Евростат: Македонија има 2.075.300 жители


Скопје, 27 јули, 2018 - 13:53 (META) 

Статистичката канцеларија на ЕУ, Евростат, соопшти дека според нејзиното истражување, Македонија во јануари 2018 година имала 2.075.300 жители, наспроти 2.073.700 во истиот период лани.

Македонија не спровела попис на населението од 2001 година, а директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски неодамна најави дека новиот попис на населението ќе се спроведе за две години, односно во 2020 година од 1 до 21 април.

Според Евростат, проценката е дека Европската унија во јануари 2018 година броела 512,6 милиони жители. Зголемувањето на популацијата од 1,1 милиони жители во однос на истиот период лани се должи на миграцијата, бидејќи е забележан поголем број на починати лица од новородени.

Германија е најнаселена земја во ЕУ со 82,9 милиони жители. Следат Франција со 67,2 милиони, Велика Британија со 66,2 милиони жители, Италија 60,5 милиони, Шпанија 47,7 милиони и Полска со 38 милиони жители.


„Евростат“: Жените во ЕУ се 16 проценти послабо платени од мажите


Брисел, 8 март, 2018 - 10:46 (META) 

Статистичката служба на Европската Унија, „Евростат“ објави дека жените во Европската Унија во 2016 година, во просек, биле за 16,2 отсто послабо платени од мажите, односно во просек заработиле 84 евроценти од секое евро кое го заработил маж.

Во цела ЕУ, разликите во платите се намалени малку и тоа во просек за 0,6 процентни поени, од 2011 до 2016 година.

Помеѓу земјите-членки во 2016 година, разликите во платите се движеле од само пет отсто во Романија и Италија, до над 25 проценти во Естонијa.

Во Чешка и Германија таа разлика во плати е од речиси 22 проценти.


Бугарите и Хрватите со најслаба куповна моќ од граѓаните на земјите-членки на ЕУ


Брисел, 3 јануари, 2018 - 14:13 (META) 

Бугарите и Хрватите заостануваат по куповната моќ зад најголем дел од земјите-членки на Европска унија, покажуваат податоците на европската статистичка служба „Евростат“.

Хрватска е на претпоследно место според потрошувачката по глава на жител, кој сега изнесува 59 отсто од просекот во ЕУ. Според овој параметар, единствено послаба од Хрватска е Бугарија.

Турција, во порастот на животниот стандард надминала четири членки од ЕУ и сите земји на Југоисточна Европа.

Просечен Турчин, со потрошувачката која изнесува 64 отсто од европскиот просек, има поголема куповна моќ од жителите на Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ и Албанија.

Податоците на ова истражување, „Евростат“ ги базира на потрошувачката кошничка на исти производи во различни земји.


Платите во Европска Унија ќе се зголемат и до 500 евра во 2018 година


Брисел, 21 декември, 2017 - 10:46 (META) 

Платите и пензиите на работниците во земјите-членки на Европска Унија ќе бидат зголемени за 1,5 отсто, почнувајќи од 1 јули 2018 година, што значи дека месечната плата, може да биде зголемена и до 500 евра.

Заводот за статистика на Европска Унија, „Евростат“ го пресмета зголемувањето на платите врз основа на платата на јавните службеници во земјите-членки на ЕУ и зголемување на трошоците за живот во Белгија и Луксембург.

Основната плата на административците ќе биде зголемена од 2.830 на 2.872 евра во најниската група, односно од 19.588 на 19.882 евра во највисоката група.

Германски „Билд“ пишува дека, платата на канцеларката Ангела Меркел моментно изнесува 18.388 евра, без дневниците, а околу 800 вработени во Европска комисија заработуваат повеќе од канцеларката.

Претседателот на Европска комисија, Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск заедно со додатоците, ќе заработуваат 32.200 евра месечно.

Платите на шестмината потпретседатели на Европска комисија ќе се зголемат за околу 450 евра, односно на 30.217 евра. Месечните плати на пратениците ќе се зголемат од 8.484 на 8.611 евра.


Стапката на инфлација во еврозоната е највисока во последните три години


Брисел, 4 јануари, 2017 - 14:07 (META) 

Официјалните бројки покажуваат дека инфлацијата во државите што припаѓаат на еврозоната, во декември се зголеми на највисоко ниво во последните три години, главно поради зголемување на трошоците за енергија.

Европската статистичка агенција (Евростат) соопшти дека годишната стапка на инфлација се зголемила на 1,1 процент во декември од 0,6 отсто во ноември.

Декемвриската стапка е највисока од септември 2013 година, кога инфлацијата исто така изнесувала 1,1 процент.

Бројката е во прилог на Европската централна банка, која настојува да ја намали инфлацијата под два проценти.


Евростат: Секој шести Европеец нема пари за забава


Брисел, 1 декември, 2016 - 17:52 (META) 

Повеќе од 10 проценти од државјаните на земјите членки на Европската Унија не можат да си дозволат излегување со пријателите или со семејството на пијалак или на вечера, додека секој шести граѓанин нема пари за забава, покажува истражувањето на статистичката служба на Европската Унија, Евростат.

И покрај бавното, но континуирано закрепнување на економијата во ЕУ и намалувањето на невработеноста во 2014 година, 13 проценти од граѓаните на ЕУ постари од 16 години не можеле барем еднаш да излезат на пијалак или вечера, додека 17,8 проценти не можеле редовно да имаат некој вид релаксација.

Најголем процент на луѓето кои не можеле да си дозволат да излезат со пријателите или семејството се од Унгарија и од Романија, односно преку 35 проценти, потоа во Бугарија, каде што тој процент е нешто повеќе од 30 отсто.

Од друга страна, во Шведска помалку од еден отсто не можеле да си дозволат излегување, во Финска два проценти, а во Холандија и во Чешка три отсто.

Помалку од десет проценти од луѓето немале пари за излегување во Словачка, Велика Британија, Естонија, Хрватска, Кипар, Франција и во Австрија.


Темпото на вработување во ЕУ забавува


Брисел, 29 август, 2016 - 10:48 (META) 

Во Европска Унија се забавува темпото на вработувања, така што статистиката покажува дека секој шести е невработен, во првите три месеци годинава.

Работа пронашле 15,4 проценти од невработените, односно три милиони невработени, наведува Евростат. Со тоа, темпото на вработување било забавено во однос на четвртото тримесечје лани, кога работа успеале да пронајдат 18 проценти од невработените или 3,5 милиони луѓе.

Извештајот на Евростат се базира на анкетата на работната сила и не ги вклучува податоците за Германија и за Белгија.

Данска предничела во темпото на вработување, па така секој трет невработен во таа земја, или 30,3 проценти, нашле вработување во првите три месеци од годината.

Потоа следува Шведска, каде што работа нашле 22,5 проценти од невработените и Австрија со 22,3 проценти.


Евростат: Цената на струјата во Македонија за 55 отсто поевтина од европската


Брисел, 27 јуни, 2016 - 16:40 (META) 

Според статистичката служба на Европската Унија, Евростат, анализите за земјите кои не се членки на ЕУ, покажуваат дека во Македонија цената на струјата е за 55 отсто поевтина отколку во европските земји, а во Србија за 47 отсто.

Просечната цена на струјата во земјите од ЕУ изнесува 18,4 евра за 100 киловат-часови.

Како што посочуваат од Евростат, најскапа струја плаќаат Данците и тоа 29,8 евра за 100 киловат-часови, а најевтина е струјата во Бугарија каде чини 8,7 евра за 100 киловат-часови.

Според последните информации од Регулаторна комисија за енергетика (РЕК), цената на струјата сè уште се пресметува и до 1 јули треба да биде соопштена новата цена.

 


Половина од населението се соочува со ризик да стане сиромашно


Брисел, 12 февруари, 2016 - 14:27 (META) 

Речиси половина од македонските граѓани (43,2 проценти) се соочуваат со ризик да станат сиромашни, покажува најновиот извештај на статистичкото биро на Европската унија, Евростат.

Со удел од 43,2 проценти, ризикот од сиромаштија и од социјална ексклузија во Македонија е поголем од сите други држави во Европа.

Во Европа, 24,4 проценти од популацијата, односно 122,3 милиони луѓе, во 2014 година биле соочени со висок ризик на сиромаштија и со социјална ексклузија.