Каракачанов не чита историја, а ни договори кои ги потпишала владата во која членува


Скопје, 10 декември, 2018 - 13:16 (META) 

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов и претседател на ВМРО-БНД, а по него и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ГЕРБ, обајцата припадници на бугарската политичка десница, викендов настапија со остри квалификации за македонскиот национален идентитет. Вториот, иако не ги повтори заканите од Каракачанов дека Бугарија може да го блокира зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО ако продолжи да се зборува за македонски идентитет и јазик, туку ги поддржа македонските евроинтеграции, сепак порача дека мора да почитуваат непобитните историски факти.

Наспроти оспорувањата на македонскиот идентитет и јазик содржан во ваквите изјави на бугарските политичари, стојат не само цитираните факти од културни и политички дејци од 18-от до 21 век (да го споменеме Крсте Мисирков како очигледен пример), туку и самиот Договор за добрососедство и разбирање помеѓу Македонија и Бугарија, кој го регулира взаемното почитување на историјата, но и правото за самоопределување.

– Во својство на претседател на ВМРО-БНД и вицепремиер за општествен ред и безбедност ќе побарам, ако бугарско-македонската комисија за историските прашања не излезе со јасен и категоричен став дека историјата на денешна Македонија е иста со таа на Република Бугарија до 1944 година, да биде изготвен Анекс на Договорот за добрососедство со кој официјалните власти на втората страна од границата ќе го признаат тоа. Ако одбијат, нема да ја добијат нашата поддршка за НАТО и ЕУ – порача Каракачанов.

Тој реагираше на изјавата на Заев од Собранието за учењето на македонскиот јазик во соседна Грција, во која тој  сугерира дека договорот со Грција, познат како Преспански договор дава идентификација за присуство на македонски јазик и никој нема право да му противречи на тоа, давајќи и општ контекст.

Г-дин Заев, не го злоупотребувајте македонскиот јазик . Ова може да Ве чини членство во ЕУ и НАТО. Компромиси со историјата на Бугарија нема да допуштам.  Македонскиот јазик кој не е признат од никого, не може да биде официјален на територија на целата Северна Македонија. Северна Македонија е географска ознака, што вклучува и сегашна територија на  Република Бугарија. Г-дин Заев со овој распон утре може да побара користење, целосно идентичен бугарски дијалект да се  учи како официјален странски јазик и кај нас. Тоа е недозволиво. Тоа е провокација.

Наспроти него, европратеникот Андреј Ковачев на неговиот Фејсбук профил излезе со порака дека Македонија треба да биде во НАТО, дека треба да се почитува Договорот за пријателство меѓу двете земји, но и дека нема компромиси за некои историски факти.

Македонија треба да биде во НАТО. Договорот со Бугарија исто така треба да се почитува. Историските извори од минатите векови докажуваат дека стотици години до 1944 година во географската област Македонија бугарскиот етнички елемент бил доминантен и луѓето се самоопределувале како Бугари. Цар Самуил е бугарски цар на бугарското царство. Григор Прличев е Бугарин. Нема можност за маневрирање, компромиси или какво било друго превртување. Сегашното самоопределување како етнички Македонци на дел од граѓаните на Република Македонија е исто така факт, кој што треба да се почитува, но не може да се дозволи подбивање со нашите предци

Наспроти пораките на Каракачанов, но и делумно на Ковачев, стојат бројните историографски трудови не само во Македонија, туку и во САД, Русија, Германија, Франција, Полска, кои зборуваат за етничко самоопределување на најбројното население низ вековите на сегашната територија на Република Македонија, за што е многу пишувано во изминатите децении во македонските мас-медиуми.

Недвосмислен одговор на наводите на Каракачанов дава Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Во самата преамбула на Договорот за добрососедство што го потпишаа Македонија и Бугарија, се наведува заедничката историја, но притоа се зборува за „народите“ на двете држави.

Исто така, членот 8 од договорот, односно неговиот став 2, во описот на работата на Експертската комисија за историски и образовни прашања се пропишува дека таа „да придонесе за објективно, засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“.

Со други зборови, и Бугарија и Македонија го оставаат расчистувањето на историските прашања на научниците, односно на историчарите. Каракачанов како политичар е целосно исклучен од категоријата толкувачи на историјата.

Дополнително, со членот 11 и Македонија, но и Бугарија, во ставовите 1 и 3 јасно се откажуваат од непријателски дејствија.

Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија,
насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, вели ставот 1.

Ставот 3 јасно покажува дека и двете земји порачуваат дека немаат територијални претензии една спрема друга и нема да искажуваат такви ставови.

Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една
спрема друга, вели овој став.


Кукан: Ратификацијата на Договорот со Бугарија е позитивен чекор напред


Брисел, 16 јануари, 2018 - 10:32 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан денеска ја поздрави ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија оценувајќи ја како позитивен чекор напред во регионалната соработка.

„Добри вести од македонското Собрание каде е ратификуван Договорот за пријателство со Бугарија. Позитивен чекор напред, кој се надевам дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка“, напиша Кукан на „Твитер“.

Инаку, Кукан е дел од европратеничката тројка, заедно со Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, која беше посредник во постигнувањето на Договорот од Пржино во 2015 година.

Кукан во Европскиот парламент е член од групата на Европската народна партија (ЕПП), која е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, го поздрави и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.


Вајгл денеска ќе има средби со Џафери и со опозицијата во Собранието


Скопје, 9 ноември, 2017 - 12:01 (META) 

Иво Вајгл, известувач на Европскиот парламент за Македонија, денеска во Собранието во 14.30 часот ќе се сретне со спикерот Талат Џафери, соопшти собраниската служба за информирање.

Потоа европратеникот од Словенија ќе се сретне со експерти на ЕУ, по што ќе има средби со координаторите на пратеничките групи на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, Илија Димовски и Африм Гаши. Вајгл ќе се сретне и со Мерал Узеири – Ферати од ДПА.

Денешните активности во Собранието, европратеникот ќе ги заврши со средби со претседателите на две собраниски комисии за надзор.


Кукан се надева на значителен пресврт во кризата во Македонија и на Балканот


Брисел, 21 април, 2017 - 10:09 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент, во интервју за „Еуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) вели дека во наредните месеци очекува значителен пресврт во политичките случувања во Македонија и во другите балкански земји зафатени од „трендот“ на блокада и на бојкот на клучните институции.

– Ние се соочуваме со сериозна политичка криза во Македонија и во Албанија. Во другите земји во регионот, на пример, Црна Гора и Косово, се борат со бојкот на парламентите. Се чини дека ова е регионален тренд, кој е контрапродуктивен за демократскиот развој во земјите кои европскиот праг. Се надевам дека во следните месеци ќе видиме значителен пресврт во овој тренд. Сепак, тоа е првиот и најфундаментален Копенхашки критериум – вели Кукан.

Кукан во интервјуто зборува за перспективата на Европската Унија, политиката на проширување и за состојбите во земјите од Западен Балкан – кандидати за членство во Европската Унија.


Што негира Вајгл: Дека Груевски спомнал „затвор“ или дека нему му се испуштило?


Скопје/Брисел, 27 март, 2017 - 11:17 (META) 

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, во изјава за државната новинска агенција МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.

Сепак, во демантот никаде не се споменува зборот „затвор“. Односно никој, ниту Вајгл, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција, не демантираат и не негираат дека бил споменат овој збор, што го наметнува прашањата: Кој рекол затвор, а кој не смеел да каже?. Што демантира и негира Вајгл: Дека тој споменал „затвор“ или дека Груевски така му кажал? Или дека Груевски го спомнал зборот, а на Вајгл му се испуштило да каже?

– Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за „НоваТВ“, а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за понатаму е и преку тоа што го прави Специјалното јавно обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството дека постои некаква индивидуална одговорност на кој било, тогаш тој, се разбира, ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци – вели Вајгл.

На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник демантира дека зборувал нешто такво.

Медиумите пренесоа изјава од европратеникот Иво Вајгел за турската новинска агенција „Анадолија“, во која европратеникот вели дека Груевски рекол дека ќе инсистира (ќе оди) до крај затоа што не му се оди во затвор.

„Најкарактеристична е, сепак, изјавата што ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе инсистира до крај, дека не му се оди во затвор. Доколку тој е мотивот на сето ова, тогаш тоа значи дека уште долго нема да има компромиси“, ја цитираше „Ал Џезеира“ изјавата на Вајгл дадена за „Анадолија“.

ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека лидерот на партијата, Никола Груевски рекол такво нешто пред европратеникот и во партиското соопштение наведуваат дека Иво Вајгл „или нешто не разбрал или свесно се става на страна аболираниот криминалец Зоран Заев и на неговите сценаристи со пласирање лаги и измислици, доколку воопшто дал таква изјава каква што е објавена“.

„Најостро демантираме дека претседателот Никола Груевски дал изјава каква што Иво Вајгл пренесува преку медиумите. Со ваквите малициозни дезинформации, доколку воопшто ги дал Иво Вајгл, тој, служејќи на нечии интереси, само долева масло на огнот во актуелната политичка криза, наместо јавно да ја осуди Тиранската платформа и мешањето на соседни држави во внатрешните работи на Република Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде побараа Вајгл да се огради од невистините и да ги демантира, доколку не ги кажал, или да се извини за „политичките манипулации“, со кои ја доведува јавноста во заблуда.

Според ВМРО-ДПМНЕ, главниот акцент на разговорите со Вајгл и со другите европретставници бил ставен на неопходноста од нови предвремени парламентарни избори како најдобар начин за излез од актуелната криза.

Вајгл, од друга страна, во интервјуто за порталот „НоваТВ“, хипотетички, но мошне експлицитно ги спомена санкциите доколку „политичарот бега од разговори и компромиси, а кризата ескалира“.

– Ако политичарот бега од разговори и од компромиси, тогаш тој не е одговорен политичар. Тогаш мора да смета дека ќе го осудат не само луеѓо во неговата држава, ако кризата ескалира, за тоа ќе добие и свое место во меѓународната заедница и ќе понесе последици за тоа – рече Вајгл, додавајќи дека деструктивното дејствување се санкционира без разлика дали станува збор за политички партии или поединци.


Почна средбата на Вајгл со Заев


Скопје, 16 октомври, 2015 - 12:23 (META) 

Почна средбата на преседателот на СДСМ, Зоран Заев, со европратеникот Иво Вајгл.

На почетокот Вајгл на даде изјава и рече дека тоа ќе го стори на крајот од средбата.

Европратеникот денеска ќе има средби со лидерите на поголемите политички партии, а според најавите, треба да се сретне и со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.


Иво Вајгл утре во посета на Македонија


Скопје, 14 октомври, 2015 - 11:53 (META) 
Европратеникот Иво Вајгл, кој е известувачот за Македонија во Европскиот парламент и посредник во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за надминување на политичката криза, утре доаѓа во Скопје.
Неговата посета е да се информира за текот на преговорите за спроведувањето на договореното од Пржино.

Европратеник од Бугарија ја обвини македонската полиција за тортура врз Бугарите


Стразбур, 27 ноември, 2014 - 15:53 (META) 

Eвропратеникот од Бугарија, Ангел Џамбаски, испрати писмо до Европската комисија во врска со испрашувањата бугарски граѓани од службите за безбедност на Република Македонија.

Имено, според Џамбаски, на 25 ноември 2014 година, претседателот на Бугарскиот културен клуб од Скопје реагирал поради повреда на правата на граѓаните во Струмица и во Кочани, нанесени од полицијата во Македонија.

Од македонското Министерство за внатрешни работи, запрашани за коментар за ова, за новинската агенција „Мета“ велат дека тие „работат во согласност со позитивните законски прописи и постапуваат еднакво со сите граѓани“.

Како што тврди Џамбаски, а пренесува бугарската онлајн-мрежа „Крос“, тие биле испрашувани за дејноста на Бугарскиот културен клуб и за нивните врски со бугарските европратеници.

Оваа акција на македонската полиција може да се одрази и врз текот на годинешните преговори на мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и на Македонија, кој во Стразбур се одржува вчера и денеска. Европратеникот Џамбаски, член на бугарската ВМРО, е дел од оваа делегација.

Во текот на разговорите, европратеникот побарал да се упатат сериозни критики на делегацијата од Скопје и во однос на ова прашање.

Претседателот на Бугарскиот клуб во Скопје, Лазар Младенов, тврди дека нивни активисти биле повикани на таканаречени „пријателски разговори“ во службите за безбедност. Луѓето биле сослушани, главно, за тоа кој влегува во нивните канцеларии во Струмица и дали имаат намера да отворат и други канцеларии. Првиот „разговор“ бил во Струмица, во канцелариите на безбедносните служби, додека во Кочани едно лице било повикано во ресторан, за да се прикаже дека станува збор за неформална средба.

Инаку, македонската делегација ја сочинуваат претседателот на комитетот Кенан Хасипи, а членови се пратениците Артан Груби, Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Владимир Ѓорчев и Беким Фазли.