!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Царината минатиот месец поднела 10 кривични пријави против 14 лица и пет фирми


Скопје, 5 април, 2017 - 12:10 (META) 

Царинската управа на Република Македонија, постапувајќи по констатирани неправилности, во март годинава до надлежните јавни обвинителства поднела 10 кривични пријави против 14 физички и пет правни лица.

Како што соопштуваат од Царината, пријавите се поднесени за неовластено производство и пуштање во промет на накротични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за криумчарење, фалсификување пари, фалсификување исправа, царинска измама и за недозволено пренесување акцизни стоки.

Меѓу осомничените, како што стои во соопштението, се и тројца македонски државјани, кои се товарат за обид за шверц на 10 килограми марихуана. Дрогата била откриена во патничка торба, во автобус кој сообраќал на линијата Гостивар – Женева и во кој патници биле тројцата осомничени.

Кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена и против српскиот државјанин кој на средината од минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Табановце, откако кај него беа пронајдени фалсификувани евра во вкупна вредност од 27.700 евра. Тој, врз основа на предлог-спогодба со Основниот суд Куманово, бил осуден на условна затворска казна од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривично дело.

Кривични пријави се поднесени и за фирми од Прилеп, Битола, Кичево и за две фирми од Скопје, а се товарат за фалсификување исправа, царинска измама и за недозволено пренесување акцизни стоки.


Српски државајнин се обидел да изнесе фалсификувани евра од земјава


Куманово, 14 март, 2017 - 13:40 (META) 

Царинските службеници од граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за изнесување од држвата на фалсификувани пари со вкупен износ од 27.700 евра. Фалсификуваните банкноти, како што информираат од Царинската управа, биле пронајдени во возило што го управувал српски државјанин, против кого е поднесена кривична пријава.

„На 13 март годинава, околу 7 часот наутро, на граничен премин Табановце за излез од Република Македонија се пријавило патничко возило со српски регистарски таблички управувано од српски државјанин. При контролата на возилото и на патникот, во потпирачот меѓу предните седишта, во врзано снопче со ластик, замотани во бела хартија, пронајдени биле девизи. Царинските службеници забележале дека има 39 банкноти во апоени од 100 евра со ист сериски број, потоа 39 банкноти во апоени од 200 евра со ист сериски број, како и 32 парчиња во апоени од 500 евра исто така со ист сериски број. При преглед со УВ-лампа, констатирано било дека девизите се со лош квалитет и се фалсификувани“, стои во соопштението на Царината.

Српскиот државјанин бил веднаш уапсен и предаден на инспекторите од одделението за истраги на Царинската управа, кои, според доказите, утврдиле дека осомничениот фалсификуваните евра ги направил сам и ги испечатил со печатач во боја на обична хартија, а истото го потврдиле од Народната банка на Република Македонија при вештачењето на парите.

„Царинската управа против осомничениот до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава за фалсификување пари, а осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во Основниот суд Куманово, кој му одреди мерка претпазливост – привремено одземање на патна исправа со обврска да се јавува во судот двапати неделно“, додаваат од Царинската управа.