!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вардар го совлада Фенербахче со 2:0


Скопје, 17 август, 2017 - 23:57 (META) 

Македонскиот шампион вечерва на преполната „Телеком арена“ во Скопје го совлада турскиот гигант Фенербахче со 2:0, со што обезбеди голема предност во борбата за пласман во групната фаза од Лига Европа.

Вардар поведе во 20. минута од мечот со голот на Тигран Барсегјан, а конечниот резултат беше поставен во втората минута од судиското продолже на натпреварот, со автоголот на Мехмет Топал, кој во обид да ја врати топката до голманот Идриз Камени, го лобуваше чуварот на мрежата на Фенербахче.

Во финишот на натпреварот Вардар остана со играч помалку, откако капитенот Боби Грнчаров поради два жолти картони беше исклучен, и тој нема да настапи на реваншот закажан за седум дена во Истанбул.

Тимот на Шкендија вечерва доживеа тежок пораз од екипата на Милан. Македонскиот вицешампион во Милано загуби со 6:0.


Изменет сообраќаен режим поради натпреварот помеѓу „Вардар“ и „Фенербахче“


Скопје, 17 август, 2017 - 15:59 (META) 

СВР-Скопје денеска воспостави посебен сообраќаен режим на движење на возила и на пешаци кон Градски стадион, поради вечерашниот натпревар помеѓу фудбалските клубови „Вардар“ и „Фенербахче“, кој ќе почне во 20 часот.

„Идентично на мерките од неодамна одржаниот Суперкуп на УЕФА, се пропуштаат само возила и лица кои имаат посебни акредитации за движење кон стадионот и кон објектите лоцирани во непосредната околина на Градски парк, како и оние лица кои што имаат билети за најавениот фудбалски натпревар“, се вели во соопштението на МВР.


Антиќ изрази задоволство што ќе игра за Фенербахче


Истанбул, 3 јули, 2015 - 17:45 (META) 

Македонскиот кошаркар Перо Антиќ денеска во Истанбул беше промовиран како играч на клубот Фенербахче, со кој потпиша договор на две години, со можност за продолжување за уште една. Антиќ не го криеше задоволството и вети дека ќе даде сè од себе за да ги остварат целите на клубот.

Тој истакна дека го избрал овој клуб за да биде поблиску до семејството, но и за да биде во тим со високи цели.

Негова задача е да биде во играта во одбраната, а и да го подобри скокот на екипата.

Антиќ минатите две сезони играше за Атланта хоукс и беше првиот Македонец во НБА-лигата.


Пронајдени напаѓачите на автобусот на „Фенербахче“


Истанбул, 7 април, 2015 - 11:48 (META) 

Турската полиција во Трабзон уапсила двајца осомничени за пукањето во автобусот со фудбалерите на клубот „Фенербахче“. Ова го потврди и локалниот гувернер.

„Двајца осомничени се уапсени и се на испитување“, соопшти гувернерот Адил Џелил Ез.

Едниот од приведените пукал кон автобусот, а вториот бил негов соучесник, кој му го најавил пристигнувањето на автобусот на автопатот. Според турските медиуми, и двајцата осомничени ги отрфрлиле обвиненијата.

Нападот се случи во саботата, кога играчите се враќале во Истанбул по победничкото гостување на „Ризеспор“. Играчите од градот Ризе тргнале на аеродром кон градот Трабзон.

Единствен повреден во нападот беше возачот на автобусот, кој сега е во стабилна состојба.

Од клубот вчера соопштија дека нема да играат сè додека случајот не се реши целосно и додека не се најдат сторителите.

Фудбалската федерација на Турција поради инцидентот, одлучи една недела да го запре домашното првенство.


„Фенербахче“ нема да игра сè додека не се пронајде напаѓачот


Истанбул, 6 април, 2015 - 20:28 (META) 

Турскиот фудбалски клуб „Фенербахче“ соопшти дека нема да игра сè додека не се пронајде сторителот на вооружениот напад на автобусот со кој се превезуваат неговите играчи, а во кој немаше повредени играчи, но возачот беше ранет.

„Немаме намера да играме сè додека случајот не се реши целосно“, рече претставникот на клубот, Денис Тојга Ајторе.

„Фенербахче“ вчера бараше да се прекине шампионатот на Турција сè додека не се најдат тие што го извршиле нападот.

Нападот се случи во саботата кога играчите се враќале во Истанбул по победничкото гостување на „Ризеспор“. Играчите од градот Ризе тргнале на аеродром во соседниот град Трабзон.

Нападот беше осуден од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и од труските клубови.