Заев телефонски ја информирал Меркел за подготовките за референдумот


Скопје, 23 август, 2018 - 9:28 (META) 

Во телефонски разговор вчера попладнето, премиерот Зоран Заев зборувал со канцеларката на Германија, Ангела Меркел за напорите за европски и атлантски перспективи на Македонија и за подготовките за референдумот, соопшти македонската влада.

Притоа, како што се вели во соопштението, Меркел ја истакнала поддршкта од Германија за Договорот на Македонија и Грција.

„Германската канцеларка, Меркел, даде поддршка на напорите на Владата и на општествено – политичката јавност во Македонија, за зајакнување на европските и атлантските перспективи на граѓаните на нашата држава. Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, којшто го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, пренесува Владата.

Заев зборувал и за подготовките за референдумот, порачувајќи дека македонската влада „е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните“.

Македонскиот премиер нагласил и дека владата продолжува со реформските зафати заради исполнување на условите од заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби.


Планот 18 на Владата се трансформираше во План за скрининг


Скопје, 26 јули, 2018 - 10:05 (META) 

Планот 18 на Владата, за кој јавноста слушна на крајот на мај, кога вицепремиерот за европски  прашања Бујар Османи го презентираше на евроамбасадорот Самуел Жбогар и претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, како реформски план што ќе го наследи Планот 3-6-9, сега е на преработка.

Како што за „Мета“ објасни портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, по одлуката на Советот на министри на ЕУ, Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во јуни 2019 година, како и по почнувањето на процесот на набљудување, сега најновиот реформски план се менува и ќе се изготви нов текст.

„Планот 18 во моментов е во фаза на трансформација во План за скрининг и за исполнување на заклучоците од Советот на ЕУ. Владата работи на креирање на сеопфатен план за реформи кој опфаќаат три клучни столба а тоа се областите кои се спомнаа во заклучоците на Советот на ЕУ во Луксембург (судство, јавна администрација и разузнавачки служби), потоа препораките од Извештајот на ЕК и скринингот со кој се подготвуваме за почеток на преговорите во јуни 2019“, објасни Бошњаковски.


Заев од премиерите од ЕУ побара поддршка за старт на преговорите со Македонија


Скопје, 26 јуни, 2018 - 14:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев испратил писма до премиерите на земјите-членки на ЕУ со кои ги повикал да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Македонија со ЕУ, како одлука која е одамна заслужена, соопшти Владата.

Информирајќи ги за Договорот за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција, македонскиот премиер напоменува дека тој е веќе ратификуван во Собранието и дека на есен ќе биде одржан референдум, по што ќе почне постапка за уставните измени.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува Заев, барајќи на Европскиот совет да се даде поддршка за почеток на преговорите.

„Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“, вели Заев во писмото.


Македонија денеска на маса пред шефовите на дипломатиите на ЕУ


Брисел, 26 јуни, 2018 - 9:53 (META) 

Советот на ЕУ за општи работи денеска во Луксембург треба да донесе одлука по препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија.

Еврокомесарката Федерика Могерини, вчера ги повика земјите членки да го наградат, како што вели, импресивниот напредок на Македонија со потпишувањето на Договорот за името со Грција.

– Знаете дека препорачавме отворање преговори со Скопје и Тирана, овој процес мора да се заснова на заслуги, што значи дека кога има напредок тој мора да биде признаен и да биде охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите членки ќе ја донесат вистинската одлука – рече Могерини.

Екатерина Захариева, шефот на диплиматијата на Бугарија, која како актуелен претседавач со ЕУ ќе претседава со Советот на ЕУ за општи работи, изјави дека по постигнатиот договор за името со Грција, Советот треба да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија.


Германската влада поддржува давање датум за почетокот на преговорите со Македонија


Берлин, 22 јуни, 2018 - 16:15 (META) 

Во писмо до Бундестагот, германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ, со тоа отворено застанувајќи зад напорите на Скопје да тргне уште еден чекор напред кон Европската Унија, јави Дојче веле – програма на македонски јазик.

Во писмото од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.

„Одобрувањето (на одредувањето датум за почеток на преговори, ред.заб) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.

Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс, се вели во статијата на Дојче веле – програма на македонски јазик.


Заев побара поддршка од Туск за решавање на блокадата на процесот на пристап кон ЕУ


Брисел, 12 јуни, 2017 - 14:45 (META) 

На средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел, денеска македонскиот премиер Зоран Заев порачал дека новата влада е подготвена да води квалитетен реформски процес, но истовремено ја нагласил важноста на поддршката од Европскиот совет за наоѓање решенија да се спречи билатералните прашања да претставуваат пречка за процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ.

На средбата, премиерот бил придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, соопшти Владата.

– Новата Влада е подготвена да предводи силен и квалитетен реформски процес за обновување на препораката за преговори со ЕУ, до крајот на оваа година. Но, од голема важност е и поддршката од Европскиот совет за наоѓање решенија со кои билатерални прашања нема да претставуваат долгорочна блокада на процесот на пристапување во ЕУ – порачал Заев и се заблагодарил на претседателот на Европскиот совет за позитивните сигнали од европските институции за поддршка на евроинтеграциските аспирации на Македонија.

Заев рекол оти се надева дека Европскиот совет во декември ќе прифати почеток на отворање преговори за пристапување на Македонија кон Европската Унија.

– Амбициозни сме бидејќи е изгубено многу време во евроинтегрцискиот процес на Македонија – рекол Заев.

На средбата, според соопштението, била нагласена посветеноста на Владата на Македонија за регионална соработка, што би ги отворило и зацврстило европските перспективи на државите.

„Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го поздрави формирањето на новата влада во Македонија и оцени дека тоа е одлична можност за придвижување на евроатлантските аспирации на земјата. Претседателот на Советот, Туск, изрази очекување дека Република Македонија ќе го подобри својот углед преку посветена работа, меѓуетнички и меѓупартиски дијалог и добрососедски односи“, стои во соопштението.


Почна средбата Иванов – Туск


Скопје, 3 април, 2017 - 14:17 (META) 

Точно во 14 часот почна средбата меѓу претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој денеска е во посета на земјава.

Главна тема на средбата ќе биде мигрантската криза, улогата на Македонија во справувањето со неа, но и политичката состојба во земјава.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Иванов ќе го запознае Туск со политичката ситуација во земјата, а ќе разговараат и за европската перспектива на регионот.

Посетата на Туск на Македонија е дел од неговата балканска турнеја, на која, меѓу другото, ќе се разговара за имплементирањето на навремениот одговор на ЕУ на мигрантската криза во Источниот Медитеран.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека очекува од претседателот на Европскиот совет на Иванов „да му пренесе прецизни укажувања од пријателска Европа околу излезот и решението на политичката криза, односно за брз и мирен трансфер на власта и почитувањето на Уставот и на парламентарното мнозинство“.


Туск денеска ќе ги објави насоките на преговорите за Брексит


Брисел, 31 март, 2017 - 11:06 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ќе ги објави нацрт-насоките за тоа како ЕУ планира да преговара за излегувањето на Британија од европскиот блок.

Предлозите, кои ќе го одредат тонот на двегодишните преговори, ќе бидат испратени до сите членки на ЕУ.

Лидерите на ЕУ велат дека Британија мора прво да ги договори условите за излегување, а потоа да премине на врските во иднина. Лондон во таа смисла бара стимулативни преговори.

Се очекува Туск, кој во моментов е на Малта денеска да ги испрати насоките до другите членки на ЕУ.

Европскиот совет планираше насоките да ги објави на својата интернет-страница, но според сознанијата на „Би-би-си“, две членки на ЕУ се спротивставиле.


Иванов ќе го прими Туск в понеделник


Скопје, 30 март, 2017 - 14:11 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во понеделник ќе го прими претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој доаѓа во посета на земјава, потврдиле за државната новинската агенција МИА од кабинетот на Иванов.

Посетата на Туск на Македонија е дел од неговата балканска турнеја, на која, меѓу другото, ќе се разговара за имплементирањето на навремениот одговор на ЕУ на мигрантската криза во Источниот Медитеран. Во однос на посетата на Македонија, како што потврдија од неговиот кабинет за „Мета“, Туск ќе пренесе порака од Европскиот совет за европските перспективи на целиот регион, а со претседателот Иванов ќе разговара и за ситуацијата во Македонија.

Инаку, Иванов пред десетина дена ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, наводно поради посетата на Унгарија, и својот термин за средба со еврокомесарот им го отстапи на претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.


Туск во Скопје доаѓа со порака за европската перспектива, ќе се сретне и со Иванов


Брисел, 29 март, 2017 - 17:02 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, следната недела ќе ја посети Македонија во рамки на својата балканска турнеја, потврдија за „Мета“ од кабинетот на Туск.

– Претседателот Туск ќе биде на регионална турнеја, на која, меѓу другото, ќе се разговара за имплементирањето на навремениот одговор на ЕУ на мигрантската криза во Источниот Медитеран и ќе ја разгледа ситуацијата на теренот – соопштија од кабинетот.

Во однос на посетата на Македонија, од кабинетот истакнуваат дека Туск ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов.

– Тој ќе пренесе порака од Европскиот совет за европските перспективи на целиот регион. Тие, исто така, ќе разговараат и за ситуацијата во Македонија – соопштија од кабинетот на Туск, додавајќи дека повеќе детали ќе бидат откриени на прес-конференцијата во Скопје.