!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Спејс екс“ успешно ја лансираше и вертикално ја приземји ракетата „Фалкон 9“


Кејп Канаверал, 22 декември, 2015 - 10:09 (META) 

Американската компанија за вселенска технологија „Спејс екс“ (Space X) ноќеска успешно ја лансираше, а потоа ја приземји во исправена положба својата ракета без екипаж, што е прв ваков подвиг во историјата.

Пред да се спушти во вертикална позиција во Кејп Канаверал на Флорида, ракетата „Фалкон 9“ испорачала 11 комуникациски сателити во орбитата на Земјата.

Ова достигнување, како што пренесува „Би-Би-Си“, е поздравено и означено како пресвртница во употребата на ракетната технологија за вселенски цели.

Лансирањето на „Фалкон 9“ е прва успешна мисија на „Спејс екс“ откако во предходниот обид во јуни годинава нивната ракета експлодира кратко по полетувањето.

Ракетата ноќеска околу 2.20 часот била беспрекорно лансирана од главната лансирна рампа во Кејп Канаверал, а се вратила десетина минути подоцна, слетувајќи на околу 9,65 километри јужно од местото на лансирање.

Успешното лансирање на „Фалкон 9“ е огромен успех за приватната компанија за вселенски технологии од Калифорнија, „Спејс екс“, основана и управувана од Илон Маск.