Паника во седум европски земји поради затруени јајца


Брисел, 8 август, 2017 - 10:31 (META) 

Европската комисија предупреди дека е можно во седум земји да има јајца затруени со инсектициди. Велика Британија и Франција потврдија дека одредено количество такви јајца влегле на нивните пазари, а Белгија се нашла на удар на критики поради прикривање на скандалот иако уште во јуни надлежните знаеле дека во јајцата е присутен фипронил, потенцијално опасна супстанца.

Француската влада соопшти дека во две прехранбени фабрики во централниот и во западниот дел на земјата се пронајдени 13 товари јајца од Холандија кои биле контаминирани со фипронил.

Супермаркетите во Германија, Холандија и во Белгија повлекоа од продажба милиони јајца откако Белгија го испрати првото известување до Европската комисија на 20 јули.

Европската комисија соопшти дека јајцата за кои постои сомневање дека се затруени биле дистрибуирани во Франција и во Велика Британија преку Германија.

– Сега на ред се Шведска, Швајцарија, Франција и Велика Британија да ги продолжат проверките, затоа што на овие јајца може да им се влезе во трагата – изјави портпаролката на ЕК, Ана Каиса Итконен.

Се претпоставува дека холандската компанија „Чикфренд“ користела отровен инсектицид за да третира паразити кај пилињата.

Светската здравствена организација го смета фипронилот за умерено токсичен, а строго е забранет за животни наменети за прехрана кај луѓе.

Кризата од Холандија, Франција, Велика Британија и од Белгија се проширила на Германија, Швајцарија и на Шведска.


Заев: Почнува севкупно зголемување на платите


Штип, 21 јули, 2017 - 20:56 (META) 

Граѓаните знаат дека тенденцијата е да ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари, а ние сме сериозни во одлуката и сакаме оваа мерка да биде воведена на 1 септември, истакна премиерот Зоран Заев денеска во Штип. Тој, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и од пратеникот Благој Бочварски, денеска  се сретна со работници и со сопственици на неколку фабрики за текстил, како и со претставници на синдикалните здруженија и на граѓанските здруженија за заштита на работничките права.

На средбите се разговарало за економските мерки на Владата предвидени во ребалансот на буџетот, кои, како што се вели во владиното соопштение, ќе обезбедат зголемување на минималната плата на 12.000 денари, поддршка за домашните претпријатија и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Заев изјави дека работниците во Штип му презентирале во какви услови работат и какви плати и годишни одмори добиваат. Тој рече дека ќе продолжат консултации со бизнисмените за подобрување на условите.

– Гледаме дека има услови за воведување на една ваква мерка. Ќе продолжат консултациите до донесувањето на законското решение. Она што е важно при воведувањето на една ваква мерка е дека зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари ја отвора спиралата за зголемување на севкупните плати во Република Македонија. Секако, прва цел се текстилната и кожарската индустрија, како најслабо платени, за Владата на еден внимателен начин, преку буџетски пари, со 1,5 милиони евра месечно, да го следи стопанството за да не дозволиме никакви дисторзии во нивното работење – порачал премиерот Заев.

Тој вети и дека наскоро Владата ќе субвенционира годишни одмор за 35.000 најслабо платени работници.


„Леар“: Фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот со труењето


Тетово, 31 март, 2017 - 15:30 (META) 

Во писменото соопштение на фабриката „Леар“, каде што синоќа беа затруени околу 200 луѓе, се вели дека фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот и додека не се осигурат дека нема да се повтори.

„За компанијата „Леар“ ништо не е поважно од здравјето и од благосостојбата на вработените. Ние имаме одлични услови за здравје и за безбедност во нашите фабрики. Внимателно ги следиме инструкциите на локалните здравствени власти за да го истражиме овој изолиран инцидент“, велат оттаму.

Во Клиничката болница во Тетово во моментов на лекување е задржано едно лице од вкупно 183 работници, информираше директорот, Флорим Бесими.

 


Шилегов: Наместо изградба на фабрики, празни ливади во Радовиш


Радовиш, 1 ноември, 2016 - 14:29 (META) 

„На оваа ливада пред две години обвинетиот Никола Груевски свечено фрли лопата на камен-темелник и повторно ги изговори истите лаги за странски инвестиции и за нови работни места. Како и секаде во државата, Груевски ги излажа и луѓето од Радовиш за инвестициски бум, за нови работни места, за нови фабрики“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, при денешната посета на Радовиш.

Тој посочи дека на тоа место нема ниту фабрики, ниту нови работни места за радовишани.

– Ги нема ниту инвестициите од 11 милиони евра што беа најавувани. Овде требаше да има инфраструктура, улична мрежа, водоводна и телекомуникациска инфраструктура, мрежа за снабдување со електрична енергија, мрежа за снабдување со гас на фабриките. Повеќе од 6 милиони денари, народни пари од буџетот, се потрошени на оваа ливада – изјави Шилегов.

Тој додаде дека празните ливади ги испразниле и куќите и домовите од млади луѓе и во Радовиш и во Македонија. Фабриките што требало да ги вработат, никогаш не се отвориле.


„Гардијан“: Во Македонија се прават скапи брендирани чевли за минимални плати


Скопје, 23 август, 2016 - 11:06 (META) 

„Работници во Албанија и во Македонија земаат толку ниски плати што не можат да ги прехранат своите семејства, а јазот меѓу законски загарантираната минимална плата и висината на исплатените дневници е поголем отколку во Кина. На овој начин некои светски брендови за производство на чевли остваруваат огромен профит на грбот на сиромашниот работник“, се вели во текстот на „Гардијан“ во врска со тоа дека скапите чевли што носат предзнак „произведено во Италија“, всушност, се прават во земји со евтина работна сила каде што се експлоатираат работници.

Истрагата за производството на чевли ја повела Европската чевларска индустрија, која открила шокантни услови за работа во фабриките што произведуваат чевли за пазарот во Велика Британија, а во кои работат работници платени под законскиот миниум.

Во текстот на „Гардијан“, исто така, се наведува дека „една македонска фабрика што го произведува брендот за чевли „Геокс“, работниците ги плаќа 131 евро месечно, сума во која а вклучена и прекувремената работа“. Текстот потсетува дека минималната плата кај нас изнесува 145 евра и дека во таа сума не влегуваат прекувремените часови на работа.

Како земји во кои се експлоатира работната сила за производство на скапи италијански и германски чевли, покрај Македонија и Албанија, се споменуваат и Полска, Романија и Словачка.


ВМРО-НП: Во кое својство партиски претставници испрашуваат градоначалници?


Скопје, 23 јули, 2016 - 11:40 (META) 

Во кое својство, партиски преставници кои моментално немаат никакво ангажирање во Владата на Република Македонија следат реализација на проекти од Владата и истовремено градоначалниците и владини функционери даваат отчет на претседател на партија, а не на премиерот или други владини преставници! Нели ова се коси со повеќепартизмот и наликува на еден одамна веќе надимнат комунистички систем, реагираат денеска од ВМРО-Народна партија.

ВМРО – Народна партија од Охрид изразува незадоволство од малиот број на проекти кои Владата ги прави во моментов во овај регион и бара одговор на неколку прашања.

„Неколку години наназад сведоци сме на големата пропаганда предводена од ДПМНЕ и ДУИ за изградбата на развојно инвестиционата зона со локација помеѓу Охрид и Струга и илјацниците вработувања кој секојдневно се најавуваа. Вистината е многу поинаква. Од оваа развојна зона има само неколку хектари оградена земја, една хала во обид на изградба и секако оваа зона најголем период е поплавена со вода. Големите најави од странските инвестиции на ОДВ и КОСТАЛ се сведе на неколку погони со околу 100 вработени во тие две инвестиции. Бараме одговор на тоа како успеавте да го ликвидирате гигантот како ЕМО и сега само имате класична продажба на објекти и ниту најава од рестартирање на ЕМО. Исто така, сакаме одговор на тоа зошто Владата не прифаќа рестартирање на дел од ЕМО каде за почеток би се вработиле 150 работници, иако имавте понуда и разговори со сериозна фирма од соседството“, се вели во соопштението од ВМРО-НП.


Ставрески: Инвестициите позитивно се одразија врз извозот


Скопје, 9 февруари, 2016 - 16:24 (META) 

Зголемувањето на странските инвестиции освен врз вработувањата, многу позитивно се одрази и врз извозот, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на денешниот состанок на тимот за странски инвестиции со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Од странски инвестиции во периодот од 2007 до 2015 година кумулативно имаме 2 милијарди и 266 милиони евра. Тоа се одразува врз извозот. Минатата година достигнато е рекордно ниво на извоз од 1 милијарда и 472 милиони евра. Тоа значи дека 36 отсто од македонскиот извоз денес го произведуваат овие фабрики од странски инвестиции – истакна Ставрески.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, истакна дека минатата година преку странските инвестиции се вработени 6.700 лица. Од почетокот на 2016 година, посочи Груевски, реализирани се девет настани поврзани со странски инвестиции.

– Со полната реализација на овие девет инвестиции, ќе се вработат 3.610 невработени лица во Македонија – истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека инвестициите само на овие девет компании, кога ќе бидат завршени, ќе бидат 90 милиони евра.


СДСМ: Празна ливада наместо индустриска зона во Делчево


Скопје, 16 јануари, 2016 - 16:31 (META) 

Индустриската зона близу месноста Милково брдо во Делчево е уште една лажна, виртуелна инвестиција на Никола Груевски, обвини Љупчо Николовски, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Уште во 2013 година, Никола Груевски ја најави изградбата на оваа технолошко-индустриска зона, но таа не почна со години. Во 2015 година, Никола Груевски направи уште една манипулација и за истата индустриска зона фрлаше лопата. И толку! Денес, по цели три години од најавата за изградба, наместо индустриска зона зјае празна ливада. Освен дупката од фрлената лопата на манипулаторот Никола Груевски, нема ништо друго, ниту индустриска зона, ниту фабрики, ниту нови работни места. Оваа празна ливада е уште еден симбол на лажните, неостварени, виртуелни инвестиции на Груевски и на неговите „дил ориентед“ политики – вели Николовски.

Дополнителниот заменик-министер вели дека единствените реални „инвестиции“ на Никола Груевски се парцелите на Водно, „мерцедесот“ од 600.000 евра, очилата од 60.000 долари, провизиите, тендерите за споменици вредни 630 милиони евра.

– Досега, според најавените странски инвестиции од страна на манипулаторот Никола Груевски, вкупно се ветени, а нереализирани вработувања на 34.695 граѓани. Нема индустриска зона во Берово, празна ливада е индустриската зона во Гевгелија, ја нема ниту индустриската зона во Крушево, ниту индустриската зона Мауцкер во Охрид, којашто остана депонија. Нема ниту фабрика за печурки во Свети Николе, ниту фабрика за ветерници во Тетовско. Корупцијата во изминатите години однесе многу работни места и избрка многу странски инвестиции – изјави Николовски.


Најавени нови фабрики во индустриската зона во Тетово


Тетово, 9 декември, 2015 - 15:38 (META) 

Потпишани се договори со четири странски компании што ќе градат во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово. Ова денеска го најавија од норвешката компанија „Норман инвестмен груп“, која стопанисува со зоната. Оттаму уверуваат дека фабриките ќе се изградат затоа што процедурата за добивање дозвола за градба е олеснета, со новите законски измени.

– Сега може и со идеен проект да се добие дозвола за градба, порано беше посложена процедурата, па компаниите се откажуваа. Со новите законски измени, кои стапија на сил неодамна, работата е поедноставна. В петок очекуваме да добиеме дозвола за изградба на фабрика на американската компанија „Леар“. Се очекува објектот да биде изграден до мај наредната година, во фабриката првично ќе се вработат 350 лица, а според договореното, бројката на вработени ќе достигне до 2.500 лица, додека другите три компании ќе вработат дополнително 1.000 лица – изјави Арбен Халили, директор на норвешката компанија „Норман инвестмен груп“, која стопанисува со зоната.

Министерот за економија, Беким Незири, кој денеска ја посети индустриската зона, вели дека очекува пораст на домашниот бруто-производ, со отворање производствени капацитети во индустриската зона, која работи по принципот на јавно-приватно партнерство.

– Ако во мај наредната година не се вработат 350 лица, како што е договорено, тогаш ние ќе седнеме и заеднички ќе разговараме со сите страни за тоа дали јавно-приватното партнерство ќе продолжи и понатаму – изјави Незири.

Индистриската зона во Тетово двапати беше свечено пуштена во употреба, но досега таму нема изградено ниту еден производствен капацитет.


Премиерот Груевски најави две нови странски инвестиции до крајот на овој месец


Скопје, 5 декември, 2015 - 18:35 (META) 

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека две нови странски инвестиции треба да се реализираат до крајот на овој месец.

На почнувањето на градежните работи за продолжување и за изградба на булевар, Груевски рече дека двете нови фабрики ќе вработат најмалку 500 граѓани.

– „Кап-кон“ ја отвора својата фабрика наскоро. Тоа е американска глобална компанија од автомобилската индустрија. Тие се речиси готови и многу бргу почнуваат со производство. Втората инвестиција е, всушност, втората фабрика на италијанската „Технокозе“, четирипати поголема од првата, која е во самиот финиш. Веќе почнаа некое пробно производство и наскоро ќе биде отворена оваа нова фабрика. Овие две фабрики ќе вработат најмалку 500 луѓе – изјави Груевски, додавајќи дека во текот на овој месец можно е да се официјализира и влез на уште една глобална американска компанија, која дополнително би вработила уште 500 лица.