!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонија ќе учествува на „Евровизија 2018“


Женева, 17 ноември, 2017 - 12:44 (META) 

Македонија ќе учествува на изборот за песна на „Евровизија“ следната година, откако МРТ и Португалската радио-телевизија постигнале договор.

На официјалната веб-страница на „Евровизија“, Македонија сега стои како една од 43 земји учеснички. Минатата недела, под листата пишуваше дека промената од изборот во 2017 година е што Русија повторно ќе учествува, а Македонија нема.

Сега на веб-страницата пишува дека земјите учеснички требало до средината на септември оваа година формално да ги поднесат нивните апликации за да бидат дел од „Евровизија 2018“.

„Конечната листа на земји учеснички беше објавена на 7 ноември, но беше променета 10 дена подоцна кога беше додадена Македонија“, пишува на официјалната веб-страница на „Евровизија“.

ЕБУ претходно соопшти дека „Македонската радио-телевизија“ моментално е оневозможена да учествува на изборот за песна „Евровизија 2018“ поради санкција за неплатен долг.

МРТ по ова испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Двете полуфинални вечери на натпреварот се закажани на 8 и 10 мај во Лисабон, Португалија, а големото финале ќе се случи на 12 мај.


Португалија победи на натпреварот за песна на „Евровизија 2017“


Киев, 14 мај, 2017 - 9:48 (META) 

Португалија е победник на годинашниот избор на песна на „Евровизија“, европската мрежа на национални радиодифузери, кој се одржа во Киев, Украина.

Со 758 поени, 27-годишниот Салвадор Собрал со песната „Amar Pelos Dois“ ги освои симпатиите на Европа и на својата земја ѝ ја донесе првата евровизиска победа. Португалија е земја со најдолг стаж како натпреварувач, но досега никогаш го нема освоено ова музичко натпреварување.

За време на својот настап, младиот Салвадор, кој важеше за еден од фаворитите, предизвика огромни овации кај публиката. Песната со која тој ја претстави својата земја е напишана од неговата сестра.
Во финалето се натпреваруваа 26 земји. Меѓу нив не беше Македонија, но беа соседните земји Грција и Бугарија.


На „Евровизија“ забранети знамињата на Косово и на Исламска држава


Стокхолм, 29 април, 2016 - 11:24 (META) 

На годинешното натпреварување за песна на „Евровизија“ забранети се знамињата на Косово, Исламска држава, Палестина, Крим, Доњецка Република, Нагорно Карабах и на Северен Кипар, соопштија организаторите.

За време на настанот во Стокхолм, Шведска, во салата нема да биде можно да се внесат тие знамиња.

За одлуката на организаторите можно е да се поднесат жалби.

Покрај тие знамиња, нема да биде можно да се внесуваат ниту знамиња или транспаренти со пораки од политичка или верска природа кои организаторите ги сметаат за непримерни.


Шведска победи на „Евровизија“, македонските поени неважечки


Виена, 24 мај, 2015 - 10:40 (META) 

Манс Зелмерлев од Шведска со песната „Heroes“ е победник на 60. јубилејно издание на „Евровизија“ со освоени 365 поени. На второ место се најде Русија, а по неа Италија.

Македонија иако не се пласираше во финале, сепак имаше право да гласа, но нејзините поени се неважечки.

Имено, од нашата земја, како и Црна Гора, гласовите ги пресметале само од телефонските гласови, а не и од жири-комисијата која треба да учествува со 50 проценти, како што наложуваат правилата на годинешната „Евровизија“ во Австрија.

Бидејќи не е запазено правилото 50 проценти телефонско гласање – 50 проценти жири-комисија, поените се неважечки, но тоа не влијае на конечниот резултат.


Финална евровизиска вечер


Виена, 23 мај, 2015 - 13:34 (META) 

Финалето на избор на песна за „Евровизија“ ќе се случи вечерва во Виена, а за првото место ќе се натпреваруваат претставници од 27 земји. Слоганот на годинашното издание на евровизискиот избор за најдобра песна е „Градиме мостови“.

За победникот ќе одлучуваат публиката и жирито, во однос 50:50. Оваа година поради 60 години јубилеј на оваа манифестација, со свој претставник настапува и Австралија.

Македонија не успеа да се пласира во финалето, но има право да гласа.


Даниел Кајмакоски вечерва ќе настапи осми на „Евровизија“


Скопје, 19 мај, 2015 - 10:06 (META) 

Првото полуфинале од „Евровизија“ ќе се одржи вечерва во Виена од 21 часот. Под реден број осум, ќе настапи и Даниел Кајмакоски со песната „Autumn leaves“, како претставник на Република Македонија.

Кајмакоски победи на „Скопски фестивал 2014“ со „Лисја есенски“, која за евровизискиот настап е преведена на англиски јазик.

На сцената во „Штадхале“, Кајмакоски ќе биде придружуван од американското трио „Мерџ“, чии членови биле дел од аренби-групата „Блекстрит“, инаку негови идоли.

Втората полуфинална вечер ќе се одржи в четврток, а финалето е в сабота.


„Илинден“ ги повика Македонците од Албанија да гласаат за Кајмакоски


Тирана, 20 април, 2015 - 19:17 (META) 

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана ги повика етничките Македонци од Албанија и од сите земји каде живеат, да гласаат за Македонија на годинешната манифестација за избор на песна за „Евровизија“, што ќе се одржи во Виена, Австрија, од 19 до 23 мај.

Република Македонија ќе биде претставена од Даниел Кајмакоски, со песната „Лисја есенски“.

– Даниел Кајмакоски ќе учествува на првата полуфинална вечер на 19 мај и од вашите гласови зависи дали ќе биде пласиран на финалната вечер, што ќе се одржи на 23 мај. Гласовите кои ќе бидат дадени од Република Албанија, ќе можат да му помогнат на нашиот претставник да учествува во финалната вечер. За финалната вечер која ќе се одржи на 23 мај се квалификуваат по десет земји од двете полуфинални вечери, кои ќе добијат најмногу гласови, а 50 отсто од вкупните гласови се добиваат од гледачите, преку гласање со телефонски повик или со СМС-порака. Апелираме активно да се вклучите во лобирање за гласање. Покрај вас и вашите најблиски, нека гласаат и вашите пријатели, колеги и познаници. На тој начин ќе им дадеме поддршка на културата на Република Македонија и на нејзината промоција во музичкиот свет во Европа – се вели во објавата на Македонско друштво „Илинден“ од Тирана.

В.М.


Кајмакоски ќе настапува осми на евровизиското полуфинале


Скопје, 23 март, 2015 - 20:46 (META) 

Даниел Кајмакоски со „Лисја есенски“ на „Евровозија“ ќе настапува под реден број осум на првата полуфинална вечер, која ќе се одржи на 19 мај во Виена, Австрија. Во иста вечер со Македонија ќе настапуваат и Србија, Грција и Албанија.

На првата полуфинална вечер ќе настапуваат:

1. Молдавија
2. Ерменија
3. Белгија
4. Холандија
5. Финска
6. Грција
7. Естонија
8. Македонија
9. Србија
10. Унгарија
11. Белорусија
12. Русија
13. Данска
14. Албанија
15. Романија
16. Грузија

На втората полуфинална вечер ќе настапуваат:

1. Литванија
2. Ирска
3. Сан Марино
4. Црна Гора
5. Малта
6. Норвешка
7. Португалија
8. Чешка
9. Израел
10. Латвија
11. Азербејџан
12. Исланд
13. Шведска
14. Швајцарија
15. Кипар
16. Словенија
17. Полска

Во финалето на 23 мај во „Штатхале“ во Виена, обезбедено место имаат претставниците на Велика Британија, Франција, Италија, Германија и на Шпанија, минатогодишниот победник, домаќините Австрија, и учесникот од Австралија.


Промовиран видеоспотот за евровизиската „Лисја есенски“


Скопје, 16 март, 2015 - 18:23 (META) 

Денеска официјално беше промовиран видеоспотот за песната „Autumn leaves“ (Лисја есенски), со која Даниел Кајмакоски ќе настапува на „Евровизија“ оваа година во Виена, Австрија.

На англиската верзија на песната, музиката и текстот ги изработи Швеѓанецот Јоаким Персон, а аранжманот и продукцијата ги подготви Роберт Билбилов.

– Искрено верувам во Роберт Билбилов, тој е вистински генијалец и креативен човек. Среќен сум што соработувам со него и мислам дека сега песната доби и емотивност, но со една многу подлабока и посуштинска нишка, со мојата вистинска приказна – рече Кајмакоски.

Даниел на 19 мај ќе настапи на првата полуфинална вечер на „Евровизија“, а големото финале е закажано за 23 мај.

 


Даниел Кајмакоски на „Евровизија“ ќе настапи втор на првата полуфинална вечер


Скопје, 26 јануари, 2015 - 16:08 (META) 

Даниел Кајмакоски, претставникот на Македонија на „Евровизија 2015“, што ќе се одржи во Виена, Австрија, од 19 до 23 мај годинава, ќе настапи втор во првата полуфинална вечер.

Во првата полуфинална вечер настапуваат 19 држави. Први се претставниците на Грција, веднаш по нив сме ние, а потоа следат: Естонија, Холандија, Молдавија, Финска, Белгија, Ерменија, Србија, Данска, Белорусија, Романија, Русија, Албанија, Грузија, Унгарија, како и Шпанија и Франција, и земјата-домаќин Австрија.

Во второто полуфинале ќе се натпреваруваат преставниците на 20 држави:­ Норвешка, Ирска, Чешка, Литванија, Сан Марино, Малта, Португалија, Црна Гора, Швајцарија, Азербејџан, Словенија, Латвија, Полска, Исланд, Израел, Кипар, Шведска, како и Германија, Италија и Велика Британија.