„Фајненс тинк“: Потребни се мерки за поттикнување на инвестициите и извозот


Скопје, 8 јуни, 2018 - 15:38 (META) 

Економскиот пораст од само 0,1 процент во првиот квартал од годинава се должи на тоа што лани економијата во целост била ставена во заден план, сметаат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Оттаму посочуваат дека, на позитивната страна, извозот продолжува да расте со слично темпо како и претходно, главно воден од активностите во економските зони, додека на негативната страна, падот кај бруто-инвестициите продолжува да биде значаен (-9 проценти), додека падот во градежништвото е рекорден досега (-37,2 проценти).

„Особено е загрижувачки што раст нема во првиот квартал годинава, дури и при многу ниска споредбена основа од 2017 година (кога растот изнесуваше 0 отсто)“, велат од таму.

Според „Фајненс тинк“, главните двигатели на отсуство на растот, се запирањето или забавувањето на важните инфракструктурни проекти и забавеноста во реализацијата на странските инвестиции.

„Дополнително загрижува растот на потрошувачката на домаќинствата (2,3 отсто), во услови на пораст на платата кај сегменти од населението кои се повеќе склони кон потрошувачка“, посочуваат од Институтот.

Од „Фајненс тинк“ сметаат дека, сега од кога било претходно е потребен владин фокус врз економијата и повторно зажувување на растот. Фокусот, како што наведуваат, мора да биде ставен врз тоа како да се креира нова вредност во економија, главно преку мерки за поттикнување на домашните и странските инвестиции и извозот.


„Фајненс тинк“: Просечната нето-плата годинава ќе се движи околу 24.000 денари


Скопје, 24 април, 2018 - 12:15 (META) 

Просечната нето плата за 2018 година ќе се движи околу 24.000 денари, предвидува Институтот за економски и политички истражувања „Фајненс тинк“.

Порастот на просечната плата во јануари, според нив, не може да се толкува дека е резултат на порастот на минималната плата.

„Уште при објавувањето на јануарскиот податок за нето платата, „Фајненс тинк“ укажа дека се работи главно за сезонски ефект, кој што се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува долгорочен тренд на платите тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017“, велат од „Фајненс тинк“.

Од таму додаваат дека значителниот пад на платата во февруари 2018, на месечно ниво од 3,6 проценти е сезонски ефект, главно поради пократок месец, и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти.


ЦЕА: Владеењето на правото треба да овозможи амбиент за економски раст


Скопје, 2 март, 2018 - 11:03 (META) 

Македонија бележи назадување во владеењето на правото во последните години, но овие движења не се неочекувани, имајќи ја предвид долгата политичка криза која на површина го исфрли селективното спроведување на правото во подолг временски период, велат од Центарот за економски анализиа ЦЕА.

Од таму додаваат дека владеењето на правото треба да овозможи амбиент за ефикасна пазарна економија, за економски раст и развој, а системот на јавни финансии треба да почива на транспарентни процедури и правила, со цел да се намали можноста од дискрециско водење политики.

„Неодамнешниот случај на толкувања одредби од Законот за данок на додадена вредност (ДДВ) и обидот за нивна примена врз физички лица во услови на недостаток на правила и процедури, при иста даночна база и правна инциденца, е пример за недостиг од и/или нарушување на владеењето на правото“ се вели во брифот за политиките на оваа тема, подготвен од Центар за економски анализи (ЦЕА) заедно со Институт за економски истражувања „Фајненс тинк“.

Во заклучокот се вели дека владеењето на правото треба да обезбеди праведно општество, недвосмислени толкувања и неселективно спроведување на законите, кое пак е основа за добро економско владеење и овозможување услови за споделен економскиот раст и развој.


Тркалезна маса во Охрид: „Секој може и има право да биде вработен“


Охрид, 15 февруари, 2017 - 10:44 (META) 

Институтот за економско истражување и политики „Фајненс тинк“ (Finance Think) од Скопје, денеска во Охрид организира тркалезна маса под мотото „Секој може и има право да биде вработен“.

Тема на дебатата ќе бидат проблемите и можностите за вработување на жителите на Охрид, градот кој, веќе години наназад, е на самиот врв според бројот иселени од земјава, а заминуваат, главно, млади луѓе.

Соговорници на заинтересираните за темата, меѓу другите ќе бидат Наташа Павиќевиќ – Стојменовска од „Фајненс тинк“, Димче Каневче од Младински Совет од Охрид, Павлина Пероска од Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа од Охрид и Маја Ташева – Биткоска од охридскиот Центар за вработување.