ЦРМ: Процесот на медиумски реформи мора да продолжи


Скопје, 13 јули, 2018 - 13:50 (META) 

Центар за развој на медиуми (ЦРМ) и група експерти за медиумски политики апелираат до сите политички партии да се заложат за итно започнување на реформите во медиумскиот сектор ветени со договорот од Пржино од 2016 година и поставени како барања од Европската комисија во документот Итни реформски приоритети.

„Реформите во медиумскиот сектор се предуслов за ослободување на медиумите и јавноста во Македонија и за сигурно започнување на бескомпромисни евроинтеграциски процеси. Воедно, убедени сме дека овие реформи се неопходен квалитет што Македонија треба да го приложи во скрининг процесот што беше најавен како услов за добивање датум за преговори во следната година“, се вели во соопштението на ЦРМ.

Во него се додава дека „прв чекор во започнување на реформите треба да биде итно усвојување на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во моментов е заглавен во собраниска процедура.“

„Токму затоа од матичната Комисија за транспорт и врски бараме веднаш да го продолжи процесот на прифаќање на предлог-законот и искрено да се стави во функција на итни реформи во медиумскиот систем.  Но, усвојувањето на овие измени треба да е само почеток на медиумските реформи. За да се спроведат добро осмислени чекори што ќе водат кон отстранување на системските недостатоци во медиумскиот систем, потребно е, низ широк и инклузивен процес, да се изработи сеопфатна медиумска стратегија“, се додава во соопштението.

Тие му предлагаат на надлежното министерство да формира група составена од експерти и претставници на медиумските организации, која ќе работи на стратегијата што ќе ги утврди насоките, мерките и активностите за спроведување на реформите.

„Информираме дека групата медиумски организации која ги предложи итните и системските медиумски реформи како дел од Блупринт иницијативата во следниот период ќе преземе низа чекори и активности со цел да се започне со ветените реформи на медиумскиот сектор“, велат од ЦРМ.


ЕК одобри стабилизациски пакет за Грција


Брисел, 11 јули, 2018 - 12:56 (META) 

Европската Комисија (ЕК) донесе одлука за активирање на рамката на засилено набљудување за Грција, како поддршка за спроведувањето на договорените реформи, соопштија од Брисел. Одлуката доаѓа по успешното завршување на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ).

Со денешната одлука за новата рамка, ЕК вели дека ќе ја потпомогне нормализацијата на Грција врз основа на досега постигнатите резултати, односно ќе го подджи завршувањето и постојаното спроведување на договорените реформи.

Новата рамка ќе профункционира на 20 август и се очекува да ја закрепне позицијата на Грција на пазарите.


Заев – Хан: Почна подготовката за скенирање, процесот треба да биде инклузивен


Брисел, 28 јуни, 2018 - 17:09 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во придружба на вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров попладневно се сретнаа со еврокомесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување, Јоханес Хан.

Од владиниот кабинет информираат дека со овој состанок започнала подготовката за скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговори и дека се разговарало за предвидената серија чекори што претстојат во спроведувањето на договорот со Република Грција, но и за главните насоки за засилување на реформите во поглавјата што први ќе бидат отворени во јуни идната година – владеењето на правото и правосудството и фундаменталните права.

Двете делегации изразиле уверување дека и понатаму останува искрениот и партнерски однос на Европската Комисија и се договориле дека следува заеднички предлог за преговарачка рамка која реално ќе ги претстави состојбите во Република Македонија, и од која ќе произлезат насоките со најважните приоритети за реформите во наредниот период.

„Заедничка констатација на средбата беше дека овој процес треба да биде максимално инклузивен за да ги анимира сите структури во македонското општество за да се создадат најдобри тимови кои ќе работат на усогласување на поглавјата од европското „аки“. Заедничка порака од оваа средба е дека нема време за прослави и дека претстојат 365 работни дена за интензивна работа за да се оствари историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ“, се вели во владиното соопштение.


Рама, Бушати: Голем ден за Албанија, за Македонија, но и за ЕУ


Тирана, 27 јуни, 2018 - 10:23 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама, во првата куса изјава околу одлуката за почнување преговoри на Албанија и на Македонија во јуни 2019 година, оценува дека тоа е голем успех на владите на двете земји.

– По 72 часа помеѓу внатрешните бранови на ЕУ, Албанија успеа да добие датум за влез во пристаништето на обединета Европа. Резултатите од нашите реформи ги натераа и скептиците да ги препознаат заслугите на Албанија и на Македонија. Добиена е една многу тешка битка, војната продолжува – порача Рама.

И шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати ја поздрави одлуката на министрите за надворешни работи на Европската Унија за отворање на преговорите за Албанија и Македонија во јуни 2019 година.

– Ова е голем ден за Албанија и за Македонија, секако и за иднината на ЕУ. Благодареност до сите земји-членки на ЕУ и до Европската комисија за нивната поддршка – вели Бушати.


Димитров: Патот ќе биде тесен и стрмен, со дожд и силен ветар, ама ќе нè биде


Скопје, 27 јуни, 2018 - 9:43 (META) 

Ќе нè биде! Ќе има пот, солзи и многу разочарувања, ама ќе нè биде. Колку повеќе пречки, толку поголема радост на крајот. Го пропуштивме времето кога патот беше асфалтиран, сега ќе се качуваме по планински пат, тесен и стрмен, покрај дожд и силен ветар. АМА ЌЕ НÈ БИДЕ!“, напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот Фејсбук профил, по одлуката на Европската Унија вчера да определи датум за старт на преговорите за пристапување на Македонија – со почеток во јуни следната година.

„И сите тие кои уште се намрштени, збунети, скептични, без надеж – и нив ќе ги мотивираме. Време е генерацијо да засукаме ракави и да си ја завршиме нашата мисија. Да расчистиме со предизвиците за нашиот идентитет, државност и сигурна иднина“, напиша Димитров.


Заев од премиерите од ЕУ побара поддршка за старт на преговорите со Македонија


Скопје, 26 јуни, 2018 - 14:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев испратил писма до премиерите на земјите-членки на ЕУ со кои ги повикал да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Македонија со ЕУ, како одлука која е одамна заслужена, соопшти Владата.

Информирајќи ги за Договорот за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција, македонскиот премиер напоменува дека тој е веќе ратификуван во Собранието и дека на есен ќе биде одржан референдум, по што ќе почне постапка за уставните измени.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува Заев, барајќи на Европскиот совет да се даде поддршка за почеток на преговорите.

„Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“, вели Заев во писмото.


Мајсторовиќ: ЕУ да даде датум за Македонија и Албанија за да не го дестабилизира регионот


Белград, 26 јуни, 2018 - 10:49 (META) 

Ако Европската Унија оваа седмица не донесе одлука да даде датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија, целиот регион може да се дестабилизира. Регионот треба да се обедини и да им пружи поддршка на овие две држави за нивните евроинтегративни процеси, порачува Срѓан Мајсторовиќ, претседател на Управниот одбор на Центарот за европски политики и член на Политичката советодавна група „Балканот во Европа“ (БиЕПАГ).

На вчерашната трибина во Белград „Зошто Србија не отвора повеќе поглавја“, организирана од порталот „Јуропиан вестерн балканс“ (EVB), порача дека кредибилитетот на Европската Комисија (ЕК) во поглед на политиката на проширување ќе биде на испит в четврток и петок, кога се одржува самитот на кој се очекува да биде донесена одлука за почеток на преговори за пристапување во ЕУ на Македонија и Албанија.

– Доколку земјите-членки донесат одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија, тоа ќе биде многу позитивен чекор во докажување на сопствениот кредибилитет. Тоа ЕК го предложи во својата кредибилна стратегија за Западен Балкан. Сепак, деновиве слушаме дека одредени членки се премислуваат за тоа, што е опасна политика – вели Мајсторовиќ.

Тој вели и дека неотпочнувањето преговори со Македонија ќе значи загрозување на нејзината внатрешно стабилност и е „пукање себеси во нога и потенцијално отворање на сериозно политичко прашање во центарот на еден запаллив регион“.

– Имајќи ги предвид значењето на регионалната соработка и заедничкиот настап кон ЕУ, мислам дека би било најпристојно шефовите на сите шест западнобалкански држави да испратат единствено писмо во кое ќе се обратат до претседателите и премиерите на сите 28 членки на ЕУ и ќе порачаат дека заради регионалната стабилност и просперитетот преговорите со Македонија и Албанија треба да почнат што е можно поскоро – порача Мајсторовиќ.


Коѕиас: ЕУ да го исполни ветувањето за Северна Македонија и Албанија


Атина, 25 јуни, 2018 - 12:46 (META) 

Според нашето мислење, бидејќи Европската Kомисија го постави ова лето како хоризонт за почеток на формалните преговори со Северна Македонија и Албанија, ќе треба да го исполниме ветувањето, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во интервју за EURACTIV.com.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија упатува апел до сите да сфатат дека постојат проблеми со двете земји, но проблемите можат поефективно да се решат преку мониторинг и скрининг.

– Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност – вели Коѕиас во интервјуто.

Шефот на грчката дипломатија нагласува дека „ако некои земји имаат проблеми со Северна Македонија и Албанија, требале порано да ги споменат“. Во однос на Договорот со Македонија, Коѕиас потенцира дека тоа била „најдобрата вест во Европа во последните пет години“.

– Верувам дека Заев нема да подлегне на притисоците. Тој е многу поотпорен отколку што изгледа на прв поглед – вели Коѕијас, прашан за тоа дали владата на Заев ќе ги издржи притисоците во земјата.


Германската влада поддржува давање датум за почетокот на преговорите со Македонија


Берлин, 22 јуни, 2018 - 16:15 (META) 

Во писмо до Бундестагот, германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ, со тоа отворено застанувајќи зад напорите на Скопје да тргне уште еден чекор напред кон Европската Унија, јави Дојче веле – програма на македонски јазик.

Во писмото од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.

„Одобрувањето (на одредувањето датум за почеток на преговори, ред.заб) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.

Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс, се вели во статијата на Дојче веле – програма на македонски јазик.


СЕММ: Медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност помеѓу граѓаните


Скопје, 18 јуни, 2018 - 11:30 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со загриженост реагира на зачестените случаи на ширење шпекулации, еднострано известување и невистини преку некои медиуми, особено во контекст на сегашната политичка ситуација и по потпишувањето на договорот за името со Република Грција.

Од СЕММ велат дека „загрижува фактот што се забележуваат случаи на известување кои содржат повици за мобилизација на граѓаните во одбрана на одредени интереси, кои неретко се пренесувани и од социјалните мрежи.“

„Потсетуваме дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот кој вели дека „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“. Медиумите мора да го почитуваат Етичкиот кодекс, бидејќи во спротивно последиците од непридржувањето кон неговите одредби би можеле да бидат фатални“, се вели во соопштението на СЕММ.

СЕММ апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци.

„Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство. Тие не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и други поединци и групи, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните. Очекуваме од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку да бидат посредник и платформа за активен дијалог за прашања од јавен интерес, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување. Потсетуваме дека потребата од професионално однесување на сите медиумски чинители се нотира и во овогодинешниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на РМ“, се додава во соопштението.

СЕММ, исто така, апелира до институциите на системот да обезбедат максимална заштита на новинарите и безбедност при известувањето.