ЕУ треба да се подготви за зголемување на каматните стапки, порачаа банкарите од Охрид


Охрид, 13 април, 2018 - 14:26 (META) 

Сите ние треба да им кажеме добредојде на повисоките каматни стапки, најави Бас Бекер од регионалната канцеларија на Меѓународниот монетарен фонд за Централна и Источна Европа на прес-конференцијата во Охрид за време на одржувањето на седмата годишна истражувачка конференција на Народната банка на Македонија.

– На оваа конференција главно прашање е кое ќе биде влијанието на движењето на каматните стапки во Западна Европа врз економиите. Секоја година стапката на невработеност се намалува за 1,5 отсто и во вакво опкружување не треба многу ниска каматна стапка. Каматната стапка Европската централна банка (ЕЦБ) ја зголемува само кога порастот е висок и мислам дека нејзиното зголемување ќе продолжи и ќе се засилува. За порастот да остане одржлив, продуктивноста треба да се зголемува – изјави Бекер.

Гувернерот на централната банка на Белгија, Јан Сметс, изјави дека Европската централна банка отворено ќе ја комуницира монетарната политика за да можат економиите од овој регион да се прилагодат.

Димитар Богов, гувернерот на НРБМ,  вели дека ние ќе ја следиме и соодветно ќе ја прилагодиме нашата монетарна политика кон промените што се најавуваат.

– Во такви услови ние проценивме дека кај нас се подобрија одредени аспекти кои во претходниот период можеби предизвикуваа повисока премија за ризици и потоа беа создадени услови каматната стапка да ја намалиме на 3 отсто. ЕЦБ, според сите досегашни најави, може ќе започне со зголемување на каматната стапка од наредната година, но тоа би одело постепено – рече Богов.

Заменик директорот во Европската банка за обнова и развој, Питер Санфеј, вели дека е пријатно изненаден од добрите изгледи на економијата не само за Македонија, туку и за земјите од регионот кои што имаат изгледи за понатамошен пораст.

Директорот „Џоин Виен институт“, Томас Ричардсон рече дека земјите треба да изградат здрави фундаменти во економијата и затоа се многу важни структурните реформи, инвестициите во инфраструктурата и во човечкиот капитал.

На прашањето за актуелната трговска војна што се случува во САД, ЕУ и Кина, Сметс рече дека може да доведе до негативен економски пораст заради зголемувањето на увозните цени, а со тоа и куповната моќ на граѓаните.

– Може да доведе и до недоверба на потрошувачите и инвеститорите како резултат на лошата состојба на пазарот на капитал. На долг рок може негативно да влијае на порастот на продуктивност – додаде Сметс.


Куере: Треба да прескокнете некои фази и директно да одите на дигиталниот пазар


Скопје, 16 февруари, 2018 - 12:42 (META) 

Мора да создадете финансиско опкружување во кое може да застанете цврсто на нозе и да имате капацитет да ги издржите шоковите во глобалната економија. Тоа се прави со силна економија во однос на хартиите од вредност и тоа се покажа во последната година. Сакам да ја пофалам НБРМ која направи одлична работа. Оваа порака денеска ја испрати членот на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Беноа Kуере на денешната прес-конференција која што се одржа по првата сесија на Меѓународната конференција на високо ниво во организација на Народна банка.

Тој исто така кажа дека важно за државата е да се приближи кон нови технологии за да се натпреварува во ЕУ.

– Вашата земја може да спроведе активности за побрз развој на индустријата, односно да прескокнете некои фази кои ги поминале развиените земји и директно да се натпреварувате на дигиталниот пазар односно на дигиталната економија. За тоа треба да се изгради систем, односно капацитет на високото образование, обуки и да се надгради вашата инфраструктура, а тоа е вклучено и во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан. Пред сè фокусот е ставен на изградба и развој на регионалната инфраструктура на пристапните патишта. Ова е важно за глобално ниво, но и за регионот – изјави Kуере.

Во однос на зголемувањето на референтната каматна стапка од ЕЦБ, Куере рече дека очекува на долг рок таа да остане на исто ниво.

– Ние ги одредуваме каматните стапки соодветно со условите во регионот, а посебно во eврозоната. Нема да ги зголемиме каматните стапки пред следниот циклус. Треба да дискутираме дали ќе ги промениме или не, детално сега не можам да говорам околу тоа – вели Куере.

Темата на која што се дискутира на Конференцијата се промените кои што се случуваат во светот. Според Куере, економијата имаше пораст во еврозоната што имаше и позитивни ефекти и во Македонија односно доведе до пораст и затоа сега се расправа за нејзината одржливост.

Неговата оценка е дека со оваа Конференција, НБРМ и државата се ставени во центарот на глобалните економски дискусии.


ЕЦБ нема да ја зголеми каматната стапка


Брисел, 7 април, 2017 - 14:09 (META) 

Каматните стапки нема да се зголемат сè додека не заврши програмата за откуп на обврзници, која ќе продолжи до декември, изјави претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.

Тој додаде дека откупот на обврзници ќе биде со темпо како и досега, во износ од 60 милијарди евра месечно.

Според првиот човек на ЕЦБ, закрепнувањето на економијата во еврозоната е резултат на зголемувањето на потрошувачката, вработеноста и на платите, како и на намалувањето на задолженоста.

Европската централна банка (ЕЦБ) лани ја намали својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел беше да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.


Стапката на инфлација во еврозоната е највисока во последните три години


Брисел, 4 јануари, 2017 - 14:07 (META) 

Официјалните бројки покажуваат дека инфлацијата во државите што припаѓаат на еврозоната, во декември се зголеми на највисоко ниво во последните три години, главно поради зголемување на трошоците за енергија.

Европската статистичка агенција (Евростат) соопшти дека годишната стапка на инфлација се зголемила на 1,1 процент во декември од 0,6 отсто во ноември.

Декемвриската стапка е највисока од септември 2013 година, кога инфлацијата исто така изнесувала 1,1 процент.

Бројката е во прилог на Европската централна банка, која настојува да ја намали инфлацијата под два проценти.


ЕЦБ ја продолжи финансиската помош за Грција под построги услови


Атина, 7 јули, 2015 - 10:23 (META) 

Грција доби зелено светло од Европската централна банка за продолжување на итната помош за ликвидност, но по повисока цена. ЕЦБ одлучи да ја продолжи програмата во исти рамки, но ги скрати колатералните гаранции, кои се користат за ликвидноста на банките.

Според аналитичарите, тоа значи дека за две третини се намалува лимитот на финансии што банките може да ги влечат од итниот фонд за ликвидост. Оваа одлука се оценува како јасна и директна порака до грчката влада да се постигне договор по секоја цена на денешните состаноци во Брисел. Доколку не се постигне договор и не се смири ситуацијата, со намалениот лимит на средства што ги имаат сега на располагање, грчките банки може да се соочат со дополнителни оперативни проблеми, да бидат во неможност да продолжат со какви било трансакции и да бидат прогласени за несолвентни.

Весникот „Катимерини“ ги пренесува процените на банкарскиот сектор дека со оваа одлука, од 18 милијарди евра, колку што имале на располагање до понеделник, сега на располагање имаат само 5 милијарди евра.

Чекорот на ЕЦБ се смета како дополнителен притисок за постигнување договор.

Советот на ЕЦБ ќе се состане и утре за да разговара за грчката ситуација по денешните состаноци и одлуки на еврогрупата и на Самитот на ЕУ. Оцените се дека доколку не се постигне договор, можно е да следат уште построги мерки од ЕЦБ, кои дополнително ќе ја влошат ситуацијата за грчкиот банкарски систем.

Банките во Грција остануваат затворени за трансакции до среда вечер.

Редиците пред банкоматите продолжуваат, граѓаните чекаат еден зад друг за своите 60 евра во секое време од денот, независно дали е рано наутро, напладне или, пак, полноќ.


Грција задоволна од Еврогрупата


Атина, 9 март, 2015 - 18:21 (META) 

Грчката влада изрази првично задоволство од денешниот состанок на Еврогрупата. Од Атина ги толкуваат позитивно денешните пораки од Брисел, истакнувајќи дека има добра вест за Грција бидејќи Еврогрупата дала зелено светло да почнат да се применуваат одлуките од 20 февруари, со што Европската централна банка ќе треба да ја олабави ригорозната позиција што ја има кон Грција.

Според информациите од извори од грчката влада, Еврогрупата политички ги прифатила предлозите на Атина. Со ова од среда во Брисел почнуваат преговорите со техничките групи за да се договорат детали за законодавството и за новите реформи.

Изворите од грчката влада коментираат дека со денешните разговори, европските партнери покажале желба да се решат проблемите со финансирањето на Грција.

Според Атина, договорот со европските партнери и понатаму ќе се развива и ќе се подобрува и грчката влада ќе продолжи да предлага нови, дополнителни реформи за подобрување на ситуацијата во државата.