Никушевски: Макрадули знае дека има мерачи кои кажуваат кој загадува и чинат 250.000 евра


Скопје, 2 декември, 2018 - 20:13 (META) 

За ефикасно утврдување на причините за загадувањето, „Мета“ разговараше со еколошкиот активист, иноватор и бизнисмен, Тони Никушевски. На пошироката јавност тој и стана познат откако пред еден месец, во услови кога дел од официјалните мерачи на загадување на Министерството за животна средина во најзагадените скопски општини Лисиче и во Гази Баба откажаа, најави дека ќе донесе донација од полска фирма за Скопје – сензори кои мерат загадување на воздухот.

Најавивте донација од 10 сензори за мерење на загаденоста од полската фирма „Airly“. Што се случи?

– Се уште ништо бидејќи се случија некои непријатности. Имено, заменик министерот Јани Макрадули во последни неколку дебатни емисии посвети премногу голема енергија за да ги дискредитира овие мерачи како технологија иако се пропишани, сертифицирани, стандардизирани од страна на надлежни европски институции. Се појави резервираност кај донаторите, бидејќи толку лоша енергија беше манифестирана што може да се случи граѓаните да останат без оваа донација.

Граѓаните треба да знаат и дека ПМ честичките можат да бидат со различен хемиски состав, односно некои хемикалии во воздухот се поштетни од други. Вака, само знаеме дека не трујат ПМ10 и ПМ2,5. Треба да бидеме информирани дека меѓу нив има и исклучително смртоносни отрови.

– Точно. Граѓаните треба да знаат дека некои соединенија емитувани во воздухот од некаков извор можат да бидат со повисоки концентрации и да не се со толку разорна моќ по луѓето одошто некои отрови кои можеби ги има во воздухот во помала концентрација, а се страшно отровни.

Постојат ли на пазарот воопшто мерачи кои ќе измерат поширок спектар на загадувачи од она што сега се мери во Македонија? Дали е можно да се утврди кој точно со што не загадува?

Тони, мерач 1– Има. На пазарот се достапни мерачи кои работат на принципот на спектрометрија, кои и на 5-10 километри раздалеченост мерат прецизно: од каде доаѓа било каква емисија на дури и до 100 илјади различни штетни супстанци, кој е хемискиот состав на таа емисија на гас, кои точно кажуваат која е концентрацијата на тој отров во воздухот и како се движи облакот опасен гас, па дури на својот екран преку анимација покажува како тој облак изгледа, иако вие не го гледате во живо. Знаете, има отровни гасови кои се невидливи за човечко око. Лесно е да видиш дека нешто чади и да го најдеш изворот, иако и тогаш не знаеме што се има во чадот. Се случува да има емисија на штетен гас од некој извор, фабрика, складиште, депонија, кој е невидлив, а е ужасно отровен. Сега, и да има такви инциденти, не ги детектираме и не ги мериме. Ќе се регистрира пораст во вредноста на ПМ честичките и толку. Дронот што е купен, не е прифатена технологија за детекција на отровни гасови, тој може да слика каде нешто чади и толку.

Сакате да кажете дека постојат мерачи кои сево ова можат да ни го кажат и да не се замараме и да не трошиме ресурси за џабе за да утврдиме од каде дошло загадувањето и кој што точно испуштил во воздухот? Колку чини еден таков мерач?

– Секако дека постојат и чинат 250 до 300 илјади евра, сосе софтверот за нив. Ова е позната и широко применета технологија, а информациите постојат на интернет. Јас лично зборував и со Макрадули и со советниците на Шилегов, со портпаролот на Владата, го тагирав премиерот на мои постови на Фејсбук за да допрам до нив. Попусто. За Скопје два или три вакви мерачи би биле сосема доволни за целосна покриеност на котлината, посебно ако некои од нив се монтирани на возило и мобилни. Овие апарати можат на општините да им заштедат ресурси, бидејќи нема како сега да се бара ангажман на големи ресурси, нема да треба апелот „Пријави загадувач“ и нема непотребно да се креваат екипи за запалени лисја ако некаде истовремено има истекување на отровен гас.

Власта ги убедува граѓаните дека се самите виновни што дишат загаден воздух. Макрадули и Шилегов користат секоја прилика да нагласат дека загадуваат домаќинствата и дека индустријата имала соодветни дозволи според европски стандарди…

– Политичарите се самите најголеми „загадувачи“, бидејќи тие, со своите импровизации, го загадуваат просторот кој треба да им припадне на експертите од областа на заштитата од загадувањето! Тие едноставно го узурпираа нивниот глас и сега тие се авторитетите кои зборуваат за загадувањето. А, дозволата е само едно ливче хартија доколку не постои контрола и доколку не постои транспарентност дали е баш така како што се тврди. Каде е независниот мониторинг, граѓанската контрола? За тоа воопшто не се зборува …

Дали се навистина граѓаните или има загадување и од индустријата?

– Надлежните премногу се потпираат на резултатите на финската студија која има десетина сериозни аномалии- мониторирање, со само една мерна станица во Карпош, ограничен број на земања мостри, неиздвојување на согорување на мазутот од останатите горива, со што автоматски падна товарот на загадување на домаќинствата. Цела Европа веќе одамна мери многу повеќе параметри на штетни соединенија во воздухот, а кај нас надлежните упорно се обидуваат тоа да го забошотат. Доколку се мереше поширок спектар на загадувачи како во ЕУ, можеби би дознале дека имаме поголемо загадување од индустриски субјекти. Не заговарам јас затворање на индистријата, туку државата треба да помогне во нејзина „зелена транзиција“.

Критиките за програмата на Владата, наречен „План за чист воздух“, се големи.

– Тоа е едно слаткоречиво срочено четиво за неупатени луѓе. Никој, што работел на оваа проблематика, не би се залетал со вакви бројки и ветувања, посебно со така мал буџет на располагање. Одамна во Европа принцип што се нарекува “BAT – Best Available Techniques“, кој се применува за да се определи со која метода некој проблем најдобро може да се реши. Тој принцип и нам, на граѓаните ни овозможува да видиме дали власта навистина има сериозни намери или импровизира. Еве, за информацијата дека филтерот на „Југохром“ ќе чинел 1,5 милиони евра, бидејќи ја познавам темата филтрациски системи, можам да тврдам дека не постои фирма која ќе се нафати да направи таков филтер на таква фабрика за тие пари.


Од 1 јануари почнува тригодишниот план за замена на електростатските филтри на РЕК Битола


Скопје, 30 ноември, 2018 - 16:09 (META) 

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, денеска на отворениот ден во Цементарница УСЈЕ информираше дека во декември ќе заврши процесот на третирање на пепелта во РЕК Битола и дека ова прашање се решава, прв пат после 10 години.

„МЗТ Инжинеринг“ е компанијата која што победи на тендер, тендерот беше во вредност од 22 милиони денари, започна во август и завршува во декември. Оние лоши и грди слики што ги гледавме на прашината што се разлеваше во земјоделските површини во Могила и Новаци, тоа повеќе нема да се случува“, одговори Макрадули на новинарско прашање во врска со загадувањето од страна на РЕК Битола.

Тој додаде дека од 1 јануари започнува тригодишниот план за замена на електростатските филтри кои не се заменети од 1980 година. Очекувањата се дека, емисиите на штетни материи ќе се намалат од 100 на 20 како што се пропишува во усогласувањето во Оперативниот план.

„За жал, во 2014 година, обврската за усогласување со Оперативниот план се исполнила од страна на компании кои што се од странски инвеститори. Тоа го направиле Цементарница УСЈЕ, Макстил, но не успеале Југохром, РЕК Битола а се државни компании. И затоа почнуваат преговори за усогласување на Оперативниот план, во кој што сите овие обврски, колку милиграми треба да има емисии, како да се третира прашината, ќе се дел од еден систем кој веќе е поставен во РЕК Битола и кој се работи. Третата активност која е голема во РЕК Битола, е засадувањето на 20.000 багремови дрвца, а ќе бидат засадени вкупно 50.000“, додаде Макрадули.

Тој потенцираше дека „за жал, некој во минатото зел кредит од 50 милиони евра за да донесе топла вода од РЕК до влезот на Битола, без притоа да размисли, дека кога ќе дојдете до влезот, нема што да и правите на цевката.“

„Наместо тој кредит да се искористил обратно или наместо за тие 50 милиони евра да купите по два инвертори за секоја индивидуална куќа и да го решите загадувањето во Битола. Во Скопје, тоа би чинело 47 милиони евра“, додаде Макрадули и појасни дека за РЕК Битола потоа ќе остане процесот на десулфуризација.


Загадувањето во Тетово е за 60 отсто намалено по затворањето на „Југохром“ (инфографик)


Тетово, 10 ноември, 2018 - 9:47 (META) 

Според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, 60 отсто од загадувањето на воздухот во Тетово било резултат на работењето на комбинатот „Југохром“ чие производство е запрено во ноември 2016 година поради недостиг на соодветна филтер-станица.

Во 2015 година, просечната среднодневна концентрација на ПМ10 честичките во Тетово била 298 микрограми на еден кубен метар. Забележителен е пад од повеќе од 60 отсто на концентрацијата на овие канцерогени честички во 2017 година кога комбинатот воопшто не работеше.

– Има подобрувања на квалитетот на воздухот, но не можеме да кажеме дека има чист воздух во Тетово. „Југохром“ беше најголемиот проблем, но не единствениот. Проблем е и начинот на кој што се загреваат домаќинствата, помалите произведствени капацитети со „Б“ еколошка дозвола. Исто така проблематичен е и големиот возен парк, се проценува дека има 40.000 возила кои се регистрирани во Тетово – вели Аријанит Џафери од невладината „Еко герила“.

Тој потенцира дека ниту тие како невладина, ниту граѓаните на Тетово нема да дозволат повторна активација на „Југохром“ без вградување на потребните филтри.

Според Законот за Заштита на животната средина, бидејќи спаѓа во редот на големите еколошки загадувачи, „Југохром“, мора да поседува „А“ еколошка дозвола за работење што значи поставување на соодветни филтри и друга опрема за прочистување на воздухот од отпадните материи.

„Југохром“ целосно го запре производствениот процес на 2 ноември 2016 година, со што околу 800 вработени останаа без работа. Раководството на Комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Инспекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер-станица, кој истече на 30 октомври 2016 година.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во јули годинава рече дека ставот на Владата е јасен – „Југохром“ не може да проработи ако не ги задоволи еколошките стандарди. Тој тогаш додаде дека „Југохром“ веќе ги поставува филтрите и целиот процес треба да заврши до октомври-ноември годинава.

Компанијата, согласно финансискиот план, мора да обезбеди уште еден милион евра, а ако тоа го стори Владата ќе и помогне со кредит од дополнителни 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, со што ќе може да се заокружи процесот во целост.

Пишува: Симона Атанасова


Еко герила: „Југохром“ ќе се рестартира без филтри, ни се закануваат за да молчиме


Тетово, 2 јули, 2018 - 14:07 (META) 

Движењето Еко герила денеска алармираше дека во изминатите денови различни поединци им испраќаат пораки, заедно со финансиски понуди, за да го замолчат движењето да не реагира на новиот обид да се рестатира металуршкиот комбинат „Југохром“ без соодветни филтри.

„За ова е известена полицијата и денес баравме директна средба со премиерот Зоран Заев за да го информираме за овие закани и уцени. Исто така, информацијата ќе ја споделиме и со амбасадите и организациите кои не поддржаа во нашата мисија за почиста животна средина, како и институциите на Европската Унија во Брисел, кои на нашата држава и поставија услови за започнување на преговорите: правната реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал и функционирањето на владеењето на правото“, велат од Еко герила.

Од движењето велат дека обидите да се рестартира комбинатот додека во него уште се одвива монтирањето на филтрите се неприфатливи.

„Сакаме да се потсетиме дека имавме уште поголеми предизвици со претходната влада, и не се повлековме, а камоли сега. Валканите игри со мафијашки тенденции, не само што нема да нè спречат, туку напротив, само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу остра за секоја уцена од Југохром или од одредени кругови во Владата“, соопштуваат од движењето.

Велат дека според официјалните мерења на Министерството за животна средина комбинатот предизвикува 60% од вкупното загадување во Тетово и околината.

„Југохром треба да го плати скапо труењето на тетовчаните, бидејќи бројот на болни деца беше двојно повисок додека работеше оваа фабрика. Во 2015 година, кога работел „Југохром“, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18.578 случаеви“, велат еко-активистите.


Анѓушев: Владата ќе направи напори за помош на „Југохром“ за поставување на филтрите


Скопје, 22 мај, 2018 - 13:36 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како што известија од неговиот кабинет, на денешната средба со менаџментот и синдикатот на „Југохром Алзар“ и на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) порачал дека комбинатот не може да почне со работа сè додека не се постават филтрите за отпрашување, а Владата е подготвена да помогне тоа да се реализира.

„Вицепремиерот истакна дека во интерес на граѓаните на Полошкиот регион, но и за економијата  е овој комбинат да функционира, а притоа да ги исполни сите еколошки стандарди. Тој потенцираше дека изградбата на систем за отпрашување е предуслов за рестартирање на комбинатот, за повисоко ниво на заштита на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во околината“, се вели во соопштението.

На состанокот менаџментот порачал дека, поради финансиски проблеми на сопственикот, процесот на изградба на системот за отпрашување се одвива забавено и побарале поддршка од Владата.

Анѓушев порачал дека преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, Владата и ќе направи напори да се обезбеди заем со кој би се завршило поставувањето на филтрите, по што комбинатот одново би почнал со работа.

Во октомври 2017 година, Владата, синдикатот и менаџментот на „Југохром“ потпишаа меморандум со кој комбинатот ќе добие интегрирана А– еколошка дозвола со која ќе се овозможи рестартирање на печките 7 и 8.


Кривична против ЕЛЕМ и директори во РЕК Битола за загадување на животната средина


Битола, 13 февруари, 2018 - 13:17 (META) 

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и против поранешни и актеуелни директори и раководители во РЕК Битола поради загадување на животната средина и природата.

Како што соопштија денеска од МВР, кривични пријави се поднесени против И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК Битола, З.М. (44) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола и против С.А. (63) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата“.

Кривична пријава е поднесена и против АД Електрани на Македонија – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

„Имено, по претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, во тесна координација и дадени насоки за постапување од Јавното обвинителство направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина. Дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен“, стои во соопштението на МВР.

Осомничените физички лица, се додава во соопштението, дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел и земја.

„На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето“, стои во соопштението.


ЕЛЕМ ќе ги реконструира филтрите на РЕК Битола за да се намали загадувањето


Скопје, 24 јануари, 2018 - 14:20 (META) 

ЕЛЕМ годинава ќе изврши реконструкција на електростатските филтри на РЕК Битола, за да се намали емисијата на парашина, а со тоа и загадувањето на околината, информираа од Владата.

– Сметаме дека сумата која е издвоена е крајно сериозна и ќе придонесе кон подобрување на состојбите со аерозагадувањето во Битола и околината –  изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

ЕЛЕМ во својата годишна инвестициска програма предвидува 20 милиони евра за еколошки проекти со кои ќе придонесе во заштитата на животната средина.


РЕК Битола: Ако има ветер, нема како да се спречи разнесувањето на пепелта


Битола, 23 април, 2017 - 11:49 (META) 

Пепелта што излегува од РЕК Битола и која претставува голем еколошки проблем за битолчани, и во следните девет години како и досега ќе се истура во т.н касети, кои потоа сe затрупуваат со земја.

Според директорот за развој на инвестиции во РЕК Битола, Тони Паспаловски, најголем проблем е кога во моментот на истурање на пепелта во касети, ќе дувне ветер и тој ја разнесува во околината.

„Пепелта по ленти оди на одлагачи кои ја истураат во касети. И при ставање во земја, посебно при јужен ветер, се појавува прашина од пепел. Има подготвено ревидиран проект за одлагање на пепелта до 2025 година и треба да се направат нови касети“, додаде Паспаловски.

На местата каде што пепелта е затрупана со земја, Паспаловски вели дека секоја година се садат багремови дрвја.

Како дополнителни еколошки мерки се најавени реконструкција на филтрите и намалување на загадување преку процесот на десулфуризација.


Амети: „Југохром“ да постави филтри за вработените да се вратат на работа


Скопје, 24 ноември, 2016 - 16:34 (META) 

Министерот за животна средина, Башким Амети, го повика раководството на комбинатот „Југохром“ да го забрза процесот за поставување филтри за да се исполнат условите комбинатот повторно да почне со работа, како што побараа и вработените што денеска еден час ја блокираа крстосницата кај Судска палата.

Амети побара од раководството да најде решение за вработените додека не се постават филтрите на комбинатот.

– Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на своите работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да најде решение за барањето на вработените сè до поставувањето на филтрите – рече Амети на прес-конференција.

Министерот за животна средина додаде дека одлуката за затворање на комбинатот била конкретна мерка за да се намали нивото на загадување на воздухот во Тетово, но дека, за жал, трпат вработените.


Синдикатот на „Југохром“ со едночасовна блокада побара да проработи комбинатот


Скопје, 24 ноември, 2016 - 13:36 (META) 

Вработените во комбинатот „Југохром“ денеска точно напладне излегоа на протест во Скопје и еден час ја блокираа крстосницата пред Судска палата. Тие бараат да се вратат на своите работните места.

Синдикатот на „Југохром“ бара да се тргне забраната за работа на фабриката затоа што, како што велат, возможно е поставувањето филтри во текот на работниот процес.

Во моментов, вработените од „Југохром“ се во Инспекторатот на Министерството за животна средина, каде што треба да достават протестно писмо. Тие бараат се повлече мерката за забрана за работа на комбинатот, од каде егзистенција обезбедуваат неколку илјади жители на Јегуновце и на регионот.

„Југохром“ по барање на Државниот инспекторат за животна средина не работи од почетокот на месецот, кога беа исклучени печките, бидејќи сè уште не се поставени филтрите за отпрашување.

Иако печките се исклучени, вработените велат дека мерните станици во Тетово бележат висока концентрација на штетни честички во воздухот.