!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Меркел: Неприфатливо е Унгарија да ја игнорира пресудата за бегалците


Берлин, 12 септември, 2017 - 14:08 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека е неприфатливо Унгарија да ја игнорира пресудата на Европскиот суд на правдата, според која Будимпешта мора да ги прифати бегалците во рамки на програмата на Европската Унија за нивно релоцирање.

– Неприфатливо е една влада да рече дека не ја интересира пресудата на Европскиот суд на правдата – вели Меркел за денешното издание на весникот „Берлинер цајтунг“.

Прашана дали тоа значи дека Унгарија мора да ја напушти ЕУ, Меркел одговори дека тоа значи дека е „погодено особено важно европско прашање“.

– Европа за мене е место во кое владеат законите – рече Меркел и додаде дека прашањето ќе биде разгледано на самитот на ЕУ во октомври.

Европскиот суд на правдата минатата недела го отфрли барањето на Унгарија и на Словачка да бидат изземени од програмата на ЕУ за задолжителни квоти за релоцирање бегалци кои стигнале од Грција и од Италија во други земји на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека нема да го промени својот став, без разлика на пресудата на Европскиот суд на правдата.


Европскиот суд на правдата ги поддржа санкциите за „Росњефт“


Луксембург, 28 март, 2017 - 13:50 (META) 

Европскиот суд на правдата денеска пресуди дека се валидни економските санкции кои ЕУ ги воведе за руските компании, вклучувајќи го и рускиот нафтен и гасен гигант„ Росњефт“ поради кризата во Украина.

Одлуката е донесена врз основа на жалба која компанијата „Росњефт“ ја поднесе пред судот.

Европскиот суд на правдата, кој се наоѓа во Луксембург, соопшти дека рестриктивните мерки кои поради кризата во Украина се воведени против руските компании, вклучувајќи го и „Росњефт“ се во согласност со прописите.

„Росњефт“ бара укинување на одлуката на лидерите на ЕУ од јули 2014 година, со кои се ограничуваат некои финансиски трансакции и извоз на осетлива стока, донесени откако Русија го анектирала полуостровот Крим.