кое вели дека е „невидената бедност на порталот да објавува наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно ги задира националните интереси“ и обвини дека зад тоа стои Нова демократија.

„Ако господинот Мицотакис сака да се информира за тајните фондови, да побара итно средба со премиерот“, соопштуваат од кабинетот на Ципрас.

За објавените информации од грчкиот портал реагираше и Никос Вуцис, претседателот на грчкиот Парламент.

– Предизвикува огорченост протекувањето во медиумите на наводните „доверливи трошоци“ на МНР, но во исто време покренува и сериозни прашања за целта и стремежите на оние политичари и електронските медиуми кои ги даваат и ги објавуваат овие „вести“ – вели Никос Вуцис во пишаната изјава.


Објавен јавниот повик за финансирање на нискобуџетни авиокомпании


Скопје, 14 септември, 2018 - 14:22 (META) 

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за доставување на барања за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании, информираат од таму.

„Финансиската поддршка се однесува за период од 2019-2021 година за воспоставување на нови линии од „Меѓународен aеродром Скопје” и аеродромот “Св. Апостол Павле” во Охрид.

Сите заинтересирани компании ќе можат да достават барање за финансиска поддршка до министерството за транспорт и врски  најдоцна до 12 октомври до 12 часот,  кога ќе се оддржи и јавното отворање. Јавниот повик е објавен во домашни и меѓународни гласила, како и на веб-страната на министерството за транспорт и врски. Нашата цел како е да обезбедиме континуиран раст на авиосообраќајот, а за граѓаните да овозможиме нови дестинации до Европа и светот“, се вели во соопштението.


Еден милион евра за проекти за 30 општини и за осумте плански региони   


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:28 (META) 

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, денеска го отворија форумот на кој се презентираа условите и критериумите за финансирање на проекти во планските региони и во општините, во рамките на  проектот „Подобрување на општинското управување”, финансиран од Европската унија, во вкупна вредност од 2,4 милиони евра.

– Во рамките на проектот што Министерството го имплементира со УНДП, се финансираат осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од еден милион евра. Денеска, со учество на сите присутни  ги договараме генералните услови за подготовка и избор на првите осум проекти. Целта на Министерството за локална самоуправа е функционални единици на локалната самоуправа и конкурентни плански региони. Преку подобро управување на локално ниво да обезбедиме подобар пристап до услугите и подобар квалитет на живеење за сите граѓани – рече Фазлиу.


Арсовска: Стопанството е во стагнација, потребни се активни мерки за раст


Скопје, 7 јуни, 2018 - 15:21 (META) 

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, на денешниот форум насловен „Потенцијал на регулатива за ангел-инвеститори“, рече дека летаргијата кај стопанствениците е резултат на континуираната криза и воздржување од инвестиции.

„Стопанството е во стагнација и потребни се активни мерки за поттикнување на нови инвестиции и раст. Она што ние во стопанството го чувствуваме е една летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите не инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат не се подготвени да ги вложат во состојба на ризик, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства. И комерцијалните банки во Македонија не нудат финансиски средства за проекти без целосно покритие. Затоа сметаме дека алтернативните начини на финансирање се влез на големи средства по основ на капитал во нашиите национални компании со цел нивно брзо растење и овозможување да го реализираат она што не се во можност да го спроведат со сопствените средства“, додаде Арсовска.

На Форумот, на кој учествуваше и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, беше потенцирана потребата од законско регулирање на ангел-инвестирите, создавање поволен амбиент за нивен влез, а законската регулатива во најголем дел да биде во функција на проверка на капиталот на ангел инвеститорите.

Еден од заклучоците на Форумот беше и тоа дека постојат потенцијални пречки од Законот за трговски друштва за идните инвестиции.

„Македонија има недостиг од комерцијални форми за поддршка на компаниите особено малите и средни претпријатија, како и старт-ап бизнисите, токму затоа по примерот на земјите со конкурентни економии потребен е влез на ангел-инвеститори кои финансиски ќе ги поддржат македонските компании, ќе ги зајакнат, а со тоа и домашното стопанство“, велат од ССК.


Антикорупциска утврди злоупотреба на буџетски средства за финансирање на ДУИ


Скопје, 21 февруари, 2018 - 16:08 (META) 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фоднови во финансирањето на ДУИ и за тоа писмено го известила Основното јавно обвинителство Скопје заради понатамошно постапување соопшти Транспаренси Интернешнл – Македонија.

„По анализа на Годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, Транспаренси Интернешнл – Македонија забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување на корупцијата, како надлежна за постапување во вакви случаи“, стои во соопштението на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Денеска, велат оттаму, добиле одговор од ДКСК дека од разгледувањето и анализа на добиените податоци и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија утврдиле дека сомневањата од претставката се основани.

„Од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност. Документацијата од која произлегуваат овие сомневања Државната комисија за спречување на корупцијата ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации“, се додава во соопштението.

Од Транспаренси Интернешнл велат оти се задоволни од постапувањето на ДКСК во врска со овој случај.

„Финансирањето на политичките партии, иако се актуелизира само за време на избори, континуирано останува сериозен проблем на корупција, а подготвува и широк терен за многу други коруптивни дејствија. Поради тоа ги повикуваме институциите уште пожестоко да се зафатат со сузбивање на незаконитите активности во финансирањето на политичките партии и со тоа да придонесат во обезбедување на владеење на правото“, порачуваат од невладината организација.


Николовски: Рекорден број на барања за средства од програмата ИПАРД


Охрид, 8 февруари, 2018 - 19:17 (META) 

На првиот јавен повик од програмата ИПАРД- 2014-2020 биле пристигнати рекордно голем број на добиени барања за ко-финансирање, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на регионалната Работилница за имплементација на програмите ИПАРД, што се одржа во Охрид.

Тој додаде дека, биле пристигнати 1.649 барања и побарани над 55 милиони евра за ко-финансирање, а целата програма ИПАРД-2014-2020, која може да се користи до 2023 година, изнесува 60 милиони евра.

„Пред нас е предизвикот да се обработат сите барања и да се потпишат договори со корисниците, и оваа година да имаме исплати, за што Платежна агенција прави големи напори за да се забрза овој процес“, изјави Николовски.

Тој информираше дека програмата ИПАРД 1 завршила и последните исплати кон крајните корисници биле реализирани. Според податоците, биле доставени 3.069 барања за користење на средства ИПАРД, а се исплатиле 1.052 барања, во вредност од 16 милиони евра.

Како проблем кој што го истакна при реализацијата на програмата ИПАРД е недоволен број на кадри во Платежната агенција и Телото за управување со ИПАРД, за што во тек е процес на нови вработувања.


Заврши финансиската блокада на американската влада


Вашингтон, 23 јануари, 2018 - 9:54 (META) 

Тридневната блокада на Владата на САД е завршена, откако Сенатот на американскиот Конгрес го усвои предлог законот за привремено финансирање на владата на САД.

За повторно отворање на федералните агенции гласале 81 сенатор, додека 18 биле против. За гласањето за буџетските прашања потребно беше мнозинство од 60 сенатори.

Американската влада беше блокирана од саботата откако не беше постигнат договор за буџетот што демократите го условуваа со договорот за заштита од депортација на околу 700 илјади имигранти кои во земјата се доведени како деца и останале илегално.

Десетици илјади сојузни административци престанаа да работат на првиот ден од блокадата, но клучните сервиси за безбедност и одбрана продолжија да функционираат.

Во Сенатот е постигната согласност до 8 февруари да почне дебата за предлог законот за имиграцијата.

Потпретседателот Мајк Пенс од Ерусалим порача дека со постигнувањето на договорот пропаднала „Шумеровата блокада“.

-Ја поздравуваме веста дека блокадата во Вашингтон завршила, за што се заслужни цврстиот став на претседателот Трамп и на републиканците од Претставничкиот дом и Сенатот – порача Пенс.


Американската влада во финансиска блокада


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 11:29 (META) 

Делумно затварање на американските федерални служби стапи на сила по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот.

Претставничкиот дом изгласа закон со кој се продолжува финансирањето на буџетот до 16 февруари, но Сенатот не го потврди и покрај интензивните преговори на републиканците и демократите и интервенцијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Откако двата дома на американскиот Конрес до полноќ не успеаја да постигнат договор за усвојување на предлогот за продолжување на финансирање на федералната влада во Вашингтон, дојде до финансиска блокада.

За да помине законот беа потребни 60 гласа од вкупно 100, но само 50 го поддржаа.

Затварање на некои сојузни агенции стапи на сила на полноќ, но не е можно да се предвиди колку ќе трае.
Блокадата на владата нема да го опфати финансирањето на секоја агенција, програма и услуга која ја финансира федералната влада, додека вработените во агенциите и министерствата кои не се сметаат за клучни ќе престанат да работат се додека Конгресот не биде во состојба да го усвои законот за федералниот буџет.

Појавата на финансиска блокада е невообичаена но се случувала и порано. Од 1981 година имало 12 вакви случаи, а блокадите варирале по должина на траењето.