!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СДСМ: Има само „дефакторизација“ на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 22 февруари, 2017 - 21:05 (META) 

Граѓаните на Македонија го избраа концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби и тие веќе ги одбранија интересите на Македонија, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека „СДСМ и ДУИ сакаат да направат „дефакторизација“ на македонскиот народ“.

Во соопштението се вели дека „сите граѓани знаат дека Никола Груевски ги употребува своите последни сили за да им наштети ним и на државата, во очајните обиди да се спаси себеси.“

– Се виде дека сè што тој тврдеше е лага. Нема федерализации, нема кантонизации, нема редефинирања. Има само „дефакторизација“ на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, којашто одбројува часови до својот политички крај. Затоа власта во заминување е немирна, а граѓаните се спокојни – се додава во реакцијата на СДСМ.


Заев ги повика граѓаните да гласаат без да се плашат


Струмица, 9 декември, 2016 - 12:28 (META) 

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа во изборна единица 4, Зоран Заев, денеска од Струмица ги повика граѓаните да гласаат в недела, бидејќи, како што рече, треба да изберат помеѓу живот и режим.

– Изборот се врши преку тајно гласање. Повторувам, тајно гласање. Изборниот глас на граѓаните е таен, тоа е уставно гарантирано право. Никој не знае за кого ќе гласате. Нема камери зад параванот. Тоа е факт. Таму сте сами, вие, вашата одговорност и совест – изјави Заев.

Тој порача дека доколку граѓаните гласаат за промени, сепак социјалната помош, пензиите и субвенциите ќе се зголемуваат и понатаму, а административците ќе си ги задржат работните места.

Заев, исто така, изјави дека ќе нема федерализација, но ќе има конфискација на криминално стекнатите имот и пари.


Федерализација ќе нема, но конфискација на имот ќе има, порача Заев од Штип


Штип, 1 декември, 2016 - 21:49 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Штип на Коалицијата за живот во Македонија, рече дека јавното признание на високите претставници на ДУИ дека УЧК ги водела владата и собранието, а дека албанскиот јазик се спроведува во сите институции, му ја урна темата на Груевски со која тој ја гради својата предизборна кампања за наводната федерализација и кантонизација на државата.

– Во овие последни денови од кампањата, барам сериозност од Груевски и од Ахмети да не се обидуваат повторно да играат на националистички карти и да престанат да сеат меѓуетничка омраза меѓу граѓаните. За десет дена власта оди во рацете на граѓаните. Федерализација ќе нема, ама конфискација на имот ќе има – рече Заев на митингот во Штип.

Лидерот на СДСМ го коментираше и барањето на Груевски, граѓаните да му помогнат да освои 63 пратенички места.

– Можам да се обложам со секој од вас овде, дека нема да освои повеќе од 43 пратенички места – рече Заев.


НДМ: Груевски и Заев да се вразумат и да се обединат за виталните национални интереси


Скопје, 27 ноември, 2016 - 15:05 (META) 

Народно движење за Македонија денеска изрази загриженост поради неодамнешната прес-конференција на владејачката ДУИ на која, како што соопштија, владејачката партија од албанскиот блок се закани со јазичната федерализација. Според НДМ, тоа е преодна форма на територијалната федерализација, што е неприфатлово.

– Народно движење за Македонија и народот се силно вознемирени од длабокото неединство на Никола Груевски и на Зоран Заев за виталните национални интереси, во услови кога колегите од партиите на македонските Албанци најавуваат промена на Уставот и редефинирање на политичкиот систем. За НДМ нема дилема. Повеќе немаме простор за отстапки по изборите, оти партиите на Албанците најавија уривање на унитарна Македонија – изјави денеска Ѓорги Тодоров, член на извршниот комитет на НДМ.

НДМ апелира до Груевски и до Заев да го преиспитат своето досегашно однесување заради доброто на државата и народот, а кое се сведува на меѓусебно обвинување токму за виталните национални интереси на Македонија.

– НДМ бара од Груевски и од Заев да се вразумат и веднаш да седнат и да ги договорат основните национални интереси како услов без кој Македонија не може понатаму. Ја користиме можноста да ги прашаме Груевски и Заев, зарем не им е доволно поучен примерот со нивните претходиници Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски кои во „татковинската војна“ во 2001 година одеа кај олеснувачите Пердју и Леотар и само се кодошеа еден со друг, заради што, по воената 2001 година Македонија излезе поразена, понижена и посрамемна со немерливи последици до денешно време – рече Тодоров.

Од НДМ најавија дека ќе достават до Груевски и до Заев меморандум за Македонија со пет точки во кои никој нема да чепка без оглед која партија победува на избори, со кои се обезбедува опстанокот и просперитетот на државата.

– Значи, без оглед на нашите политички нетрпеливости, една единствена мисла треба да биде заедничка за сите нас – љубовта кон Македонија. Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашата единствена татковина Македонија – рече Тодоров.


Контраспин: Трајко Вељаноски со лицемерна дефиниција за тоа што е национален интерес


Скопје, 24 ноември, 2016 - 19:10 (META) 

Точно е, како што вели Вељаноски, дека ќе се избира помеѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата. Само уште да дефинира точно што се највисоки национални интереси, а што е лицемерие кое се затскрива зад нив, пишува „Вистиномер“.

Контраспин: Трајко Вељаноски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и дел од кандидатските листи на партијата за изборите на 11 декември, со очигледно потценување на фактите, прес-конференцијата ја заврши со недвосмислен спин околу тоа за што ќе се гласало на претстојните избори.

Најпрво, за делот од изјавата дека на 11 декември ќе се гласало за унитарна или за двојазична, федерализирана Македонија. Трајко Вељаноски и врвот на неговата партија немаат ама баш од никаде доволно силни аргументи да го потврдат овој спин, на кој – тоа веќе посериозните аналитичари го оценија – ќе инсистираат до крај на кампањата за овие избори, како, безмалку, единствена карта на која ќе се обидат да ги анулираат другите сериозни теми. Ова е така, затоa што ниту настапите на Заев на кои се повикуваат (околу двојазичноста), ниту пак, политичката програма што ја објави СДСМ, не нудат цврсти аргументи за тврдење од овој тип на Вељаноски, особено, пак, не за федерализација на Македонија.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Заев од Аеродром: Груевски е единствен во земјава кој мисли на федерализација


Скопје, 22 ноември, 2016 - 21:22 (META) 

Груевски ја измисли федерализацијата и тој е единствениот во земјава кој мисли на федерализацијата, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во општина Аеродром.

– Груевски ја измисли федерализацијата. Груевски е единствен во државата кој мисли на федерализација, тој и никој друг. Да бидеме на чисто: нема да дозволам никој да го смени Уставот на Република Македонија. Нашиот Устав гарантира мултиетичност, тој е либерален и европски устав. Федерализацијата е во главата само на неонационалистите. Ви ветувам дека Македонија ќе биде едно општество за сите, дом за сите, правично општество во кое ќе има правда за сите – рече Заев.

Заев и на вечерашниот митинг го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на телевизиски дуел и вети дека дека парите што завршиле во странство ќе се вратат дома, а дека на Порта „Македонија“ ќе постават бројчаник што ќе покажува колку пари се вратени на граѓаните.

Претходно, СДСМ и коалицијата одржаа митинг во скопската населба Кисела Вода, од каде лидерот Заев се обрати до неопределените гласачи и ги повика да гласаат.

– Разбудено е Скопје, водиме со двоцифрена разлика. Повеќе од 32 проценти сè уште молчат, не се изјаснуваат. Знаете, оваа Македонија не ни припаѓа само нам. Македонија е на сите еднакво. Ова е наша заедничка татковина, немаме друга. Сега, при очи ќе се правиме слепи, при уши глуви, при уста ќе молчиме?! Пенкалото на животот на вашите деца, пенкалото на вашиот живот е во ваши раце – рече Заев.


Зекири: Ако ДУИ победи кај Албанците, СДСМ ќе мора да коалицира со нив во владата


Скопје, 23 октомври, 2016 - 11:09 (META) 

Владиното мнозинство го прават бројките и СДСМ нема да може да оди против волјата на гласачите ако тие повторно дадат доверба на ДУИ, вели членот на централниот одбор на СДСМ, Мухамед Зекири, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“, во одговор на прашањето дали е можна постизборна коалиција СДСМ – ДУИ.

Сепак, тој додава оти не верува дека Албанците по сето ова што се случува и сè што правеле кадрите на ДУИ за време на своето учество во власта, повторно ќе им ја дадат довербата на избори.

„Значи, има прагматични работи. Јас нема да настапам со таков тон како што настапуваа ВМРО-ДПМНЕ, а потоа го прегазија сето тоа што го кажуваа. Владиното мнозинство го прават бројките. СДСМ нема да може да оди против волјата на гласачите, ако тие повторно дадат доверба на ДУИ. Но, јас не верувам и не сакам да верувам дека Албанците по сето ова што се случува, по сето ова што го гледаат на каков начин владееле ДУИ и сè што правеле, повторно ќе се решат да дадат глас за Демократската унија за интеграција. Но, ако гласачите повторно им дадат доверба, тоа не е работа на СДСМ“, вели Зекири.

На прашањето дали Македонија оди кон федерализација, во контекст на изјавите на лидерот на СДСМ за двојазичноста, Зекири вели дека „апсолутно нема“ никаква опасност од федерализација и дека тоа е пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.

„Апсолутно не. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема што да им понуди на сопствените гласачи и на граѓаните во Македонија, затоа се занимаваат со такви теми. Работата со двојазичноста е решена уште со Рамковниот договор, тоа е решено во Уставот на Република Македонија. Претседателот на СДСМ не кажа ништо друго освен тоа што е предвидено во Уставот на Република Македонија. Друг е проблемот што ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, ја користеа таа тема за да подгреваат етнички тензии… И тие сè уште мислат да играат на националистичка карта… Нема никакви опасности од федерализација. Македонија е едно општество и ќе биде едно општество, еднакво за сите граѓани, за тоа се залага СДСМ и со таа опција излегува пред граѓаните на Република Македонија“, нагласува Зекири.

Во врска со подготовките на СДСМ за изборите на 11 декември, тој вели дека во тек се преговори со традиционалните коалициски партнери и дека партијата е отворена за соработка и со помалите опозициски албански партии, но дека е рано да се зборува за конкретен коалиционен партнер од албанските опозициски партии.

„За другите партии, секако имало контакти и ќе има, но сè уште нема конкретен исход од тие разговори, тие течат и во моментот кога ќе има нешто за соопштување, тоа ќе се соопшти“, вели Зекири.


Официјална Москва ги негира тврдењата за федерализација на Сирија


Москва, 12 март, 2016 - 11:53 (META) 

Москва и Вашингтон не ја разгледуваат можноста за федерализација на Сирија, изјави заменик-шефот на руската дипломатија, Михаил Богданов.

– Таквите медиумски информации не се точни – изјави Богданов, кој е и специјален претставник на Русија за Блискиот Исток и за Северна Африка.

Тој изјави дека таквите тврдења на одредени медиуми се „целосна глупост“.

– Ние не изнесовме таква идеја. Таквите идеи треба да ги изнесат самите Сиријци. Тие треба меѓусебно да разговараат и да се договараат – рече Богданов.

Тој го повтори ставот на Москва дека прашањето на државното уредување треба да го реши народот на Сирија, како и дека тие треба да состават устав според кој ќе се одреди каков систем на владеење сакаат да имаат.

Богданов додаде дека Москва има оптимизам во поглед на преговорите за воспоставување мир во Сирија, кои треба да почнат на 14 март во Женева.


Бериша: Федерализација на Македонија е единствена можност за решавање на меѓуетничката криза


Тирана, 30 август, 2015 - 13:45 (META) 

Поранешниот претседател и премиер на Албанија, Сали Бериша тврди дека федерализацијата на Македонија е единствена можност за решавање на меѓуетничката криза.

Бериша за весникот „Газета 55“ нагласува дека за да има еден стабилен мир во Македонија, потребно е да има една гарантирана висока регионална автономија од типот на меѓуетничките западни држави како што е федерацијата или пак конфедерацијата.

„Во 1992 година бев примен како претседател кај поранешниот француски претседател Франсоа Митеран и разговаравме за распадот на Југословенската федерација. Јасно стана збор и за Македонија“, вели Бериша.

Тој додава дека на оваа средба ја изнел и оценката за состојбата на Албанците во Македонија, но и потребата од широка автономија односно федерализација, пренесува весникот на албанската опозиција „Газета 55“ кој ги објавува во целост ставовите на Бериша за Македонија.