Тринаесет лица загинаа во тешка автобуска несреќа кај Ласкарци на патот Скопје – Тетово


Скопје, 13 февруари, 2019 - 20:38 (META) 

Тринаесет лица загинаа во автобуската несреќа кај Ласкарци на излез од Скопје кон Тетово, кога патнички автобус на компанијата „Дурмо турс“ со 50 патници попладнево околу 17 часот излетал од патот и се превртел, потврди вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.

Автобусот патувал на линијата Скопје – Гостивар и превезувал главно патници кои биле вработени во Скопје и се враќале кон Гостивар.

Меѓу многуте повредени кои се примени на најблиските болници има и лица кои се во тешка животна опасност и чекаат операција.

Image-1

– Се преврте патнички автобус со 50 патници. Едниот пациент е во крајно тешка состојба. Една пациентка е во стара Градска болница. Вкупниот број на загинати лица е 13. Седум се на само место, пет се починати тука во ГОБ ‘8 Септември’. За исклучително кратко време беше дадена итна помош. Нема деца меѓу повредените – рече Филипче.

Околу причините за несреќата се уште има само шпекулации – дека станува збор за пукната гума или пак за здравствени проблеми на возачот на втобусот.

На местото на несреќата за кусо време излегле десетина амбулантни возила, полиција, припадници на АРМ и хеликоптери, но помош давало и локалното население.


Новиот клинички центар во Ѓорче Петров може да биде готов за четири години


Скопје, 9 февруари, 2019 - 15:06 (META) 

Новиот клинички центар, кој ќе се гради во Ѓорче Петров, би можело да биде готов за четири години, информира на денешниот брифинг со новинарите министерот за здравство, Венко Филипче.

– Иницијативата за локацијата во Ѓорче Петров ја даде пратеникот Илија Димовски. Општината достави елаборат, врз основа на што Владата одлучи дека таму ќе се гради. За два месеци ќе биде готов урбанистичкиот план. Во меѓувреме, се советувавме и разговаравме со три компании, едната од Германија, од Австрија и САД, кои имаат изградено над 800 болници во Европа и светот. Разговаравме да добиеме грант од австриска влада, германска влада, со цел да добиеме на време. Изградбата, според физибилити студијата, ќе чини до 480 милиони евра – информира министерот.

Локацијата во Ѓорче Петров е државно земјоделско земјиште. Министерот рече дека
стариот клинички центар ќе продолжи да опслужува пациенти.


На Итната помош во Македонија итно ѝ е потребна помош (видео)


Скопје, 9 февруари, 2019 - 8:00 (META) 

Службата за итна помош во Македонија нема доволно тимови и е неефикасна. А (не)културата на граѓаните, исто така влијае за нивната бавна реакција. За околу 2 милиони жители во функција се само 156 амбулантни возила, пренесува „Порталб.мк“.

Согласно Уредбата за итна медицинска помош, во Македонија, за 1 милион и 991 илјада жители, како што е наведено во уредбата, има 285 тимови, а би требало да има 303 тимови.

Здравствениот дом Скопје и домот во Тетово ја прекршуваат Уредбата, затоа што Скопје мора да има 64 тимови за Итна помош, а има само 45. Од друга страна, Тетово мора да има 21 тимови на итна помош, а има само 13.

Амбулантните возила се амортизирани и застарени

Покрај недоволниот број екипи, на неефикасноста на Службата за итна медицинска помош влијае и актуелната состојба на амбулантните возила. Повеќето од возилата на Итна помош се амортизирани и застарени. Имало случаи во кои поради тоа се загубени човечки животи.

За да се надмине ова, Министерството за здравство вети замена на амбулантните возила врз основа на километражата, со што не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замената на возила да биде врз основа на километражата за градовите надвор од Скопје, додека во Скопје, замената да се изврши врз основа на употребливоста, односно состојбата во која што е возилото.

За амортизацијата и староста на возилата на Итна помош алармираше и министерот за здравство, Венко Филипче, кој на 17 ноември минатата година кажа дека ќе бидат купени 12 амбулантни возила, за, како што рече, „да се подобри хаотичната состојба на оваа служба”.


Нови возила ќе бидат нарачани најдоцна до 4 април

Договор за набавка на 12 нови возила за Итна помош е потпишан договор на 7 декември минатата година, откако беше избрана најниската понуда во износ од 21.591.564 денари (351.000 евра). Едно амбулантно возило ќе чини 1.799.297 денари (29.250 евра), за половина поевтино од последните 70 возила кои беа набавени во 2012 година. Едно од возилата во 2012 година чинело 3.921.429 денари (63.760 евра).

Во практика, возилата и по два месеци од склучувањето на договорот, не се нарачани од компанијата што победи на тендерот на Министерството за здравство – „Аутомотив груп“. Рокот за испорака на возилата е 120 дена од денот на потпишувањето, односно истекува на 4 април годинава.

-Ние потпишавме тендер со Министерството за здравство, а тендерот предвидува датуми до кога ќе можеме да нарачаме возила. Возилата сè уште не сме ги нарачале – вели Симона Николовска, одговорна за маркетинг-секторот во “Автомoтив груп”.

Нема критериуми како ќе се распределуваат новите возила

Шест од 12-те нови амбулантни возила се планирани за Скопје, но никој не знае кој ќе ги добие другите, бидејќи не постојат јасни критериуми за распределба. Министерот Филипче рече дека нема конкретни критериуми за начинот на распределба на возилата, но директорите на Здравствените домови ќе бидат прашани за нивните потреби .

-Тоа ќе се прави врз основа на моменталната состојба на возилата кои сега ги има на располагање Итната помош. Да бидеме реални, постојат здравствени домови кои велат дека не ни требаат возила – изјави Филипче за „Порталб.мк“.

Нови возила треба да добијат здравствените домови кои имаат амортизирани и застарени амбулантни возила, но и таму каде што бројот на тимови и амбулантни возила не е соодветен на бројот на населението, како што случајот е со здравствените домови Кичево, Пробиштип, Тетово, Куманово, Гостивар , Велес и Дебар. Сите тие имаат поднесено барања за амбулантни возила, освен Тетово, од каде побарале само дополнителни тимови.

Во име на болницата, поднесовме барање за возило и го доставивме до Министерството за здравство. Имам податоци дека за Дебар е определено  едно возило – вели директорот на Општата болница со проширена активност во Дебар, Баки Алили.

Ние побаравме да ни се одобри и кредит, за да купиме ново возило, но не знам што ќе се случи. Ми ветија дека ќе ми дадат едно возило, и тоа би било доволно за да служиме во Кичево. Покрај Кичево, ние ја покриваме и територијата на Македонски Брод и Пласница – вели директорот на Здравствениот дом Кичево, Џабир Бајрами.

Сега е поднесено барања за две нови возила – рече директорот на Здравствен дом Кочани, Александар Серафимов.

Од Министерството ни ветија дека ќе ни дадат едно од новите возила од тендерот, но и ни ветија дека во 2019 година ќе ни дадат уште едно возило, бидејќи сега на располагање имаме две возила – рече директорот на Здравствен дом Куманово, Адриан Афузи.

Поднесовме барања, барања, барања… но досега немам информации дека ние ќе добиеме нешто. Повеќе, барав теренски возила, а дали ќе ги добијам, не знам – рече директорот на Здравствен дом Пробиштип, Гоце Неделковски.

За да створиме оптимални услови ни требаат две возила, но и едно ако добиеме, тогаш ќе биде многу добро -изјави директорот на Здравствениот дом Гостивар, Сунај Мазлами.

За возила не сме поднеле барање. Треба да видиме дали со новите тимови ќе има потреба за нови возила. Досега, со тимовите што ги имавме на располагање, овие беа доволни. Но со новите тимови ќе видиме дали ни требаат нови возила”, рече директорот на Здравствениот центар Тетово, Борислав Јоргаќиевски.

 Шест милиони денари се потрошени за одржување на 40 амбулантни возила

„Порталб“ поднел барање за пристап до информации од јавен карактер во 16 здравствени домови, за тоа колкав дел од буџетот оди за Итна помош и колку пари се потрошени за одржување на амбулантните возила, но одговор стасал само од осум.

Според податоците, околу 6 милиони денари се потрошени за одржување на 40 амбулантни возила во осум здравствени домови.

Министерството сè уште без резултати од физибилити анализата, не кажува кој ја спроведува

На 14 ноември беше затворен повикот за пријавување за изработка на Физибилити анализа за јавно-приватно партнерство. Целта на анализата е да се најдат начини на функционирање на службата за Итна помош во Македонија. Идејата за јавно-приватно партнерство предизвика бројни реакции во јавноста, односно спротивставување на можноста за приватизација на итната помош.

По повеќе од два месеци, сè уште немаме официјални информации за тоа кој ја изработува анализата, колку долго ќе трае, и дали е завршена, кои се наодите? „Порталб“ неколку пати инсистирал да ги добие тие податоци, но министерот Филипче изјави само дека анализата се спроведува.

– Сè уште не е завршена. Добитник е една од пријавените компании, со постапка на електронско наддавање, имаат рок од 60 дена, којшто сè уште не е поминат – рече министерот Филипче.

„Порталб“: Зошто тендерот не е објавен во „Е-набавки”?

Филипче: Мислам дека требаше да биде во „Е-резерви”. Но, ќе го потврдам тоа.

„Порталб“: Не е објавен, ние побаравме. Која е компанијата што го доби тендерот?

Филипче: Не знам, за да ви кажам. Ќе ве известиме дополнително.

Иако министерот јавно најави дека ќе каже која е компанијата што го добила тендерот за спроведување на физибилити студија, тоа уште не е направено, иако прашањата се веќе две недели доставени во Министерство и се чека нивна обработка во Комисијата за јавни набавки на Министерството.

Автор: Фатбарда Цури


Филипче повторно би ја вакцинирал внуката, антиваксерите и опозицијата пласирале лажна вест


Скопје, 29 јануари, 2019 - 20:45 (META) 

За обвинувањата дека ја лаже јавноста со вакцинирањето на неговата внука, министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“ рече дека се „груба манипулација на опозицијата“.

– Жал ми е што ДПМНЕ посегна по груба манипулација да ја смени вистината. Стануваше збор за потег со кој сакав да покажам дека тоа што го зборувам, го мислам. Во таа смисла беше вакцинирањето на внуката, таа вакцина што ја прими во нога е ДТП вакцина, а кога ќе дојде време, ќе се вакцинира и со МРП. Кога има обид да се пласира лажна вест, мора сите да се свесни сите дека станува збор за многу сензитивно прашање и дека со таквите обвинувања, се врши сериозна штета на здравствениот систем, на и онака расклатената доверба во здравствениот систем. Се` уште сметам дека личниот пример е одличен начин да се презентира во јавноста дрка тоа што го зборуваме, го правиме. Ние во тие политики навистина веруваме. Реакциите за вакцинирањето на мојата внука ги немаше веднаш по објавата на веста, тие дојдоа дури отпосле. Стојам на тоа дека повторно би го направил истото. Антиваксерите и политичарите посегнуваат по тоа да ја извртат вистината, но треба да знаат дека на тој начин сериозно се руши довербата во системот, а тоа е на штета на јавното здравје – рече Филипче.


Филипче: Ќе одговараат сите кои требало да забележат дека вакцините имаат погрешна декларација


Скопје, 29 јануари, 2019 - 20:35 (META) 

Вакцините со погрешни декларации се тргнати на страна и ако нема ништо спорно од законски аспект, јас ќе инсистирам тие вакцини да се покажат во јавноста, рече министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“.

Тој рече дека сериозно размислува да ја прекине соработката со „Македонија лек“, компанијата која го направи пропустот со погрепните декларации.

– Ова е последица на долги години неводење сметка. Размислував и многу порано околу санкциите, многу пред Основното јавно обвинителство да покрене постапка. Беа повикани директорите на здравствените домови, а ќе се повикаат на одговорност сите кои требало да ги регистират тие вакцини со погрешна лепенка, а тоа не го сториле. Ве уверувам дека вакцините се со уреден рок. Тоа го уврдивме со проверка во сите здравствени домови. Ќе бидеме на располагање на ОЈО и ќе бидеме достапни за соработка во секој момент за да се расчисти оваа афера. Сакаме со компаниите со кои соработуваме, да имаме фер соработка – рече Филипче.

Тој ја уверуваше јавноста дека Македонија увезува само проверени европски вакцини.

– Вакцините никогаш не биле предмет на паралелен увоз. Строго е контролиран процесот на достава на вакцините, на транспортот. За вакцини, за период од две години, трошиме 700 милиони денари. Буџетот го зголемивме за 30 отсто зошто воведовме две нови вакцини, за рота вирус и пнеумокока. Сите вакцини кои ги имаме се од европски производители, проверени од европска лабораторија и од самиот производител. За тој квалитет гарантираме. Тоа се истите кои се користа т во ЕУ. Вакцините што наши граѓани ги купуваат во Грција, е од истиот производител. Огромен ризик преземаат родителите ако ја ставаат во мало фрижидерче оти и во најмала промена во температирата може да настане проблем. Со лекарите кои препорачуваат тие да се купат од Грција, понуваме процес на едукација – рече Филипче.

Според Филипче, невакцинирањето е кршење на сите принципи на одржување на колективен имунитет и јавното здравје. Информираше дека 11.000 деца во Скопје кои одат на училиште, не се вакцинирани.

Од вкупно 40.000 деца на возраст од 1 до 5 години, во периодот на епидемија се вакцинирале скоро 5.000. Додаде дека во градинка ќе продолжи мерката да не се примаат невакцинирани деца.

– Бројката на заболени од морбили достигнува 100 лица, од кои 30 се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Иако очекувано, не сакавме ова да се случи. Секој ден се примаат по пет случаи. Сепак верувам дека бројот можеше да биде поголем. Епидемјата почна во Радишани, каде што направивме сериона анализа па утврдивме дека тоа се невакцинирани деца за жал, и утврдивме исто така дека за време на инкубациониот период, тие биле со многу деца во контакт. Да ги преземевме мерките подоцна, бројот на болни сега ќе беше многу поголем – изјави министерот.

Засега, Комитетот за заразни болести не презема мерки на заштита во другите градови во Македонија, бидејќи таму има само инцидентни случаи на заболени.


Филипче: Невакцинирани деца нема да се примаат ниту на училиште


Скопје, 3 јануари, 2019 - 23:06 (META) 

Нашите заложби се во насока вакцинацијата да стане задолжителна и невакцинираните деца да не смеат да се примаат ниту во градинка, ниту во училиште, изјави во гостувањето на „1тв“ министерот за здравство, Венко Филипче. Тој најави дека се подготвуваат законски измени, според кои, дете кое не е вакцинирано, нема да може да биде примено во градинка или на училиште.

– Тоа е единственото, вистинско и долгорочно решение. Заради тоа што во многу земји во светот каде ги имале сите овие исти проблеми, така го решиле проблемот, со задолжителна вакцинација. На последниот состанок инициран од Светската здравствена организација, пред неколку месеци во Подгорица, на која главна тема беше имунизацијата, се разговараше за истите овие проблеми, типот на вакцини, опфатот на имунизација. Истите проблеми ги имаат сите земји во регионот, ги имаат развиените земји, ги има Израел. Израел го решил проблемот со тоа што станала вакцинацијата задолжителна, тие немаат проблем со вакви заболувања – вели Филипче.

Според него, има европски земји во кои вакцинирањето е мандаторно.

– Тие земји, Италија Франција, Финска и Романија, заради појава на многу поголеми епидемии со смртни случаи, сега ги менуваат законите. Ги прават такви, вакцинирањето да е задолжително. Дали бројката од 12 случаи на заболени од морбили е доволна за да се прогласи епидемија? Одговорот е „да“. Романија не може да ја смири епидемијата веќе две години, а смртни случаи има и во Србија, а тоа е доволен показател за нас да преземеме вакви мерки – додава министерот.

Правото на детето да биде вакцинирано и заштитено од болести, смета тој, е поважно од волјата на родителот.

– Колективното право и јавното здравје е поважно да го штитиме отколку индивидуалното. Секој си одговара за своето здравје, но никој нема право да го загрозува општото здравје. Што ќе се случи ако умре некое дете? Кој ќе одговара ако заболи некое дете кое не можело да се вакцинира од икс причини и, не дај боже, умре? Ние имаме сериозна обврска пред нас, да преземеме чекори кои ги презимаме, за да го заштитиме јавното здравје. Се` дoдека има можност децата да се запишуваат во јавни установи и притоа не се вакцинирани, ние проблемот нема да го решиме – дециден е министерот.

Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници на ниво на Скопје, поради  12 нови случаи и донесе и забрана за носење во градинка на деца кои не примиле МРП вакцина