НБРМ: Финансискиот систем е стабилен, банките добро работат


Скопје, 9 август, 2018 - 13:04 (META) 

Советот на Народната банка денеска одржал редовната седница на која била разгледан и усвоен Извештајот за финансиската стабилност во 2017 година, информираат од таму.

Притоа било констатирано дека македонскиот финансиски систем, лани работл во поповолно опкружување споредено со 2016 година.

„Банките остануваат најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на целокупниот финансиски систем и на одделните финансиски институции. Лани немаше позначителни промени во однос на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците во работењето. Ризиците од нефункционалните кредити не се големи“, се вели во извештајот на Народна банка.

Меѓу другото, во Извештајот е истекнато дека лани се подобрила солвентноста на банкарскиот систем.

„Домашниот корпоративен сектор бележи подобрување на показателите од работењето. Висината на долгот на корпоративниот сектор расте побавно, при што за првпат во последните седум години дојде до намалување на неговата нето-задолженост кон надворешните доверители, поради растот на дадените кредити од домашни корпоративни клиенти кон нерезиденти“, се додава во соопштението.

Од НБРМ велат дека поголем интерес за кредитирање има кај домаќинствата, каде што има зголемена побарувачка за станбени кредити.

„Стимул за поголемо кредитирање на домаќинствата претставува и солидната наплата и следствено добриот квалитет на кредитното портфолио на банките кон домаќинствата, што се согледува преку ниската и стабилна стапка на нефункционалните кредити од 2,4 проценти“, се додава во соопштението.


Начинот на финансирање на општините на дневен ред на 80. седница на Влада


Скопје, 17 јули, 2018 - 9:38 (META) 

Редовната 80. седница на Владата почна во 9.30 часот, а на дневен ред меѓудругото, е информацијата за активностите за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и финансирање на надлежностите за општините.

На предлог на министерството за труд и социјална политика, Владата ќе ги разгледува предлог – уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок-дотации за јавните установи за деца – детски градинки по општини за 2019 година.

Дел од расправата на утрешната седница ќе биде посветена на информацијата за финансирање на изградбата на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 10 мегават часови во кругот на РЕК Осломеј.

На редовната седница министрите ќе дебатираат и за предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба.


РСС објави повик за грантови за развој на туризмот во земјите од Западен Балкан


Сараево, 16 јули, 2018 - 13:47 (META) 

Регионалниот совет за соработка (РСС) објави програма за доделување на грантови во вкупна вредност од 1,62 милиони евра за развој на туризмот во земјите од Западен Балкан.Парите се наменети за унапредување на инфраструктурата и квалитетот на услугите на културните и авантуристичките рути во регионот.

Со повикот кој ќе трае до 16 август годинава, се очекуваат понуди на субјекти од јавен и од приватен сектор во шест земји на Западен Балкан, по што ќе се доделат грантови за околу 30 или повеќе субјекти или проекти во поединечна вредност до 54 илјади евра, соопштено е од РСС.

На повикот се очекува да конкурираат локални и регионални организации што се занимаваат со туризам, туристички кластери, организации за образование и развој на туризмот, како и национални или паркови на природата.

Програмата за бесповратни финансиски средстав е составен дел од Проектот за развој и промоција на туризмот во вредност од пет милиони евра што го финансира ЕУ, а го спроведува РСС.

Регионалниот совет за соработка е интервладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Македонија.


Балкански барометар 2018: Регионот врви кон подобро, Македонија полека го следи


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:20 (META) 

Задоволството во животот генерално се зголемува во регионот на Балканот, без членките на ЕУ, а загриженостите полека опаѓаат, се вели во најновото издание, за 2018, на Балканскиот барометар на Регионалниот совет за соработка (РСС).

Изданието ги пренесува наодите од повеќе анкети, кои за  РСС се спроведени од ГфК на крајот на минатата година, со над 6.000 граѓани од Балканот и 1.200 компании.

Генералното задоволство од животот се подобрува и сега изнесува 42 отсто, наспроти 35 отсто во 2015 година, што пак значи и пораст на оптимизмот за годините што следуваат. Во Македонија од 1.005 испитаници, 20 отсто рекле дека се целосно незадоволни од својот живот, главно незадоволни се 29 отсто, 34 отсто се изразиле како ниту незадоволни, ниту задоволни, додека 17 отсто рекле дека се главно задоволни од животот, а само 1 отсто се целосно задоволни. Ниту еден од 1.005 испитаници во Македонија не одбил да даде одговор ниту пак немал став.

Кај бизнис секторот на Балканот, 62 отсто позитивно се изразиле за сегашната ситуација и перспективите, што е голем пораст од 2015 година, кога со такво генерално расположение биле 47 отсто од фирмите.

Загриженоста кај населението во регионот во поглед на невработеноста е 61 отсто, за разлика од резултатите минатата година, кога таа биле 66 отсто. Загриженоста за економската ситуација изнесува 46 отсто, за разлика од 48 отсто лани. Следна на листата е корупцијата, кога сега е причина за загриженост кај 29 отсто од испитаниците, за разлика од 32 отсто во 2017 година. Криминалот предизвикува загриженост кај 16 отсто од луѓето, што е еден процент помалку од лани, пораст на загриженоста е забележан во поглед на одливот на мозоци и емиграцијата, што е важно за 12 отсто од испитаниците, и овој индекс пораснал за 2 проценти во однос на 2017 година.

Дури 56 отсто од граѓаните се незадоволни со актуелната состојба на економијата во нивната земја.

Во Македонија, од 1.005 испитаници на прашањето колку сте задоволни од финансиската состојба на Вашето домаќинство, 11 отсто кажале дека е комплетно незадоволни, 23 отсто дека се главно незадоволни, а 37 отсто ниту задоволни, ниту незадоволни. Главно задоволни се 27 отсто од испитаниците, а 3 отсто од нив биле целосно задоволни.

Во поглед на безбедносната ситуација, односно ризиците од криминал, тероризам, неконтролирани миграции и оружени конфликти, во Македонија 14 отсто се целосно незадоволни и загрижени, главно задоволни се 26 отсто, 35 отсто се ниту задоволни, ниту незадоволни, а главно се задоволни 22 отсто. Само два отсто се целосно задоволни.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


Анкета: Властите не се консултираат со граѓаните за квалитетот на јавните услуги


Скопје, 21 јуни, 2018 - 15:53 (META) 

За прекумерната бирократија (red tape) во јавната администрација, 48 отсто од граѓаните од Западен Балкан мислат дека во последните две години постојат иницијативи или напор од страна на нивните влади со цел да се поедностават административните процедури за граѓаните и бизнисите. Овој став го делат мнозинството граѓани во Косово (57 проценти), но само 28 проценти во Босна и Херцеговина, додека во Македонија, овој став го делат 51 процент.

Ова го покажува анкетата насловена „Истражување на јавната перцепција за административните услуги во земјите од Западен Балкан” која е првата регионална анкета посветена на обезбедување на услуги, спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Во рамките на оваа анкета се покажува дека само 43 проценти од широката јавност во шестте земји од Западниот Балкан мислат дека со текот на времето е олеснет пристапот до јавната администрација.

Само околу една третина од граѓаните ширум регионот потврдуваат дека во последните две години администрацијата го земала предвид нивното мислење за тоа како да се подобрат административните услуги, движејќи се од 13 проценти во Босна и Херцеговина до 44 проценти во Албанија, а во Македонија, ова мислење е застапено со 29 проценти.

Покрај тоа, една третина од популацијата во регионот се согласува дека, како корисници на административни услуги, имаат можност да го искажат своето мислење во однос на квалитетот на услугите кои ги добиваат – движејќи се од 15 проценти во Босна и Херцеговина до 36 проценти во Македонија и 38 проценти во Косово.

„Без механизми кои обезбедуваат повратни информации, невозможно е било која власт да знае што мислат граѓаните за конкретни аспекти на обезбедувањето на услугите и кои подобрувања сметаат дека се потребни, а сепак како даночни обврзници, тие ги финансираат тие услуги” , вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Податоците од анкетата исто така откриваат низок степен на јавна свест за достапноста на е-услуги ширум регионот, движејќи се од 19 проценти во Босна и Херцеговина до 53 проценти во Македонија.

.Анкетата покажува дека само 35 проценти од испитаниците кои се запознаени со е-услугите достапни во нивните држави, велат дека во последните 2 години, „секогаш” успеваат да ја добијат услугата која ја побарале онлајн.


Богов: Граѓаните треба финансиски да се едуцираат, за да се избегнат ризици


Скопје, 11 мај, 2018 - 14:45 (META) 

Многу од проблемите при глобалната финансиска криза беа предизвикани од недоволната информираност и знаење на потрошувачите, рече денеска гувернерот Димитар Богов на отворање на настанот „Денови на финансиската писменост“ во „Скопје сити мол“ кој ќе трае до недела.

Затоа, како што кажа, важно е инстититуциите да ги едуцираат граѓаните за основните познавања од финансиската сфера.

„Она што во минатото беше читањето и пишувањето денес тоа се компјутерите и финансиската писменост. Потребно е подигањето на свеста за во иднина да се избегнат ТАТ, One coin, современи финансиски шеми кои носат финансиски ризици“, рече Богов и им порача на граѓаните да бидат внимателни и повеќе да се информираат од надлежните институции за финансиите и ризиците.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека со граѓанскиот буџет, целта била јавните финансии да се приближат до граѓаните, за тие полесно да разберат како се трошат нивните пари. Апелираше до нив, да ги дадат своите сугестии за тој да биде поразбирлив.

Тридневниот настан во „Скопје сити мол“, ќе овозможи едукација преку изложбен дел каде посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со теми кои ги засегаат, ќе има презентации на одредени производи од учесниците, како и финансиско-едукативни активности за најмладите.


Тевдовски: ЕБОР со грантови ќе ја помогне изградбата на автопатите кон Кичево и Блаце


Аман, 9 мај, 2018 - 11:08 (META) 

Автопатите Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце и патот Крива Паланка до границата со Бугарија, се идните проекти кои ќе бидат во фокусот на соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на годишните средби на ЕБОР, кои се одржуваат во Јордан.

Грантот за автопатот Гостивар – Кичево би се однесувал за дел од изградбата на делницата Букојчани – Кичево во должина од 12 километри. Се очекуваат и грант средства и за реконструкција на патот Крива Паланка – Деве Баир.

– За автопатот Скопје – Блаце веќе добивме грант од ЕБОР за комплетирање на проектната задача, која треба да биде готова за помалку од три месеци – истакна Тевдовски.

Како што посочи тој, најголем дел од соработката на Македонија со ЕБОР е во транспортниот сектор. Во делот од железничката инфраструктура на средбите се зборуваше за реконструкција на пругата Скопје – Кичево.

– Од железничката инфраструктура, важен е Kоридорот 8. Битен е и проектот за електронски системи долж Kоридорот 10 и проектот за изградба гранична станица на железничкиот Kоридор 10, помеѓу Македонија и Србија – рече Тевдовски.

Тевдовски истакна и дека Годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се зборува за крупни капитални проекти, бидејќи на нив присуствуваат клучни луѓе на финансискиот сектор.

– ЕБОР е сериозен партнер на Македонија. Нивното тековно портфолио на проекти изнесува 707 милиони евра. Најголем дел од проектите се од транспортниот сектор, во патната инфраструктура, каде ЕБОР учествуваше во финансиската конструкција на патот Демир Капија-Смоквица, на експресниот пат Штип – Радовиш, ремонтот на пругата на Коридорот 10 и рехабилитација на железничката пруга на Коридор 8 – рече Тевдовски.


Околу осум илјади компании може да ја искористат државната финансиска помош


Скопје, 7 мај, 2018 - 13:26 (META) 

Mинистерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска оцени дека околу осум илјади компании би можеле да ги исполнат условите за користење на владината финансиска поддршка.

„Првичната бројка на компании кои можеа да ги искористат предвидените средства од државата беше седум илјади, но со олабавувањето на законската можност што помина во Собранието, бројката барем од сегашна перспектива, ќе изнесува осум илјади“, одговори Апостолска на новинарско прашање во Стопанска комора на Македонија, пред презентацијата на новиот пакет мерки пред италијанските инвеститори.

Таа исто така додаде дека се враќа интересот на италијанските компании за инвестирање во државата.

Првите два месеци од годината, вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Италија е 104,72 милиона американски долари. Италија е шести најголем трговски партнер на Македонија.


ЕИБ финансиски ќе го поддржи регионот за развој на дигиталните технологии


Скопје, 19 април, 2018 - 14:22 (META) 

Регионалниот директор од Европската инвестициона банка (ЕИБ), Мигуел Моргадо во дискусијата на панелите на Дигиталниот самит рече дека ЕИБ инвестирала повеќе од 10 милиони евра во нашиот регион во процесот на развој на клучните дигитални технологии во последните години.

– Планот е оваа помош да се зголеми во следниот период со оглед на тоа дека Европската инвестициона банка е финансиска алатка за постигнување на дигиталните цели на Европската унија – додаде Моргадо.

Наталија Гелвановска од Светската банка од Вашингтон, потенцираше дека телекомуникацискиот сектор во принцип е приватен и дека владите мора да помагаат во развојот на технологии исклучиво преку заемно разбирање и договор со нив.

– Комуникацијата меѓу овие два чинители е од клучна важност за да се продолжи со развојот на дигитализацијата, посебно во руралните региони – рече Гелвановска и додаде дека малопродажните цени за широкопојасниот интернет генерално се превисоки и дека без директна регулација, ќе биде тешко да се исполнат целите за комплетен развој на оваа технологија во руралниот сегмент.

Нивес Сандри, како претставник на компанијата „Нокиа”, истакна дека приватните компании и операторите имаат инвестирано многу во развојот на широкопојасниот интернет, но дека мор да се работи заедно со владите за да се изгради соодветна инфраструктура.

Претседателот на Телото на европските регулатори за електронски комуникации (BEREC) Јоханес Гангл, истакна дека ова европско тело работи на хармонизација на законите за телекомуникации на земјите од Западен Балкан, и дека здравата конкуренција е клучна во развојот на дигиталното поврзување во Европа.


На порталот „Отворени финансии“ ќе се следи трошењето на парите на граѓаните


Скопје, 18 април, 2018 - 15:38 (META) 

Министерството за финансии во соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) подготвуваат портал „Отворени финансии“ кој што треба да биде пуштен во употреба кон крајот на годината.

Овој портал ќе содржи податоци за трошењето на парите на граѓаните, односно за што се трошат парите, колку и кон која институција се вршело плаќање од буџетот и слично.

Во првата фаза ќе бидат достапни податоците за буџетските корисници на централно ниво, а потоа и на единиците на локалната самоуправа.

Податоците ќе бидат објавени во лесно достапни формати кои подоцна ќе бидат лесно обработливи.

Министерството за финансии користи искуство од Албанија и Словенија, а податоците би биле објавувани на секои две недели.

Овој портал е во рамките на Акцискиот план за Стратегијата за управување со јавните финансии, со која Министерството за финансии сака да го подобри управувањето со јавните финансии, но и транспарентноста на трошењето на парите на граѓаните.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.