!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пропаднаа преговорите меѓу власта и опозицијата во Албанија, посредувани од ЕП


Тирана, 26 април, 2017 - 12:42 (META) 

Преговорите меѓу власта и опозацијата во Албанија, посредувани од европарламентарците Кнут Флекенштајн и Дејвид Мекалистер, не успеаја да донесат никакви резултати, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Опозицијата, предводена од Љуљзим Баша, смета дека критериумите за техничка влада не треба да бидат предмет на преговори. Разговорите на двајцата европратеници со претставниците на власта и на опозацијата траеја нeколку часа. Извори блиски до албанската влада потврдија дека премиерот Еди Рама изразил согласност неколку министерски места во владата да бидат заменети и на нивно место да бидат поставени технички министри, но, од друга страна лидерот на опозицијата, Баша, истакнал дека техничка влада значи дека во неа не траба да биде актуелинот премиер Рама.

По неуспехот на преговорите, канцеларијата на Европската Унија во Албанија издаде заедничко соопштение на претседавачот на комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, и на известувачот во ЕП за Албанија, Кнут Флекенштајн.

Во изјавата се наведува дека двајцата европратеници имале добри дискусии со владејчкото мнозинство и со опозицијата и дека дале конкретни предлози за надминување на кризата.

„Двајцата европарламентарци дадоа предлози за во иднина, кои се однесуваат на декриминализацијата, борбата против трговија со дрога, технички мерки за подобрување на изборниот процес, како и мерки за зајакнување на политичката доверба“, се наведува во изјавата на европарламентарците.

Тие, исто така, предложиле неколку идеи околу датумот за парламентарните избори и можни предизборни промени во структурата на владата за долгорочно зајакнување на довербата во системот.


Груевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“


Скопје, 22 март, 2017 - 10:17 (META) 

Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханеси Хан, траела три часа и на неа, како што соопштуваат од партијата, Груевски и неговите соработници „многу директно, јасно и прецизно“ ги претставиле своите позиции за моменталната политичка состојба, но и за „сите причинители, поттикнувачи и извори на неколкугодишната криза во Македонија“.

Груевски на средбата со Хан и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, бил придружуван од партиските функционери Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски.

– ВМРО-ДПМНЕ отворено зборуваше за директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на владата, улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и за закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со постизборното презентирање на платформата од Тирана како документ – услов за составување на влада, разочараноста што Европската комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност да се елиминира ВМРО-ДПМНЕ за да се редефинира државата… – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и во одлучувањето за иднината на својата држава.

– Македонските граѓани се крајно револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ, како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот и да ја применат тиранската платформа за редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и за спроведување на тој план, чиј креатор заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата било предочено дека одговорноста за понатамошниот развој на состојбата ја носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница и дека многу избразни и непромислени чекори и изјави од кој било фактор создаваат и можат да создадат сериозни тензии во целокупното општество.

– ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предвремени избори секако ќе има, но колку побргу се одржат тие, толку подобро за Република Македонија. Потребно е да се искористи можноста тие избори да се одржат заедно со локалните избори, во најкус можен рок, заради ставање конечен крај на долгогодишната криза, која во овие денешни околности очигледно не е во можност да заврши – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата со еврокомесарот Хан.


Груевски дојде на разговори со Хан, но не сакаше да се слика ниту за твит


Скопје, 21 март, 2017 - 21:17 (META) 

Во тек е средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.

„Јоханес Хан и европратениците на разговори со Никола Груевски. Итно е потребна нова влада. Види го парламентарното мнозинство. Уставот мора да биде почитуван“, напиша на „Твитер“ Мајкл Карнитшниг, кој е дел од тимот на Хан, но без фотографоја од присутните.

За разлика од претходните твитови од средбите, на кои имаше фотографии од Хан и од неговите соговорници, во овој се фотографирани само знамињата на Македонија и на Европската Унија во салата каде се одржуваат средбите на лидерите на политичките партии со еврокомесарот.

Груевски не им дозволи ниту на медиумите да влезат во салата и да направат инсерти од средбата.

Тој по прогласот што го прочита пред ДИК на 17 декември минатата година, во кој ги искара странците, не се фотографира со претставниците на меѓународната заедница.

Претходно Хан и тројцата европратеници имаа средби со лидерите на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците.


Ахмети: Ние сме дел од мнозинството и нема да го прекршиме договорот


Скопје, 21 март, 2017 - 18:59 (META) 

Ние сме дел од мнозинството и нема да го прекршиме договорот, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, во Собранието.

– Ние ги дадовме нашите потписи за парламентарно мнозинствo и не планираме да ги прекршиме нашите ветувања – рече Ахмети, нагласувајќи дека треба да се внимава политичката криза да не прерасне во етничка криза.

Тој истакна оти се надева дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе ги надминат разликите и во интерес на државата ќе најдат решение за институциите да продолжат да функционираат.

– Ние не сме бунтовници да заземаме институции. Се надевам дека на мирен начин ќе се најде прифатливо решение – рече лидерот на ДУИ по средбата со Хан.

Претходно Хан и тројцата европратеници имаа средби со лидерите на Беса и на Алијанса за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села.

На ред на агендата на Хан се средбите со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски, по што е највена заедничка изјава на еврокомесарот и тројцата европратеници.

Во моментов пред Собранието се одржува протест на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.


Чавков: Пратениците утре ќе имаат непречен пристап во Собранието


Скопје, 20 март, 2017 - 17:01 (META) 

Утре пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот, вели за „Дојче веле“ директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков.

Утре, во 12 часот, во Собранието треба да се одржи координација на парламентарните политички партии за формирање на Комисијата за избори и за именување, како основа за продолжување на конститутивната седница за избор на претседател на Собранието.

Утре напладне во земјава доаѓаат и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. По тој повод, членовите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најавија масовен протест.

– Во МВР функционира штаб кој непрекинато заседава и ги следи сите информации. Полицијата презема оперативни планови во согласност со тие информации и безбедносни проценки. Врз таа основа ги димензионираме персоналните капацитети и материјално-техничките средства – изјавил Чавков.

На прашањето дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестот ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, Чавков бил дециден: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“

Според „Дојче веле“, средбите на еврокомесарот со лидерите на партиите ќе почнат во 12.40 часот.

Првата средба ќе биде со лидерот на ДПА, потоа со Беса во 13 часот и со Алијанса за Албанците од 13.50 часот. Средбата на Хан со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е планирана за 14.55, со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во 16.10 часот, а со претседателот, Ѓорге Иванов, во 17.45 часот. Потоа е предвидена средба на Хан со претседателот на Собранието, доколку биде избран дотогаш. Последната средба во 20.15 часот ќе биде со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што во 21.45 часот еврокомесарот ќе даде изјава за медиумите.


Кукан, Флекенштајн и Вајгл ќе препорачаат ЕП да го одложи донесувањето на извештајот


Брисел, 2 март, 2017 - 22:57 (META) 

Ги повикуваме претседателот и сите политички партии да ја почитуваат демократската одлука на граѓаните на земјата и без понатамошно одложување да го прифатат секое договорено парламентарно мнозинство, се вели во заедничката изјава на тројцата европарламентарци Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл во врска со актуелните политички случувања во Македонија.

– Како што неколкупати кажавме заедно со комесарот Хан, очекуваме новата влада да биде базирана на сеопфатен, реформски консензус и на меѓуетничка соработка. Апелираме на одговорност од претседателот и сите политички партии да се воздржат од какви било провокативни изјави или постапки. Од суштинско значење е исходот од изборите и волјата на народот да се почитуваат и да се овозможи да се одвиваат демократските процеси, како што би се очекувало во едно демократско општество – стои во изјавата на тројцата европарламентарци, кои беа посредници и во постигнувањето на Договорот од Пржино.

Кукан, Флекенштајн и Вајгл во изјавата нагласуваат дека неодамнешните настани може да имаат големо влијание врз европската перспектива на земјата.

– Како што стојат работите, ние сме должни да му препорачаме на Европскиот парламент одложување на планираното пленарно гласање за извештајот за земјата за 2016 година – велат тројцата европарламентарци.


Изборите и човековите права, теми на разговор помеѓу европарламентарците и ЛДП


Скопје, 25 ноември, 2016 - 11:46 (META) 

Делегација на Либерално-демократската партија во состав Филип Аврамчев и Јасмина Конеска, денеска оствари средба со европратениците Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн. За време на средбата, присутните се осврнале на неколку теми, меѓу кои и Договорот од Пржино, како и изборите на 11 декември.

На европратениците им биле презентирани програмските приоритети на ЛДП, економијата, екологијата и човековите права.

Европратеникот Вајгл сериозно бил заинтересиран за економската состојба во државата, но сепак главен акцент на средбата бил ставен на човековите права, како и на правата на маргинализираните заедници.

На средбата присуствувал и претседателот на „Субверзивен фронт“, здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, Антонио Михајлов.

Заеднички заклучок од средбата бил дека на Македонија ѝ е потребно негување на европските вредности, но и погласен пристап, како и законски измени за спречување на говорот на омраза и на насилство од кој било вид – етничко, верско, родово, сексуално итн.

Како претставник на сестринската партија АЛДЕ, Иво Вајгл дал поддршка на ЛДП во промоција на европските вредности и на заложбите на партијата за што поскоро земјава да се интегрира во ЕУ и во НАТО.


Ричард Ховит утре доаѓа во Скопје


Скопје, 3 ноември, 2015 - 17:35 (META) 

Група еврпарламентарци, предводени од Ричард Ховит, утре ќе дојдат во посета на Македонија.

Предвидено е Ховит во рамките на посетата да се сретне со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

По средбата, Ховит ќе одржи прес-конференција во седиштето на партијата.

Засега не се откриваат детали ниту, пак, за што конкретно ќе разговаараат и ќе соопштат на прес-конференцијата.

Посетата на европарламентарците доаѓа во пресрет на објавување на годишниот извештај за напредок на Македонија, но и во ситуација кога политичките партии сè уште не можат да се договорат за целосно имплементирање за Договорот од Пржино.