!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

На патот кон гостиварско Куново има половина метар снег, селото е отсечено


Гостивар, 11 јануари, 2017 - 13:46 (META) 

Гостиварско Куново е отсечено од градот бидејќи на патот кој води до нивното село има 50 сантиметри снег. Жителите велат дека се обратиле до сите институции надлежни за расчистување на патиштата, но не добиле позитивен одговор.

– Дваесетина жители во ова село се целосно отсечени од Гостивар, патот е прооден само за движење пеш или со теренски возила и со синџири за снег. Покрај овие жители, во селото има и животни и некои непостојани жители на селото ги чуваат и патуваат пеш до Гоствар за да ги нахранат. Ние сме свесни дека не може сите патишта да имаат ист приоритет, на тоа се спремни и жителите, па имаат резерви од продукти, но тоа не значи нашиот пат воопшто да не се се чисти – велат од месната заедница од Куново.

Републичкиот центар за управување со кризи Тетово (РЦУК) известува дека сообраќајот се одвива во зимски услови и отежнато, особено на повисоките планински села каде е неопходна употреба на зимска опрема.

– Има одредени забелешки од граѓани кои се жалат на несоодветно исчистени патни правци од страна на „Македонија пат“ – Тетово, а особено за патниот правец од село Калник до Палчишка Река и стариот пат Желино – Групчин. По разговорот со раководителот на „Македонија пат“ – Тетово, добиена е информација дека при првата можност посочените правци повторно ќе бидат исчистени и проширени од нивна страна – велат од РЦУК  Тетово.

Оттаму додаваат дека магистралниот пат Гостивар – Стража е прооден и проширен и има фрлено сол. На кракот Маврово – Дебар, има забрана за движење за тешки товарни моторни возила.

Кружниот тек околу Мавровското Езеро е исчистен и прооден во еден правец. Се очекува машина за целосно расчистување на патниот правец околу езерото во двата правца.

За Лазарополе и за Галичник засега не е планирано чистење на патот од наносите од снег, информираат Центарот за управување со кризи.


Во Словенија е регистриран прв случај на вирусот птичји грип


Марибор, 4 јануари, 2017 - 17:43 (META) 

Во местото Прагерско на североистокот на Словенија, потврден е прв случај на птичји грип во таа држава.

Во соопштението на словенечкото министерство за земјоделство се наведува дека со птичји грип биле заразени лебеди кои биле угинати и извлечени од езерото кај Прагерско, на 25 километри од Марибор.

Словенечките медиуми јавуваат дека се работи за прв случај на птичји грип по неколку години.


Скутерите и чамците по езерата од утре со ограничена пловидба


Охрид, 30 јуни, 2016 - 12:06 (META) 

Oграничувањето на пловидбата на скутери и на чамци по водите на природните езера во Македонија, почнува да важи од утре.

Забраната за движење на скутерите важи за Охридското, Преспанското и за Дојранското Езеро во периодот од 11 до 19 часот, до 31 август. Чамците, пак, не смеат да пловат од 21 до 5 часот.

Ограничувањата за пловидба на скутерите е за безбедност на капачите и на учесниците во пловидбата.


Единаесет лица загинаа во невреме во Русија


Москва, 19 јуни, 2016 - 15:18 (META) 

Единаесет лица загинаа, од кои 10 се деца, во несреќа на езерото Карелија во рускиот Пријажинскиот Регион, соопшти руската полиција.

Спасувачките екипи успеале да спасат 11 лица, а се трага по уште четворица туристи.

Руските медиуми јавуваат дека силна бура го зафатила северозападното езеро, при што погодени биле 49 туристи. Туристите, меѓу кои имало деца на возраст од 12 до 15 години, биле на два чамци и на еден сплав.

Според податоците на полицијата, исчезнатите и настраданите деца биле од регионот околу Москва.


Во судир на два брода на езеро во Конго загинаа 27 лица


Бразавил, 12 јуни, 2016 - 17:26 (META) 

Најмалку 27 лица загинаа кога брод се преврти по судир со друг брод на езерото Маиндомбе во Конго.

Двата брода пловеле во спротивна насока, но биле пренасочени од вообичаената рута за да ја избегнат маглата, што довело до судирот, соопшти заменикот гувернер на Маиндомбе, Масамба Малика.

Тој изјави дека телата на починатите сè уште се наоѓаат во езерото и дека е можно да има уште настрадани. Спасувачките тимови трагаат по настраданите.

Малика додаде дека сè уште не е познато колку вкупно луѓе имало на бродот, но дека бродот не можел да прими повеќе од 10 лица.

Во декември минатата година во бродолом на истото езеро, 18 лица настрадаа, а 70 исчезнаа.


„Охрид СОС“: За Галичица се расправа празнично и зад грбот на јавноста


Охрид, 31 декември, 2015 - 10:07 (META) 

Терминот за јавна расправа на предлог-измените на планот за управување со националниот парк Галичица за период 2011-2020 година, 4 јануари, е спорен за граѓанската иницијатива „Охрид СОС“. Забележуваат дека не е ниту во согласност со сите постоечки домашни и меѓународни прописи за уредно консултирање на јавноста кога станува збор за добра од јавен интерес.

– На прагот сме да изгубиме три национални природни богатства со еден замав. Новите измени во планот за управување со НП Галичица подразбираат отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина за изградба на скијачки центар, експресен пат и туристичко-развојни зони на брегот на Охридското Езеро. Овие огромни градежни зафати во срцето на Галичица се закануваат да го уништат уникатниот биодиверзитет на Галичица, а домашни и странски експерти повеќепати потврдија дека уништувањето на планината би значело и бавно уништување на Преспанско и на Охридско Езеро, две од трите природни езера во Македонија – предупредуваат од „Охрид СОС“.

„Охрид СОС“ претходно учествуваше на јавната расправа, одржана на 11 септември, заедно со повеќе граѓански организации, од што испрати свои коментари кон ревидираната стратегиска оцена на животната средина за предлог-измените во планот за управување со НП Галичица, но досега немаат добиено одговор од надлежните институции.

Од „Охрид СОС“ бараат итно поместување на временската рамка за консултации со јавноста и предлагаат истата да трае во период од 11 јануари до 11 февруари 2016 година, како и во најбрз можен рок да им биде испратен одговор во врска со доставените коментари до ЈП Галичица.


Струшкиот градоначалник го обвини владејачкото мнозинство за соработка со мафијата


Струга, 28 декември, 2015 - 12:21 (META) 

Градоначалникот на Струга, Зиjадин Села, на прес-конференција изјави дека со донесувањето на предлог-законот за дополнување на законот за градежно земјиште, а кој се однесува на плажите, се штити урбаната мафија.

Села ги обвини пратениците од владејачкото мнозинство и институциите за соработка со мафијата.

– Имајќи предвид што предвидува, овој закон треба да гласи „закон за заштита на урбаната мафија“. Повеќе од јасно е дека урбаната мафија има длабоки корени во Собранието на Македонија затоа што сите тие што се потписници на овој закон и сите тие што гласале за него, не заслужуваат да се нарекуваат пратеници, туку тие се соработници на урбаната мафија. Сега добивме и парламентарна мафија. И не се само тие, туку со нив соработуваат и институциите, но, од друга страна, морам да констатирам дека има и соработници внатре во Општината, како што се градежните инспектори кои по закон се независни во своето работење – изјави Села.

Струшката локална самоуправа претходно најави дека ќе ги урне сите објекти изградени на плажите и ќе ги направи слободни, но тоа не се случи бидејќи судот донесе привремена мерка и ги спречи дејствата на Општината.

– Судовите повеќе од два месеци не ги потпишуваат решенијата за да се отсранат тие диви објекти од плажата. Еве, јавно, јас ги повикувам уште денеска да ги потпишат решенијата додека не е донесен законот, за да расчистам со плажите и за да им се вратат на граѓаните, за да го зачуваме ова богатство што ни е дадено од природата и да го зачуваме биодиверзитетот на Охридско Езеро – додава Села.

Градоначалникот Села најави дека законот ќе биде оспорен, а Општината за случајот ќе ја извести УНЕСКО, како и странските амбасади во земјата.


Охрид и годинава ќе добие новогодишна елка под вода


Охрид, 26 декември, 2015 - 13:42 (META) 

Покрај таа на градскиот плоштад Свети Климент Охридски, елка ќе биде поставена и во водите на Охридско Езеро.

Станува збор за традиција долга 14 години, што ја почнаа инструкторот Милутин Секуловски и нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“ .

Во оваа атрактивна активност се вклучени и Клубот за подводни активности „Охрид“ во соработка со Сојузот за подводни активности на Македонија.

Подводната новогодишна елка, во водите на Охридско Езеро, нуркачите ќе ја китат денеска во месноста Залив на коските, кај наколното живеалиште, познато уште и како Миќов град.

 


На Охридско Езеро му е потребна интегрална заштита


Охрид, 2 октомври, 2015 - 18:26 (META) 

На Охридско Езеро му е потребна  интегрална заштита, што претпоставува воспоставување заеднички систем за заштита и од македонска и од албанска страна.

Ова беше единствен заклучок од  денешниот работен состанок што во Охрид се одржа во рамките на Проектот за интегрална заштита на културното и на природното наследство на Охридскиот регион поддржан од ЕУ и од УНЕСКО.

Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, вели дека македонската страна е отворена за соработка кога станува збор за заштитата и на албанскиот дел од езерото.

– Веќе подолг период соработуваме со албанските колеги на речиси сите нивоа, со учество на националните комисии на УНЕСКО како интегрирачка институција. Кога станува збор за заштита на албанскиот дел од регионот, нашите совети се албанските колеги да размислат за опфатот на територијата што ќе ја номинираат како природно и културно наследство за заштита – напоменува Топузовска.

Сонила Кора од Министерството за култура на Албанија, задолжена за заштита на спомениците на културата, нагласува дека главниот проблем со кој се соочува албанската страна во делот на заштите на културно-историските споменици е неконтролираната градба и урбанизацијата во заштитените подрачја.

– Токму затоа, во јуни годинава aлбанската влада донесе одлука за прогласување на центарот на Поградец за заштитено подрачје од прва категорија, со строга контрола на градежните активности – вели Кора.

Претставникот на УНЕСКО, Синиша Шешум, рече дека неопходно е да се воспостави заеднички систем за заштита на Охридско Езеро и на регионот и, како што рече, двете држави мора меѓусебно да си помагаат.

– Не може да се штити едниот дел од Охридско Езеро, а преостанатиот дел да биде надвор од контрола. Актуелните проблеми со кои се соочува регионот се решливи. Владата на Македонија ги исполнува препораките на советодавните тела на УНЕСКО, така што засега не се соочува со некои поголеми проблеми – прецизираше Шешум.

 


Пливачите – маратонци апелираат за заштитата на Охридското Езеро


Охрид, 28 август, 2015 - 11:17 (META) 

Во пресрет на утрешниот пливачки маратон, невладината асоцијација „Охрид – СОС“, укажа на потребата од поголема грижа за заштита на Охридското езеро, анимирајќи дел од професионалните пливачи да се јават со поддршка.

Од „Охрид – СОС“, преку допис до медиумите, укажаа на опасноста што му се заканува на езерото и поширокиот еко-систем доколу се реализираат предложените измени на Урбанистичкиот план на Охрид, како и неколку други урбанистички проекти.

Една од директните последици од градежните, а еколошки опасните подвизи околу и во езерото, меѓу другото е и постепена, но сигурна деградација на квалитетот на водата. А тоа е средината неопходна за пливање, основен предуслов за професионалните пливачи на отворени води.

Заложбите за заштита на езерото ја добија поддршката од некои од најдобрите маратонски пливачи во светот, а отворено својот став го изрази и нашиот Евгениј Поп – Ацев, двапати второрангиран на светската листа на пливачи на отворени води и фаворит за победник на овогодинешниот маратон. Тој рече:

– Заштитата на Охридското езеро е битна за мојот спорт зашто пливачите сакаат да пливаат во чиста вода, тоа ја прави трката поубава, а исто така би останала трка во најубави услови и вода во целиот свет. Мислам дека сите пливачи би се сложиле со тоа – пренесуваат од „Охрид – СОС“.

Покрај него, поддршка добиле и од победникот на минатогодишниот Охридски маратон и двоен олимпиец, Белгијанецот Брајан Рајкеман, Канаѓанецот Завие Дешарне, моментално второ-рангиран во светот, потоа Германецот Александер Стуѕински, двапати второпласиран на Охридскиот маратон, Аргентинецот Дамиен Блаум, поранешен ФИНА гранд-при шамион, олимпиец и повеќекратен учесник на Охридскиот маратон, како и поранешната ФИНА гранд-при шампионка и победничка на Охрискиот маратон во 2007, Шпанката Естер Нунез, и Мексиканката Заира Карденас. Сите, со споделување на Петицијата на „Охрид – СОС“ преку своите твитер профили се вклучија кон информирање на светската јавност и ширење на повикот за ургентноста и неопходноста за заштита на Охридското Езеро.